МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
12 мај 2025
Скопје - Врз основа на првичните индикатори, реални се шансите во првиот квартал економскиот раст на државата да биде меѓу 3,5 и 4 отсто и да бидеме еден од најдобрите во Европа, истакна премиерот Христијан Мицкоски на првиот панел од Самитот Македонија 2025, што се одржува од денеска во Скопје.
Според него, ако состојбата во европската економија, особено во автомобилската индустрија се подобри, тогаш има шанси за уште повисоки перформанси што ќе се движат меѓу пет и шест проценти.
Премиерот типува на Македонија како голема крстосница во која, како што рече, се испреплетуваат коридорите 8, 10 и 11 што е, дополни, многу важно за јужното крило на НАТО и затоа нашите идни напори ќе бидат насочени кон интензивен развој на инфраструктурата.
Скопје - ЕУ беше, е и ќе остане наша цел, но за жал, ние сме единствената држава во Европа која нема предизвици втемелени на постигнувања или друг тип критериуми што важат за другите земји кои станале или се во процес да станат земји членки, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на Самитот Македонија 2025.
За нас, напомена, тие критериуми се од сосема поинаква природа.
-Дел од тие отстапки правени во минатото од голем дел од политичарите, се резултат на некои процеси во кои самите тие биле вовлечени па биле притиснати до ѕид и немале каде, дел од лекомисленост и чековерност, а дел од национална исплакнатост и неводење грижа ниту за жртвата дадена во минатото, ниту имале можност да имаат визија за иднината и сега, оваа Влада треба да живее со сето тоа и да се бори, дел од тој простор што некој претходно го зафатил, да го освои повторно. Тоа е тешко, не е лесно, но ќе се бориме, подвлече Мицкоски.
Гостивар – Лидерот на крилото на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари вчера на отворањето на изборниот штаб за локалните избори во Врапчиште најави дека партиските органи ќе одлучат за излегувањето од владината коалиција и оти конечната одлука ќе биде соопштена наредниве два дена. Најави дека ќе разговара лично со премиерот Христијан Мицкоски за јасно и точно да му каже за одлуката.
Во коалицијата, оцени Таравари, „не добиле поддршка за промените кои Албанците ги барале и очекувале“.
Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека започнува со изработка на Студијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица, како прв и суштински чекор во процесот за нејзино прогласување за заштитено подрачје, согласно Законот за заштита на природата.
Иницијативата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје е поднесена од општините Струга и Вевчани, месните заедници и невладиниот сектор, а Владата на Република Северна Македонија на својата 116-та седница, одржана на 22 јануари 2019 година, го задолжи МЖСПП да обезбеди средства за изработка на Студијата во соработка со двете општини. Во рамките на Програмата за природа за 2025 година, обезбеден е буџет и е склучен договор за јавна набавка за изработката на Студијата.
Берлин – Германија и Израел денеска прославуваат 60 години од воспоставувањето дипломатски односи со размена на официјални државни посети, објави Германската новинска агенција (ДПА).
Израелскиот претседател Израел Јицак Херцог денеска пристигна во Берлин, додека неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер се очекува утре и во вторник да го посети Израел.
Претседателите при посетите се придружувани од нивните сопруги, Елке Буденбендер и Михал Херцог.
Дипломатските односи помеѓу Германија и Израел официјално беа воспоставени на 12 мај 1965 година, по договор помеѓу тогашниот канцелар на Германија, Лудвиг Ерхард и израелскиот премиер Леви Ешкол.
Брисел - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел, во чии рамки ќе има средби со претставници на Европскиот парламент, на Европската комисија и на Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ).
Според најавите, на средбите на Муртезани со неговите домаќини ќе се разговара за тековниот статус на евроинтегративниот процес на земјава, за напредокот во имплементацијата на Реформската агенда, како и за активностите поврзани со Планот за раст на Европската комисија за Западниот Балкан.
Анкара – Портпаролот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), Омер Челик денеска изјави дека распуштањето на терористичката група Курдска работничка партија (ПКК) е клучно за ослободување на Турција од тероризмот.
Претходно, ПКК објави официјално соопштение дека на 12. Конгрес на ПКК одржан од 5 до 7 мај донесена е одлука за самораспуштање на партијата.
- Ако одлуката за распуштање на ПКК биде спроведена во целост, со затворање на сите ограноци на организацијата, тоа би била пресвртница, наведе Челик.
Букурешт - Кандидатот за претседател на националистичката партија „Алијанса за обединување на Романците“ (АУР), Џорџе Симион, побара оставка од амбасадорот на Романија во САД, Андреј Мурару, пренесуваат локалните медиуми.
- Користењето на службената позиција од страна на романскиот амбасадор за водење кампања против мене, среде изборната трка, претставува сериозно отстапување од сите демократски норми. Она што го прави Андреј Мурару нема никаква врска со дипломатијата. Национален срам е државен службеник, платен од јавни средства, да стане политички агитатор против претседателски кандидат, изјави Симион, цитиран од Диџи24.
Варшава – Полска ја повлече согласност за работењето на Конзулатот на Русија во Краков поради докази дека Москва е одговорна за огромниот пожар што речиси целосно го уништи трговски центар во Варшава во мај 2024 година, објави на Икс шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.
- Одлуката на Полска да го затвори својот Рускиот конзулат во Краков е дел од политиката на Варшава за намерно уништување на односите помеѓу двете земји, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, додавајќи оти Москва ќе преземе одмазднички мерки.
Газа - Палестинската Цивилна одбрана од Појасот Газа денеска соопшти дека најмалку десет лица, меѓу кои жени и деца, загинале во израелски воздушен напад врз училиште во градот Џабалија, на северот од енклавата.
Во зградата на училиштето биле сместени раселени Палестинци.
„Најмалку десет загинати, меѓу кои неколку жени и деца, како и десетици повредени, беа пренесени во болнички установи по израелскиот напад врз училиштето 'Фатима Бинт Асад' во градот Џабалија, каде што беа сместени над две илјади раселени лица“, изјави портпаролот на Цивилната одбрана на Газа, Махмуд Басал.
Буенос Аирес – Десетици кутии со нацистички документи запленети од аргентинските власти во текот на Втора светска војна неодамна повторно се откриени во подрумот на Врховниот суд на Аргентина.
Врховниот суд соопшти дека 83 кутии со документи во јуни 1941 година биле испратени од Амбасадата на Германија во Токио со јапонскиот пароброд „Нан-а-Мару“ во Аргентина.
Тогашните аргентински власти стравувале дека содржината на документите можеле да влијаат врз неутралноста на Аргентина во Втора светска војна. Германските дипломати тврделе дека во кутиите има лични предмети, но аргентинската царина пронашла разгледници, фотографии и пропаганден материјал на нацистичкиот режим и ги запленил материјалите.