• недела, 21 јули 2024
МИА Радио флеш

7 декември 2023

– Имајќи ја предвид нашата посветеност и напорите да станеме полноправна членка на ЕУ, очекувам на Европскиот совет идната недела да добиеме препорака да продолжиме со втората Меѓувладина конференција, порача денеска вицепремиерот за европски прашање Бојан Маричиќ пред почетокот на билатералниот состанок со ЕК по „Поглавјето 31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање земјава го завршува скрининг процес со Унијата.  - Со ова, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени. Се наоѓаме на клучна точка во својата историја која ќе го трансформира македонското општество. Ова е еден историски момент за Северна Македонија, за Западен Балкан и за Европската Унија. Оваа шанса мораме да ја искористиме без дилема, без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа како ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните, порача Маричиќ. 

 - Министрите за економија и за образование и наука, Крешник Бектеши и  Јетон Шаќири, денеска во Министерството за економија ќе имаат состанок со претставници на студентските собранија од неколку државни универзитети во врска со  деветтиот пакет антикризни мерки. Со новиот пакет антикризни мерки, кој Владата го презентираше на 28 ноември, над 120 илјади ученици и студенти ќе добиваат месечен паричен надомест до крајот на тековната учебна, односно академска година. Тој содржи 26 антикризни мерки за поддршка на граѓаните и неговата вкупна вредност е 662 милиони евра.

- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, денеска ќе оствари средба со раководствата на СВР Битола, СВР Охрид и РЦ Запад. Како што информираат од МВР, работната средба ќе се одржи во просториите на Регионалниот центар Запад во Охрид.

- Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер денеска на Криволак ќе ги посетат 180-те припадници на американската Армија за Европа и Африка, кои со поддршка на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија ја реализираат вежбата „Храбар партнер 23“. Најавено е присуство и на бригадниот генерал Патрик Елис, заменик-шеф на штаб на Командата на Армијата на САД за Европа и Африка. Во рамки на вежбата, како што соопшти Министерството за одбрана, ќе биде изведено гаѓање од оклопни транспортери од типот „Stryker“, што е значајно имајќи предвид дека согласно Планот за модернизација, Армијата ќе се опреми и со ваков тип на оклопни транспортери. 

 - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска ќе додели 87 договори за грант поддршка до 10.000 евра за мали семејни винарии. Грантот, како што соопштуваат од МЗШВ, е за набавка на опрема за производство и ангажирање на стручно лице енолог во овие винарии. На настанот, што ќе се одржи во хотел Парк во Неготино, ќе се обрати министерот Николовски.

 - Европската унија сака „стабилни и заемно корисни односи“ со Кина, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на самитот ЕУ-Кина што се одржува денеска во Пекинг. Тој го упати својот повик во услови на значително зголемување на билатералната трговска нерамнотежа во корист на Кина. „Сосема природно, денес ќе ги поддржуваме нашите европски вредности, вклучително и човековите права и демократијата“, додаде Мишел. Кинескиот претседател Си Џинпинг од своја страна најави соработка со ЕУ за да се постигнат заеднички цели.

 - Германските машиновозачи синоќа стапија во 24-часовен штрајк со што вторпат за помалку од еден месец ќе биде прекинат меѓународниот, регионалниот и приградскиот железнички сообраќај, како дел од тековниот спор околу платите, јави ДПА. Националниот штрајк, што почна синоќа во 22 часот  и ќе трае до вечерва до 22 часот, најверојатно ќе доведе до откажување на илјадници возови. ДПА објаснува дека од 18 часот денеска во прекин ќе биде и товарниот превоз. За време на штрајкот, додава германската агенција, ќе важи возен ред за итни случаи, со значително намалени услуги. Последната акција доаѓа во време на затегнати разговори за колективниот договор за платите и работното време меѓу синдикатот на машиновозачите ГДЛ (GDL( и раководството на националниот железнички оператор „Дојче Бан“.

 - Австралија денеска усвои закон со кој се дозволува мигрантите кои биле притворени,  повторно да се притворат, доколку постои ризик да извршат сериозни прекршоци откако биле пуштени на слобода. Според новите прописи што ги донесе парламентот, судот може да им одреди притвор на најтешките криминалци, доколку претставуваат ризик за „извршување тешко насилство или сексуални деликти“. Вишиот суд на Австралија минатиот месец пресуди дека неидентификуван маж Рохинџа, кој бил без државјанство,  незаконски бил задржан во имиграциски притвор откако отслужил казна за сексуални престапи со деца, бидејќи ниту една земја не се согласила да го прими и немало реални шанси да биде депортиран. 

- Поради промените во наставната програма, употребата на физичко казнување и отпуштањето на учителките, образованието на момчињата во Авганистан е изложено на ризик на долг рок под власта на талибанците, предупредува меѓународната организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“, цитирана од ДПА. Откако талибанците ја вратија власта во земјата во август 2021 година, тие се најдоа на удар главно поради ограничувањата што ги наметнаа на образованието на девојчињата, на кои им е целосно забрането да одат на училиште по седмо одделение и да посетуваат универзитети. Отпуштените наставнички се заменуваат со неквалификувани наставници или нивните работни места целосно се затвораат.

 - Поранешниот перуански претседател Алберто Фуџимори, кој отслужуваше 25-годишна затворска казна за кршење на човековите права за време на неговото владеење, беше ослободен од затвор во средата вечерта, откако судот го врати неговото помилување од 2017 година. Највисокиот суд во Перу во вторникот го одобри барањето за помилување на Фуџимори (85) на хуманитарна основа, и покрај приговорите на Меѓуамериканскиот суд за човекови права и семејствата на луѓето кои страдаа при владеењето на поранешниот лидер. Фуџимори отслужи околу 16 години од својата казна откако беше екстрадиран од Чиле во 2007 година. Во врска со неговото помилување, властите наредија итно ослободување од затвор. Поддржувачите на поранешниот претседател веруваат дека тој го спасил Перу од тероризам и економска пропаст.

- Белата куќа вчера соопшти дека не сака да види конфликт меѓу Венецуела и Гвајана околу регионот Есекибо богат со нафта. „Сакаме јасно да ставиме до знаење дека не сакаме да видиме никакво насилство или конфликт“, изјави за новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби. Тензиите меѓу Гвајана и Венецуела се зголемуваат откако венецуелските власти во неделата одржаа референдум за тоа дали Есекибо треба да стане дел од Венецуела. Според Каракас, на референдумот учествувале околу 10,4 милиони гласачи, од кои 95 отсто го поддржале пристапувањето на Есекибо. Претседателот на Гвајана, Ирфан Али изјави дека изјавите на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во врска со Есекибо се директна закана за Гвајана.

 - По пукањето во кампусот на Универзитетот во Невада, во Лас Вегас, три лица се убиени, а едно е рането, додека напаѓачот е убиен од полицијата, јави Си-Ен-Ен. - Повреденото лице, кое било во критична состојба, е згрижено во болницата Санрајс и сега е во стабилна состојба, изјави шерифот на полицијата во Лас Вегас, Кевин Мекмахил. Во истата болница биле згрижени уште три лица за кои не е наведено како се повредени. Шерифот додал дека полицијата го знае името на напаѓачот, кое нема да го објави додека не биде известено неговото семејство, но полициски извор за Си-Ен-Ен изјавил дека станува збор за 67-годишен професор, чија поврзаност со Универзитетот засега не е позната.

 - Функционерот на милитантното движење Хамас, Исмаил Ханије, тврди дека населението во Појасот Газа е жртва на „неохолокауст“.  -Американската администрација е вмешана во оваа криминална војна и покритие за неонацизмот. Ова е неохолокауст што се спроведува врз нашиот народ во Појасот Газа, изјави Ханије за египетската телевизија „Ел Каиро“.  Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш претходно вчера се повика на ретко користениот член 99 од основачката Повелба на ОН, што му дозволува „да го сврти  вниманието на Советот за безбедност на секое прашање што, според него, може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“. 

- Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека е одобрено зголемување на дневната количина гориво што може да влезе во Појасот Газа. Во соопштението не се наведува колку ќе биде зголемена испораката, туку само дека одобрениот „минимален износ потребен за да се спречи хуманитарен колапс и избивање епидемии во Појасот Газа“, пренесува Тајмс оф Израел. „Овој минимален износ ќе се одредува од време на време од воениот кабинет, во согласност со стапката на заразеност и хуманитарните услови во Појасот Газа“, соопшти кабинетот на Нетанјаху. Израелските медиуми јавуваат дека САД побарале дневната испорака од 60.000 литри да се зголеми двојно или тројно.

- Лидерите на земјите од Г7, на нивната синоќешна видеоконференциска средба, повикаа на „враќање на поширокиот мировен процес“ меѓу Израелците и Палестинците. Со тоа тие ја потврдија својата поддршка за создавање на палестинска држава. „Остануваме посветени на создавањето палестинска држава како дел од решението за две држави што им овозможува на Израелците и Палестинците да живеат во праведен, траен и безбеден мир“, се наведува во соопштението од состанокот на Г7, организиран од јапонскиот премиер Фумио Кишида.  

- Горниот дом на рускиот Парламент изгласа претседателските избори да се одржат на 17 март 2024 година. Владимир Путин, кој сè уште официјално не објави дали ќе се кандидира на тие избори, е на власт како претседател или премиер од крајот на векот, што го прави лидер на Кремљ со најдолг стаж по Јосиф Сталин. Во април 2021 година, тој потпиша закон што му дозволува да се кандидира за уште два шестгодишни мандати.

- Хамас во рамки на долгорочните планови да го измамат Израел за неговите функционери да мислат дека терористичката организација не сака конфликт, обезбедува разузнавачки информации за уште една таква организација, палестинскиот Исламски џихад, пишува Вашингтон пост. Во извештајот, кој се повикува на неименуван израелски безбедносен функционер, се вели дека Хамас ги дава информациите за помала екстремистичка организација во Појасот Газа „за да го зајакне впечатокот дека е заинтересиран за соработка“. Таа, наводно, соработувала за време на конфликтот меѓу палестинскиот исламски џихад и израелската армија во мај. Хамас, кој владее со Појасот Газа, не се мешаше во конфликтот, а резултатот беше зголемена економска поддршка, наведуваат израелските медиуми.

- Вонредна состојба е прогласена на Сејшелите по експлозија во складиште за експлозиви и поплави предизвикани од обилните врнежи. Причината за експлозијата се уште не е позната. Според последните извештаи, повредени се околу 100 лица. Како што пренесуваат медиумите, нанесена е голема штета на индустрискиот имот Провиденс и околните области на главниот остров Махе. Официјалните претставници ги советуваа луѓето да останат дома, со исклучоци што се направени за работниците од основните служби и тие со закажани летови.

Остани поврзан