МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
25 февруари 2025
Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши, од денеска до 27 февруари ќе предводи собраниска делегација во официјална посета на Обединетото Кралство, што се реализира врз основа на официјалната покана од Сер Линдзи Хојл, спикер на Долниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство и во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Во составот на делегацијата се: потпретседателот на Собранието Јован Митрески; претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Обединетото Кралство, Никола Мицевски; заменик-координаторката на ПГ на Коалицијата Европски фронт, Арбана Пашоли и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе оствари средба со претставник на Казанчи Холдинг Групацијата која изразува интерес за инвестиција во енергетиката од 1 милијарда евра.
Како што информираа од владината прес-служба, во 17:30 часот премиерот Мицкоски ќе одржи заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата со претставник на Казанчи Холдинг Групацијата.
Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат четири комисии - Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Комисијата за култура и туризам и Комисијата за финансирање и буџет.
Скопје - Собранието на Република Северна Македонија, според информациите од нивната веб страница, денеска треба да ги одржи продолженијата на 34 и 35 седница.
Во рамки на 35 седница, чиј почеток е закажан во 11 часот, пратениците треба да ги разгледаат предлог измените на Законот за минерални суровини, како и измените на Законот за заштита на потрошувачите и на Законот за вршење на сметководствени работи, сите по скратена постапка.
На 34 седница, останата е само една точка за разгледување, а тоа е Предлог одлуката за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Скопје - Во Собранието за денеска е закажана седница на Постојната анкетна комисија за слободите и правата на граѓаните, на која, според најавата од веб страницата на Собранието, треба да се одржи надзорната расправа за аерозагадувањето. Надзорната расправа е закажана иако претходно претседателот на Собранието донесе одлука ваква надзорна расправа да се одржи во Комисијата за здравство затоа што не биле испочитувани процедураните правила во Анкетната комисија за слободите и правата на граѓаните.
Скопје - Европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент, Томас Вајц денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Вајц ќе оствари средба со раководството на коалицијата „Влен“, а ќе се сретне и со Иванка Василевска, копретседавачка на МПК - РСМ и ЕУ и со лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Австрискиот европратеник во октомври лани беше именуван за нов известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Скопје - Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се очекува да биде усвоен на денешната владина седница. Како што соопшти вчера премиерот Христијан Мицкоски, постапката може да трае неколку недели или месеци, согласно законот.
Одговарајќи на новинарски прашања на вчерашната прес-конференција, за тоа дали на денешната владина седница ќе се разгледа и прифати предлогот за разрешувањето на Коцевски, појасни дека Владата не може да го разреши, туку може само да ја отпочне постапката.
Скопје - Во посета на Собранието денеска ќе престојува данската амбасадорка Перниле Деилер.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Деилер ќе има работна средба со Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања.
Скопје - Во Скопје денеска ќе се одржи завршна конференција за прекуграничниот проект „Премостување на родовиот и возрасниот јаз на пазарот на труд преку градење капацитети и промовирање нови можности за вработување во прекуграничниот регион - ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните местa“, во организација на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.
Скопје - Лекарската комора денеска свечено ќе додели лиценци за работа на доктори на медицина, на настан организиран по повод одбележување 20-годишен јубилеј од нејзината работа.
Скопје - Во организација на Прогрес Институтот за социјална демократија, денеска во Скопје ќе се одржи јавна трибина насловена „Гимназиското образование – Предизвици и перспективи“ .
На трибината, како што соопштија организаторите, ќе се анализира предложената нова концепција за гимназиско образование, ќе се отворат клучни прашања за квалитетот на образованието во земјава, a ќе се понудат и предлози за унапредување на постојната концепција, врз основа на успешни примери.
Скопје - По повод 90-тиот роденден на доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов, во Музејот на град Скопје вечер ќе биде отворена изложба „Сите деца на Родољуб Анастасов“ организирана од здружението „Архифакт“-Скопје. На изложбата ќе бидат претставени дела на 42 уметници.
Скопје - Во „Јавна соба“ во Скопје вечер ќе се одржи трибина за комуникациски вештини по принципите на Дејл Карнеги, под менторство на комуникацискиот консултант Борче Николовски.
Предавањето е наменето за млади претприемачи, искусни професионалци, маркетери, студенти, фриленсери и индивидуалци кои сакаат да ги подобрат своите комуникациски вештини и да ги освојат соговорниците со уметноста на убедувањето. Како што најавија организаторите, освртот е кон концизно пренесување идеи, самоуверен и убедлив говор, контрола на говорот на телото и решавање на несогласувања.
Струмица - Одбојкарскиот репрезентативец и член на ОК Струмица, Ефтим Ричлиев, е прогласен за најдобар спортист на Струмица за минатата година на синоќешната манифестација што се одржа во организација на Општинскиот сојуз на училишни спортови и под покровителство на општината.
Лондон - Британската влада нема да ја прифати идејата Русија да се врати во групата Г7, додека нејзините сили се наоѓаат на украинска територија, изјави портпаролот на британската Влада.
На прашањето дали Велика Британија може да и дозволи на Русија да се врати во групата седум индустриски најразвиени земји во светот, Г7, додека се уште под окупација ја држи украинската територија, портпаролот рече дека ставот на владата на Велика Британија останува непроменет.
Талин - Десетина европски министри за одбрана вчера се сретнаа преку видео-конференциска врска со својот украински колега за да ги координираат своите позиции во однос на американско-руската дипломатска офанзива со цел да се стави крај на војната, од која нивните земји се исклучени, пренесуваат француските меидуми.
На средбата во Талин, со која копретседаваа естонскиот министер Хано Певкур и Французинот Себастиен Лекорну, еден час дебатираа министрите на Литванија, Латвија, Норвешка, Финска, Шведска, Данска, Исланд, Холандија, Германија, Италија и Полска.
Њујорк - Советот за безбедност на ОН вчера ја одобри резолуцијата за Украина предложена од американската Влада, која содржи повик за брз прекин на војната и во која Русија не е класифицирана како агресор, јави ДПА.
Ова е првпат Советот за безбедност да одобри заедничка резолуција за војната во Украина. За резолуцијата гласаа 10 земји, а пет беа воздржани, со што беше собрано потребното мнозинство.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата средба со францускиот лидер Емануел Макрон е важен чекор напред во насока на постигнување примирје меѓу Русија и Украина.
Трамп додаде дека верува оти Макрон се согласува со него за многу од најважните прашања, вклучувајќи ја и изјавата дека ова е многу интересна и застрашувачка ситуација која може да се претвори во трета светска војна, јави Гардијан.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот лидер Владимир Путин ќе прифати европски мировници распоредени во Украина како дел од потенцијален договор за ставање крај на војната.
Трамп ова го изјавил пред новинарите на почетокот на состанокот во Белата куќа со францускиот претседател Емануел Макрон по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина, јави Еуроњуз.
- Да, тој ќе го прифати. Јас му го поставив тоа прашање. Видете, ако го направиме овој договор, тој не бара светска војна, рекол Трамп.
Москва - Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека европските земји може да учествуваат во решавањето на конфликтот во Украина, пренесоа француските медиуми.
Путин ова го изјави поради загриженоста од Европската унија дека може да биде исклучена од мировните преговори за Украина меѓу Русија и САД.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин предложи заедничко истражување на наоѓалишта на ретки суровини со САД, вклучително и оние во деловите на Украина окупирани од Русија.
- Русија е подготвена да работи со своите партнери, вклучително и САД, по ова прашање, рече Путин во вчерашното интервју за државната телевизија.
Вашингтон – Администрацијата на Трамп ја укина наредбата од времето на Бајден со која се бараше да се пријават потенцијални прекршувања на меѓународното право поврзани со оружје што Америка им го доставила на сојузниците, вклучително и Израел, информираа двајца американски функционери.
Станува збор за Меморандумот за национална безбедност-20, кој поранешниот претседател Џо Бајден го потпиша во февруари 2024 година во екот на критиките поради употреба на американски бомби од страна на Израел во војната во Газа.
Пјонгјанг - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека земјата напредувала на долгиот пат кон изградбата на моќна армија, но дека оружјето без идеологија е само „железен алат“ и ја истакна лојалноста на некои од неговите најелитни воени групи, објавија денеска државните медиуми.
Забелешките на Ким на Политичкиот универзитет „Ким Ил Сунг“ доаѓаат во време на домашна политичка неизвесност бидејќи над 10.000 војници, кои се борат за Русија против Украина, наводно, имаат големи загуби.
Сиднеј - Кинеската морнарица во текот на изминатиот викенд (петок и сабота) одржа вежби во меѓународните води меѓу Австралија и Нов Зеланд, што австралиските власти го опишаа како „настан без преседан“.
Истовремено, бродот на американската крајбрежна стража „Миџет“, што го минуваше Тасманското Море како дел од соработката со Австралија и Нов Зеланд, знаеше дека кинески бродови се присутни во областа, но немаше никакви интеракции, изјави капетанот на бродот Метју Руни, пренесен од британските медиуми.
Истанбул - Галатасарај го критикуваше тренерот на Фенербахче Жозе Мурињо по натпреварот од 25. коло во турскиот шампионат (0:0).
По натпреварот, Мурињо изјави дека во еден инцидент претставниците на противникот „скокале на клупата како мајмуни“.