• четврток, 18 април 2024
МИА Радиофлеш

8 февруари 2023

 

- Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по пет иницијативи за оценување уставност и законитост.

 

- Министерот за здравство Беким Сали денеска во изјава за медиумите кажа дека на јавниот повик што го објави Министерството за здравствени лица кои би се упатиле кон погодените места во Турција од земјотресот до синоќа се пријавиле 150 доброволци.

 

- Последните случувања во македонско-бугарските односи влијаат и на работата на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, смета нејзиниот копретседател Драги Ѓоргиев. Вели дека се забележува тенденција односите меѓу Скопје и Софија на одредени периоди циклично да бидат нападнати со цел да се наруши некој краток континуитет од мирен период.

 

- Двајцата мажи приведени од страна на бугарската полиција поради каменувањето на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград во саботата вечерта, се вработени во општинското комунално претпријатие „Озеленување“, додека двете жени лишени од слобода заедно со нив се нивни сопруги, објави 24часа.

 

- АД ЕСМ вчера произведе 20.862 мегават часови електрична енергија, која е намената за домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбената индустрија и други витални државни субјекти.

 

- Девизните резерви на крајот на јануари годинава изнесувале 3.775,6 милиони евра, соопшти Народна банка.

 

- „Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ‘рбетот на нашиот идентитет.“ Оваа порака на Горан Стефановски, која минатата година беше преведена на сите јазици на Европската Унија, ќе биде преведена на уште неколку други јазици, меѓу кои и на виетнамски, корејски, турски, руски и српски.

 

- Во Делчево во тек е пријавувањето за учество на планинарскиот марш до планината Голак, што ќе се одржи в недела по повод одбележувањето на годишнината од Февруарскиот поход. Организатори на маршот се Планинарскиот спортски клуб „Голак“ и Општина Делчево, кои упатија отворена покана до сите планинари да земат учество во истиот.

 

- Книгата „Брливо шилеже“ во издаваштво на Пелагонски културно-научни средби-Новаци, на авторот Божин Андоновски содржи 23 раскази или искази на луѓе, како и сеќавања на самиот автор од кои се откриваат времиња и настани преку кои Андоновски прави конструкција и реконструкција на историјатот на еден регион.

 

– Грција денеска испраќа втор спасувачки тим во Турција за дополнително да помогне во спасувачката акција по силниот земјотрес од понеделникот, објавија грчките медиуми.

 

- Двата земјотреса со епицентар во Кахраманмараш, јужна Турција, и со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, предизвикаа поместување на копнената маса во Турција за три метри, изјави директорот на сеизмолошката опсерваторија Кандили во Истанбул, проф. Халук Јозгенер.

 

- Нов земјотрес со јачина од 4,9 степени е регистриран во Турција утрово во 8 часот и 48 минути. ЕМСЦ наведува дека епицентарот бил на длабочина од 40 километри и на 26 километри оддалеченост од градот Гоксун, каде живеат околу 34.200 луѓе.

 

- Бројот на жртвите од разорниот земјотрес во Турција се зголеми на 6.957, соопшти Управата за вонредни состојби.

 

- По разорниот земјотрес од понеделникот во Турција, со магнитуда на ударот од 7,9 степени според Рихтеровата скала,  досега во земјата се регистрирани 648 последователни потреси, соопшти денеска Управата за вонредни ситуации.

 

- Сојузот на опозициските црногорски партии сè уште се договара кој ќе биде кандидат на претстојните претседателски избори, како и дали тоа ќе биде партиска или непартиска личност, изјави претседателот на Црна Гора и лидер на Демократската партија на социјалистите. (ДПС), Мило Ѓукановиќ.

 

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе ја посети Велика Британија и ќе се сретне со британскиот премиер Риши Сунак, соопштија од кабинетот на Сунак.

 

- Американскиот Стејт департмент ја одобри потенцијалната продажба на ракети и ракети со долг дострел на Полска во зделката вредна 10 милијарди долари, соопшти Пентагон.

 

- Претставници на американските разузнавачки служби сметаат дека неодамна соборениот кинески балон е дел од обемната програма за надзор што ја води кинеската војска.

 

– Кошаркарот на МЗТ Скопје Аеродром, Кеандре Кук, е прогласен за најкорисен играч во 18. коло на регионалната АБА-лига.

 

– Најголемиот број клубови од Премиер лигата сакаат Манчестер сити да биде исфрлен од лигата доколку бидат прогласени за виновни за кршење на финансиските правила во текот на девет сезони, објави „Скај спортс“.

 

 

 

 

Остани поврзан