• петок, 26 јули 2024
МИА Радио флеш

20 февруари 2024

Скопје - Македонскиот пасош со старото име можеби се уште е во употреба во дел од европските земји, но не и во Германија. Дипломатски извори за Дојче Веле објаснуваат дека со пасошот без уставното име не може да се влезе во Германија, доколку патникот доаѓа од С Македонија или од трета држава.  Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, во понеделникот во изјава за медиумите посочи дека „стариот пасош се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово“. Според него, срамота е што не важи и во земјава заради важечкиот законски пропис, а решението го гледа во менување на Законот за патните исправи.  И министерот за надворешни работи Бујар Османи кој деновиве прави турнеја по конзулатите во Германија, Швајцарија и Италија, од Берн ја поздрави одлуката на Швајцарија да им дозволи на македонски државјани патување и со старите патни исправи. Османи притоа не прецизира дали мисли на патување со старите пасоши од Швајцарија кон Македонија, или и обратно, со оглед на тоа што досегашната препорака за македонските државјани во странство кои немаат нов пасош беше да си извадат патни листови. 

Скопје - Собраниската Комисија за европски прашања денеска ќе ја одржи 73. седница, на која се очекува да се дискутира по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка. Како што стои во образложението објавено на собраниската веб страница, со предложениот закон се врши подобрување на текстот на законот и надминување на состојби што практичната примена на истиот ги покажа како можни. Како што се посочува во предлог-законот, ќе се овозможи непречено спроведување на Приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржат Комисијата за образование, наука и спорт и Законодавно правната комисија. Членовите на Комисијата за образование, наука и спорт ќе дискутираат по Предлог на законот за средното образование и Предлог на законот за стручно образование и обука, и двата во прво читање. На дневен ред на седницата на Законодавно правната комисија се неколку точки - Предлог на законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, Предлог на законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, Предлог на законот за Канцеларија за поврат на имот, Предлог на законот за финансиски инструменти, Предлог на законот за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност, Предлог на законот за виното, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, Предлог на закон за правда на децата, сите во прво читање и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители и Предлог на законот за рибарство и аквакултура, и двата по скратена постапка.

Скопје - Претседателот на техничката Влада, Талат Џафери денеска ќе го посети кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза", кој се наоѓа во склопот на поранешната касарна „Илинден“.  Како што соопшти владината прес - служба, Џафери ќе биде придружуван од министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. 

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката Влада, Љупчо Николовски денеска ќе биде во работна посета на општина Виница. Во рамки на планираните активности, како што соопшти МЗШВ, Николовски во селото Блатец, општина Виница ќе го посети Наум Тренчевски, мал производител на храна добитник на грант до 10.000 евра за набавка на опрема за производство. Николовски ќе посети и мали производители на вино, добитници на грант за поддршка на малите винарии, а ќе има средби со земјоделци и сточари од Виница.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден во контролите во областа на сообраќајот на територија на Град Скопје изречени се вкупно 209 мерки, соопштија денеска од МВР. За возење повеќе од дозволената брзина изречени се 24 санкции, 19 мерки се за возење без возачка дозвола, 11 за користење мобилен телефон при управување, осум мерки за некористење на сигурносен појас... Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. 

Скопје - Едукативен настан, дизајниран за подобрување на знаењата од областа на трансплантација и органодарителство, ќе се одржи денеска во Велес. Како што појаснуваат организаторите на настанот, станува збор за работилница, дел од проектот за подобрување на капацитетите на Националниот систем за трансплантација што се реализира од страна на Министерството за здравство и Делегацијата на ЕУ во Скопје. - Во рамки на проектот што опфаќа неколку компоненти како едукација, усогласување на легислативата, социјална интеграција на лица со трансплантирани органи, е и кампањата за подигнување на свеста за органодарителството во земјава. Дел од неа е и овој настан што има за цел да ги информира новинарите за организацијата на целокупниот систем за трансплантација во земјава, за законските, професионалните и етички дилеми со што се соочуваме и за медиумскиот импакт, што преку нивната работа, трансплантацијата го има во јавноста, се наведува во соопштението.

Скопје - Во организација на Здружението „Вина од Македонија“ и Германското друштво за меѓународна соработка (Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH), денеска во Скопје ќе се одржи Регионална конференција посветена на глобалниот пазар на вино и предизвиците со кои моментално се соочуваат винарниците. Во текот на конференцијата, како што соопштуваат организаторите, ќе се дискутира и за „ниша-пазарите“ во Европа, како и за правните и техничките барања за извоз. Во програмата се предвидени информативни сесии и работилници водени од лидери во индустријата и меѓународни експерти од Гајзенхајм Универзитетот во Германија, кои ќе дадат вредни сознанија за индустријата и трговијата со вино. 

Скопје - Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески е именуван како придружен член на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) за 2024 година, во рамки на иницијативата на Европскиот економски и социјален комитет за вклучување на претставници од земјите-кандидати за членство во ЕУ во структурата на организацијата. Преку иницијативата за вклучување на претставници од земјите членки кои сè уште не се членки на ЕУ во својата структура, ЕЕСК е првата институција на ЕУ која на земјите кандидати им понуди специфична можност за вклучување и учество, која е предвидена како една од целите на Новиот план за раст на Западен Балкан, за инклузивна интеграција на економиите од Западен Балкан кон ЕУ.

Скопје - На сцената на Битеф Театар во Белград вечер ќе биде изведена претставата „Нора - Куќа за кукли“ по текстот на Хедрик Ибзен а во режија на Теодора Силјаноска. Претставата е дел од годинешната селекција на Битеф Театар за „Месецот на независна сцена“. Оваа претстава е првата во продукција на Интернационалниот Театарски Фестивал - ИНТЕФ од Србија и е создадена како прва претстава во продукција на фестивалот во соработка со наградените учесници на претходните фестивали од Србија и Северна Македонија.

Атина – Со околу 100-150 трактори, грчките земјоделци попладнево ќе одржат протест во центарот на Атина пред Парламентот, за уште еднаш да ги повторат и истакнат нивните барања, иако премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис повторно посочи дека Владата нема што повеќе да им даде, јави дописничката на МИА од Атина. Десетици трактори од различни делови на Грција вчера пристигнаа во месноста Кастро на околу 90 километри од Атина, од каде што утрово, сите заедно во конвој со полициска придружба ќе се упатат кон грчката метропола, а околу 5.000 земјоделци, според најавите се очекува да пристигнат со автомобили, автобуси и камиони. Дел од земјоделците, особено оние од северниот дел на земјата, кои нема да бидат во Атина, не е исклучена можноста да постават блокади на граничните премини.

Атина - Премиерите на Грција и Полска Кирјакос Мицотакис и Доналд Туск во име на партиите што ги водат Нова демократија и Граѓанска платформа испратиле писмо до претседателот на Европската народна партија во кое ја предлагаат Урсула фон дер Лајен за главен кандидат на ЕПП за позицијата претседателка на ЕК, јави дописничката на МИА од Атина. Грчкиот премиер преку Х истакна дека со Туск ја предлагаат Фон дер Лајен бидејќи е „цврсто посветена на промоцијата на нашите заеднички вредности и заштитата на единството и солидарноста на Европа“, но и дека ја има нивната доверба. Во писмото испратено до претседателот на Европската народна партија Манфред Вебер, лидерите на грчката и полската партија предлагаат досегашната претседателка на ЕК да биде кандидатка на ЕПП за нов мандат.

Брисел – Европската Унија изразува силна осуда на континуираните кампањи за прогон и заплашување против сите сегменти на белоруското општество, невиденото ниво на репресија и ограничувањата на политичката партиципација, кои го поткопуваат потенцијалот за правичност и легитимност на парламентарните и локалните избори во Белорусија закажани за 25 февруари 2024 година, порача Советот за надворешни работи на ЕУ. Советот ја изразува својата континуирана и длабока загриженост за влошената состојба на човековите права во Белорусија и за активностите на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко со кои се поткопува националниот идентитет на Белорусија и ја потврдува својата посветеност за поддршка и промовирање на белорускиот јазик и култура. 

Брисел – Министрите или државните секретари одговорни за европски прашања на земјите членки на ЕУ денеска ќе учествуваат на заседанието на Советот за општи работи на Унијата (ГАК), со кое ќе претседава белгиската министерка за надворешни и европски работи и надворешна трговија Хаџа Лабиб.  Како одговорно тело за координирање на подготовката на состаноците на Европскиот совет, ГАК на денешниот состанок ќе расправа за организацијата на следниот Самит на ЕУ закажан за 21 и 22 март.  Според нацрт-дневниот ред за ова заседание на Советот на ЕУ, шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата ќе расправаат за руската агресија врз Украина и за континуираната поддршка на блокот за земјата и за украинскиот народ, за состојбата на Блискиот Исток, приоритетите на ЕУ за 2024 година, економската политика на Еврозоната и за подготовките за новата стратешка агенда. 

Њујорк - Во светот денеска се одбележува Денот на социјалната правда. Со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации, одржано во ноември 2007 година 20 февруари беше прогласен за Светски ден на социјалната правда. Со тоа, меѓу другото, Генералното собрание ги покани земјите-членки да се посветат на активности кои ќе ја сензибилизираат јавноста за важноста од унапредување на социјалната правда, елиминирање на проблемите со сиромаштијата, исклученоста и невработеноста и да укажат на потребата од обезбедување еднакви можности за сите. Резолуцијата на ОН укажува на потребата од обединување на меѓународната заедница за искоренување на сиромаштијата, зголемување на вработеноста и достоинствената работа, обезбедување родова еднаквост и овозможување еднакви можности, социјална благосостојба и правда за сите.

Тел Авив – Дури и при имплементација на решение за две држави меѓу Израел и Палестинците, Тел Авив ќе ја задржи воената контрола врз сите палестински територии, изјави синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. - Во сите случаи, со или без трајно решавање на конфликтот, Израел ќе одржи целосна воена контрола врз сите области западно од реката Јордан, вклучително и Западниот Брег и Појасот Газа, истакна Нетанјаху. САД, сојузникот на Израел, сè повеќе повикуваат на решение за две држави што предвидува мирен соживот меѓу еврејска и палестинска држава што ќе ги вклучи палестинските територии окупирани од Израел во 1967 година. – Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа.

Киев – Рускиот пилот на хеликоптер, кој пребега во Украина пред околу шест месеци, е пронајден застрелан во Шпанија, изјави вчера портпаролот на украинското воено разузнавање, Андриј Јусов. Тој не даде повеќе детали за околностите околу смртта на пилотот. Според украинските медиуми, пилотот Максим Кузминов живеел со својата девојка во Шпанија, кога бил убиен. Шпанските власти сè уште не го коментирале случајот. Пилотот Кузминов полета од Русија за Украина во август минатата година со воен хеликоптер Ми-8 со полна борбена опрема. По слетувањето на украинскиот аеродром, двајцата други членови на екипажот се обиделе да побегнат, но биле застрелани, изјави неименуван украински извор. Кузминов добил речиси 496.000 долари од украинското разузнавање за неговиот пребег и предавањето на рускиот хеликоптер на украинската армија.

Киев – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа, во своето секојдневно видеообраќање, изјави дека ситуацијата е исклучително тешка на некои точки на фронтот. - Ситуацијата е исклучително тешка на неколку точки на линијата на фронтот, каде што руските сили имаат концентрирани максимални резерви. Тие го користат доцнењето на помошта за Украина, посочи Зеленски, додавајќи дека на украинските сили им недостасува артилерија, и треба воздушна одбрана за линијата на фронтот, како и оружје со поголем дострел. Според Зеленски, Киев со своите партнери работи максимално напорно за да ја обнови и прошири поддршката за Украина. Тој им се заблагодари на своите сонародници, украинските компании и партнерите на Украина, кои веќе произведуваат оружје, артилериски гранати, беспилотни летала и системи за електронско војување во земјата.

Бразилија – Шефот на израелската дипломатија Израел Кац изјави дека бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој го спореди израелското бомбардирање на Појасот Газа со Холокаустот, е непожелен во Израел. - Нема да отстапиме. Сè додека бразилскиот претседател Лула не се извини и не ги повлече своите запаливи, антисемитски изјави насочени кон еврејскиот народ, тој ќе биде непожелна личност во државата Израел, истакна Кац. Бразил синоќа го повика на разговор израелскиот амбасадор во Бразил. Претходно, бразилскиот амбасадор беше повикан на разговор поради изјавата на Лула. На минатонеделниот самит на Африканска Унија, Лула наведе дека „тоа што се случува во Појасот Газа со палестинскиот народ не се случило во ниту еден друг момент во историјата“ и додаде: „Всушност, тоа се случи: кога Хитлер одлучи да ги убие Евреите“.

Сакраменто - Невреме со дожд, град и грмотевици остави без електрична енергија околу 11.000 луѓе во сојузната американска држава Калифорнија. Метеоролозите најавија дека може да се очекува торнадо, но тоа не се случи и поради таа причина нема значителна материјална штета. Повеќе од 11.000 потрошувачи останаа без струја поради налетите на силниот ветер, објавено е на официјалната веб-страница на калифорниската електрична мрежа. Според локалните служби, невремето предивикало поплавување на некои патишта, соборени дрвја, а аеродромот во Санта Барбара беше привремено затворен.

Пјонгјанг - Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун доби автомобил „за лична употреба“ како подарок од рускиот претседател Владимир Путин. Руското возило им било доставено на помошниците на Ким на 18 февруари, објавија севернокорејските медиуми. Сестрата на Ким „љубезно ѝ укажа на руската страна дека Ким Јонг-ун му се заблагодарува на Путин“, истакнувајќи дека подарокот јасно покажува дека има „посебни лични односи меѓу двајцата лидери“, се наведува во соопштението. Овие две земји се зближиле, според западните медиуми, откако Ким и Путин се сретнаа во септември и си ветија соработка во сите области. А, во истовреме, се додава, меѓународната изолација против нив - „против Русија поради војната во Украина и против Северна Кореја поради развојот на нуклеарно оружје“, расте.

Канбера – Австралија денеска објави план за речиси двојно зголемување на бројот на нејзините големи воени бродови во текот на следната деценија. Според планот, Канбера ќе ги зголеми трошоците за одбрана за повеќе од 10,7 милијарди австралиски долари (6,5 милијариди евра) и ќе има 26 големи борбени бродови, додека сега има 11. - Тоа ќе биде најголемата флота што ќе ја имаме од крајот на Втората светска војна. Австралиската морнарица мора да биде способна да ја обезбеди безбедноста и безбедноста на нашите поморски патишта … бидејќи тие се од суштинско значење за нашиот начин на живот и за нашиот просперитет, изјави австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс.

Вашингтон - Американец кој мислел дека освоил „џекпот“ од 340 милиони долари, ја тужи лотаријата „Пауербол“ во САД, којашто по грешка ги објавила неговите броеви. Џон Чикс од главниот град Вашингтон тврди дека бил „зачуден“ кога видел дека победничките броеви за јануари 2023 година се совпаѓаат со оние од неговиот лоз. Но, кога го однел ливчето до Канцеларијата за лотарија и игри, неговото побарување било одбиено. - Вработениот одговорен за исплати ми рече дека мојот лоз е неважечки и дека можам само да го фрлам в канта, изјави Чикс за Би-би-си. Забуната настанала поради „техничка грешка“, според надлежните. Имено, дента кога лозот е купен во тек биле тестови на интернет-страницата на „Пауербол“, па таму „случајно“ била објавена низата „тест-броеви“ коишто се совпаѓале со оние на Чикс. Меѓутоа, „несреќниот добитник“ го задржал лозот и најмил адвокат. Сега тој ја тужи лотаријата и бара отштета од 340 милиони долари - токму онолку колку што верувал дека добил по лажното известување. 

Остани поврзан