МИА Радио флеш
- 10 април 2025

10 април 2025
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, остварил средба со грчкиот колега Јоргос Герапетритис. Муцунски потенцира дека средбата претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на дипломатските односи.
На средбата, како што стои во објавата на Фејсбук, била нагласена заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.
Скопје - Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски вели дека недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти е поради промени во системот за јавни набавки, но најавува дека пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во стабилни количини.
- Во моментот се реализира јавната годишна набавка, таа е отворена минатиот петок, заради технички проблеми во Бирото за јавни набавки односно промена на системот се доцнеше. Тендерот е отворен, очекуваме контрола од Бирото за јавни набавки и пред велигденските празици сите лекови да бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци, рече денеска Клековски, во одговор на на новинарско прашање зошто од 12 март недостига дел од терапијата за онколошките пациенти.
Скопје - Јавното претпријатие за државни патишта изминатите седум дена започна пилот проект со кој врши снимање на сообраќајната сигнализација на 750 километри патишта во државата.
Со специјалното возило ангажирано во рамки на адаптивното одржување на РАМС системот, соопштија денеска од ЈПДП, се собираат податоци за сигнализацијата кои се внесуваат со дигитални координати, а преку системот за фотограметрија точно се гео-референцираат. По завршување на снимањето податоците ќе се обработат и ќе бидат внесени во РАМС системот, кој ќе биде всушност катастар на сообраќајната сигнализација на државните патишта.
Скопје - Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонијо Милошоски и членови на ова работно тело на Собранието оствариле средба со претседателката на Државниот збор на Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, на вториот ден од нејзината посета на земјава.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, на средбата биле разменети мислења за повеќе аспекти од соработката меѓу нашата земја и Република Словенија, со акцент на константната словенечка подддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија, како и за целиот процес на проширување на Европската Унија.
Скопје - Зголемениот капитациски бод во примарното здравство ќе го зголеми бројот на матичните лекари и ќе го намали нивниот одлив во странство, а следните чекори треба да бидат фокусирани на соодветно прераспределување на кадарот и на опремата, како и зголемени ингеренции со цел што помалку пациенти да се препраќаат во терцијарното здравство, оценија учесниците на панел дискусијата „Влијанието на зголемувањето на капитацијата врз примарната здравствена заштита“, што се одржа денеска во Владата.
Со неодамнешната владина одлука капитацискиот бод на матичните доктори од општа медицина и гинекологија се зголеми од 75 на 100 денари, или за 33 проценти, додека за матичните стоматолози предвиден е раст од 23 насто, односно од 61 на 75 денари.
Скопје - Пред Судскиот совет денеска свечени изјави дадоа новоизбраните претседатели на основните судови во Кочани, Гевгелија, Кавадарци и на апелационите судови во Битола и во Гевгелија.
Престедател на Основен суд Кочани е Спиро Борисов, судија на Основен суд Кочани, за претседател на Основен суд Гевгелија е избрана Маја Аврамова, судија на Основен суд Гевгелија, и претседател на Основен суд Кавадарци е Елизбета Петковска, судија на Основен суд Кавадарци.
Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе постапка против вкупно 43 лица кои со различни дејствија на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со „брзи кредити“.
ОЈО Скопје соопшти дека за четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.
Струга - На следните рочишта закажани за јуни се очекува завршница во судските процеси против струшкиот градоначалник Рамис Мерко за незаконско поставување директори на повеќе училишта во општината.
На барање на судечкиот судија Јордан Јованов, поради непојавување на претходните рочишта, денеска во судницата со полициска асистенција беа донесени сведоците за незаконски поставените директори на училиштата во Радолишта, Подгорци и Лабуништа.
Скопје - Претседателот на Основен суд Кочани, Спиро Борисов денеска во изјава за медиумите истакна дека во тек е истражната постапка и дека се постапува по изјавени жалби на судии на претходна постапка во врска со пожарот во дискотеката во Кочани која се случи на 16 март и во која животот го загубија 61 лице, а беа повредени околу 200.
-Во тек е е истражна постапка. Се постапува по изјавени жалби на одлуки на судии на претходна постапка и тоа е во моментов што можам да ви го дадам како изјава, рече Борисов.
Скопје - Уште еден од повредените лица во пожарот во Кочани, кој беше на лекување во Бугарија, денеска се враќа во земјава, соопшти Министерството за здравство.
Во странство, во моментот се хоспитализирани 55 пациенти. Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти
Скопје - Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасните (ЦОВ) денеска ја презентираа Стратегијата за образование на возрасните 2025-2030, која треба да овозможи поголема продуктивност на населението и развој на општеството.
Министерката Весна Јаневска истакна дека стратегијата се базира на концептот на доживотно учење што, рече, е многу важно за активирање на возрасното невработено население во државава и за стекнување вештини кои ги бара новото време и технолошкиот развој.
Скопје - Од 3 април до 14 мај е отворен првиот пакет на претстојни повици во рамки на програмата „Дигитална Европа“ на Европската комисија за 2025 година кој се однесува на дигиталните иновациски хабови. Министерството за дигитална трансформација денеска го распиша Повикот за дигиталните иновациски хабови од земјава кои се заинтересирани да станат дел од мрежата Европски дигитални иновациски хабови (EDIHs) со фокус на вештачка интелигенција (ВИ).
Сите заинтересирани хабови до 03.05.2025 година на digital.europe@mdt.gov.mk треба да испратат елаборат со потребните податоци кои се објавени на веб страницата на МДТ.
Скопје - Министерот за транспорт Александар Николоски денеска заедно со заменик министерката Калтрина Зеколи Шакири оствариле работна средба со ЗЕЛС.
- Започнуваме со изработка на нова унифицирана постапка за поставување на урбана опрема за сите општини, објави на неговиот фесјбук профил министерот Николоски.
Скопје - Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања на денешната седницата ја заврши Проверката на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 55/2025).
Согласно гласањето на членовите на Комисијата, од пријавените 37 кандидати, поминаа 24, додека на 13 од пријавените кандидатурите им беа одбиени поради немање на комплетна документација која се бараше согласно условите на Јавниот конкурс.
Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генерал штабот на Армијата, генерал Сашко Лафчиски денеска присуствуваат на вежбата „Seven Stars 25“ која се реализира во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес каде е сместена и Командата на Бригадата на Југоисточна Европа - СЕЕБРИГ, додека теренските вежби се одржуваат на Армискиот полигон Криволак.
-Денеска можевме да видиме како заеднички се справуваат со сите ризици, но и симулација како се справуваат. Вежбата продолжува на Криволак, каде ќе видиме и теренски активности. Преку 200 луѓе директно учествуваат во оваа вежба, и може да видиме како заеднички се справуваат со сите несакани појави, но и потоа како да се воспостави мир што е многу важно, изјави Мисајловски по симулациската вежба.
Брисел - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со поддршка на Европската Унија изработи програма „Go Digital“, вредна 377 милиони евра, наменета за дигитализација на малите и средни претпријатија од Западниот Балкан со цел поттикнување на иновациите и растот во приватниот сектор.
Програмата ќе ги нуди овие средства за малите и средни претпријатија од регионот на Западен Балкан преку заеми, грантови и техничка помош за инвестиции во дигитализација, автоматизација и зелени технологии.
Тирана - По прототипот на првото оклопно воено возило „Шота“, произведено минатата година, Албанија во текот на оваа година ќе произведува и други оклопни возила кои ќе им служат на вооружените силина земјата, но и ќе извезува.
-Ние соработуваме со странски компании и оваа година веруваме дека ќе произведеме неколку возила „Шота“. Тоа нема да биде само прототип, туку возило што дејствува на терен“, изјави за А2 Арјета Пуца, сопственичка на компанијата „ТИМАК“.
Според неа, мирот во светот е кревок, па и другите земји се заинтересирале за воена опрема што ќе се произведува во Албанија.
Белград - Српската полиција презеде денеска акции со цел апсење лица кои учествувале во уништувањето трактори поставени околу Пионирски парк во Белград на 15 март, јави дописникот на МИА од Белград.
Акцијата се спроведува по наредба на Вишото јавно обвинителство. Лицата кои ќе бидат уапсени се осомничени за кривично дело насилничко однесување на јавен собир, јави РТС.Засега нема информации колку луѓе од претпладнево се приведени. Речиси сите трактори што беа паркирани неколку денови пред митингот на 15 март на кој повикаа студентите во блокада беа оштетени или уништени.
Брисел - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со поддршка на Европската Унија изработи програма „Go Digital“, вредна 377 милиони евра, наменета за дигитализација на малите и средни претпријатија од Западниот Балкан со цел поттикнување на иновациите и растот во приватниот сектор.
Програмата ќе ги нуди овие средства за малите и средни претпријатија од регионот на Западен Балкан преку заеми, грантови и техничка помош за инвестиции во дигитализација, автоматизација и зелени технологии.
Брисел - Европската унија објави Повик за изразување интерес за мобилизирање приватни инвестиции во Западен Балкан, со цел да се поддржи економскиот развој на регионот и неговата интеграција во единствениот пазар на ЕУ, соопшти денеска Европската комисија.
Поканата беше објавена на Самитот Aдрија 2025 во Црна Гора синоќа, што значи дека компаниите од ЕУ, Европската економска област и Западен Балкан се поканети да поднесат предлози за инвестициски проекти, а крајниот рок за аплицирање е 21 мај 2025 година.
Лондон - Затворите во Англија и Велс се соочуваат со пренатрупаност, поради што владата размислува за реформи во казнената политика што треба да го намалат бројот на затвореници за повеќе од 10 отсто до 2028 година.
Според Скај њуз, независната ревизија на политиката за казнување, предводена од поранешниот министер за правда Дејвид Гаук, ќе предложи неколку клучни промени, вклучувајќи ограничување на употребата на кратки казни, поширока употреба на алтернативни санкции и намалување на бројот на жени во затворите.
Рим - Католичката црква в недела влегува во најактивната седмица од годината со одбројување до Велигден, но папата Франциск останува надвор од очите на јавноста откако преживеа пневмонија, а не е јасно дали и како ќе може да учествува во одбележувањето на најважниот христијански празник, јавија италијанските медиуми.
Лекарите му препишале на 88-годишниот папа Франциск два месеца одмор за да оздраве целосно, што значи дека тој би можел да помине многу, па дури и цела Света недела, кога христијаните ќе се сеќаваат на Исусовите маки, смртта и воскресението, далеку од јавноста.
Брисел - Заедничкиот истражувачки центар (ЈРЦ) на Европската комисија денеска во белгискиот град Хел отвори Лабораторија за гранична безбедност, која е замислена како мрежа за соработка на агенциите за спроведување на законите во ЕУ.
Новата институција ќе ги поврзе постојните лаборатории на ЈРЦ, како оние за откривање траги на експлозиви, за воздухопловна безбедност, за наркотици, за нанобиотехнологија и за справување со беспилотни летала, со задача да развијат и тестираат нови технологии за управување со границите и да обезбедат обука за службениците за гранична безбедност.
Брисел - Договорот за украинските минерали беше предложен од САД, преговорите продолжуваат утре во Вашингтон, изјави денеска на прес-конференција во Брисел украинската вицепремиерка Олга Стефанишина одговарајќи на прашања.
Таа додаде дека текстот треба да се смени за да не влијае на претходно преземените обврски на Киев. Според неа, оваа состојба на Киев не подлежи на преговори.
Равена - Италијанскиот град Равена се подготвува да ги пречека британскиот крал Чарлс и кралицата Камила, кои ќе му се придружат на италијанскиот претседател Серџо Матарела на одбележувањето 80-годишнината од ослободувањето на тој дел од Италија од нацизмот.
Во историскиот центар на градот, вклучувајќи ги Плоштадот на народот (Пјаца дел Пополо), плоштадот Сан Франческо и Гробот на Данте Алигиери, насобраните граѓани ќе ја пречекаат кралската двојка, носејќи италијански и британски знамиња, како и транспаренти со слики на кралот Чарлс и покојната кралица Елизабета Втора.
Вашингтон - Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, денеска изјави дека нема да соработува со новинари кои во своите мејлови ги наведуваат заменките со кои сакаат да им се обраќаат или го нагласуваат нивниот родов идентитет.
„Секој новинар кој ќе избере да вметне произволни заменки во биографијата, очигледно не се грижи за биолошката реалност или вистината и затоа не може да му се верува да напише искрена приказна“, изјави Ливит за „Вашингтон пост“.
Анкара - Турција и Израел имаа „технички разговори“ со цел спречување на судир помеѓу нивните трупи во Сирија, изјави денеска неименуван претставник на турското Министерство за одбрана.
Израел е загрижен поради зголемувањето на турското воено присуство во Сирија. Турција ја поддржува и новата сириска влада и планира изградба на заедничка турско-сириска воена база за обука.
Хаг - Судан денеска пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП) соопшти дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ја прекршуваат конвенцијата за геноцид со вооружување и финансирање на бунтовничките бунтовнички судански Сили за брза поддршка (РСФ), што Емиратите го негираат.
Судан бара од МСП да донесе итни привремени мерки, вклучително и наредба на ОАЕ да ги спречат злосторствата во суданската двегодишна граѓанска војна.