• петок, 22 ноември 2024
МИА Радиофлеш

3 октомври 2023 

- АД ЕСМ почнува со подготвителни активности  за санација на цевководот на мостот „Беласица“ во Скопје и уверува дека цевководот ќе биде целосно функционален и ќе се обезбеди непрекинато парно греење за граѓаните на Град Скопје. Согласно законската обврска на 15 октомври, како што велат од компанијата, радијаторите ќе бидат топли, граѓаните да бидат спокојни, парно ќе има.

-  Профункционира новата авиолинија на релацијата Скопје-Сараево, што ќе ја опслужува трипати неделно (понеделник, среда и петок) грчката национална авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“. За првите патници во заминување на првиот лет за Сараево ТАВ Аеродроми синоќа организираше прослава на Меѓународниот Аеродром Скопје и им додели симболични подароци за добар пат.

До крајот на октомври, времето на поаѓање од скопскиот аеродром ќе биде во 19:00 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Сараево во 20:10 часот, додека времето на поаѓање од аеродромот во Сараево ќе биде во 20:50 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Скопје. во 21:50 часот. Сличен распоред ќе биде понуден и во текот на зимата 2023/2024.

- Доколку Северна Македонија стане членка на ЕУ, се би било поинаку, и во однос на цените и во однос на агро секторот. Би имала пристап до заедничките пазари и би имала повеќе можности, оцени денеска германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир.

Како што истакна Оздемир, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со својот домаќин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, зголемувањето на инфлацијата не е поврзано со внатрешната политика на некоја земја, туку е резултат, пред се, на војната во Украина која доведе до зголемени трошоци и поскапување на енергијата.

Тој повтори дека Германија има јасна определба и сака колку што е можно побрзо Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ.

- Иницијативата за оценување на уставноста на сегашните одредби во Законот за средното образование, поточно член 41-а  е на дневен ред на денешната 35. седница на Уставниот суд.

Подносителот на иницијативата Лука Павиќевиќ наведува дека со оспорениот член од Законот за средното образование се дискриминирани учениците во приватните средни училишта во поглед на правото на користење на јавниот превоз, иако според Уставот образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Дополнително оспорен е и членот со кој се овозможува бесплатен јавен превоз само на учениците чиешто живеалиште е оддалечено од училиштето над 2,5 километри.

- Северна Македонија е на 38 место во светот според Глобалниот индекс на мирот за 2023 година што го изработува меѓународниот Институт за економија и мир, врз основа на повеќе безбедносни критериуми. Најбезбедна земја е Исланд, а најнебезбедна Авганистан.

Најбезбедна земја од поранешните југословенски републики е Словенија на осмото место, Хрватска е 14, Црна Гора 45, Босна и Херцеговина 61, а Србија 65.

Од другите држави во регионот, Бугарија е рангирана на 30 позиција, Албанија на 40, а Грција на 60.

- Во Скопје вчера се одржал состанок на експертските работни групи на Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, објавено е на сајтот на македонското МНР.

-Во текот на состанокот, двете страни заемно се информираа за текот на реализацијата на преземените ангажмани согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и Протоколите од одржаните средби на Заедничката меѓувладина комисија согласно чл. 12 од Договорот, стои во соопштението на МНР.

- По граѓанската обврница и зелената обврзница за која денеска се одржува аукција, министерот за финансии Фатмир Бесими најавува воведување на нов финансиски инструмент односно проектна обврзница. 

Новите проектни обврзници ќе претставуваат алтернативен начин за институционалните инвеститори за финансирање инфраструктурни проекти.

- Министерството за финансии планира да воведе нов инструмент на пазарот кој ќе биде наменет за финансирање инфраструктурни проекти, што е дел од новата стратегија за диверзификација на понудата на пазарот на капитал, вели Бесими за регионалниот сајт „SeeNews“.

- Ревизори на Државниот завод за ревизија, по извршената ревизија во ЈЗУ Клиничка болница-Битола, информираат дека во просториите на Болницата во посебен објект, бункер, сместен е линеарен акцелератор кој не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција.

Во извештајот се нагласува дека акцелераторот е наменет за третман на онколошки заболувања, за чија набавка и инсталација од страна на Министерството за здравство во периодот од 2012 до 2017 година доделени се договори за јавна набавка во износ од 172 милиони денари, а до денот на ревизијата не се користи.

- Поради проблемите со статичноста на металните конструкции на кровот, Олимпискиот стадион во Атина ќе остане затворен на неодредено време, а надлежниот министер за спорт на Грција Јанис Вруцис, единствено за велосипедската патека соопшти дека ќе се отвори во текот на 2024 година, јави дописничката на МИА од Атина. 

Вруцис најави 10 милиони евра за надградба на спортските објекти во земјата и дополнителни 3,5 милиони евра за зајакнување на буџетот на стадионот, меѓутоа не се осврна конкретно кога повторно ќе биде отворен. Соопшти дека државата ќе им помогне на клубовите кои ги користат затворените спортски објекти за тренинзи и натпревари.

- Турската полиција во текот на ноќта уапси 145 лица низ целата земја осомничени за врски со забранетата Курдска работничка партија (ПКК), јавија денеска турските државни медиуми.

Во неделата, двајца напаѓачи активираа бомба во близина на владините згради во Анкара, при што загинаа двајцата напаѓачи, а повредени се двајца полицајци. Одговорноста за нападот ја презеде забранетата милитантна група ПКК, која се смета за терористичка и во ЕУ и во САД.

- Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации на 18 октомври ќе го разгледа новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар Антонио Гутереш за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), беше објавено во планот за работа на СБ.

Во октомври, претседавчот на СБ - Бразил, на веб-страницата објави дека извештајот за работата на УНМИК ќе биде разгледан пред пладне на 18 октомври (попладне по средноевропско време). Претходната седница посветена на извештајот за работата на УНМИК се одржа на 27 април. 

- Неколку републиканци во Претставничкиот дом на САД изјавија дека ќе го поддржат предлогот за смена на нивниот сопартиец Кевин Мекарти од функцијата претседател на Домот, претходно претставен од конгресменот Мет Гејц.

Тројца членови на Претставничкиот дом, Енди Бигс и Ели Крејн, двајцата републиканци од Аризона и Боб Гуд, републиканец од Вирџинија, вчера ја објавиле својата поддршка за иницијативата на Гејтс. Републиканецот Тим ​​Буршет, исто така, се стреми кон поддршка на петицијата за смена на Мекарти.

- Во судот во Њујорк, на вториот ден од судскиот процес против Доналд Трамп ќе се прегледува финансиската евиденција на поранешниот американски претседател, која се очекува да трае најмалку една недела за да се утврди дали тие претставуваат доказ за измама.

Се очекува да сведочи сметководителот, кој со години ги подготвувал финансиските извештаи на Трамп. Се претпоставува дека Трамп и денеска, како и вчера ќе биде присутен во судот.

- Во Австралија започна гласањето на историскиот референдум за правата на Абориџините, чија цел е да им се даде право на глас во Парламентот.

Гласањето е отворено на повеќе локации низ Австралија за граѓаните кои не можат да гласаат на денот на референдумот, 14 октомври.

Гласачите ќе можат да гласаат за реформата со која за првпат во Уставот би се признале домородните народи.

- Со концерт во филхармонијата Елба во Хамбург денеска ќе биде одбележан националниот празник, 33-годишнината од обединувањето на Германија.

На 3 октомври 1990 година комунистичка Источна Германија се приклучи на Сојузна Република Германија, создавајќи обединета германска држава првпат од 1945 година.

Оваа година Хамбург е избран за прославите бидејќи градот, кој има статус на покраина моментално е седиште на Бундесратот, Горниот дом на германскиот Парламент.

На официјалната церемонија во филхармонијата Елба говор ќе има претседателот на германскиот Уставен суд, Стефан Харбарт, пред околу 1.300 луѓе, вклучително и главните национални политички лидери и премиерите на 16-те сојузни држави.

- Руската валута денеска на кратко го надмина симболичниот праг од сто рубљи за еден американски долар поради одливот на валути и намалувањето на суфицитот на тековната сметка на земјата.

Потоа руската валута поврати дел од загубите и беше котирана на ниво од 99,41 рубљи за долар, откако достигна 100,2550 рубљи за долар.

Последниот трицифрен пад на рубљата, во август, ја поттикна Банката на Русија да преземе итно зголемување на каматните стапки од 350 базични поени (3,5 процентни поени) на 12 отсто додека властите разговараа за повторно воведување на контроли за зајакнување на валутата. 

- Новоизбраниот претседател на Малдиви, Мохамед Муиз, изјави дека ќе ја отстрани индиската армија од неговата земја.

Најавата е сериозен удар за Индија во геополитичкото ривалство со Кина во Индискиот Океан.

Изборите одржани во саботата се претворија во своевиден референдум за тоа која регионална сила ќе има најголемо влијание во таа земја.

Основата на кампањата на Муиз беше спротивставување на наводната закана од Индија за суверенитетот на Малдивите, дел од повеќегодишната стратегија на неговата партија.

Актуелниот претседател Ибрахим Солих тврди дека присуството на индиската војска на Малдивите е определено со договор меѓу двете влади за изградба на бродоградилиште и дека нема да биде нарушен суверенитетот на земјата.

 

 

Остани поврзан