• вторник, 11 февруари 2025
МИА Радио флеш

10 февруари 2025 

Скопје - Претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши денеска упати честитка до граѓаните на Косово за парламентарните избори и до Албин Курти за победата на Движењето Самоопределување.

- Изборите во Косово сведочат за зрелоста на народот на Косово, а изборниот процес ја покажува сериозната заложба на институциите за транспарентност и демократија. Искрени честитки до мојот пријател, Албин Курти, за достоинствената победа на Движењето Самоопределување на парламентарните избори во Косово! Овој резултат ја претставува довербата на граѓаните во однос на неговата визија за развојот и безбедноста на Косово, како и нивната благодарност за неговиот успешен мандат на чело на владата, се вели во честитката. 

Скопје - Компресорската станица за хируршките клиники во комплексот клиники Мајка Тереза, денеска официјално беше пуштена во употреба.

Министерот за здравство, Арбен Таравари изрази задоволство што освен континуирани инвестирања во реновирања и опремувања во здравството, се решавале и долгогодишни наследени проблеми како овој со станицата. Тој истакна дека за среќа, функционира и старата компресорска опрема, со што, како што нагласи, би се избегнале проблеми како минатогодишните. Во изјава за медиумите, тој ги наброја салите што ја користат оваа станица, нагласувајќи дека сите што ќе сакаат, ќе можат да се приклучат. 

Брисел  - Новата бугарска Влада соопшти дека одбива да преговара со Северна Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, наведува бриселскиот портал „Еурактив“. 

- Пред три години, Бугарија и Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западниот Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија, се потсетува во текстот објавен денеска.

Загреб - По дојавите за поставени експлозивни направи во 100 средни училишта низ Хрватска минатиот четврток, утрово иста информација објавија хрватскте медиуми за загрепско средно стручно училиште.

Полицијата одговорила на повикот. „Можеме да потврдиме дека по електронска пошта која пристигна на адресата на образовната установа, истата е евакуирана и учениците се безбедни. Полициски службеници веднаш се испратени на местото на настанот и ги спроведуваат сите неопходни превентивни дејствија. Потенцираме дека нема опасност за учениците и бараме да не се шири паника“, изјавија за локални медиуми од загрепската полиција.

Атина - Разговаравме за новите институции на Сирија по падот на авторитарниот режим на Асад. Институции, кои треба да се засноваат на владеење на правото, да бидат институции кои се инклузивни и толерантни и да бидат целосно усогласени со меѓународното право и особено, со правото на морето, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис за ЕРТ по неговата посета на Сирија, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија се сретна со преодниот претседател на Сирија Ахмед ал Шара и со министерот за надворешни работи Асад Ал Шајбани.

Атина - Во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос синоќа беше регистрирана нова серија земјотреси над 4 степени, од кои најсилниот беше 5 степени според Рихтер, додека земјотресите продолжија и во текот на ноќта и рано утрово, меѓутоа со помал интензитет, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, во периодот од 20.41 до 22.35 часот по локално време беа регистрирани 16 земјотреси меѓу 3,1 и 5 степени, од кои половина беа над 4 степени.

Призрен - Министерот за регионален развој на Косово во заминување и претседател на Демократската партија на Турците на Косово, Фикрим Дамка е уапсен во Призрен поради сомнение дека сторил кривично дело напад и закани, потврди призренската полиција.

„Полицијата интервјуираше осомничени и жртви и беа собрани други докази и сведочења“, рече портпаролот на регионалната полиција во Призрен, Шаќир Битиќи.

Тирана - Албанскиот претседател Бајрам Бегај престојува во официјална посета на Црна Гора, на покана на претседателот Јаков Милатовиќ. По дочекот предвидена е средба меѓу шефовите на двете држави а потоа и средба на двете делегации. Бегај во Црна Гора допатува вчера кога ги посети Туз, Плав и Гуца,  населени главно со Албанци.

-Националните прашања треба да доминираат над било кој политички интерес поради фактот што се многу позначајни. Чувајте го албанскиот јазик, идентитет и култура, за што ја имате нашата поддршка, им порачал на средбата со претставниците на граѓански и политички субјекти.

Брисел - ЕУ денеска соопшти дека „не добила никакво официјално известување“ за дополнителни давачки откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ќе воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум.

„Нема да одговориме на широки најави без детали или писмено појаснување. ЕУ не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз. Ќе реагираме за да ги заштитиме интересите на европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани мерки“, се вели во соопштението на Европската комисија. Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека денеска ќе објави нови царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД.

Бирмингем - Загадувањето на воздухот, т.e. дури и кратко изложување на загаденост, го намалува вниманието и лошо влијае на способноста за расудување.

Имено, како што пишува „Гардијан“ (The Guardian), способноста на човекот да се сосредоточи на секојдневните задачи е повлијаено и од најкуса изложеност на загаден воздух, покажа истражувањето спроведено во Велика Британија. Истражувањето, објавено во списанието „Нејчр комјуникејшнс“ (Nature Communications), покажа дека изложеноста на високо ниво на ПМ-честички влијае на селективното внимание и препознавањето на емоциите кај испитаниците - без разлика дали дишат нормално со нос или преку устата. Ова може да влијае на способноста на поединецот да се концентрира на задачите, да избегнува одвлекување на вниманието, па и да се однесува општествено прифатливо.

Сеул - Јужнокорејското Министерство за индустрија денеска соопшти дека е одржан итен состанок со производителите на челик во Сеул на кој се разговарало за мерките за минимизирање на влијанието на потенцијалните нови царини во САД.  

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека денеска ќе објави нови царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД.  

Хонг Конг - Хонг Конг ќе го забрани поседувањето и користењето електронски цигари на јавни места до средината на 2026 година, а тамошните власти наведуваат здравствени причини.

„За да ги заштитиме нашите млади луѓе, веруваме дека е време да се забрани употребата на електронски цигари“, рече локалниот здравствен службеник Ло ​​Чунг Мау.

Париз  - Алатката за вештачка интелигенција (ВИ) за новинари наречена Спиноза беше претставена денеска пред Самитот за вештачка интелигенција во Париз.  

Меѓународната невладина организација Репортери без граници (РСФ), со седиште во француската престолнина, посочи дека алатката покажува дека „одговорната употреба на вештачката интелигенција во редакциите е можна“ под услов да бидат вклучени новинари.

Брисел - ЕУ денеска соопшти дека „во оваа фаза не добила никакво официјално известување“ од САД за воведување дополнителни царини. 

- Нема да одговориме на распространетите најави без детали или писмено појаснување, се наведува во денешното соопштените на Европската комисија по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум во САД.

Пекинг - Бројот на склучени бракови во Кина се намали за една петтина минатата година, што е рекордно намалување и покрај напорите на Владата да ги поттикне младите двојки да се венчаат и да имаат деца со цел да се зголеми популација која се намалува.

Повеќе од 6,1 милиони двојки се венчале минатата година, што е помалку од 7,68 милиони претходната година, покажуваат официјалните податоци на кинеската служба за граѓански прашања.

Остани поврзан