МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

17 февруари 2025
Скопје – Македонија треба да има современ државен грб и со неговата симболика да биде дел од европското друштво на држави, а не во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола, смета Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието.
-Ако зборуваме за современи државни обележја, засновани на одредена објективна хералдика, тогаш навистина Македонија не сметам дека би требало да остане во друштво со Белорусија, со Таџикистан и со Ангола. Ова се меѓу ретките земји во светот коишто се уште имаат советска симболика по однос на државните грбови. Сметам дека Македонија има и добро историско наследство, кое може да ги поврзе и АСНОМ, и Илинденскиот период, и претходните периоди на нашата заедничка држава, и тоа да се отслика во еден современ државен грб којшто би бил подобар и би ги одразувал на еден поквалитетен начин определбите на Македонија, и во таа симболика да биде дел од европското друштво на држави, изјави Милошоски.
Скопје - Одложено дејство на уставни измени е рационален аргумент којшто би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира, а Европската Унија да го менаџира тој процес до конечната цел, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието Антонио Милошоски.
Според него, отпорот кај граѓаните кон уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, како и појавата на евроскептицизам, се должи на тоа што во самата ЕУ постои неизвесност и Унијата нема стратегија за проширување.
-Македонија досега неколку пати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите уставни измени ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство или кон самото членство, но очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања и би било наивно да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување, изјави Милошоски на настан на кој беше презентирана анкета од перцепција на јавноста за евроинтеграцискиот процес.
Скопје - По два час и неколку паузи, собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го усвои дневниот ред на петата седница. Пратениците почнаа со разгледување на прашања во врска со спроведувањето на Деловникот на Собранието при работа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот за надзорната расправа закажана за 25 февруари 2025 година, и давање на мислење за разрешување на спорните прашања.
Претходно, пратеникот Јован Митрески од СДСМ побара на дневен ред да се стави разгледување на прашања во врска со спроведување на Деловникот на Собранието од страна на претседателот на Собранието во врска со примената на член 126 став 3 и давање на мислење за разрешување на спорните прашања во врска со т.н. закон за бранители и неговото не ставање на дневен ред на Комисијата за труд. Предлогот на Митрески не беше прифатен.
Скопје – Уставни измени како услов за отпочнување на преговорите со ЕУ поддржуваат 20 проценти од испитаниците во анкетата што од октомври до декември 2024 ја спровеле Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.
-Останатите се доста поделени помеѓу: статус кво, повлекување од процесот и промена на Преговарачката рамка. Интересно е да се забележи дека граѓаните не го перципираат толку процесот како задоволување на условите од соседите, туку повеќе гледаат на некоја реформирачка и демократска вредност на процесот, значи процесот повеќе го гледаат како усогласување со стандардите и законите на Европската Унија, изјави Анамарија Велиновска истражувач во Центар за европски интеграции при ИДСЦС пред презентацијата на наодите од истражувањето.
Скопје - Политичките односи меѓу двете земји кои се засноваат на меѓусебно почитување и пријателство со фокус на продлабочување на соработката и презентација на нашите туристичките места, беа тема на разговор на денешната средба во Доха меѓу министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и државната министерка за меѓународна соработка на Катар, Мерјам бинт Али бин Насер Ал Миснад.
- Подготвени сме да им го понудиме сиот нашиот потенцијал на странските инвеститори, со цел развој на државата и отворање на нови работни места, рекол министерот Дурмиши на средбата.
Како што соопшти Министерството за економија и труд, министерот Дурмиши истакнал дека трговската размена меѓу двете земји низ годините бележи извонреден раст, при што и се заблагодарил на министерката за покажаната волја и интерес.
Скопје – Дизелот од ноќеска на полноќ поскапува за еден денар по литар, а цената на бензините и на екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,33 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе изнесува 80 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 82, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 74, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 73,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,802 денари за килограм се намалува малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 47,209 денари.
Атина – Да се надеваме дека барем сега, ќе се случи она што грчкиот премиер многу пати го има кажано во последните години, Европа политички да созрее и политички да порасне. Нека бидат овие изјави, за кои не сакам да дадам коментар, повод за еден силен аларм, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг, одговорајќи на новинарско прашање за говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, јави дописничката на МИА од Атина.
Маринакис рече дека за ставовите на потпретседателот на САД нема што да коментира и потсети на грчките предлози што се однесуваат на европската одбрана, енергетиката, конкурентноста, како и на управувањето со миграцијата
Љубљана – Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар денеска изјави дека само единствена Европа може да биде силен и рамноправен актер во меѓународните односи.
Таа изрази незадоволство поради што на денешниот состанок во Париз, на кој ќе се разговара за безбедноста и војната во Украина, нема да присуствуваат сите лидери на земјите-членки на Европска Унија.
Истанбул - На градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу му се заканува затворска казна од две до четири години и забрана за политичко дејствување по обвинението за „обид да се влијае врз судски службеник, вештак или сведок“, објавија турските медиуми.
Главниот обвинител на Истанбул го комплетираше обвинението против градоначалникот Имамоглу во врска со неговите забелешки пред судскиот експерт. Во обвинението, објавено денеска, се наведува дека градоначалникот се обидел да влијае на вештакот со тоа што јавно го нападнал.
Рим - Папата Франциск, кој минатата недела беше хоспитализиран поради бронхитис и инфекција на респираторниот тракт, ќе остане во болница откако анализите покажаа слаба крвна слика, а неговата терапија ќе биде соодветно модификувана, соопшти денеска Ватикан.
„Резултатите од тестовите направени во последните денови и денес покажаа полимикробна инфекција на респираторниот тракт, што доведе до дополнителна промена на терапијата. Сите досега спроведени тестови укажуваат на сложена клиничка слика за која ќе биде потребна соодветна хоспитализација", се наведува во соопштението од Ватикан.
Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск најави дека на денешниот самит на европските лидери во Париз, по повод војната во Украина, ќе побара од лидерите да се изјаснат дали се подготвени да донесат „сериозни одлуки за одбраната“ и оцени дека не треба да се размислува за воспоставување алтернатива на НАТО.
„Треба да се донесат големи одлуки за европската безбедност. Не можеме ефективно да и помогнеме на Украина ако сега не се погрижиме да бидеме во состојба и сами да се одбраниме“, речеТуск и порача дека во интерес на САД и Европа е тесно да соработуваат.
Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц ја повика Европа да се обедини за поддршка на Киев, неколку часа пред пристигнувањето во Париз на клучниот состанок на европските лидери, на кој ќе биде разгледан заедничкиот став за мировните преговори за Украина, јави ДПА.
На предизборниот митинг во градот Касел во покраината Хесен, централна Германија, Шолц рече дека е важно да се направи се што е можно за да се гарантира дека Европа ќе остане силна и обединета.
„Имаме потреба од тоа поради Украина, имаме потреба од тоа за нашата сопствена безбедност“, рече Шолц, чија германска Социјалдемократска партија (СПД) заостанува во анкетите во Германија пред претстојните сојузни избори на 23 февруари.
Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен утре во Брисел ќе се сретне со специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, информира денеска заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер.
Средбата првично беше предвидена за денеска, но таа е презакажана за утре, поради, како што нагласи Де Керсмакер, други ангажмани, додавајќи дека за вечерва е предвидено Келог да се сретне со еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус.
Запрашан дали евентуално е договорена средба на Фон дер Лајен со американскиот претседател Доналд Трамп, Де Керсмакер изјави дека засега нема нови елементи околу ова прашање.
Брисел - НАТО објави конкурс за изработка на мурали за одбележување на Самитот на Пактот што ќе се одржи во јуни во Хаг и за нагласување на „виталната улога на Алијансата во заштитата на една милијарда луѓе во Европа и Северна Америка“.
- Дали сте млад уметник од земја членка на НАТО? Дали сакате да изработите мурал за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, Холандија, во јуни? Доставете го вашиот дизајн за да добиете единствена можност да ги покажете вашиот талент и креативност, се наведува во поканата за учество на конкурсот.
Право за учество на конкурсот чија овогодишна тема е „Одржување на нашата заедничка иднина“, имаат само поединци државјанин на земја членка на НАТО на возраст до 35 години. Апликации на тимови нема да бидат прифатени.
Брисел- Слободата на говорот е апсолутно клучна вредност на Европската Унија и таа е во сржта на целиот европски процес на интеграција и изградба и на се она за што се залагаме, изјави денеска заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер, запрашан за коментар на Европската комисија за изјавата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс дека „еврокомесарите ја задушуваат слободата на изразување“.
- Слободата изразување е нешто на што сме крајно посветени, додаде Де Керсмакер.
Во одговор на истото прашање, портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение рече дека Законот за дигитални услуги што е усвоен на предлог на Европската комисија не ја ограничува слободата на изразување, туку само воспоставува систем според кој корисниците можат да реагираат доколку забележат илегална содржина на одредена онлајн платформа и таа треба да ја провери и да ја отстрани.
Венеција - Во својата прва седмица, Карневалот во Венеција беше одбележан со традиционалната водена поворка на чамци по Големиот канал. Настанот беше предводен од препознатливата гондола со Пантегана-стаорец од хартија, долга седум метри на чело, којшто стана своевиден симбол на популарниот италијански Карневал.
Сред „туш“ од конфети и балони, над сто чамци со весли, богато украсени и управувани од маскирани веслачи, се сретнаа во Пунта дела Догана околу 11 часот, па се упатија кон мостот Ријалто. Пловејќи по можеби најпознатата водена патека во светот, поворката им овозможи на присутните автентичен спектакл на бои и традиција, што кулминираше со празнична кореографија кај Ријалто, пред големата прослава во месноста Ербарија.
Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски неделава ќе отпатува за Саудиска Арабија, објави Скај њуз.
Оваа посета се случува во време кога американски и руски дипломати утре ќе одржат разговори во главниот град Ријад. На средбите ќе присуствуваат рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио.
Според изворите на медиумот, Зеленски може да пристигне уште утре навечер, но не планира средби со руски претставници. Не е познато дали тој ќе се сретне со делегацијата на САД.
Украинскиот претседател вчера престојуваше во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде што се сретна со тамошниот претседател.
Киев – Министерството за здравство на Украина денеска соопшти дека за приближно тригодишната војна при руските напади оштетени или целосно разурнати се 2.285 здравствени институции.
До средината на февруари 2025 година, непријателот оштети 1.964 здравствени установи и целосно уништи 301. Најзначајна штета беше причинета на болниците во Харков, Доњецк, Миколаев, Киев, Чернихив, Дњепропетровск, Херсон и Запорожје, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Исто така се посочува дека руските сили оштетиле 240 специјализирани возила за итна медицинска помош, уништиле 273 и заплениле 80 амбулантни возила.
Москва – Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија и Србија се договориле да продолжат заеднички да работат со цел да се избегне штетата врз заедничките интереси од американските санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС).
- Денес сме соочени со ситуација кога оние кои се навикнати на нелојална конкуренција се обидуваат да го попречат нашето заедничко вложување НИС со санкции. Тоа е водечка компанија во српската економија, буквално е принудена да се откаже од соработката со рускиот инвеститор и во таа насока се договоривме со нашите српски пријатели да продолжиме да работиме заедно за да ја спречиме штета на нашите заеднички интереси, посочи Лавров по средбата со српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ во Москва.
Лондон - Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон изјави денеска дека „опстанокот на Западот“ зависи од тоа дали земјите ќе ги дадат приоритетите на нивните национални интереси пред да им подадат рака за помош на своите соседи.
Говорејќи преку видео врска на конференцијата на Алијансата за одговорно граѓанство (ARC) во Лондон, Џонсон истакна дека САД можат да ја одржат својата „сила и лидерство“ само ако нивната надворешна политика е фокусирана на нивните национални интереси.
Техеран – Иран ја одбрани својата нуклеарна програма и нема да се двоуми да продолжи да го прави тоа, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи.
Неговата изјава уследи еден ден откако Израел и САД ветија дека ќе се спротивстават на иранските нуклеарни амбиции.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, по вчерашниот состанок до американскиот државен секретар Марк Рубио во Ерусалим, изјави дека Израел и САД се одлучни да ги осуетат нуклеарните амбиции на Иран и неговото влијание во Блиски Исток.
Газа – Во Појасот Газа и понатаму не можат да бидат доставени потребните привремени засолништа, мобилни домови и камп приколки, соопштија палестинските власти.
Тие тврдат дека Израел дозволил да бидат доставени само 45 проценти од предвидените 200.000 шатори во Појасот Газа.
Според нив, Израел спречува испорака и на 60.000 мобилни домови во палестинската енклава.
Вашингтон – Американскиот технолошки гигант Мајкрософт планира да инвестира 700 милиони долари во Полска за да ја подобри кибербезбедност во соработка со вооружените сили на земјата.
Премиерот на Полска, Доналд Туск, на заедничката прес-конференција со потпретседателот на Мајкрософт, Бред Смит, истакна дека инвестицијата ќе биде за втората фаза од веќе завршениот проект на центарот за податоци вреден еден милијарда долари.
Центарот за податоци беше отворен во 2023 година, обезбедувајќи „клауд“ (cloud) услуги за компаниите и владините институции.
Лос Анџелес - Гитаристот на „Дорс“ (The Doors) и композитор на многу песни, Роби Кригер иронично изјави дека првиот хит на некогашниот американски рок-состав - песната „Light My Fire“ (во превод: „Запали ме“ или „Запали го мојот оган“), требало да се вика: „Не фрлај ме во оган“ (Don't Set Me on Fire).
Кригер (79) со горка насмевка се шегуваше на своја сметка, на Јутјуб-емисијата на Рик Бито, појаснувајќи дека оригиналниот наслов „ја напишал судбината“ на неговиот семеен дом во Пасадена, Калифорнија, САД. Имено, таа куќа изгоре во пожарите што го зафатија Лос Анџелес и околината во средината на јануари оваа година.
Таму се родил и израсна идниот гитарист „Дорс“, заедно со неговиот брат близнак, а на тоа место и групата одржуваше проби на почетокот на нивната кариера, каде што беше создаден споменатиот хит - „Light My Fire“.
Токио - На почетокот на овој месец, преговорите за спојување на јапонските компании „Хонда“ и „Нисан“ дефинитивно пропаднале. Наводната причина, според јапонските медиуми, е што „Хонда“, наместо здружување на силите на рамноправна основа, сакала „да го покори“ жилавиот „Нисан“.
На крајот на декември, вториот и третиот по големина производител на автомобили во Јапонија ги почнаа преговорите за спојување. Тоа требаше да доведе до создавање холдинг-компанија којашто ќе се најде на третото место во светот, според бројот на произведени возила, зад „Тојота“ и „Фолксваген“. Сепак, минатиот месец, тие разговори почнале да одат сѐ потешко, кога станало јасно дека компанијата „Хонда“ којашто е во подобра финансиска позиција, не е задоволна од темпото на реструктуирање во „Нисан“.