МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
8 јануари 2025
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе престојува во посета на општина Штип.
За време на посетата, Мицкоски ќе присуствува на пуштањето во употреба на клон од детската градинка „Вера Циривири Трена“ и спортска балон сала во рамки на подрачното училиште ОУ „Гоце Делчев" во населеното место Три Чешми.
Изградбата на клонот на детската градинка е финансирана од буџетот на Општина Штип во вредност од 2.500.000 денари и со неа се овозможува згрижување на околу 40 деца од Три Чешми.
Спортската сала во рамки на подрачното училиште ОУ „Гоце Делчев“ е финансирана пред една година од остатокот од блок дотациите на Министерството за образование и наука во буџетот на Општина Штип. Вредноста на проектот е повеќе од 10.000.000 денари.
Брисел – Во „Капелата за Европа“ во Брисел синоќа беше одржана Божиќна литургија со која Македонците што живеат од Белгија го чествуваа христијанскиот празник Рождество Христово – Божик.
Литургијата, која се одржа во организација на Македонската православна црковна општина „Св. Илија – Св. Архангел Михаил“ од Брисел, заврши со читање на Божиќното послание на поглаварот на МПЦ-ОП, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
Присутните верници имаа можност и да се причестат, а им беше поделена и осветена вода.
По Литургијата, во просториите на Капелата беше организирана и коктел закуска на која беа делени и мали погачици и во една од нив се наоѓаше паричка, со што беше одбележана уште една божиќна традиција.
Ова е втора година по ред како се одржува Божиќна литургија за Македонците во Брисел, по минатогодишната која беше организирана по пауза од четири години благодарение на ангажманот и залагањето на македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски.
Скопје - Во петок пратениците се враќаат на работа, а на првата пленарна седница закажани се интерпелациите за првиот вицепремиер Изет Меџити, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Иљире Даути.
Почетокот на 29-тата седница, според информациите од веб страницата на Собранието, е закажан во 11 часот.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на 26 декември рече дека за секоја интерпелација ќе се разгледува посебно и дека може да се дискутира цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. Сепак, на крајот на денот мора да се гласа.
Прилеп - Во 2025 година, преку придобивките од патиштата треба да му се случи „експанзија“ не само на стопанскиот сектор на пелагонискиот регион, туку и на социјалниот и на секојдневниот живот проследен со безбедно патување. Во пелагонискиот регион со нетрпение се очекува ветената изградба на експресниот пат Градско-Прилеп, во 2025 година, а потоа и на автопатот Прилеп-Битола, што треба да биде готов во 2027 година. Регионот ќе го добие поврзување со другите региони во земјава и преку граничниот премин Меџитлија (кај Битола), излез во Грција и на Егејското море. Широчина на современото живеење што само инфраструктурата може да ја понуди.
Ветено е завршувањето на експресниот пат Градско-Прилеп. Се работеше во етапи, се стигнува до конкретни показатели: во 2025 година експресниот пат ќе биде готов.
Бeлград - Студентите кои организираат блокади во Србија ги повикаа граѓаните да им се придружат в недела, на 12 јануари, на протест пред Уставниот суд во Белград.
„Ние студентите во блокада ве повикуваме да се придружите на протестот во недела на 12 јануари во 16 часот пред Уставниот суд и да не поддржите. Во последните недели бевме сведоци на кршење на Уставот и затоа ние решивме симболично да се собереме пред зградата на Уставниот суд и да го изразиме нашето незадоволство“, се вели во соопштението на студентите.
„Иако можеме да избереме кој било ден за протестот, решивме да биде недела за да ни се придружите и вие работниците. Тоа што и вработените во Уставниот суд тој ден не се во зградата не ја намалува важност на нашето дејствување - Уставот важи секој ден и затоа е важно во секое време да се потсетуваме на нашите права кои со него се загарантирани“, се наведува во соопштението.
Софија - Со назнака - „неофицијално“ - бугарските медиуми утрово објавија дека одлучено да се обноват преговорите меѓу ГЕРБ, „Демократска Бугарија“, „БСП – Обединета левица“ и „Има таков народ“ за состав на влада на таа држава.
Разговорите ќе се водат до петок и ќе бидат интензивни, јави БНТ.
Информацијата е објавена откако ГЕРБ-СДС на 5 јануари соопшти дека ги завршуваат преговорите за формирање влада.
Од седиштето на партијата испратија порака во која соопштија дека не е постигнат договор со „Демократска Бугарија“ за кадровскиот состав на идната влада и името на кандидатот за премиер.
Букурешт - На 100.000 луѓе од земји кои не се членки на ЕУ во последните години годишно им се дава право на работа во Романија, но голем дел од нив не остануваат трајно во земјата.
Во 2025 година Романија повторно ќе издаде работни дозволи за 100.000 странски работници во потрага по решение за кризата на пазарот на трудот. Исто толку биле ангажирани и лани, но околу 65.000 од нив си заминале.
Во текот на изминатите четири години, Романија дозволи 350.000 работници кои не се членки на ЕУ да влезат на нејзиниот пазар на труд. На крајот на 2024 година записите покажуваат дека од нив останале 150.000.
Париз - Американскиот државен секретар во заминување Ентони Блинкен денеска ја започна посетата на Париз во која ќе ја добие највисоката чест на Франција и ќе побара понатамошна координација за турбулентниот Блиски Исток.
Блинкен ќе се сретне со претседателот Емануел Макрон, кој ќе го одликува со Легијата на честа, највисокиот француски орден за заслуги.
Блинкен, исто така, ќе се сретне со министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро на разговори фокусирани на Блискиот Исток, вклучително и Сирија, каде што силите предводени од исламистите минатиот месец го соборија долгогодишниот владетел Башар ал Асад.
Лондон – Обилниот дожд предизвика поплави во делови од Англија, а поради снегот привремено се затворени аеродромите во Манчестер и Ливерпул, северозападна Англија и во Абердин, североисточна Шкотска
Изминатите денови беа издадени над 200 предупредувања за опасност од поплави откако се излеаја реките.
Предупредување за поплави опасни по животот е издадено за реката Соар во Лестершир.
Неколку железнички линии и главни патишта исто така беа затворени поради влажни и замрзнати површини, додека снегот и мразот предизвикаа прекини во северна Англија и Шкотска.
Лос Анџелес - „Рил ин“ - култен ресторан со 36-годишна традиција во Малибу, Калифорнија, САД изгорел вчера во пожарите коишто ја зафатија областа. Во известувањето објавено на „Инстаграм“, сопствениците Теди и Енди Леонард изразија тага и неизвесност за својата иднина.
„Срцето ни е скршено и не знаеме што ќе остане од сѐ ова... Се надеваме дека државните служби ќе ни дозволат да го обновиме (ресторанот) кога состојбата ќе се смири“, се вели во објавата.
Ниеден вработен во угостителскиот објект не е повреден.
Газа – Министерството за здравство во Појасот Газа соопшти дека во синоќешните израелски воздушни напади зафгинаа најмалкуи 18 луѓе, од кои осум деца.
- Телата на осум деца беа донесени до болницата Насер, изјави директорот на детското одделение Ахмед ал Фара.
Во нападите врз градот Хан Јунис уништени се две куќи и еден автомобил.
Изралекста армија се уште не ги коментирала нападите.
Отава - Канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо ја отфрли изјавата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека може да употреби „економска сила“ за да ја направи Канада 51-та американска држава.
-Нема шанси Канада да стане дел од Соединетите Држави. Работниците и заедниците во двете наши земји имаат корист од тоа што меѓусебно се најголеми трговски и безбедносни партнери, рече Трудо во објавата на „Х“.
Претходно, канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли рече дека коментарите на Трамп „покажуваат целосно недоразбирање на она што ја прави Канада силна земја“, додавајќи дека Канада „никогаш нема да потклекне пред заканите“.
Вашингтон – Одликуваниот американски војник Метју Ливелсбергер, кој загина во експлозија на „Тесла сајбертрак“ пред хотелот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Лас Вегас, користел генеративна вештачка интелигенција, вклучително и „ЧетЏиПиТи“ (ChatGPT) во планирањето на нападот, соопшти полицијата во Лас Вегас.
Сè уште се испитуваат лаптопот, мобилниот телефон и часовник на 37-годишниот Ливелсбергер, кој пукаше во себе пред да експлодира камионот. Тој на интернет барал информации за експлозиви, за одредена муниција и дали огнометот е легален во Аризона.
Во експлозијата полесно се повредени седум луѓе, но не оштетен хотелот „Трамп Интернешнл“.
Вашингтон - Западните медиуми ја коментираа прес-конференцијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој изјави дека не исклучува употреба на воена или економска принуда за да се добие контрола над Панамскиот канал и Гренланд. Тој, исто така, ја демонстрираше својата намера да го преименува Мексиканскиот залив во „Заливот на Америка“, а неколку дена претходно предложи Канада да стане дел од САД.
Американскиот весник „Вашингтон пост“ пишува дека на прес-конференцијата Трамп уште еднаш ја покажал својата склоност кон чудни допирни точки меѓу темите за кои разговара, навреди, лажни изјави и хиперболи. Според весникот, тој направил мрачна слика за моменталната состојба на земјата, нарекувајќи ги САД „страшно место“ и давајќи бројни неточни тврдења за политиките на администрацијата на претседателот Џо Бајден.
Вашингтон - Американскaтa потпретседателка Камала Харис планира да го заврши својот мандат со посети на Сингапур, Бахреин и Германија, соопшти нејзиниот кабинет.
Патувањето, планирано да трае од 13 до 17 јануари, ќе биде последна можност за Харис да работи на предизвиците на американската надворешна политика пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на 20 јануари.
Иако таа не ги откри нејзините следни чекори по поразот на претседателските избори, посетите сугерираат дека Харис можеби ќе сака да продолжи да игра улога на светската сцена. Исто така, постојат најави дека Харис може да се кандидира за гувернер на Калифорнија, јавија американските медиуми.
Лос Анџелес - „Рил ин“ - култен ресторан со 36-годишна традиција во Малибу, Калифорнија, САД изгорел вчера во пожарите коишто ја зафатија областа. Во известувањето објавено на „Инстаграм“, сопствениците Теди и Енди Леонард изразија тага и неизвесност за својата иднина.
„Срцето ни е скршено и не знаеме што ќе остане од сѐ ова... Се надеваме дека државните служби ќе ни дозволат да го обновиме (ресторанот) кога состојбата ќе се смири“, се вели во објавата.
Ниеден вработен во угостителскиот објект не е повреден.
Лос Анџелес - Шумски пожар беснее низ луксузниот дел на Лос Анџелес уништувајќи домови и предизвикувајќи сообраќаен метеж додека 30.000 луѓе се евакуирани.
Најмалку 510 хектари од областа Пацифик Палисадес меѓу Санта Моника и Малибу изгореа, соопштија властите, откако веќе предупредуваа за екстремна опасност од пожар поради силните ветрови по долга суша.
Американски медиуми јавија за голем број на куќи во пламен.
Пред пожарот, Националната метеоролошка служба го издаде своето највисоко предупредување за екстремни услови за пожар во поголемиот дел од округот Лос Анџелес од вторник до четврток. Во комбинација со ниската влажност и сува вегетација поради недостаток на дожд, условите се исклучително опасни, објавија властите.
Дакар/Нџамена - Лидерите на Сенегал и Чад изјавија дека протерувањето на француските војници од нивните територии е нивна суверена одлука, отфрлајќи ги приговорите на францускиот претседател Емануел Макрон.
Сенегал, Чад и Брегот на Слоновата Коска најавија повлекување на француските трупи минатиот месец, додека Париз смисли нова стратегија за намалување на француското воено присуство во Африка.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера на годишната средба со амбасадорите рече дека Франција „предложи на африканските шефови на држави да го реорганизираат нашето присуство“.
-Би сакал да кажам дека во случајот со Сенегал ова тврдење е целосно погрешно, рече сенегалскиот премиер Усман Сонко. „До денес, нема дискусија или преговори, а одлуката што ја донесе Сенегал произлегува од неговата единствена волја, како слободна, независна и суверена земја“, додаде Сонко.
Сеул – Судот во Сеул синоќа повторно издаде налог за апсење на претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-јол, кој е обвинет за бунт и беше изгласано негово отповикување. Демонстрантите и поддржувачите на Јун и денеска се пред претседателската палата.
Претседателската безбедносна служба минатата недела постави бодликава жица и барикади пред претседателската палата, блокирајќи го пристапот до Јун, кој одбива да се појави на распит.
Јун е под истрага за бунт поради неговото прогласување воена состојба на 3 декември, што ја шокираше Јужна Кореја и доведе до првиот налог за апсење на актуелен претседател. Против Јун се води уште еден судски процес пред Уставниот суд откако на 14 декември му беше изгласан отповик поради прогласувањето воена состојба.