• понеделник, 22 декември 2025
МИА Општински пул

4 октомври 2023 

Охрид - На стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид припадници на редовниот состав од Полициската станица од општа надлежност, на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, како и од криминалистичката полиција денеска и утре спроведуваат вежбовни активности и гаѓање со боева муниција.

Активноста се реализира со претходен договор и известување до стрелиштето, Ловното друштво Охрид, ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид и урбаната заедница „Билјанини извори“.

Пред почетокот на гаѓањето полициски екипи извршија теренска обиколка и обезбедување на поширокото подрачје на стрелиштето „Бејбунар“, со цел оневозможување влез на граѓани во безбедносните зони.

Скопје - Општина Центар додели сертификати на наставниците и стручните соработници од сите училишта на територијата на оваа општина кои ги посетија обуките за рано препознавање, решавање и превенција на врсничко насилство – булинг.

Како што информираат од општинската прес-служба, обуките биле одржани во соработка со Здружението „Европски соѕвездија“ во КСП Центар –Јадро од страна на универзитетски професори.

Македонска Каменица -  Во напредна фаза е изградбата на нов паркинг простор на улица „Илинденска“ во Македонска Каменица. Како што информираат од Општината, во тек е изведба на подготвителните градежни активности за обезбедување на просторот. 

-Следува партерно и хортикултурно уредување на целиот простор и поставување на подлога со вкупна зафатнина од 800 м2, каде се обезбедуваат нови 32 паркинг места, информираа од Општината.

Тетово - Општина Тетово информира дека се обезбедени училишни материјали и чанти за учениците Роми во основните училишта „Наим Фрашери“, „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“. 

Оваа активност насловена „Туторство за деца Роми од второ до четврто одделение“ насочена кон подобрување на образованието за децата Роми, е реализирана од општинската Проектна единица за ромската заедница и другите маргинализирани групи.

Охрид - Општина Охрид за академската 2023/2024 година ќе додели еднократен паричен надомест – образовен додаток за студенти од општината кои студираат надвор од Oпштина Охрид и потекнуваат од семејства со социјален ризик.

Право на паричен надомест имаат студенти запишани на редовни студии во тековната година на универзитетите во земјата, (со одалеченост од најмалку 70 км од општина Охрид), кои не повторувале година во текот на своето образование и не се корисници на стипендија или кредит од друга институција или компанија.

Охрид - Согласно годишната програма на Секторот за заштита на животна средина и управување со отпад при Општина Охрид за 2023 година, спроведена е акција за чистење на дното на Охридското Езеро на потегот пред село Пештани.

Притоа од дното на езерото е извадено поголемо количество отпад, стари гуми, пластични и стаклени шишиња и покуќнина, информираат од Општина Охрид.

Акцијата ја спроведоа нуркачи од „Клубот за подводни активности“ од Охрид, а покрај физичкото отстранување на отпад цел на акцијата е и подигање на јавната свест на населението за потребата од грижа и заштита на Охридското Езеро од загадување. 

Скопје - Без вода денеска од 10 часот се дел од корисниците од улицата „Антон Чехов“, општина Ѓорче Петров. 

Како што соопшти Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улица „Антон Чехов“ број 56. Жителите ќе бидат без вода се до завршување на интервенцијата. 

Кочани - Младите жени и девојки од општините Кочани, Пробиштип, Виница и Чешиново-Облешево имаат можност да ги подобрат своите лидерски способности преку едукативната програма „Girls power“, чиј носител Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој – СИГА.

Во тек е повикот за пријавување на заинтересираните кандидатки за учество во програмата преку која можат да добијат и финансиска поддршка за спроведување општествена акција.

Скопје - Поради приклучок од ф 200мм на ул. „Скупи“ бр 3 , денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул.„Скупи“ вклучително и фирмите Хубо Реплек,Тојота и БМВ.

Прекинот со водоснабдувањето, како што инфрмират од ЈП Водовод и канализација - Скопје, ќе биде од 9:30 до завршување на интервенцијата.

Скопје - Поради приклучок на водоводната мрежа, без вода денеска ќе бидат дел од коринсиците во Сопиште.

Прекинот во водснабдувањето ќе трае од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Скопје - Поради уличен дефект од 1“ на ул, „Шумадиска“ бр 5 , денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул.„Шумадиска“.

Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираат дека прекинот со водоснабдување ќе биде од 10:00 до завршување на интервенцијата. 

Куманово - Над 3.000 посетители ги проследиле претставите на фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово, информираа денеска од Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“. Надлежните се задоволни од посетеноста. Кумановци ќе разгледаат уште половина од предвидените комедии на театри од државата и земјите од регионот.

- На половина од Меѓународниот фестивал „Денови на комедија Куманово“ можеме да кажеме дека сме презадоволни од посетата на Фестивалот, од нашата публика, од изведбата на театарските претстави и од текот на самиот фестивал. Досега имавме преку 3000 посетители, и очекуваме тој број до крајот на Фестивалот да се дуплира. „Денови на комедија„ Куманово години наназад важи за Фестивал со најголема посетеност во државата, изјави директорот на НУЦК, Сашо Тодоровски.

Штип - Под мотото „Текстилна правда - размислување за минатото, замислувајќи ја иднината“, од утре до 7 октомври во Штип ќе се одржи годинешната „Текстилијада - 7“, во организација на здружението за заштита на работничките права Гласен Текстилец од Штип.

Организаторите денеска на прес-конференција ќе ги најават активностите и настаните кои ќе се одржуваат во рамки на „Текстилијада 7“, која, како што информираа, се обидува да ја нагласи неопходноста од постигнување правда за работниците и истовремено инспирира свежи идеи да не водат напред, извлекувајќи вредни лекции од грешките од минатото.

Скопје - Од ЕВН Македонија АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците во општините Аеродром, Карпош и Гази Баба.

Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, без струја ќе бидат корисниците од дел од ул. „Божин Николов Силни“, а во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците на Булевар „Србија“ околу бензинската Пумпа Окта, општина Аеродром.

Во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул.„Московска“ згр. бр.5 и бр.7, ул. „Лондонска“ згр. бр.4б влез 1 околу Скопски пазар Тафталиџе, додека во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. „Љубица Георгиева“ зграда бр. 5, општина Карпош.

 

Остани поврзан