• четврток, 26 март 2026
МИА Радио флеш

29 април 2025 

Скопје - Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска пред Јавното обвинителство во Скопје повикаа на одговорност и побараа оставки од сите одговорни и формирање на експертска влада. 

Владимир Апостолов, од име на семејствата, рече дека за трагичната несреќа се виновни сите досегашни структури во државата. Сите да си дадете оставки, рече Апостолов.

Дел од семејствата влегоа во зградата на Јавното обвинителство од каде вчера беше упатен повик за средба со државниот јавен обвинител и со обвинителите кои ги водат предметите за овој случај. 

Скопје – Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани од пред Собрание се упатија кон Министерството за внатрешни работи, каде се очекува да имаат и средба со министерот Панче Тошковски.

Откако пред Собраните повикаа на одговорност и отставки од пратениците семејствата на загинатите, имаа средба со пратеници од Левица и СДСМ. Најпрво излегоа пратенците на Левица Борис Крмов и Јована Мојсоска, по што и пратениците од СДСМ, по што имаа разговор и со лидерот на опозицијата Венко Филипче.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на 46-тата собраниска седница на која се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, инфомираше дека министерот Тошковски ќе ги прими на средба семејствата на настараданите во пожарот.

Скопје – Во 16 часот денеска во просториите на „Алтернатива“ во Скопје се очекува да се сретнат лидерите на Коалицијата „Влен“ – Изет Меџити на Демократско движење, Биљал Касами на Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими на Алтернатива и независниот пратеник од Самоопределување Беким Ќоку, потврдија за МИА од Коалицијата.

На средбата се очекува да се разговара за формирање на новото раководство на „Влен“ која треба да се преточи во партија, кое ќе биде составено од 23 члена.

Скопје - По повод 29 април – Денот на македонската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, упати честитка преку социјалните мрежи.

Во објавата, министерот потсети дека македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство, формирано во 1969 година, како прв институционален облик за водење на надворешната политика.

Скопје - Делегацијата од ВМРО - ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата Христијан Мицкоски, која е на дводневниот Конгрес на Европската народна партија (ЕПП), што се одржува во Валенсија, Шпанија, денеска учествувала на панел во организација на ЕПП, посветен на одговарањето на демографската криза, тема која бара итно внимание и заеднички ангажман за обезбедување одржлива иднина за граѓаните на Европа.

- Панелот ги покри темите поврзани со поддршка на мајките, децата и семејствата, како и домувањето за младите, даночната политика, изградбата на нови градинки, намалувањето на иселувањето и депопулацијата. Се очекува утре конгресот на ЕПП да донесе посебна резолуција за демографијата, објави претседателот на ВМРО - ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил.

Скопје - Турција изразила подготвеност да прими и до 15 пациенти од трагедијата во Кочани за долготрајна рехабилитација, над година дена и тоа да биде бесплатно, информираше денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Таравари рече дека со премиерот Христијан Мицкоски имале подолг состанок со министерот за здравство на Турција, а една од темите била и трагедијата во Кочани.

- Се заблагодарив за тоа што направија таму за нашите пациенти. Изразуваат подготвеност да третираат уште 10 до 15 пациенти на кои ќе им треба долготрајна рехабилитација, над година дена и тоа да биде бесплатно. Во моментот, можеме четири до шестмина пациенти веднаш да ги испратиме, доколку има потреба. Со тек на време, до максимум петнаесет. Тоа е многу добра вест, рче Таравари, одговарајќи на новинарски прашања.

Скопје - Ако Украина чека толку колку што Северна Македонија чека почеток на преговори со ЕУ, тогаш Украина би ги започнала преговорите во 2045 година. Таа е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина, вели во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос.

Таа, во интервјуто за РСЕ направено пред нејзината посета на Србија, изрази надеж дека до крајот на нејзиниот мандат како еврокомесарка, позиција што ја презеде во септември 2024 година, Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на Европската Унија.

Скопје – Транспонирање на Директивата за претставнички (колективни) тужби и за Заштита на колективните интереси на потрошувачите е целта на експертскиот форум во рамки на проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“, организиран од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ).

Како што истакна претседателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова, македонските потрошувачи во овој момент имаат помалку права од европските заради бидејќи се уште не е транспонирана Директивата за заштита на колективните интереси на потрошувачите. 

Скопје - Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски денеска остварил средба со амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте.

На средбата, како што објави Петрушевски на неговиот фејсбук профил, изразиле заедничко задоволство од развојот на политичкиот дијалог и билатералните односи меѓу нашите две земји.

- Ја истакнавме одличната соработка меѓу Владите и министерствата за внатрешни работи и ја потврдивме подготвеноста за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување. Упатив благодарност за досегашната силна поддршка и квалитетната соработка со Романија, која е на високо ниво, напиша државниот секретар во МВР.

Скопје - Има голем интерес за деветвалентната ХПВ вакцина и кај момчињата, новина што беше воведена во 2024 година. Од друга страна, незадоволителен е опфатот со МРП вакцината. Опфатот со оваа вакцина во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар бил под 60 - 70 отсто, што доведува во висок ризик од појава на епидемија со морбили.

Овие информации ги сподели денеска национаналниот координатор за имунизација на Република Северна Македонија, Александра Грозданова, на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Скопје.

- Ниеден родител не треба да се соочи со болест како што се пертусис и морбили, болести што на оваа територија кај нас ги имавме последните неколку години, токму поради намалување на опфатот за овие две вакцини, подвлече Грозданова во изјава за медиумите.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денеска дека „не очекува ништо“ од посетата на европската комесарка за проширување, Марта Кос, јави дописникот на МИА од Белград.

„И што јас лично очекувам: не очекувам ништо. Се надевам на малку повеќе објективност од луѓето од Брисел, а дали нешто очекувам нешто - не очекувам ништо“, рече тој.

Белград - Меѓународната организација Амнести Интернешнл во нов извештај наведува дека правото на мирно собирање е под силен напад во Европа, бидејќи државите се повеќе ги стигматизираат и криминализираат мирните демонстранти, со произволни апсења и употреба на прекумерна сила во некои земји, вклучително и во Србија, јавија белградските медиуми.

Во извештајот за Србија, АИ оценува дека демонстрантите и новинарите се соочиле со заплашување, вознемирување и злонамерни тужби затоа што мирно се занимавале со прашања од јавен интерес.
„Демонстрациите, особено еколошките протести, беа силно полициски контролирани, а учесниците беа подложени на прекумерна употреба на сила и произволни апсења“, се вели во извештајот за 2024 година.

Рим - Италијанскиот кардинал Анџело Бечиу, највисокиот функционер на Католичката црква некогаш суден пред кривичниот суд на Ватикан, изјави дека нема да учествува во конклавата за избор на нов папа.

Бечиу беше осуден на пет и пол години затвор од страна на ватиканскиот суд во декември 2023 година. Тој негира сè и е слободен до крајот на жалбената постапка.

„Имајќи ја предвид благосостојбата на Црквата... решив да ја послушам, како што секогаш сум правел, волјата на папата Франциск и да не влегувам на конклавата, сепак останувајќи убеден во мојата невиност“, рече кардиналот.

Валенсија - Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани повика на итен прекин на огнот во Украина, велејќи дека тридневното примирје објавено од Русија е „бесмислено“.

„Тридневното примирје кое потоа е прекршено во 200 случаи е бесмислено“, рече Тајани на маргините на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), објави италијанската новинска агенција АНСА.

Тајани истакна дека предлогот на САД за прекин на огнот оди во сосема поинаква насока и дека Италија ја поддржува таа иницијатива.

Брисел - Се уште ја чекаме целосна проценка за причините за вчерашниот прекин на електричната енергија во Шпанија и Португалија, но она што сега го знаеме дека е исклучена можноста за кибер напад, изјави главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо. 

- Засега немаме понатамошни коментари за тоа, истакна Пињо, додавајќи дека во оваа фаза Европската комисија се уште не е во позиција да извлече конкретни заклучоци за причините за прекинот на струја на Пиринејскиот Полуостров и се чека експертското мислење. 

Според портпаролката на Европската комисија за подготвеност Ева Хрнчирова, во моментов се работи на целосно враќање на ситуацијата во Шпанија и Португалија во нормала, согласно утврдените протоколи. 

Дамаск – Најмалку 13 лица загинаа во судири што синоќа и утрово се случија во предградието на сирискиот главен град Дамаск, соопштија локални спасувачки екипи.

Судирите почнале во текот на ноќта кога вооружени лица од блискиот град Малиха и други претежно сунитски области се собрале во градот Џарамана, претежно населен со друзи, југоисточно од Дамаск, велат безбедносни извори.

Според локални извори, судирите биле предизвикани од наводна снимка на маж од друзите како го проколнува пророкот Мухамед, што ги налутило сунитските вооружени лица.

Каиро – Израелски преговарачки тим за заложници, предводен од министерот за стратешки прашања Рон Дермер, синоќа пристигна во Каиро, соопшти арапски функционер за „Тајмс оф Израел“.

Дермер синоќа се сретнал со шефот на египетското разузнавање Хасан Рашад за да дискутираат за разговорите за заложниците и борбите во Газа, јавија египетските медиуми.

Тимот останува во Египет, и покрај оптимистичките извештаи во арапските медиуми. Израелските претставници продолжуваат да негираат дека има некаков поголем напредок.

Москва – Руското Министерство за правда го прогласи познатиот екологист Владимир Сливјак за странски агент, откри Сливјак во соопштение за медиумите објавено денеска од германската еколошка организација Ургевалд.

- Мојата класификација како „странски агент“ уште еднаш го покажува големиот страв од граѓанското општество што го чувствува рускиот режим, рече Сливјак. Министерството ја објави својата одлука во петокот, образложувајќи го потегот врз основа на критиките на Сливјак за инвазијата на Украина.

Сливјак стана познат по кампањата против транспортот на нуклеарен отпад. Организацијата „Екодифенс“ што ја основа беше една од првите што беа наведени како „странски агент“ во 2014 година.

Вашингтон - Милијардерот и сопственик на компанијата „Икс.аи“, Илон Маск, го најави објавувањето на бета-верзијата на моделот за вештачка интелигенција (ВИ) „Грок 3.5“, кој ќе може прецизно да одговори на сложени технички прашања, вклучувајќи ги и тие за ракетна наука и електрохемија.

„Следната недела, „Грок 3.5“ ќе биде во рана бета-верзија, достапен само за претплатници на СуперГрок. Ова е првата вештачка интелигенција што може точно да одговори на технички прашања за ракетни мотори или електрохемија“, напиша Маск на Икс.

Пекинг – Враќањето на тројцата кинески астронаути на Земјата е одложено поради неповолни временски услови.

Астронаутите Цаи Суже, Сонг Лингдонг и Ванг Хаозе, кои требаше да слетаат денеска во Донгфенг, северна Монголија, по шест месеци поминати во вселената, ќе мора уште да почекаат поради лошите временски прилики.

Според официјалните информации на кинеската агенција Синхуа, одлуката за одложување е донесена со цел да се „гарантира здравјето и безбедноста на астронаутите“.

Пекинг – Најмалку 22 лица загинале, а тројца се повредени во пожар во ресторан во северниот кинески град Лиjаојанг, соопштија локалните власти.

Не е наведена причина за пожарот.

Како што пренесе Бета, голем број регионални политичари ветиле дека истрагата ќе биде целосна и оти одговорните ќе бидат строго казнети.

Лијаојанг е во „појасот на ’рѓа“, поранешен индустриски центар кој западна во тешкотии, со огромен одлив на население.

Остани поврзан