МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
19 септември 2024
Софија - Кабинетот на бугарсиот претседател Руме Радев и Министерството за надворешни работи во Софија реагираа на, како се наведува, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од на функционери од Република Северна Македонија.
- Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на Владата на Република Северна Македонија (РСМ) не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака во односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали. Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, каква што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и Република Северна Македонија на 13 септември, очигледно во голема мера вознемири одредени кругови во владата на Северна Македонија. За „цивилизираноста“ на новата влада на РСМ допрва ќе се оценува според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе им се спротивстави, како и од способноста да ги почитува меѓународните договори и нејзината вистинска посветеност на имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во Европската унија (ЕУ). Приклучувањето кон обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати, се наведува во соопштението од прес-службата на претседателот Руме Радев.
Скопје - До крајот на септември јавноста може да учествува со сугестии во однос на пет предлог-закони од областа на образованието кои се ставени на владиниот систем ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи).
Министерството за образование и наука повикува јавноста да се вклучи за да се креирааат најквалитетни решенија со кои, како што наведува „ќе се унапредат образовните услуги и ќе се обезбедат повеќе права и можности за чинителите на воспитно-образовниот процес“.
Скопјe - Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и денеска апелираат до граѓаните за редовно чистење на локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив.
Во последното деноноќие, како што соопшти ЦУК, немало регистрирани пожари на отворено на територијата на државата.
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие имало вкупно 1 419 повици . Од нив „реални“ повици биле 54,69 отсто, а 45,31 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 69,63 отсто, кон Итната медицинска помош 25,65 отсто, a кон пожарникарите 1,57 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Скопје - Генералното собрание на ОН денеска со големо мнозинство ја поддржа необврзувачката палестинска резолуција со која се бара Израел да го прекине своето „незаконско присуство“ во Газа и окупираниот Западен Брег во рок од една година.
За резолуцијата гласаа 124 од 193 членки на светската организација, 14 беа против, 43 беа воздржани.
Во резолуцијата се бара и повлекување на сите израелски сили и евакуација на еврејските доселеници од окупираните палестински територии „без одлагање“.
Атина – Поскапувањето на цените, ниските приходи и големите трошоци, како и економијата, се трите најголеми проблеми за Грците, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Кај анкетираните, поделено е мислењето за мерките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги соопшти на Меѓународниот саем во Солун пред десет дена, односно 45 отсто ги оценуваат како позитивни, а 43 проценти рекле дека се во погрешна насока.
Атина – Во текот на летото, односно од почетокот на сезоната во јули заклучно со вчера во Грција се потврдени вкупно 180 случаи на вирусот Западен Нил, а починаа 27 лица, на возраст меѓу 61 и 93 години, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.
Во изминатата седмица биле регистрирани 18 нови случаи и починале две лица.
Како што соопштија од ЕОДИ, во анализите не се опфатени дополнителни четири увезени случаи, три од Албанија и еден од Австрија, односно инфекција кај пациенти изложени во друга земја, а постојат и уште два случаи кај лица кои патувале во странство и се чекаат резултатите во однос на тоа дали се домашни или увезени инфекции.
Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е речиси во цела Грција, односно во девет од вкупно 13 периферии, а потврдени случаи има во северниот, североисточниот, западниот и централниот дел на земјата, во Епир и Јонските острови, на Пелопонез, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Рим - Светата Столица денеска ќе одржи прес-конференција фокусирана на духовните искуства на аџиите во Меѓугорје, во Босна и Херцеговина.
Кардинал Виктор Мануел Фернандез, префект на Дикастериумот за наука на верата, монс. Армандо Матео, секретар на доктриналната секција на истиот Дикастериум, и Андреа Торниели, уреднички директор на Дикастериумот за комуникација, ќе се обратат на јавноста, пренесува порталот Кликс.
Иако не се објавени дополнителни детали за настанот, прес-конференцијата се одржува во контекст на новите „Норми за постапување во распознавање на наводни натприродни појави“, кои Дикастериумот ги објави во мај.
Ријад - Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман изјави дека неговата земја нема да ги нормализира односите со Израел без исполнување на два услови.
„Ја повторуваме осудата на злосторствата на израелските окупациски власти врз палестинскиот народ“, изјави престолонаследникот Мохамед бин Салман на отворањето на сесијата на Советодавното собрание Шура.
- Кралството нема да ги прекине своите неуморни напори да воспостави независна палестинска држава и да го направи источен Ерусалим нејзин главен град, а ние потврдуваме дека кралството нема да воспостави дипломатски односи со Израел без тоа, додаде Салман.
Ерусалим - Израелската армија ја премести 98-та дивизија на север од Израел по владина одлука. Оваа група до неодамна се бореше во Појасот Газа.
Одлуката за преместување на дивизијата, само еден ден по експлозиите на комуникациските уреди во Либан и Сирија, кои му се припишуваат на Израел и по заканите за одмазда од Хезболах, вклучува распоредување на големи сили на северната граница.
Шефот на северната команда на ИДФ, генерал-мајор Ури Гордин, рече дека ИДФ е „решена да ја промени безбедносната ситуација што е можно поскоро.
Ереван - Русија плаќала и обучувала група бунтовници со цел да ја собори прозападната влада на Ерменија претходно оваа година, изјавија ерменските обвинители, дополнувајќи дека локалните безбедносни служби ја предвиделе наводната завера навреме.
Истражниот комитет на Република Ерменија соопшти дека седум лица ќе бидат обвинети за „подготовка за узурпација на власта со употреба на насилство и закани за насилство за преземање на власта“.
Њујорк - Владите и приватните компании треба да придонесат кон глобален фонд за вештачка интелигенција (ВИ), кој ќе им овозможи на земјите во развој да ги искористат придобивките од оваа технологија, се наведува во извештај на ООН.
Фондот ќе помогне да се обезбедат модели, компјутерска моќ и програми за обука поврзани со вештачката интелигенција, според препораките од советодавното тело за вештачка интелигенција на високо ниво на генералниот секретар на ОН, пренесува Гардијан.
Бразилија - Социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) стана достапна за многу корисници во Бразил, откако надградбата на комуникациската мрежа на платформата ја заобиколи блокадата наредена од Врховниот суд на земјата.
Надградбата на Икс ја користи услугата на Cloudflare, што овозможи некои корисници во Бразил да поминат рута надвор од Бразил и да добијат пристапат до платформата и без (виртуелно приватна мрежа) VPN.
Милано - Тренерот на Милан, Пауло Фонсека може да ја напушти функцијата, објави новинарот Николо Шира.
Според Шира, некои членови на управата на клубот би сакале да го отпуштат 51-годишниот Португалец по поразот во Лигата на шампионите од Ливерпул (1:3).
Претходно новинарот Маурицио Пистоки објави дека Фонсека може да добие отказ доколку загуби во 5. коло од Серија А од Интер.
Нумеа - Две лица беа застрелани во полициска операција синоќа на француската прекуморска територија Нова Каледонија, која во мај стана арена на конфронтација и судири меѓу домородното население Канак и француските лојалисти, јавуваат медиумите во Франција.
Тоа е 13-то лице што почина од почетокот на кризата, што беше предизвикана од контроверзната изборна реформа која беше замрзната во јуни.
Канак стравуваат дека промените на изборните правила ќе ја намалат нивната изборна тежина, што ќе го отежне организирањето и победата на евентуалниот иден референдум за одвојување на Нова Каледонија од Франција. Париз, од своја страна, останува на ставот дека планираната мерка, која предвидува давање право на глас на локалните избори на поголем број претставници на француската заедница во Нова Каледонија, ќе помогне да се зајакне демократијата на прекуокеанската територија.