• среда, 16 јули 2025
МИА Радио флеш

13 јуни 2025 

Охрид -  Пуштен е во употреба реконстрираниот пат Охрид – Св. Наум во должина од 24,4 километри. Инвестицијата во износ од 11,7 милиони евра е на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Целосно е саниран коловозот, поставени се нова сигнализација, безбедносна ограда и проширувања. Направени се и заштитни интревенции на ризичните косини на патот широк шест метри.

Според премиерот Христијан Мицкоски, се пушта значаен пат кој, посочи, беше заборавен, а кој го заслужуваат Охрид, граѓаните и туристите.  - Ова не е само пуштање на пат, туку уште една потврда за определбата на Владата да се гради, без многу врева, партиски и бизнис спектакли, со план и јасна визија и многу работа. Во моментов паралелно се градат неколку клучни патни правци, автопатот Кичево - Охрид силно се забрзува, делниците Тетово Гостивар и Гостивар - Букојчани се активни, а се  работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани - Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во западна Македонија и тука не застануваме. Нашата стратегија е јасна. Инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднинатата на државата,  ги отвора  вратите за туризам, за економија, регионално поврзување, за работни места, рече Мицкоски.

Скопје - Договор за стратешка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија беше потпишан денеска во Скопје за време на посетатата на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, чиј домаќин беше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

На средбата, како што посочија двајцата министри на заедничката прес-конференција, се осврнале на одличните билатерални односи, изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Било поздравено и тридецениското пријателство и одличната трговска соработка, која бележи континуиран нагорен тренд во изминатиот период.

Скопје - Министерството за правда во текот на денот има онлајн состанок со Венецијанската комисија за Законот за судски совет кој им е доставен на мислење, информира министерот за правда Игор Филков, нагласувајќи дека очекува овој закон да се најде во собраниска процедура до крајот на овој месец. 

Министерот за правда Игор Филков, на денешниот брифинг со медиумите за законите од Реформската агенда, појасни дека мислењата од Венецијанската комисија ќе бидат детално разгледани и земени во предвид, иако не се од обврзувачки карактер.

Скопје - Изборниот законик, кој е во групата реформски закони кои треба да бидат донесени до јуни годинава, е подготвен и Работната група во рамки на Министерството за правда ги вградило сите препораки од ОБСЕ/ОДИХР кои беа и досега, но не беа вградени во претходните изборни циклуси. 

Министерот за правда Игор Филков, по денешниот брифинг со медиумите за законите од Реформската агенда, изрази надеж дека крајниот рок од јуни годинава ќе биде фатен и за Изборниот законик. 

Скопје - Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто денеска од Скопје порача дека Европската Унија јавно кажува дека го поддржува проширувањето кон Западен Балкан, но зад затворени врати на состаноците на 27-те земји-членки, државите кои го поддржуваат проширувањето се малцинство. Тој нагласи дека доколку се искрени во намерата дека сакаат да влеземе во Унијата, не би чекале 20 години на полноправно членство.

-Бугарија навистина отворено ги попречува вашите настојувања за интеграција, но вие не чекате заради тоа 20 години во редот, заради тоа што Бугарите се спротивставуваат. Не лутете се, но морам да кажам дека ситуацијата во врска со тоа е многу потешка. Во овој момент оние државите-членки во ЕУ коишто го поддржуваат проширувањето кон Западен Балкан се малцинство, изјави Сијарто на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.

-Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков, вели Сиљановска Давкова на новинарско прашање пред присуството на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“.

Скопје - Приведени се 13 лица со полициско овластување во синоќешната акција на ОЈО за организиран криминал и корупција, потврди на денешната прес-конференција државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Тој посочи дека постојат основани на сомненија дека осомничените како службени лица сториле тешки дела против општата сигурност.

-Јавен обвинител од специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициско овластување и припадници на затворската Полиција при ОЈО за организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од страна на МВР –Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 13 полициски службеници. Во конкретниот случај постои основа на сомнение дека во период од 14 март 2025 година до 16 март 2025 година на територијата на СВР- Штип осомничените како службени лица сториле тешки дела против општата сигурност, рече Коцевски.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска истакна оти тој не може да каже дали ќе има средба со претставници на Бугарија на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, дека за тоа треба одговор да се бара од Софија, а она што, како што посочи, може да го каже е дека очекуваат повеже средби и редовна комуникација со нашиот сосед.

Муцунски денеска на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе има средба со бугарската страна во Хаг, посочи дека смета оти е нормално сите соседи да комуницираат не само по однос на политички прашања, туку и за се она што е од взаемен интерес.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска истакна дека македонската надворешна политика е секогаш за мир во однос на сите конфликти во светот, а за резолуцијата за прекин на огнот во Газа во Генералното собрание на Обединетите нации земјава гласала воздржано, поради одредени недоречености во самиот текст, кои, како што посочи не соодвестуваат со основните принципи на меѓународното право и, пред се, во неа не се дефинира што всушност претставува Хамас. 

-Ние сакаме мир, насекаде во светот, за сите конфликти. Нашата надворешна политика е така поставена и даваме свој инпут како мала држава за мир меѓу Украина и Русија, жалиме за развојот на состојбата на Блискиот Исток, исто така сакаме мир меѓу Израел и Палестина. Но, кога ќе видите една таква резолуција, таа има своја содржина и во однос на содржината на каква било резолуција ние поставуваме наш политички став. Во неа ќе видите аргументи, кои се спротивставени со основните принципи на меѓународното јавно право, истакна Муцунски.

Скопје - Македонските студенти ќе можат да користат 20 стипендии годишно за да студираат во Унгарија на унгарски или на странски јазик. Од Министерството за образование и наука денеска соопштија дека приоритет ќе имаат апликанти кои сакаат да студираат во областа на наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ), како и медицински и здравствени науки и земјоделство.

Меморандумот за разбирање со кој се регулира соработката во рамките на Програмата Стипендиум Хунгарикум за периодот 2026–2028 година денеска го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто. Меморандумот предвидува студентите да добиваат платена школарина, сместување во студентски домови во кампусот на високообразовната институција или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги, користење на бесплатни библиотечни услуги, како и месечен надоместок за покривање на основните трошоци.

Охрид - Потребна е промена на концептот и начинот на носење одлуките за тарифите за водни услуги и зголемување на цената за одржливост на јавните претпријатија и намалување на загубите на вода во Македонија. Тоа се дел од препораките на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ што вчера и денеска се одржува во Охрид во организација на АДКОМ - Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски смета дека за намалување на загубите на вода од 63 отсто конечната цена да ја одредува Комисијата наместо како досега општинските совети. - Тоа што јасно го предлагаме и ние и здружението АДКОМ е концептот и начинот на носење на одлуките за тарифите за водни услуги да се промени и наместо како што е досега Регулаторната да дава минимална и максимална цена, па понатаму преку советите да се определува конечната цена, јасно предлагаме тој товар да го реземе Регулаторната комисија за енергетика и да носи цена. На тој начин со нашите методологии, кои се поттикнувачки веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги, рече Бислимовски.

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски ја посетил „Агриа“, најголемата домашна компанија од месната индустрија и остварил работна средба со менаџментот на најсовремената свињарска фарма во земјава.

Во рамки на посетата, како што информира „Агриа“, министерот Трипуновски имал можност да се запознае со целиот процес на вертикалното интегрирано производство кое го практикува компанијата, почнувајќи од производство на сопствена сточна храна, преку контролирани услови за одгледување и добросостојба на животните, до преработка, пакување и дистрибуција на свежо месо до македонските потрошувачи. Особено внимание е посветено на строгите биосигурносни протоколи, високите стандарди за хигиена и безбедност на храната, како и системските мерки за заштита на животната средина.

Битола - До вчерашниот ден имаме над 2.500 пријави од млади невработени лица кои аплицирале во мерката за самовработување, изјави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристевски.

На инфо ден во Битола посветен за Оперативната програма на Владата за нови вработувања, Ристевски посочи дека мерката за самовработување има три содржини кои се однесуваат за млади до 29 години кои може да искористат до 10 илјади евра, за невработени лица над 29 години може да се добијат седум илјади евра, а има и можности за здружување во Друштва со ограничена одговорност.

Скопје - АД МЕПСО ги предупредува земјоделците во екот на сезоната за наводнување и жетва да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување, со земјоделската механизација и со дополнителната земјоделска опрема во близина на далеководите од преносната мрежа.

- Од исклучително значење е земјоделците да се придржуваат кон следните упатства: не поминувајте со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците, не поставувајте цевководни системи за наводнување под проводните јажиња во далеководните траси, не ги кревајте во височина металните цевки од системите за наводнување под проводните јажиња на далеководите бидејќи металот е проводник на електрична енергија, не ги поставувајте прскалките за наводнување под проводните јажиња и во безбедносните коридори на далеководите од преносната мрежа. Допирот на водениот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по животот на луѓето кои се наоѓаат под трасата на далеководот, стои во соопштението.

Скопје - Прометот во индустријата, вкупно, во април годинава во однос на април лани е зголемен за 6 проценти. Податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека има раст од 8,2 проценти кај Производство на прехранбени производи, од 18,7 проценти кај Производство на електрична опрема и од 94,7 проценти кај Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

- Прометот во индустријата, вкупно, во април 2025 година во однос на април 2024 година, според главните индустриски групи, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 4.0 проценти, Капитални производи за 11.6 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 5.3 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 0.5  проценти, објави ДЗС.

Скопје - Мозочниот удар е најчестата патологија со која се среќаваме во секојдневниот живот. Се смета дека во Скопје дневно има еден до два мозочни удари, што е една голема бројка. Најголемиот дел од овие пацинети се сместуваат на Клиниката за неврологија, односно повеќе од 50 отсто од капацитетот на Клиниката се пациенти со мозочни удари, при што од суштинско значење е рехабилитацијата на движењето и на говорот.

Ова го истакна неврологот и професор на Медицинскиот факултет Иван Барбов, на денешната панел дискусија на тема „Афазија“ во организација на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација - Скопје и Здружението за поддршка на лицата со афазија „ХОУП“.

Приштина - Косовското Собрание денеска не беше конституирано, по 31-ви пат, бидејќи само 47 пратеници гласаа на тајното гласање за избор на претседател на Парламентот.

На денешната седница, пратениците од Демократската партија на Косово, Демократската лига на Косово, Српската листа и коалицијата Алијанса за иднината на Косово - НИСМА не предложија членови на изборната комисија, ниту учествуваа во гласањето, јави Бета.

Техеран - Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, назначи нова воена команда за вооружените сили на земјата, објавија иранските медиуми.

Со декрет, ајатолахот Хамнеи го назначи генерал-мајор Сејед Абдулрахим Мусави за нов претседател на началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили. Тој, исто така, го назначи генерал-мајор Мохамед Пакпур за врховен командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) и генерал-мајор Али Шадемани за командант на воената база Хатам ал-Анбија.

Тебриз - Израелски авиони извршија нов воздушен напад врз воен аеродром во близина на северозападниот ирански град Табриз денеска околу 12:30 часот по локално време, објавија локални и безбедносни извори.

Се верува дека целта на нападот била воздухопловната база Шахид Факури, која се користи за сместување на борбени авиони, објави иранска новинска агенција. 

Teхеран - Најмалку 95 лица се повредени на целата територија на Иран во серијата напади извршени од Израел, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на изјава на ирански функционер за Иранската државна телевизија.

„До моментов, 95 лица се повредени и однесени во медицински центри во 12-те различни провинции каде што беа извршени нападите“, изјави Моџтаба Халеди, портпарол на Националната служба за итни случаи.

Вашингтон - Претседателот на САД, Доналд Трамп во интервју за Еј-би-си (ABC) изјави дека израелските напади врз Иран биле одлични.

Тој се осврна и на преговорите со Иран за нуклеарната програма. - Им дадовме шанса, а тие не ја искористија. Ти се погодени многу, многу силно. Добро го почувствуваа ударот, колку што може да се почувствува. А, ќе има уште. И тоа многу повеќе, наведе Трамп. Тој одби да одговори на прашањето дали САД на каков било начин учествувале во нападот врз Иран.

Техеран - Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан изјави дека Израел ќе зажали за денешната акција.

Тој не наведе детали за евентуалниот одговор на Техеран. Иранската нација и функционерите на земјата нема да молчат пред ова злосторство, а легитимниот и моќен одговор на Исламска Република Иран ќе го натера непријателот да се покае за својот глупав чин, наведе Пезешкијан во видеопораката емитувана на иранската државната телевизија.

Остани поврзан