МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
28 мај 2025
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која од вчера престојува во работна посета на Република Казахстан, денеска ќе оствари средба со претседателот Касим-Жомарт Токајев и ќе учествува на Меѓународниот форум „Астана 2025“.
Како што информираат од Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова утре ќе се обрати на пленарната сесија на Меѓународниот форум „Астана 2025“, која ќе ја отвори претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев.
Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ќе презентира Извештај по повод една година од мандатот. На денешен ден лани беше конституиран и новиот собраниски состав – 11. по ред од почетоците на плурализмот во земјава.
За изборот на Гаши за претседател на законодавниот дом гласаа 76 пратеници, а шестминаа беа „против“.
По изборот и давањето на свечената изјава, Гаши се обрати од собраниската говорница, прво заблагодарувајќи им се на граѓаните за довербата на парламентарните избори, а потоа и на пратениците за поддршката да го води законодавниот дом.
Скопје - Пред пратениците во рамки на денешната 52. седница ќе биде Предлогот за именување гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.
За иден гувернер е предложен универзитетскиот професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје, кој треба да ја замени досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска. За избор на Славески се потребни 61 глас или просто мнозинство. Славевски е актуелен претседател на Советот на Град Скопје, а претходно ги извршување функциите министер за развој и за финансии.
Скопје - Уставниот суд денеска ќе расправа по иницијативата на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, која ја оспорува одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, наведувајќи дека е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото.
Во иницијативата се наведува дека завршната одредба од оспорената одлука за донесување на ДУП во која е уредено дека стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото и на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Ѓорче Петров од причина што Уставот определува објавување на прописот како услов за влегување во сила. Меѓу другото, се наведува дека оспорената одлука не е објавена на веб-страницата на Општината што ја прави формално-правно невалидна и спротивна на Законот за урбанистичко планирање.
Скопје - Бесир Шабани е нов член на Надзорниот одбор на „Македонска Навигација“ – М-НАВ, објави Македонската берза.
- Ве известуваме дека е извршена промена кај членовите на Надзорниот одбор на Акционерското друштво во државна сопственост за управување со воздушниот сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ АД Скопје. Со Одлука на Владата на Република Северна Македонија во својство на Собрание на Акционерското друштво во државна сопственост за управување со воздушниот сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ АД Скопје за член на Надзорниот одбор е избран Бесир Шабани, стои во објавата на Берзата.
Скопје - Краткометражниот филм „Мала шега“ во режија на Трифун Ситниковски, досега се прикажуваше на 18 фестивали во Македонија и низ светот, меѓу кои во Данска, САД, Италија, Финска, Кореја, Нигерија, Бразил и Узбекистан. Филмот ја имаше својата светска премиера на престижниот „Оденсе интернационален филсмки фестивал“, каде билетите за првата проекција беа распродадени, а фестивалот го посетија над 250 гости од целиот свет, соопшти екипата на „Мала шега“.
Филмот освои пет домашни и меѓународни награди: Награда од публиката и Специјално признание за актерката Јана Никодиновска на „Sирни Фестивал“ во Скопје, Награда за Најдобар филм на „Филмски Фронт“ во Нови Сад, Златна награда и Најдобра актерка (Јана Никодиновска) на „Уника Кореја“ во Кореја.
Атина – Таксистите во Атина, организирани од нивниот синдикат, од 6 часот утрово започнаа 48-часовен штрајк со што грчката метропола денеска и утре ќе биде без такси превоз, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Синдикатот на такси превозници (САТА) соопштија дека преку штрајкот, меѓу другото, бараат укинување на обврската за регистрација на нови такси возила само како возила со нулта емисија од 1 јануари 2026 година; бараат одговор од Владата во врска со апликациите за такси услуги; бараат да се реши проблемот со компании што изнајмуваат автомобили со возачи; построги казни и контроли за нелегални такси возила; зголемување на тарифата согласно зголемувањето на минималната плата; бараат и намалување на ДДВ за такси услугите итн.
Брисел – Земјите од Европската Унија се на добар пат да ги намалат емисиите на штетни стакленички гасови за 54 проценти до 2030 година, приближувајќи се до целта на ЕУ од 55 проценти, соопшти денеска Европската комисија.
Проценката се базира на националните планови за клима и енергија во кои земјите-членки треба детално да објаснат како планираат да ја постигнат долгорочната цел на блокот да станат климатски неутрални до 2050 година и да ги намалат емисиите за повеќе од половина до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година, пренесе ДПА.
Брисел - Со пригодни обраќања, читање на стихови од поезијата на Блаже Конески и Славко Јаневски и настап на групата Љубојна синоќа во Брисел беше одбележана 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
- Овој ден не е само симбол на јазична норма, туку и на културна самобитност, бидејќи јазикот не е само средство за комуникација, туку и простор во кој се вградени мислите, чувствата и колективната меморија на еден народ, истакна во воведното обраќање на настанот вршителката на работите во Македонската амбасада во Белгија, Сузана Мехмеди.
Таа додаде дека со ова чествување воведно се одбележува и денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои ни ја подарија глаголицата - основата на словенската писменост и кои со своето дело го поставија темелот на македонската писменост и културна традиција.
Берлин – Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се очекува да пристигне во Берлин на средба со новиот германски канцелар Фридрих Мерц, пренесе ДПА.
Двајцата лидери планираат да разговараат за можни чекори кон понатамошни „технички“ разговори меѓу Украина и Русија, јави „Шпигел“.
Посетата сè уште не е официјално потврдена ниту од Киев, ниту од Берлин. Патувањата на Зеленски често не се соопштуваат однапред поради безбедносни причини.
Москва – Руската противвоздушна одбрана уништила или пресретнала над 100 украински беспилотни летала за три часа, вклучително и дронови што се движеле кон Москва, соопшти утрово руското Министерство за одбрана.
Министерството на Телеграм информираше дека инцидентите се случиле помеѓу 21 часот и полноќ по московско време, при што биле соборени вкупно 112 дронови. Вкупно 59 од нив биле соборени над регионот Брјанск на украинската граница, додека останатите биле пресретнати над пет други региони.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Канада би можела да се приклучи на планираниот американски одбранбен воздушен штит, познат како „Златна Купола“, или со плаќање 61 милијарда долари или со станување дел од САД.
- Ѝ кажав на Канада, која многу сака да биде дел од нашиот прекрасен систем „Златна купола“, дека тоа ќе чини 61 милијарда долари ако останат посебна, но нееднаква нација, но ќе чини НУЛА ДОЛАРИ ако станат наша ценета 51-ва држава. Тие ја разгледуваат понудата!, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска објави суспензија на обработката на студентски визи, јавија американски медиуми.
Деписот, во кој имаа увид американски медиуми, им наредува на амбасадите и конзулатите да не дозволуваат „дополнителен капацитет за закажување на студентски или визи за размена на студенти... додека не се издадат дополнителни упатства“.
Tој потег доаѓа во време кога администрацијата на Трамп се обидува да ги засили депортациите и да поништи студентски визи како дел од своите широки напори за исполнување на неговата тврдокорна агенда за имиграција.