• петок, 22 ноември 2024
МИА Радиофлеш

13 март 2024 

- Во последното деноноќие не се пријавени пожари на отворено, туку само неколку помали интервенции, соопшти  Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК информираат дека вчера, околу 13 часот, Гевгелија беше погодена од силно невреме со интензивен дожд и град сo големина на орев.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во 13 часот најмногу воден талог имало во Гевгелија, девет литри на квадратен метар. Невремето било особено интензивно во Негорци, Мрзенци и Богородица.

- Државната изборна комисија (ДИК) во контиунитет работи на заштита на податоците на избирачите и заштитата од хакерски напади. За таа цел донесена е ИКТ Стратегија и формирано Меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и справување со безбедносни предизвици, информираат за МИА од ДИК. 

-Во однос на вашето прашање за заштита на податоците на избирачите и заштитата од хакерски напади, ве информираме дека Државната изборна комисија во континуитет работи на овие прашања и за таа цел ја донесе ИКТ Стратегијата на Државната изборна комисија со Акциски план и формираше Меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и справување со безбедносни предизвици, кое е во постојана кооординација за сите прашања во однос на безбедноста на податоците и заштитата од хакерски напади, посочуваат од Државната изборна комисија.

- Подготовките за претседателските, но и за парламентарните избори се интензивни од страна на учесниците на изборите, но и од страна на Државната изборна комисија (ДИК). На 18 март завршува увидот во Избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори, а тогаш завршува и рокот за гласање во дијаспората. Листите на кандидати за претседател на Република Северна Македонија, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК најдоцна на 19 март, до 24:00 часот. 

За МИА од ДИК информираат дека дека заклучно со 11 март, вкупно 3 994 лица направиле проверка во Избирачкиот список во подрачните единици и канцеларии, шест лица барале промена на податоците, девет лица барале запишување на своите податоци во Избирачкиот список, а пет бришење.  

- Транспаренси Интернешнл – Македонија во рамки на проектот „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија, објави конкурс за изработка на истражувачки стории од областа на антикорупцијата и владеење на правото.

На конкурсот може да учествуваат граѓански организации кои се занимаваат со истражувачко новинарство, новинари и истражувачи да изразат интерес за подготовка на истражувачки стории од областа на корупцијата и владеење на правото. Со овие стории се цели кон отварање на теми кои ќе водат кон поддршка во борбата против корупцијата и во подобрување на политиките за антикорупција и владеење на правото преку анализи на состојбите и укажување на конкретните слабости.

- Грчката фрегата „Идра“, дел од европската операција во Црвеното море, утрово отворила оган и интервенирала против две беспилотни летала (UAVs), што биле упатени кон трговски брод, објавија медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентот се случил во Аденскиот Залив, а фрегатата реагирала согласно правилата и протоколите.

Според грчката државна телевизија ЕРТ, беспилотните летала, веројатно од Хутите, му се заканиле на трговски брод, а фрегатата што била во конкретната област, интервенирала и отворила оган со цел да го заштити бродот, по што беспилотните летала се повлекле и се оддалечиле, а „Идра“ без проблеми ја продолжува својата мисија.

- На илегалните мигранти на кои им е одбиен азил во Велика Британија ќе им бидат понудени илјадници фунти доброволно да се преселат во Руанда.

Станува збор за нова шема за доброволно заминување од земјата, која ги надополнува плановите на Лондон за депортирање на мигрантите кои илегално пристигнале во земјата, јави ДПА.

- Истакнат новинар во западно Мексико бил киднапиран во понеделникот од вооружени лица и оттогаш се води како исчезнат, објавија странските агенции, повикувајќи се на изјава на Обвинителството.

Радио и телевизискиот водител Хаиме Барера е исчезнат откако ја напуштил зградата на радио станицата каде што работи во градот Гвадалахара, главниот град на државата Халиско. Тој не пристигнал во телевизија каде што требало да води емисија.

- Американската војска соопшти дека соборила проектил истрелан врз американски разурнувач во Црвеното Море од област во Јемен што е под контрола на Хутите.

Американската централна команда (CENTCOM) соопшти дека Хутите вчера истрелале една балистичка ракета со краток дострел од делот на јеменската територија што ја контролираат, во правец на УСС „Лабун“, но дека таа не го погодила пловилото и дека во нападот нема повредени или причинета материјална штета, јавуваат британските медиуми.

- „Посната кошничка“ со производи поврзани со велигденските пости, чии цени треба да останат исти или да има минимални зголемувања, од денеска се воведува во грчките супермаркети, јави дописничката на МИА од Атина.

„Посната кошничка“ претставува проширување и дополнување на „Кошничката за домаќинствата“, со основните продукти, со прифатливи цени за потрошувачите, што веќе речиси 18 месеци се спроведува во маркетите.

Од денеска, се додаваат три нови категории на производи неопходни за посната трпеза, односно алва, посни салати и најмалку два вида замрзнати морски продукти.

-  Германскиот министер за одбрана Борис Писториус даде зелено светло за воздухопловните сили на земјата од воздух да достават итно потребни производи за Појасот Газа, приклучувајќи се на неколку други земји кои фрлија помош од воздух на опколената палестинска територија.

Писториус денеска потпишал соодветна наредба до германските вооружени сили, Бундесверот, дознава ДПА.

- Преговарачите на белгиското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент доцна синоќа постигнаа договор за измени на Директивата за прекугранична размена на информации за сообраќајни прекршоци поврзани со безбедноста на патиштата од 2015 година, со кои треба да се зголеми нивото на безбедност на патниот сообраќај во Европа. 

Според белгиски вицепремиер и министер за мобилност Жорж Жилкине со измените се воспоставуваат построги и поефикасни правила за спроведување на казните за сообраќајни прекршоци, кои ќе ја подобрат безбедноста на европските автопати и ќе гарантираат побезбедни и позелени станбени реони низ ЕУ.  

- Следниот премиер на Холандија нема да биде ниту еден од лидерите на четирите десничарски партии, кои ги продолжуваат преговорите за формирање влада, изјавиле извори за холандски „Телеграф“, а пренесува „НЛ Тајмс“.

Четирите партии сакаат да преговараат за влада која би можела да вклучи поединци кои не биле на изборните листи, велат изворите, откако лидерот на партијата, Ким Путерс, изјави дека партиите се подготвени да го направат следниот чекор. Герт Вилдерс (ПВВ), Дилан Јешилгоз (ВВД), Питер Омцигт (НСЦ) и Каролин ван дер Плас (БББ) ќе бидат пратеници.

- Вооружените сили на Украина (ВСУ) употребија авион без екипаж за напад врз зградата на Федералната служба за безбедност (ФСС) во Белгород.

Според оперативните служби, нема повредени, оштетена е фасадата и искршени се прозорците.

Гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков на Телеграм објави дека беспилотно летало на украинските воздухопловни сили удрило во станбена зграда во Белгород, но нема повредени.

-  Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси на денешниот состанок во Фукушима им рече на локалните јапонски претставници дека испуштањето на прочистената радиоактивна отпадна вода од оштетената нуклеарна централа е извршено во согласност со безбедносните стандарди.

Гроси им се придружи на локалните функционери и претставниците на риболовните и деловните групи и ги увери дека испуштањето е направено без влијание врз животната средина, водата, рибите.

- Анонимен израелски официјален претставник ја обвини американската Влада дека планира да го смени израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, одговарајќи на извештајот на американското разузнавање во кој се предупредува дека Владата на Израел може да биде изложена на опасност поради критиките за водењето на војната против Хамас во Појасот Газа.

„Оние кои го избраа премиерот на Израел се граѓаните на Израел и никој друг“, се вели во соопштението објавено синоќа.

Остани поврзан