• недела, 22 декември 2024
МИА Радио флеш

4 септември 2023

- Од влезот во НАТО, Северна Македонија презеде важни чекори за спроведување на своите одбранбени реформи. За три години Северна Македонија постигна импресивно ниво на воена интеграција во НАТО, посочи на денешната  прес-конференција претседавачот со Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, кој е во посета на нашата држава. Адмиралот Бауер на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека покрај придонесите што нашата држава ги дава на Алијансата, како што е поддршка за борбените групи во Бугарија, Латвија и Романија и на Косово, трупите на Северна Македонија служат под знамето на НАТО во мировна мисија.

- Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејствија за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, и во тој контекст информираат дека веќе се издадени соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите, како и дека истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија.

 - Фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент, оценува претседателот на државата Стево Пендаровски по последните случувања на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.   

 - Секој еден кој бил инволвиран, без разлика на позиција, ќе одговара. Посебен тим од Крим полиција работи во координација со Основното јавно обвинителство, направен е целосен план во однос на постапување и интензивно се работи на прибирање на информации, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за случајот со Клиниката за онкологија.  

- Демократската унија за интеграција со голема загриженост ги следи случувањата околу сомнежите за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Демократската унија за интеграција бара надлежните институции, особено обвинителството итно и темелно да ги истражат сите наводи за сериозна злоупотреба над животот и здравјето на пациентите.

- Низата информации кои беа објавени во јавноста јасно укажуваат дека криминалот на Онкологија не бил возможен без инволвираност на највисоки политички инстанци. Со назначувањето на д-р Нино Васев за директор на онкологија, во моментот кога владата ја доби СДСМ, тој го исклучил КАТО системот чија цел е строга контрола на влезот и излезот на лекови од системот. Како една од неговите први постапки како директор на клиниката, тој овозможил неконтролиран излез на лековите од системот и дупка од 20 милиони евра во буџетот на клиниката!, соопшти Левица.

- Демократскиот сојуз бара политичка и кривична одговорност од „мултиетничката“ Влада поради загрозување на животот на голем број пациенти во Клиниката за онкологија, со кражбата на терапијата и нејзиното продавање на црниот пазар. Кривична одговорност мора да сносат сите што биле вклучени во овие грозоморни „убиства“ на пациентите, но без политичка одговорност на премиерот и министрите, ваков вид злосторства и натаму ќе се повторуваат, велат од ДС.

 - Социјалистичката партија на Македонија жестоко реагира на димензиите на монструозниот случај во клиниката за онкологија и криминалната организирана трговија со цитостатици. Овој скандал значи целосен морален и организациски колапс на здравствениот систем затоа што ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за нечија лична корист, а цената за тоа е свесно убиство на пациентите, велат од СП.

- Во некогашното основно училиште во Кучково, во Општина Ѓорче Петров, денеска ќе биде означен почетокот на проектот „Приказната продолжува“, со кој овој објект ќе биде реконструиран и преадаптиран во регионален центар за рехабилитација на деца кои преживеале канцер.

- Бројни меѓународни претставници меѓу кои пет поранешни претседатели, двајца поранешни премиери, поранешни министри како и повеќе актуелни членови на парламенти ќе учествуваат на Форумот за културна дипломатија-Скопје 2023 што од денеска до 6 септември ќе се одржи во Скопје, чиј домаќин е поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

- Граѓани ќе протестираат во Скопје поради случајот со Клиниката за онкологија. Како што е соопштено, протестот ќе почне од 18 часот пред Влада, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство.  

 - Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија денеска во Скопје ќе биде домаќин на 12-та сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Северна Македонија и Западен Балкан низ призмата на новата политика на ЕУ за миграции и азил“, во организација на Европското движење.  

 - Германската компанија за напредни батериски системи БМЗ ќе инвестира 64,9 милиони евра во Скопје, инфирмираат за МИА од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ). Инвестицијата ќе се реализира во ТИРЗ Скопје 2.     

-  Од вкупно 34 пожари на отворен простор два се сѐ уште активни, но со намален интензитет, информираат од Центарот за управување со кризи. Станува збор за пожарите во Општина Прилеп кај село Тополчани, каде што гори ниска вегетација, и во Општина Гевгелија кај село Селемли каде што гори мешена шума.    

- Земјотресот со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван изутрината во 9 часот и 31 минути во Делчево, Тработивиште и околината, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Епицентарот на земјотресот бил на 140 километри источно од Скопје во соседна Бугарија, со локална Рихтерова магнитуда ML3.3.

 - По покана од претседателот Бајрам Бегај во дводневна официјална посета на Албанија денеска и утре ќе престојува неговата косовска колешка Вјоса Османи. Според кабинетот на Бегај, Османи со високи државнички почести ќе биде пречекана во 10 часот, а по средбата со нејзиниот домаќин, следува средба на делегациите на двете земји, по што ќе одржат заедничка прес конференција.    

 - Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека одлучил да го разреши министерот за одбрана Олексеј Резников и да побара од парламентот да го замени оваа недела со Рустем Умеров, шеф на најважниот украински приватизациски фонд. Најавата за разрешување што Зеленски во своето ноќно видео обраќање до нацијата може да го потресе украинскиот одбранбен естаблишмент, најсериозно од почетокот на руската инвазија, јавија запдни медиуми.    

 – Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска во Сочи ќе разговара со својот руски колега Владимир Путин за одржливоста на Црноморскиот договор за жито под новите услови на ОН.     

– Русија изврши воздушен напад во текот на ноќта врз едно од главните украински пристаништа за извоз на жито, само неколку часа пред планираната средба помеѓу рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, соопштија украинските власти.    

– Тајфунот Хаикуи го погоди Тајван со поројни дождови и силен ветер, оставајќи најмалку 226.000 домаќинства без електрична енергија и голем број повредени, соопштија денеска властите.      

– Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ денеска ќе го прими црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, а главни теми на разговорот ќе бидат решавањето на отворените прашања меѓу двете земји и низа други теми, од позицијата на Хрватите до ЕУ и НАТО, соопшти Кабинетот на Милановиќ.     

 

 

Остани поврзан