• среда, 15 јануари 2025
МИА Радио флеш

   19  септември 2024

 

 

Брисел – Премиерот Христијан Мицкоски, во придржба на министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на Брисел.

За време на престојот во седиштето на ЕУ, Мицкоски ќе присуствува на работен ручек што за него и за останатите лидери од земјите од Западниот Балкан го организира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Скопје - Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на продолжението на денешната седница треба да ги разгледа годишните извештаи за работата на Советот на јавните обвинители и на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, двата за 2023 година. На првото продолжение на собраниската седница беа разгледани извештаите за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права и за работата на Агенцијата за администрација за 2023 година. 

Скопје - Собранискиот Клуб за младински прашања и политики денеска организира јавна дебата посветена на младинските политики и законот за младинско учество и политики. 

Ова е прва седница на Клубот за младински прашања и политики во овој парламентарен состав.

Скопје - На идната владина седница се очекува да биде донесен предлогот за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со која ќе бидат опфатени стотина основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало, леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук,...

Предлогот е изготвен во консултација со трговците и производителите како кракторочна мерка која се предвидува да трае еден месец и да се носи за време на празниците кога обично цените се зголемуваат. 

Скопје - АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство,  пред претставници на стопанството денеска во „Јуроп хаус“ во Скопје ќе го презентира новиот проект „Young Energy Europe“.

-Целта на проектот е да се обучат млади вработени како да ја зголемат енергетска ефикасност во компаниите каде што работат. По добиената обука ќе имаат временски период од неколку недели да дизајнираат и спроведат сопствен проект, кој треба да го имплементираат во својата компанија и истиот ќе биде презентиран пред комисија во Германија, соопшти АХК.

Скопје –  Под мотото „Ден на зелена достава“, Делегацијата на Европската Унија, „Јуроп хаус“ и Агенцијата за пошти денеска ќе организираат активности во рамки на Европската недела на мобилност 2024, насочени кон поддршка на одржлива урбана мобилност и заштита на животната средина.

Иницијативата ќе ја поддржат националниот давател на универзалната услуга АД Пошта на Северна Македонија и седум лиценцирани даватели на поштенски услуги во земјава:  Карго Експрес ДООЕЛ увоз извоз Битола, ДХЛ Експрес Македонија ДООЕЛ Скопје, Ин Тиме МК БПС ДОО Скопје (UPS), ТПЛ Тотал Пост Логистик ДООЕЛ Скопје, Ин Пошта Радески ДООЕЛ Скопје, Еко Логистик сервис ДОО Скопје и Виа пост ДООЕЛ Скопје.

Скопје - Под мотото „Танец  - 75 години македонски код“, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ од денеска ќе биде на балканска турнеја со четири концерти. 

„Танец“ утре (20 септември) ќе настапи во КИЦ „Будо Томовиќ“ во Подгорица, в недела (22 септември) во „Цанкарјев дом“ во Љубљана, во вторник (24 септември) ќе гостува на сцената во „Ватрослав Лисински“ во Загреб и идниот петок (27 септември) во салата „Борик“ во Бања Лука.

Скопје – Во Салата на Советот на Општина Битола денеска ќе се одржи почетна работилница за презентација на целите и планираните активности во рамки на нов проект насловен „Поддршка за решавање на приватно-јавната сосопственост со цел подобрување на управувањето и владеењето со земјоделското земјиште во Пелагонискиот регион“.

Проектот е во рамки на Програмата за техничка поддршка на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).

Скопје - Проекција на 10 видео-уметнички дела на македонската уметница Тања  Балаќ, по повод 10 години создавање на полето на видеоуметноста, ќе биде одржана вечер во Кинотеката на Македонија. Станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 наваму.

Скопје - Македонската филхармонија вечер од  20 часот ќе одржи концерт во рамки на 47. „Денови на македонската музика“. Оркестарот ќе го води диригентот од Швајцарија - Томас Херцог.

На програмата се „Девет минијатури за симфониски оркестар“ од Томислав Зографски, Прелудиум бр.2/ CON DELICATEZZA од Панде Шахов, „The apple t(h)ree (to the unmercenaries)“ од Дамјан Темков, а премиерно ќе бидат изведени и делата „Дијада“ бр. 2 од Јана Андреевска и „Disturbance“ од Бојана Петровиќ-Алексова.

Скопје - Во Салон 19:19 Културно информативниот центар – Скопје, вечер во 19:19 часот ќе биде промовирана книгата „Насекаде“ од епископот Дремвитски Давид (Нинов), во издание на „Макавеј“.

Скопје - На Пијано триото во состав Татјана Петрушевска-Караскаковска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски - пијано, во Филхармонијата вечер ќе  му биде доделена наградата „Георги Божиков“ за 2023 година, во рамки на 47. „Денови на македонска музика“. 

Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ  ја доделува традиционално оваа награда на музички уметници и ансамбли за најуспешни изведби на дела од македонски композитори во текот на изминатата година.

Рим - Домови се евакуираат во северниот италијански регион Емилија-Ромања, откако бурата „Борис“, која од минатата недела усмрти најмалку 24 лица во централна и источна Европа, го зафати регионот, предизвикувајќи сериозни поплави и свлечишта.

Силни дождови ја погодија Емилија-Ромања вчера доцна попладне, а ситуацијата брзо се влоши со доаѓањето на ноќта. Градоначалникот на Модиглијани, Џадер Дарди, изјави дека реката „експлодирала“. - Ситуацијата е многу драматична. Полошо е од 2023 година, рече тој.

Берлин - Германската Влада ги отфрли медиумските извештаи според кои Германија повеќе не издава дозволи за извоз на оружје за Израел, пренесе ДПА.

„Нема мораториум за извоз на оружје за Израел и нема да има“, одговори на прашањето на ДПА портпаролот на Министерството за економија во Берлин.

Портпаролот на Министерството појасни: „Сојузната влада носи одлуки за издавање дозволи за извоз на оружје во секој поединечен случај, имајќи ги предвид надворешнополитичките и безбедносни услови.“

Стокхолм - Од 2028 година, шведските деца ќе започнуваат училиште на шестгодишна возраст, една година порано од сегашниот модел, во рамките на реформите на образовниот систем што означува транзиција од учењето базирано на игра.

Владата ги објави плановите да ја замени задолжителната предучилишна година за шестгодишните деца позната како förskoleklass со дополнителна година во grundskola (основно училиште).

Бејрут - Најмалку 20 лица загинаа, а повеќе од 450 се повредени во вториот бран експлозии на уреди за безжични комуникации во Либан, соопшти Министерството за здравство, пренесе Би-би-си.

Тоа се случува во вчерашниот втор бран експлозии, еден ден по серијата смртоносни експлозии на пејџери на членови на проиранската група Хезболах.

Воки-токи користени од членовите на милитантната група Хезболах експлодираа во јужните предградија на главниот град Бејрут, долината Бека и јужен Либан - области кои се сметаат за нејзини упоришта.

Токио - Јапонската фирма Иком соопшти дека пред околу 10 години престанала да произведува модел на воки-токи што наводно бил користен во неодамнешните експлозии во Либан.

-IC-V82 е рачно радио кое се произведуваше и извезуваше, вклучително и на Блискиот Исток, од 2004 до октомври 2014 година. Тој беше прекинат пред околу 10 години и оттогаш не беше испорачан од нашата компанија, соопшти компанијата во изјава.

Женева - Климатските промени и конфликтите ризикуваат да ги засенат напорите за подобрување на здравјето на луѓето, а всушност овие прашања се преклопуваат, вели Питер Сендс, шеф на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Тој зборуваше во Лондон пред денешното објавување на извештајот на Глобалниот фонд за 2024 година, кој ја покрива неговата работа во текот на изминатата година и покажува подобрување во борбата против трите болести по Ковид-19.

Вашингтон - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „веројатно“ ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој следната недела ќе престојува во САД за да се обрати на состанокот на Советот за безбедност на ОН за војната на Русија во неговата земја.

-Веројатно, да, рече Трамп на прашањето дали ќе се сретне со украинскиот лидер следната недела, но не даде дополнителни детали.

Вашингтон - Хакери бараат шест милиони долари во биткоин од операторот на меѓународниот аеродром Сиетл-Такома за документи што ги украле во кибер напад минатиот месец и ги објавиле на темната мрежа оваа недела, изјави вчера официјален претставник на аеродромот, Ленс Лајтл.

Пристаништето во Сиетл, сопственик и оператор на аеродромот, одлучи да не плаќа, рече официјалниот претставник.

Вашингтон - Американската полиција соопшти дека пронашла тело за кое се претпоставува дека е на мажот осомничен за пукањето и повредување на седум лица на магистрала во сојузната држава Кентаки на 7 септември.

Џозеф Коуч, 32-годишен поранешен резервист на армијата на САД, пукаше со полуавтоматска пушка, која легално ја купил утрото истиот ден, заедно со 1000 куршуми, соопштија властите.

Полицијата не изрази јавно претпоставки за мотивите на стрелецот, но текстуална порака испратена до неговата поранешна сопруга сугерира дека планирал самоубиство.

Њујорк - Американската полиција уапси тинејџерка за која се тврди дека покренала празен воз во метрото на Њујорк, па откако по кусо возење, направила судир со друг паркиран воз - побегнала. Се трага и по нејзин машки придружник, за кого се верува дека, исто така, бил во возот.

Фотографиите од надзорните камери, објавени од Њујоршкиот полициски оддел прикажуваат едно лице облечено целосно во розово, вклучително и розова капа за туширање, и друго - во сина тренерка.

Вашингтон - Федералните резерви (Централната банка на САД) ја намалија каматната стапка за половина процентен поен, прво кратење во четири години што треба да донесе олеснување за домаќинствата и бизнисите кои изминативе години се борат со високи каматни стапки на кредитите што ги плаќаат.
Поагресивниот пристап сугерира дека официјалните лица проактивно се обидуваат да го олеснат притисокот врз економијата и да спречат дополнително забавување на пазарот на труд. Стапката на референтната камата сега е меѓу 4,75 и 5 отсто. Според Фед, инфлацијата се движи кон нормални нивоа и тоа се очекува да продолжи. Тие сепак се под притисок да осигураат дека високите стапки нема дополнително да го забават пазарот на труд.

Тајпеј - Тајван ја зајакна својата борбена способност благодарение на продлабочените партнерства во областа на безбедноста со САД и други сојузници, изјави министерот за одбрана на Тајван Вилингтон Ко.

Тој истакна дека овие односи се често намерно премолчувани поради нивната чувствителност. Тајванскиот министер додаде дека соработката се фокусира на суштинско подобрување на борбените способности, а не само на формално ниво.

Пјонгјанг - Северна Кореја соопшти дека претседателот Ким Џонг Ун го надгледувал тестирањето на два типа ракети - едната способна да носи „супер голема конвенционална боева глава“, а другата веројатно наменета за нуклеарна боева глава. Ким повикал на засилување на конвенционалното оружје и нуклеарни способности.

-Тестовите за подобрување на способноста за оружје се неопходни поради сериозната закана што ја претставуваат надворешните сили за безбедноста на земјата, рече Ким Џонг Ун, според севернокорејските медиуми.

Вашингтон - Најпознатиот НБА-коментатор го напушти ТВ каналот ЕСПН каде работеше од 2017 година. 

Во 2022 година, новинарот потпиша петгодишен договор вреден 35 милиони долари со ТВ каналот.

Според Ендрју Маршанд од „Атлетик“, Војнаровски ќе загуби околу 20 милиони долари во текот на трите години што преостануваат од неговиот договор.

Остани поврзан