
Скопје - Подготовките за локалните избори во октомври 2025 паднаа во сенка на трагедијата во Кочани и на вестите за глобалните светски промени. Засега, април полека, но сигурно станува месец на политички турбуленции и промени во политичките кампуси во земјава.
Македонскиот политички блок ги интензивира активностите за локалните избори, вклучувајќи ги тука и внимателно избраните медиумски објави за тоа кој што направил или не направил, додека кај албанскиот кампус има политички турбуленции.
И владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ и опозициските СДСМ и Левица, но и помалите партии, прават анализи во своите редови за да ги дефинираат можните кандидати за градоначалници и за советничките листи.
Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска активно се вклучи во регионалната иницијатива Women on Boards Adria (WOBA), насочена кон јакнење на женското лидерство на највисоките управувачки нивоа – во управни одбори, извршни совети и клучни институции, соопшти нејзиниот кабинет.
Како амбасадорка на WOBA за Македонија, Божиновска учествуваше на работен состанок со останатите амбасадорки од регионот, каде во фокус беа практични чекори за поголема застапеност на жени во одлучувањето – не како форма, туку како суштина на современото водење. Министерката ја искористи оваа платформа за да ја потенцира важноста на жените во лидерските улоги, што е во согласност со стратешките цели на Министерството за создавање на правична и конкурентна економска средина.
Скопје - Во пресметката на просечната потрошувачка кошничка ќе бидат вклучени сите видови овошја и зеленчук што се произведуват во земјава, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Како што истакна Трипуновски на прес-конференција во Владата, овошјата и зеленчукот ќе се вметнуваат во кошничката етапно, сеознски, зависно од периодот во кој доспеваат и се користат. За оваа цел е веќе изготвен посебен календар кој е доставен до Министерството за економија.
Скопје - Тетовското основно обвинителство вложи жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 7-ми овој месец со која обвинетиот М.П., кој со возило го усмрти пешакот Тетодора Ристовска, беше осуден на казна затвор во траење од две години, поради тоа што смета дека е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.
-Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 07.04.2025 година со која обвинетиот М.П. беше осуден – за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена казна затвор во траење од две години. Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот, се вели во денешното соопштение од Републичкото јавно обвинителство.
Скопје - Контролите на летање на Северна Македонија и Албанија работат на јакнење на соработката со цел зголемување на безбедноста на авиосообраќајот. Посебен фокус е подигнување на размената на радарски податоци на повисоко ниво, како дел од регионалните напори за оптимализација на оперативната функционалност на податоците, соопштија од МНАВ по средбата на директорите на воздухопловна техника на М-НАВ и Албконтрол, Климент Чепуњоски и Сокол Мукај.
На средбата, како што беше соопштено, било договорено продолжување на договорот за размена на сервиси меѓу двете држави.
Скопје - „Не замижувај и ти можеш да ја спречиш корупцијата - биди дел од прогресот на твојата држава. Корупцијата е двонасочна - и давање и примање мито е криминал“, е главната порака на Царинска управа упатена до граѓаните преку кампањата „Стоп за корупција“.
Во рамки на кампањата „Стоп за корупција“, до 25 април на граничните премини и царинските испостави ќе се делат брошури преку коишто јавноста ќе може да се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува истата.
-Ги повикуваме сите граѓани кои ќе бидат сведоци на корупција истото да го пријават на отворената телефонска линија 197 на Царинската управа. Корупцијата ја поткопува националната безбедност и доведува до даночни загуби, при што како Царинска управа преземаме сеопфатен пристап се со цел целосно сузбивање на корупцијата. Детектирани се ризични точки по кои делуваме преку зголемени контроли, но и спроведување на брзи и ефикасни истраги, велат од Царинската управа.
Бања Лука - Претседателот на Република Српска Милорад Додиќ изјави дека во секоја друга земја се чувствува побезбедно отколку во БиХ, но и дека покрај се чувствува задоволство бидејќи знае дека е во право и дека со многу волја и енергија се брани од неправдата. Тој истакна дека и пред пресудата на, како што го нарече, „несутавниот суд“ се чувствувал небезбеден во БиХ.
-Јас сум човекот кој имал најголем број закани досега во БиХ, и од луѓе од внатре во БиХ и од надвор кои, мотивирани од политичкиот ислам, ми се закануваа мене и на моето семејство, рече Додик за време на гостувањето во емисијата Телеринг на РТРС.
Додик изјави дека не би препорачал никому да се обиде да го уапси бидејќи е заштитен од полицијата на Република Српска и добро обучени специјалци.
Загреб - Претседателот на Самостојниот синдикат Солидарност, Крешимир Север, вели дека цените во Хрватска постојано растат, дека за најскромната потрошувачка кошничка во Хрватска и покрај заштитените цени се потребни 122 евра, што е пет отсто повеќе од лани, а за вистинска празнична потрошувачка кошничка се потребни дури 435 евра.
Север посочува дека оваа празнична шопинг кошничка е недостижна за повеќето граѓани и додава дека за оние со помали примања дури 40 отсто од приходите одат за храна. Тој објаснува дека просечното домаќинство во Хрватска троши околу 27 отсто од својот приход на храна, но дека за оние со пониски примања тој удел се зголемува до 40 отсто или повеќе.
Брисел - Шестмина пратеници во Европскиот парламент од словачката опозициска партија Прогресивна Словачка (ПС) упатија отворено писмо до премиерот на Словачка, Роберт Фицо, со кое бараат од него да се откаже од планираното присуство на воената парада на 9 мај во Москва и на останатите прослави по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
Европратениците во писмото нагласуваат дека е неприфатливо присуство на прослави во Москва во услови кога Русија води војна против Украина и продолжува со она што го започна уште во 2014 година со окупацијата на делови од украинската територија и анексијата на полуостровот Крим.
Мадрид - Шпанската полиција откри илегално подземно стрелиште во куќа во јужната провинција Гранада, јави Би-Би-Си.Според полицијата, соседите не можеле да ги слушнат истрелите, бидејќи објектот се наоѓал на длабочина од три ката под земја.
Во акцијата уапсени се три лица и запленети се повеќе парчиња оружје и над 60.000 евра во кеш. Ова е првпат шпанската полиција да открие нелегално стрелиште со кое управува криминална група во земјата.
Женева - Светската трговска организација (СТО) значително ја намали прогнозата за глобалната трговија со стоки, предвидувајќи пад од 0,2 отсто оваа година поради негативните ефекти од американските царини.
Таа прогноза претставува остар пресврт од претходно проектираниот раст од 3,0 проценти, додека организацијата предупредува дека трговијата може да го доживее најголемиот пад од 2020 година, кога светот беше погоден од пандемијата на коронавирус.
СТО соопшти дека новата проценка се заснова на тековните трговски мерки, вклучително и високите царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп за челик, автомобили и производи од Кина.
Киев - Украина соопшти дека синоќа била нападната од Русија со пет проектили и 75 беспилотни летала.
Украинското воено воздухопловство собори 25 беспилотни летала, а уште 30 дронови не стигнаа до целите, најверојатно поради контрамерки на силите за електронско војување.
Во соопштението на украинската војска не е прецизирано што се случило со преостанатите 20 беспилотни летала и проектили.
Tбилиси - Невозможно е да се зборува за обновување на дипломатските односи со Русија во услови на окупација, изјави грузискиот премиер Иракли Кобахидзе во интервју за локалните медиуми.
Според него, „доколку територијалниот интегритет на Грузија биде обновен, тогаш и обновувањето на дипломатските односи со Русија би било логично“.
„Ние немаме свои принципи. Заштитата на националните интереси мора да се заснова на определени принципи. Освен ова, правно е невозможно да разговараме за обновување на дипломатските односи со Русија додека има окупација на грузиски територии. Прашањето за територијалниот интегритет е црвена линија за нас“, додаде Кобахидзе.
Богота - Колумбиската влада доцна вчера прогласи вонредна состојба низ целата земја поради зголемување на случаите на жолта треска.
Епидемијата доведе до 74 потврдени случаи и 34 смртни случаи од почетокот на 2024 година, изјави министерот за здравство Гиљермо Алфонсо Јарамило.
Жолтата треска е вирусна болест која се пренесува преку каснување од комарец.
Пекинг - Кина нема да посветува внимание ако САД ја продолжат „играта со бројки“ кога станува збор за царините, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи откако Белата куќа објави дека Кина се соочува со царини до 245 отсто поради нејзините одмазднички мерки, пренесе Ројтерс.
Во документ објавен завчера, Белата куќа наведува дека вкупните давачки на Кина ја вклучуваат најновата реципрочна царина од 125 отсто, царина од дополнителни 20 отсто за справување со кризата со фентанил, како и царини меѓу 7,5 и 100 отсто за одредени стоки поради нефер трговски практики.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, неодамна воведе дополнителни царини за стоки од сите земји, а потоа повлече дел од мерките за голем број земји, задржувајќи ги строгите давачки исклучиво кон Кина.