• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

 11 ноември 2025 

Карбинци – Градежните машини почнаа со регулацијата на реката Брегалница во атарот на село Долни Балван, Општина Карбинци. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов денеска изјави дека регулацијата на реката Брегалница ќе биде со каскадно уредување и тоа на потегот од над и под мостот по течението на реката Брегалница.

-Ова е важно, заради целта која треба да ја постигнеме, а тоа е стабилизирање на речното корито не само на овој потег, туки и по самото течение на река Брегалница, а пред се за да го стабилизираме местото, кое во минатото предизвика и реконструкција на самиот мост на река Брегалница, којшто и тоа како е важен за овој дел на населението и на Општина Карбинци. Сите гравитираме токму преку овој мост кон регионалниот пат Штип-Плачковица и кон магистралниот пат кон Кочани и Република Бугарија, вели Паунов.

Во текот на изминатите години земјоделците во овој атар на село Долни Балван имаа проблеми и со свлечување на нивното земјиште во коритото на река Брегалница.

Штип - Судењето за убиството на турскиот државјанин во кафуле на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип почнува на 27 ноември во Основниот суд во Штип. Судијата Јулијана Недкова е назначена за овој предмет, во којшто се опфатени пет лица, од кои еден е обвинет за сторено кривично дело убиство и за кривично дело неовластено држење на оружје и експлозивни материјали, а четири лица се за кривично дело помагачи при извршување на убиството.

Основното јавно обвинителство-Штип на 4 октомври 2025 година објави дека првообвинетиот 21- годишник без регулиран престој во државава, на почетокот на мај од непознато лице во Скопје, неовластено купил полуавтоматско огнено оружје –пиштол марка „FEG” , калибар 9 мм, со избришани податоци за модел и сериски број. Преку мобилни апликации се договорил со оштетениот на 8 мај да се сретнат во кафе бар во центарот на Штип, седнале на една од масите во аголот од летната тераса на кафе барот и разговарале околу 15 минути. Во еден момент обвинетиот отишол до тоалетот и веднаш се вратил, го извадил пиштолот и започнал да пука кон оштетениот, нанесувајќи му шест огнострелни повреди од кои починал.

Скопје – Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија е надлежен и тоа може да го пријави, вели Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, прашан дали Обвинителствот ќе постапува по допрен глас по изјавите дека имало злоупотреби во јавните претпријатија. 

Одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители, Коцевски рече дека Јавното обвинителство и досега така постапувало, и „доколку навистина има злоупотреби“, ние „стоиме на располагање“.

-Во однос на изјавите на градоначалникот дека Јавното обвинителство треба по допрен глас, само ќе кажам дека тој како градоначалник доколку има докази е надлежен и тоа може да го пријави на надлежните органи, да ги донесе тие документи, евентуално што го има, во Јавното обвинителство. И, досега Јавното обвинителство, така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму и доколку навистина има злоупотреби, ние немаме проблем, стоиме на располагање, изјави Коцевски. 

Прашан до каде е истрагата за директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Коцевски рече дека постапката е во тек и не може да каже детали. 

Дебар - Дилемата, кој кого ќе поддржи при изборот на претседател на Советот на Општина Дебар, поради соодносот на силите, денеска ја разреши независниот кандидат за градоначалник Рамадан Имери, кој на локалните избори имаше и листа за советници.

Според него, за функцијата претседател на Советот тројцата независни советници ја „изразуваат својата целосна поддршка за Африм Кркути, кој беше носител на листата за советници од ВРЕДИ".

-Нашиот став отсекогаш бил јасен и останува таков: секој чекор што е во интерес на Дебар и дебрани ќе ја има нашата безусловна поддршка. Веруваме дека нашиот град заслужува мудри одлуки, искрена соработка и посветена работа за иднината на градот, рече Имери за МИА.

Затоа, додаде, во секој процес и предизвици кои ќе дојдат, ние ќе бидеме присутни и ќе придонесеме со одговорност, транспарентност и силна волја.

Битола - Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола приреди промоција на необјавени дела од македонскиот драмски писател, есеист и книжевен критичар, Васил Иљоски.

Станува збор за книгата „По трагите на македонскиот непребол“, која ја содржи необјавената драма „Смрт за живот“ и необјавена поезија од Иљоски.

-Негувањето на литературното наследство има посебен акцент врз делата што дури сега ја добиваат својата вистинска светлина. Вистинската литература е безвременска, таа не допира денес, а ќе не допира и утре, посочи м-р Емилија Стефановска Давкова, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола.

Тој при тоа јавно се заблагодари на рецензентите Билјана Котевска Димко и Никола В. Ристевски за нивниот придонес во културниот настан.

Велес  – Во фоајето на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес синоќа беше отворена изложбата „Куќа на порцеланот“ на Филип Фидановски, современ академски уметник, керамичар, кој на изложбата се претставува со 13 скулптури глави, со предмети и инсталации од чинии од „Порцеланка“ со стихови од Кочо Рацин и други предмети во простор. Во поставката преку симболичен „триптих“ авторот прикажува три базични столба: Фабриката „Порцеланка“, поетот Кочо Рацин и дизајнерите кои ја обликувале дизајнерската форма.

Како што појасни авторот Филип Фидановски за МИА, едниот сегмент е порталот којшто треба да ги претстави Шимшир портите на Рацин и стихот од песната „Татунчо“ кој е испишан со оригиналниот ракопис на Кочо Рацин на чинии од фабриката „Порцеланка“. Другиот  сегмент се 13  глави кој тој ги изработил, а кој ги надополнил со делови од производството и налепници  од „Порцеланка“ што ја симболизира „Тајната вечара“, а кои ги претставуваат дизајнерите на „Порцеланка“. Бидејќи му се случила хаварија на неговата печка една од главите  ја изработил во печка од некогашна „Порцеланка“ а која сега ја поседува фирма која ги купила печките.

Кочани - В сабота на 15. ноември, родителите на жртвите во пожарот во дискотека „Пулс“ најавија уште еден протестен „Марш на ангелите“, кој наместо во Кочани ќе го одржат во Скопје.

Почетокот на маршот е закажан за 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде што ќе продолжи пред Собранието и пред Основниот кривичен суд Скопје.

- Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. Маршираме за вистината. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка, порачаа родителите во видеопорака.

Кавадарци - Кавадарчанка во полиција пријавила физички напад со остар предмет од свекорот.

- Вчера во 17:31 часот во ОВР - Кавадарци, 54-годишна кавадарчанка пријавила дека во дворот од нејзиниот дом била физички нападната од нејзиниот свекор, кој употребил остар предмет, кој е пронајден и одземен. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

Оттаму информираа и дека вчера во 15 часот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци ги лишиле од слобода Н.И.(31) и Д.Н.(21) затоа што при преглед на патничко возило „мерцедес“ со кавадаречки регитарски ознаки, кое го управувал Д.Н., а сопатник бил Н.И., биле пронајдени и одземени дигитална вага и бела грутчеста материја.

Неготино - Измама за сума од 14.700 денари била пријавена во ОВР - Неготино, соопштија попладнево од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Вчера во 08:40 часот во ОВР - Неготино, 56-годишен маж од село во општина Демир Капија, пријавил дека бил измамен за сума од 14.700 денари. Според пријавеното, тој и неговиот син започнале комуникација со лице кое на социјална мрежа објавило оглас за работа во странство. Потоа, во три наврати извршил уплати на фирма од Скопје, но, откако не ги добил визите, сфатил дека бил измамен, појаснија од СВР - Велес.

Оттаму додадоа дека се преземаат мерки за расчистување на настанот. 

Куманово - Четири повозрасни кумановки не дозволиле да бидат измамени за наводни сообраќајни несреќи, соопшти денеска СВР Куманово. Вчера во СВР Куманово биле пријавени четири обиди за измами.

- Според пријавеното на четири повозрасни жени едно лице им се јавило на телефон и им кажало дека членови од нивното семејство биле прегазени во сообраќајна несреќа и ќе биде потребна одредена сума на пари за операција, но тие се посомневале во точноста на информацијата и пријавиле во полиција, соопшти СВР Куманово.

Кумановската полиција апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги. 

Остани поврзан