• среда, 05 февруари 2025
МИА Радио флеш

27  јануари 2025

Скопје -  Продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на економската, технолошката и научната соработка, биле теми на денешниот телефонски разговор на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со министерот за надворешни работи на Државата Израел, Гидеон Саар.

Двајцата министри, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, дискутирале за  можностите за размена на искуства и знаења во области како образование, здравство, земјоделство, стартап екосистеми, технологија, туризам и култура.

Во текот на разговорот, министрите размениле мислења за актуелните состојби на регионален и глобален план, како и за билатералните односи меѓу двете земји.

Тирана - Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствена политичка партија што ја претставува македонската заедница во Албанија, изразува длабока загриженост и остро реагира против етикетирањето на македонската заедница во Албанија како „Северномакедонци“ од страна на амбасадорката на Албанија во Софија, Инид Мило.

Како што стои во реакцијата, упатена до министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, во интервју за бугарската медиумска куќа „NOVA.BG“, амбасадорката Мило за македонското малцинство користи терминологија која „не само што е неприфатлива, туку и навредлива за идентитетот и интегритетот на оваа автохтона заедница“.

-Во овој контекст, бараме јавно извинување од Министерството за Европа и надворешни работи и од амбасадорката Мило за употребата на овој термин со кој се навредува нашата заедница и да се преземат чекори за да не се повторат вакви случаи, кои сериозно ги поткопуваат односите меѓу македонската заедница и албанските институции, стои во реакцијата на МАЕИ.

Скопје - Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на денешното рочиште, побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.

Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3 февруари, посочувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски се произнесе по наводите во барањето за изземање.

Палевски, изнесувајќи го предлогот, пред судот рече дека причините и доказите се содржани во двата обвинителниот акти кои се споени во една судска постапка, но и за лажно сведочење на сведок, докази кои, како што рече, ги приложува со барањето за изземање. 

Скопје - На зимската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која се одржува во Стразбур, Франција, од денеска до 31 јануари ќе учествува собраниска делегација во состав Марија Петрушевска, како шеф и Бисера Костадиновска-Стојчевска и Беким Ќоку, како членови.

Како што соопшти собраниската прес-служба, меѓу темите за кои ќе се расправа во текот на сесијата се: апсолутната и итна потреба да се стави крај на хуманитарната криза за жените, децата и заложниците во Газа, потребата од обновен меѓународен поредок заснован на правила, набљудувањето на парламентарните избори во Грузија одржани во октомври 2024 година, имиграцијата како еден од одговорите на демографското стареење на Европа, решавањето на ризиците по човековите права и владеењето на правото презивикани од платениците и приватните воени и безбедносни компании и повик за сѐопфатна регулатива, жените во економијата, односно вработување, претприемништво и родово одговорно буџетирање, регулирање на умереноста на содржината на социјалните медиуми со цел заштита слободата на изразување и надминувањето на дискриминацијата врз повозрасните лица.

Скопје - Денеска и утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе биде претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Андрија Мандиќ, поради што  Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, информираат од МВР.

СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.

Белград – Утрово во 10 часот почна 24-часовна блокада на белградската населба Автокоманда, соопштија студентите на Правниот факултет во блокада.

Тие ги повикаа граѓаните да им се придружат и изјавија дека смените ќе траат четири часа. Тие апелираа до сите да се придржуваат до договорените правила и да ги почитуваат упатствата на редарите, за да придонесат за одржување на безбедноста на присутните. Наведоа дека организирањето на блокадата е наменето како мирен протест кој испраќа јасна порака, „но не смее да доведе до инциденти или непотребни ризици“.

Атина – Поради изолираните инциденти што се случија вчера по масовните протести во Солун и Атина за железничката несреќа кај Темпи пред две години, приведени беа вкупно 35 лица, додека од Асоцијациите на фоторепортери и на странски дописници во Грција реагираа за полициското насилство врз фоторепортер, кој беше повреден до шок бомба, јави дописничката на МИА од Атина.

Откако во јавноста излегоа нови информации за несреќата од истрагата на техничкиот советник, ангажиран од семејствата на загинатите, во сите грчки градови се одржаа протести, а најмасовни беа во Солун и Атина, каде што, како што соопштија од грчката полиција, учествуваа по околу 30.000 граѓани.

Атина – Наша должност е да ја интензивираме колективната борба против антисемитизмот, расизмот, нетолеранцијата и дискриминацијата и да работиме заедно за мирен соживот на луѓето, истакнаа од Министерството за надворешни работи на Грција во соопштението за Меѓународниот и национален ден на сеќавање на Евреите жртви на Холокаустот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР, по повод 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, посочуваат дека меѓу шесте милиони Евреи, кои беа истребени од нацистите низ цела Европа, 67.151 беа Грци.

Сараево– Партијата за демократска акција (СДА) на Бакир Изетбеговиќ и Демократскиот фронт на Жељко Комшиќ денеска во собраниска процедура поднесоа иницијатива за реконструкција на Советот на министри на БиХ, поточно разрешување на министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ чие име се поврзува со лица од нарко картелот „Тито и Дино“.

Иницијативата ја потпишаа 11 претставници на Партијата за демократска акција и Демократскиот фронт.

Во образложението на иницијативата, меѓу другото, се наведува дека БиХ претрпела непроценлива штета на меѓународен план „поради врските на министерот Конаковиќ со поединци од нарко картелот „Тито и Дино“, за што сведочат преписките од апликацијата „Скај“ и шемите на агенцијата Европол“.

Брисел – Во секторот на информатичка технологија во ЕУ владее полова доминација на мажите, со исклучок на унгарскиот регион Њугат-Дунантул (Западно Придунавје), кој е единствениот во Унијата каде има повеќе жени ИТ експерти од мажи. 

Според податоците Европската статистичка агенција – Евростат, во европскиот ИТ сектор се ангажирани над 10 милиони лица, но само нешто под една третина или 32,2 отсто од нив се жени. 

За разлика од ова во Њугат-Дунантул дури 50,2 проценти од ИТ професионалците се жени, уривајќи го табуто дека овој сектор е „машки“.  

Брисел – Европската Унија е секогаш подготвена да соработува со секоја Американска администрација и очекувам многу добра соработка со новите власти во САД, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

- Се разбира, стилот на различни администрации е различен и ние треба да ги прилагодиме нашите методи на работа со тоа, порача Калас при пристигнувањето на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.  

Калас најави дека очекува на денешното состанок министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ да усвојат патоказ за олеснување на санкциите кон Сирија, порачувајќи дека во однос на оваа држава Унијата го применува пристапот „чекор по чекор“.  

Брисел – Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас изрази очекување дека европските министри за надворешни работи денеска ќе одобрат продолжување на санкциите против Русија поради војната во Украина, како и олеснување на мерките наметнати на Сирија под владеењето на поранешниот претседател Башар Асад.

- Очекувам денеска да биде одобрено продолжувањето на санкциите против Русија, изјави Калас пред почетокот на првиот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ годинава во Брисел.

- Треба да разговараме каков дополнителен притисок можеме да извршиме за да се стави крај на војната во Украина, додаде таа.

Калас соопшти дека синоќа министрите за надворешни работи разговарале со лидерката на опозицијата во Белорусија, Светлана Тихановскаја.

Киев – Вкупните борбени загуби на руските сили во Украина од 24 февруари 2022 година до денеска достигнаа приближно 831.620 лица, вклучително и 1.430 војници изгубени во последните 24 часа, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина на својата страница на Фејсбук.

Другите загуби што ги претрпеа руските сили - според Украинците - во последните 24 часа вклучуваат: три тенка, 12 оклопни борбени возила, 16 артилериски системи, 74 оперативно-тактички беспилотни летала, 59 возила и резервоари за гориво и една специјализирана опрема.

Пекинг - Кина денеска соопшти дека е „крајно неверојатна“ хипотезата на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) дека вирусот што протече од кинеска лабораторија ја предизвикал пандемијата „Ковид-19“.

„Меродавниот научен заклучок до кој дојде заедничката експертска група на Кина и Светската здравствена организација (СЗО), врз основа на теренските посети на релевантните лаборатории во Вухан, гласи дека е исклучително малку веројатно дека дошло до протекување од лабораторија“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

ЦИА објави проценка дека е поверојатно дека коронавирусот потекнува од кинеска лабораторија отколку дека потекнува од животни.

Исламабад – Авганистан ја почна својата прва кампања за вакцинација против детска парализа во 2025 година, чија цел е заштита на околу шест милиони деца на возраст под пет години, соопшти денеска Министерството за здравство.

Тридневната кампања ќе биде насочена кон 16 од 34 провинции во земјата, рече портпаролот на министерството Шарафат Заман.

Тој ги повика водачите на заедниците и верските лидери да ги поддржат напорите за заштита на децата од полио, болест која може да доведе до парализа, а во некои случаи и смрт.

Остани поврзан