• сабота, 27 јули 2024
МИА Радио флеш

4 декември 2023 

- Што ново може да се понуди во наставата и дали е можно обмислување на нови начини на тестирање и оценување со користење на вештачка интелигенција - ВИ (AI) и на системот ChatGPT, кој е слободен за употреба од ноември минатата година. Дали може нешто да се адаптира, што да се задржи, а што да се смени – на овие прашања истражувале неколку професорки од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ поттикнати од развојот на ВИ и потенцијалот што таа го има. 

Според професорките Елена Ончевска-Агер, Мира Беќар, Калина Малеска и Маја Јошевска, придобивките од ВИ може да се користат во унапредување на процесот на учење и во тоа се увериле и самите експериментирајќи со ChatGPT, а своите искуства ги презентираа денеска пред студенти и нивни колеги на факултетот. 

Заедно со студентите работеле на конкретни задачи во интеракција со ChatGPT, како на пример пишување резиме на долг текст и споредување како ChatGPT го сумирал. Работеле на пишување апстракти за конференција, го користеле како алатка за поврзување со одредена литература или како врска т.е. премостување меѓу теорија и практика, а следен чекор им е да го истражуваат потенцијалот на ChatGPT при преведување книжевни дела. 

- Компаниите да станат поотпорни и да се поприспособени за какви било кризи е целта на панел дискусијата „Градење отпорност преку ефективно планирање на континуитетот на бизнисот“ што денеска се одржува во Стопанската комора во коорганизација со УНДП.

-Првиот чекор што го препорачуваме за компаниите е да направат проценка за ризикот и откако ќе го направат тоа да изработат различни сценарија и врз основа на процената на ризикот и на сценаријата да се подготват преку вежби како би постапиле во кризна ситуација и да ги согледаат сите сценарија, изјави постојаниот претставник на УНДП во земјава  Армен Григорјан пред почетокот на панел дискусијата. 

- Министерот за правда, Кренар Лога денеска изрази сочувство до семјствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски изразувајќи надеж дека извршителите на ова дело ќе ја добијат најострата казна за ова дело и правдата да излезе на виделина. 

На новинарско прашање за воведување смртна казна, Лога рече дека и тој е гневен како и секој граѓанин на оваа држава и дека Уставот ја забранува смртната казна, но исто така имаме и усвоени протоколи и други конвенции, со кои се забранува смртната казна.

-Јас сум меѓу тие граѓани во оваа држава, кои мислам дека смртната казна би била спас за тие монструми и сум на таа страна тие да ја доживуваат казната до крајот на својот живот, во нивната свест што имаат направено, рече Лога.

-  Предлог буџетот за 2024 година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на јавните потреби на граѓаните и фирмите. Во текот на 2024 година е предвидено подобрување на управувањето со јавните финансии, зајакнување на среднорочното буџетирање, редизајнирана буџетската политика и фискална консолидација, активности кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на денешното претставување на Предлог- Буџетот пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година.

- Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изрази сочувство за семејството и најблиските за смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска и истакна дека ова претставува ужасна трагедија, која ги погодува сите граѓани.

-Прераната смрт на Вања претставува ужасна трагедија која нѐ погоди сите нас. Моето искрено сочувство за семејството и најблиските, нашите мисли се со вас, иако сме свесни дека ништо не може да ја надомести вашата празнина, напиша Османи на Фејсбук.

Тој истакна дека ова злосторство ќе биде најстрого казнето, за што, како што посочи е убеден дека Обвинителството и полицијата го имаат ставено целиот свој капацитет за внимателно и прецизно расчистување на случајот до најситниот детаљ.

- Општина Центар по повод трагичната смрт на 14-годишната Вања Ѓорчевска, ученичка во 9-то одделение во ООУ „Јохан Хајнрих – Песталоци“ со препорака до сите јавни и угостителски објекти на територија на општината во следните два дена да ја прилагодат музиката.

- Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски изразуваат сочувство за трагичниот настан во кој животот го загубија 14-годишната ученичка Вања и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, се вели во соопштението од Општина Центар.

Во основното училиште каде учеше Вања денеска е отворена книга на жалост.

Вања беше пријавена за исчезната во понеделникот, а нејзиното беживотно тело беше пронајдено вчера во близина на Скопје. 

Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје денеска на прес-конференција изнесоа детали според кои Вања била грабната во влезот на зградата во која живее, врзана на рацете и нозете и покриена со вреќа за спиење била ставена во багажникот на возилото „цитроен“ и однесена на локација во близина на Скопје каде е убиена истиот ден кога е грабната. Според првичните сознанија, информацијата за нејзиното движење, сторителите ја добиле од нејзиниот татко. 

- Албанската опозиција замина од лидерската средба со образложение дека состанокот го напуштил претседателот на Собранието Талат Џафери и немале со кого да си соочат аргументите за член на Државната изборна комисија. 

- Албанската опозиција го напушти состанокот на лидерската средба откако средбата ја напушти Талат џафери кога точка на дневен ред беше членот на Државната изборна комисија. Додека ние елабориравме, тој ја напушти седницата и затоа и ние ја напуштивме бидејќи немаше со кого да ги соочиме аргументите, изјави Изет Меџити. 

Албанската опозиција, како што рече, бара предвремени парламентарни избори, односно тие да се одржат на 14 и 28 април, односно на 28 април со вториот круг на претседателските да се одржат парламентарните избори. Во однос на техничката влада сметаат дека треба да има техничка влада и во неа министерските места кои претходно и припаѓале на македонската опозиција, сега да им припаднат ним. 

- Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов на денешната лидерска средба посочил дека  вториот круг од претседателските и парламентарните избори треба да се одржат во ист ден и побарал измени на Изборниот законик со кој се предлага само една изборна единица. Трајанов предложил овој состав на Владата да продолжи со работа до парламентарните избори.

-Евроинтеграциските процеси на земјава се во сериозен застој поради тоа што во изминатите седум години СДСМ и ДУИ не спроведоа темелни реформи во ниту една област, не воспоставија систем на владеење на правото, ја криминализираа државата, а ги партизираа сите институции, почнувајќи од Уставниот суд, па се до најниско ниво. Секојдневно медиумите, невладиниот сектор и политичките партии, објавуваат криминални афери, а надлежните институции ниту еден крупен случај не открија затоа што се блокирани од партиите на власт, соопштија од Демократскиот сојуз.

- Шведската компанија за аудио стриминг  „Спотифај“ (Spotify) денеска соопшти дека ќе отпушти 17 отсто од својата работна сила ширум светот за да ги намали трошоците и да се фокусира на враќање на профитот.

Извршниот директор на компанијата, Даниел Ек, денеска во порака до вработените на блогот на компанијата рече дека работните места се намалуваат како дел од „стратешката преориентација“ на компанијата.

Во соопштението не е прецизирано колку работници ќе останат без работа, но портпаролот на компанијата потврди дека станува збор за 1.500 луѓе. „Спотифај“ користеше евтино финансирање за да го прошири својот бизнис и „значително инвестираше“ во вработените, содржината и маркетингот во 2020 и 2021 година, но сега има проблеми поради тоа што банките ги зголемуваат каматните стапки, наведува Ек во објава на блогот на компанијата.

-  Советот на ЕУ денеска ги усогласи заедничките позиции на земјите членки во однос на предлозите на Европската комисија за измени на т.н. законодавен пакет за „безбедност на патиштата“, чија цел е овозможување на побезбеден патен сообраќај во Европа, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Станува збор за прописите за возачки дозволи, за директивата за прекугранична размена на информации за сообраќајни прекршоци и за правилата на автобуски превоз на патници. 

Според шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте овој пакет ќе ја подобри безбедноста на европските патишта и ќе гарантира побезбедни населени места низ ЕУ.

- За 33,2 отсто се намалил бројот на нелегални пристигнувања во Грција во ноември годинава, споредбено со еден месец претходно, согласно официјалните податоци од Министерството за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина.

Во ноември пристигнале 4.584 нелегални мигранти, наспроти 6.863 во октомври, кога имало за 40,2 отсто намалување во однос на септември, со што вкупното намалување меѓу ноември и септември 2023 година достигнува 60 проценти.

-Брановите на нелегални мигранти почнаа да се зголемуваат од средината на 2022 година, по многу ниските нивоа на кои беа во текот на 2021 година. Првата кулминација беше во ноември 2022 година.

- Командантот на израелскиот оклопен корпус, бригадниот генерал Хишам Ибрахим, денеска соопшти дека неговите борци заедно со другите припадници на копнените сили се блиску до извршување на својата воена мисија во северниот дел на Газа. 

-Целите во северниот дел на Газа се речиси постигнати. Ние ги продолжуваме копнените операции во другите делови на Појасот Газа со една цел: уништување на терористичката група Хамас, изјави генерал Ибрахим за израелското воено радио, пренесуваат британските медиуми.

Генералот нагласи дека во четвртата недела од израелските воени операции се постигнати значајни воени цели.

- Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел денеска соопшти дека разговарал со министерот за надворешни работи на Иран, Хосеин Амир Абдолахиан и дека решението на конфликтот во Газа може да биде само засновано на две држави.

„Разговарав со Амир Абдолахиан за ситуацијата во Газа и на Западниот Брег. Решението може да биде само политичко, засновано на две држави. Мораме да спречиме какво било регионално ширење на конфликтот. Апелирав до Иран да го искористи своето влијание и активно да работи на избегнување на каква било натамошна ескалација во регионот“, истакна Бореил на платформата „Икс“ (Твитер).

Иран вчера предупреди на „израелско воено проширување“ во регионот доколку, според Техеран, „израелската армија продолжи да врши воени злосторства против Палестинците“ во опколениот Појас Газа и окупираниот Западен Брег. Абдолахиан по разговорот со Борел зборуваше за израелските напади врз Појасот Газа, соопшти Министерството за надворешни работи на Иран.

- Албанската полиција во периодот од јануари до ноември годинава запленила три милиони евра кои не биле пријавени на граничните премини, како што предвидува законот, што предизвикува сомнеж за потеклото на овие пари, кои се обиделе илегално да влезат во Албанија надвор од банкарскиот систем, јави Топ чанел.

Според полициската статистика најголем дел од запленетите средства се евра (два милиони), додека останатите се други валути, долари, британски фунти и швајцарски франци.

Од контролите е докажано дека премини каде што поминале најмногу непријавени пари е меѓународниот аеродром во Тирана и пристаништето Драч.

- Белата куќа денеска го повика американскиот Конгрес да преземе мерки за да може да се гласа за нови средства за Украина до крајот на годината.

„Сакам да бидам јасен: ако Конгресот не дејствува до крајот на годината, нема да има доволно средства за да продолжи да ја снабдува Украина со оружје и опрема“, рече директорката на Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо упатено до претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.

Претставничкиот дом е под контрола на Републиканската партија.

„Не располагаме со магично финансирање за да се справиме со вонредната состојба. Привршуваме со средствата и наскоро ќе немаме ниту време“, предупреди Јанг во своето писмо.

Ветувањето е итна помош во износ од повеќе од 100 милијарди долари, побарана од американскиот претседател Џо Бајден на 20 октомври. Тој ги побара овие средства за да може Соединетите Американски Држави да се справат со главните предизвици со кои се соочуваат. Еден од овие предизвици е потребата да се обезбеди помош за Израел и Украина.

Остани поврзан