• вторник, 16 април 2024
МИА Радиофлеш

8 февруари 2023

 

 - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска оствари проштална средба со амбасадорот во заминување на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Предан.

 

- Политичките случувања во  Северна Македонија и Косово биле тема на разговор на денешната средба меѓу првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и амбасадорот на Република Косово во земјава, Флоријан Ќехаја.

 

 - Постигнат е договор за влез на Алијансата за Албанците во владината коалиција, согласно кој партијата во идната Влада ќе има три члена и тоа министри за правда и за здравство, додека за третиот место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација, дознава МИА од извори во АА. Според извори, пак, од СДСМ, разговорите околу новото парламентарно мнозинство се во тек и не е ништо конечно, но штом има нешто во интерес на јавноста партијата ќе информира официјално.

 

 – Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на новинарско прашање да даде коментар за секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој по претепувањето во Охрид со бугарски владин авион беше пренесен на лекување во болница во Софија, и најавата дека ќе добие бугарско државјанство, рече дека Софија го исполитизирала случајот за да добие поен плус во предизборната кампања.

 

- Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска телефонски разговарал со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску. Во фокусот на разговорот биле билатералните односи и соработка меѓу двете држави, пристапниот процес за членство на Северна Македонија во ЕУ и романската поддршка во тој контекст.

 

- Амбасадата на  Република Северна Македонија во Берлин известува за можноста за добивање стипендии за летни курсеви по германски јазик во Сојузната покраина Баварија, Сојузна Република Германија во 2023 година.

 

– Дизел-горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за два до 2,5 денари за литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,16 отсто.

 

- Бизнис-план во земјоделството и поддршка за малите дестилерии, се двете нови мерки кои стартуваат оваа година, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

 

- Вкупната трговска размена минатата година изнесувала 20.424.810 илјади евра. Извезена е стока во вкупна вредност од 8.299.582 илјади евра, а увезена е стока во вредност од 12.125.228 илјади евра, објави Државниот завод за статистика. 

 

- Во периодот од 1 јануари до 7 февруари годинава АД ЕСМ преку капацитетите со кои располага произведе 699.240 мегават часови електрична енергија, што е за 40 отсто повеќе споредено со истиот период лани, а дури 86 отсто повеќе од истиот период во 2021 година, информираат од компанијата.

 

– Турција, сепак, ја прифатила понудената помош од Република Кипар за испраќање спасувачки тим, преку европскиот механизам за цивилна заштита, објавија кипарските медиуми.

 

- Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил денеска изјави дека САД инсистираат да се спроведе сè што е договорено во Бриселскиот договор и изрази уверување дека е реално да се очекува формирање на Заедницата на српските општини до крајот на годинава.

 

- Претседателот на Украина, Володимир Зеленски. денеска ги повика сојузниците на Киев да го обезбедат „неопходното оружје“ за да се запре руската инвазија. Изјавата тој ја даде за време на посета на Велика Британија, соопшти украинското претседателство.

 

Британскиот премиер Риши Сунак во обраќање во Парламентот на Велика Британија нагласи дека ќе продолжи „да ја поддржува Украина за да обезбеди одлучувачка воена победа на бојното поле оваа година“.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан