МИА Општински пул
- 17 септември 2025
17 септември 2025
Куманово - Во Куманово денеска се одржа информативна сесија за жени претприемачки во рамки на проектот кој има за цел, економски да ги зајакне економски жените, да ги направи независни.
На информативната сесија, жените од Куманово се информираа за начините за апликација. Информативната сесија се спроведува во рамките на просекот „Економско вклучување и правда за жените од Западен Балкан, којшто е имплементиран од CARE Balkans во соработка со партнери од четири земји од Балканот вклучително и Македонија, во која носител е „Консалтинг за стратешки развој“, финансиран од Австриската агенција за развој (ADA). Проектот на локално ниво го спроведуваат со здружението „Мајка“ од Куманово.
- Како организација којашто работи на јакнење на жените преку овој проект сакаме да им овозможиме се одважат и да почнат свои бизнис, да бидат независни. Во фаза сме на објаснување на условите со кои се поднесува пријавата за доделување на грантови. На ниво на Македонија ќе бидат одбрани 70 апликации, од кои 30 финансиски ќе се поддржат од кои петанесет до 5.000 евра за оние кои веќе имаат бизнис и 15 за оние коишто сакаат да отпочнат бизнис за кои се одвојуваат по 2.500 евра, изјави Лидија Илиевска од „Мајка“
Повикот е отворен за жени (постари од 18 години) коишто имаат бизнис идеја и сакаат да започнат сопствен бизнис, имаат регистриран бизнис што сакаат да го унапредат, подготвени се да регистрираат и водат бизнис, да учествуваат на обуки, менторство и важно е да бидат од секторите производство, услуги или земјоделство.
Неготино - Се забранува за пиење водата во Неготино поради присуство на мирис и вкус од непознато потекло во дел од улиците. За ова информираа претпладнево од неготинското комунално претпријатие, преку важно соопштение на нивната Фејсбук страница.
- Поради проблем со присуство на мирис и вкус од непознато потекло во водата за пиење во делот од уличната мрежа на улиците „Индустриска“, „Маршал Тито“, „29 Ноември“, „11 Октомври“, „Никола Петров“, „Манчо Малиминов“, „Душан Јуруков“, „Димче Мирчев“, „Гоце Делчев“, „Питу Гули“, „Васка Калајџиска“ и ,,Антигона“, се забранува да се употребува водата за пиење, напишаа од Јавното претпријатие „Комуналец“.
Притоа додадоа дека во соработка со Центар за јавно здравје Велес и другите надлежни институции, се земаат вонредни мостри за анализа. Се работело на терен за лоцирање и санирање на евентуалниот дефект.
- Замолуваме доколку некој има било какво сознание кое би ни било од корист, да се обрати во Ј.П.„Комуналец“. Апелираме до граѓаните од овој дел на градот кои варат ракија, водата за пиење да не ја користат за ладење на вулите и да не оставаат црева во резервоарите за ладење, од кои може да дојде стварање на вакуум и повлекување на водата во градската мрежа и загадување. За вакви случаи ќе следуваат санкции, појаснија од комуналното претпријатие.
Штип - Во штипскиот Основен суд денеска требаше да започне судењето на 43 годишниот родител, кој физичка нападна двајца малолетни фудбалери на натпреварот меѓу „Шкупи“ и „Брегалница“, но се одложи, бидејќи неговиот бранител побара судот да му обезбеди превод на албански јазик на обвинителниот предлог, но и симултан превод во текот на судскиот процес. Судскиот процес продолжува на 29 септември.
Основното јавно обвинителство во Штип, покрена и обвинителен предлог против 43 годишниот родител, за кривично дело-Насилство, што се случи на игралиштето „Бело Брдо” на 24 август. Инцидентот се случи во 89 минута од натпреварот, кога судијата поради прекршок доделил втор жолт картон со што го исклучил од игра синот на осомничениот кој играл за ФК „Шкупи".
Незадоволен од одлуката најпрвин синот се однесувал неспортски и со тупаници и клоци се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на ФК „Брегалница". Тогаш на терен влегол таткото. И тој со тупаници и клоци почнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им телесни повреди - повеќе набиеници и скршеници на нос без дислокација. На игралиштето влегле и други лица од публиката, кои спречиле натамошна ескалација на настанот, се вели во соопштението од ОЈО од 25 август.
Велес - Граѓаните на Велес се сведоци на уште едно убиство врз жена, врз наша сограѓанка. Во Велес се случи двојно убиство и самоубоство поради нефункионалноста на институцаиите. МВР не успеа да ја заштити нашата сограѓанка Росица, иако таа повеќепати го пријавувала случајот за физичко насилство врз неа, посочи Благојка Коцевска, претседателка на Форумот на жени на Општинската Организација на СДСМ - Велес на денешната прес-конференција.
Таа потсети дека од окомври 2024 година жртвата доживувала физички напади, психички малтретирања, закани,уцени, палење на автомобил, а за тоа не добила соодветна поддршка и помош. Јавно праша дали институциите постапиле? и одговори дека е „очигледно дека жртвата не добила соодветна заштита и дека системот на заштита потфрлил“.
-СВР Велес и Центарот за социјална работа не ја заштитија Росица, ова е доказ за нефукционалноста на интитуциите кои ги раководи ВМРО-ДПМНЕ. Ова е срам за ВМРО-ДПМНЕ. За овој случај мора да има одговорност и санкции за службените лица, кои не успеаја да ја заштитат Росица, рече Коцевска.
Таа од свое и името на сите жени во Велес и земјава, побара одговорност од сите релевантни фактори кои требало да ја заштитат Росица и нејзиниот татко.
Дебар - Албанскиот амбасадор Денион Меидани денеска ја посети општината Дебар, каде се сретна со градоначалникот Хекуран Дука.
„Беше особено задоволство и чест што ја имав таа привилегија и среќа да се сретнам и да соработувам со неговата екселенција, амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија, Денион Мејдани“, напиша Дука на својата официјална Фејсбук страна.
Додава дека со голема одговорност и посветеност, амбасадорот ја извршува својата дипломатска мисија, давајќи вреден придонес во зајакнувањето на односите меѓу нашите две земји.
„Нашите средби беа плодни и инспиративни, затоа изразувам благодарност и почит кон неговата работа и визија. Амбасадорот Мајдани го претвори Дебар во центар што го посетуваат многу други амбасадори и ова несомнено ќе им донесе придобивки на општината и нејзините жители, посочува Дука.
Изразува благодарност и од име на жителите на општината, во која по негова иницијатива во неколку наврати престојуваа групи амбасадори од повеќе држави.
Дел од нив беа и во посета на познатиот Бигорски манастир, каде се запознаа со неговата илјада годишна историја и мисија, Градскиот музеј и Инќар џамијата, која е изградена во 1467 година.
Охрид - Теона Блажески и Иван Котевски од Центарот за развивање животни вештини (Бреинобреин) при Општинската организација на Црвениот крст од Охрид освоија највисоки признанија на 14-от Интернационален Бреинобреин натпревар што се одржа во Швајцарија.
Тие во мошне силна конкуренција од над 400 учеснции од целиот свет успеаја да освојат прво место односно да се закитат со највисоките трофеи.
Од Црвен крст - Охрид посочуваат дека 15-годишното искуство, резултатите од имплементацијата на Бреинобреин програмата и етаблираноста на охридскиот центар во светски рамки само се поттик за натамошна промоција на уникатните, проверени и ефикасни техники и вештини што ги дава Бреинобреин програмата.
„Импементацијата на програмата од страна на високо професионални тренери со искуство во работа со деца и обучени според меѓународните стандарди на програмата, преку техниките Абакус Ментална Аритметика (АМА) и Неуро Лингвистичко Програмирање (НЛП) помагаат децата на возраст од 4-14 години да достигнат развој и целосно искористување на мозочниот потенцијал и да бидат спсобни да ги користат двете хемисфери на мозокот, подеднакво и ефикасно. Преку Бренобреин програмата децата стекнуваат, ги развиваат и потврдуваат своите способности за концентрација, меморија, нумерички и вербални вештини, способности за учење, креативност и имагинација, лидерство, самодоверба, визуелизација, решавање на проблеми“, велат од Црвен крст - Охрид.
Охрид – Четворица кандидати ќе ја водат битката за градоначалничката функција во Охрид на претстојните локални избори закажани за 19 октомври.
Тоа се актуелниот градоначалникот Кирил Пецаков како кандидат на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Асен Шајн од СДСМ и Коалицијата, Гоце Цветкоски како незвисен кандидат и Стевче Стевоски како кандидат од Твоја партија.
Независниот кандидат Гоце Цветкоски учествуваше во изборниот процес за градоначалник како кандидат од ТМРО во 2021 година.
Кандидатот Стевче Стевоски од Твоја партија по трет пат влегува во трката за градоначалничката функција, откако во 2019 година беше кандидат од партијата Демократи, а на локалните избори во 2017 учествуваше како независен кандидат. На изборите во 2021 година Стевоски беше предводник на независна советничка листа.
Што се однесува до советот, поднесени се вкупно 11 листи за членови на советот на Град Охрид, седум од партии и четири независни листи.
Во Општина Дебрца на изборите на мегдан за градоначалничката функција ќе излезат петмина кандидати, од кои актуелниот градоначалник Зоран Ногачески како независен, како и Димче Андрески, додека партиските коалиции ги кандидираат Даниел Огненоски од ЛДП, Љупчо Паункоски поддржан од СДСМ и Златко Стојаноски кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Битола - Потврдувањето на кандидатските листи за градоначалник и членови на општинските совети во Битола, Ресен, Демир Хисар, Могила и Новаци е во завршна фаза. Од Општинските изборни комисии во Битола, Могила и Новаци информираа дека кандидатските листи за градоначалник и членови на Советот се целосно потврдени.
ОИК Битола евидентира 8 кандидати за градоначалник, и тоа Габриела Илиевска поддржана од група избирачи, Мирјана Мирчевски од група избирачи и Македонска ера трета, Македонски независни листи суверенисти, потоа Васко Деловски поддржан од група избирачи, Зоран Николовски поддржан од група избирачи, Ќире Димов од ТМРО, Јорго Огненовски од партијата Демократи, Методија Куновски кандидат за градоначалник на коалицијата предводена од СДСМ и Тони Коњановски, кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ. Во Битола евидентирани се и потврдени 16 кандидатски листи за советници.
Струмица - Во седум општини од Југоисточниот плански регион-Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Гевгелија, Ново Село и Дојран се поднесени 17 кандидатури за градоначалници и 30 листи за советници од кои две се уште не се потврдени.
Најмногу кандидати за градоначалник има во Гевгелија-5, а кандидатури поднеле Љупчо Бучков од Родина Македонија, Миле Атанасов од СДСМ, Андон Сарамандов од ВМРО ДПМНЕ, Магдалена Каркалашева-група избирачи и Тони Аврамов од Левица. За членови на Советот на Општина Гевгелија листи поднеле Левица, ЗНАМ, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Искуство за успех предводена од ЛДП и МААК.
Тетово - Општинска изборна комисија Тетово ги утврди конечните кандидати за градоначалници и советнички листи за претстојните локални избори на 19 октомври. За градоначалник на Тетово се пријавени вкупно шест кандидати, а има и десет (10) листи со кандидати за советници.
Кандидати за градоначалници се Изет Зејнеловиќ од партијата Демократи, Бајрам Реџепи од коалицијата „Национална Алијанса за интеграција (НАИ), Биљал Касами од коалицијата „Вреди“, Катка Божиноска од партијата Левица, Самка Ибраимоски од коалицијата „Искуство за успех“ на партиите Либерално-демократска партија (ДПЛ), Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) Интегра-македонска конзервативна партија и Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) како и Стевица Саркоски од ВМРО Народна партија.
Потврдени листи за советници се на граѓанска иницијатива „Подобро за Тетово“ со носител на листа Агрон Арифи, партија Левица предводена од Боби Илиески, Движење ЗНАМ-за наша Македонија предводена од Мирослав Симовски, Демократската партија на Турците во Македонија предводена од Јусуф Ерсој, коалицијата предводена од СДСМ со носител Живе Алексовски, ВМРО ДПМНЕ предводена од Бранислав Светозаревиќ, ВМРО Народна партија со носител Драган Давидовски, коалицијата „Искуство за успех“ (ЛДП, ГРОМ; Интегра и ПЦЕР) предводена од Ајдоган Ибраими и коалицијата Национална алијанса за интеграција предоводена од Асаф Абдурамани.
Струга - „Од ризниците на ансамблите“ е насловена годинашната Ревија на народни носии што в недела ќе се одржи во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга во организација на културно уметничкото друштво „Илинден“.
На сцената, како што информира за МИА Љупчо Милошески, раководител на КУД „Илинден“, ќе продефилираат пет реномирани ансамбли од Македонија со автентични народни носии.
- На сцената во Центарот за култура ќе продефилираат пет реномирани ансамбли, кои во своите депоа чуваат и на сцената користат автентични и оригинални народни носии, вброени во носии од прва категорија, што е голема реткост на македонската фолклорна сцена, истакна Милошески.
Покрај народните носии, додаде, публиката ќе има пожност да проследи и сценски настапи на друштвата.
Учесници на годинашната Ревија на народни носии се АНИП „Орце Николов“ и фолклорен ансамбал „Етнос“ од Скопје, како и културно уметничките друштва „8 Октпмври“ од Крива Паланка, „Илинден“ од Битола и „Мирче Ацев“ од Прилеп.
Ревијата на народни носии во Струга е со долгогодишна традиција, која по пауза од седум години, пред пет години беше возобновена од КУД „Илинден“.
Гостивар – Општина Гостивар е една од општините избрани за спроведување на проектот за обезбедување бесплатен интернет на јавни простори, соопштуваат од општинската служба за информирање. Одлуката дојде по учеството на повик на WiFi4WB (Wi-Fi за Западен Балкан) – иницијатива која обезбедува бесплатен и брз интернет во јавните простори.
- Нашите граѓани ќе имаат можност да се поврзат полесно, побрзо и без трошоци, придобивајќи од оваа иновација која ја зајакнува нашата врска со дигиталниот свет, се наведува во соопштението од информативната служба на општина Гостивар.
Оваа иницијатива се спроведува преку програмата EU4 Digital Action, која е поддржана од Европската Унија и Германското сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ), а ја имплементира германската агенција за меѓународна соработка (GIZ).
Куманово - Кинолошкото друштво Кинолог од Куманово на 20 септември, годинава на терените на градскиот кеј во Куманово со почеток во 10 часот организира трета меѓународна изложба во убавина за сите видови на расни кучиња.
-Поканети се и оценувачи по раси и групи меѓународни реномирани судии од Македонија, Србија и Азербејџан и за првпат во Македонија ќе суди судија од Соедините Американски Држави, изјави денеска претседателот на Кинолог, Марко Митровски.
За најуспешните, како што кажа, се предвидени пригодни награди и пехари.
Од друштвото најавија дека ќе биде организирана и државна специјализирана изложба за расата Кавкаски овчар, во организација на Македонски Клуб за Кавкаски овчар.
Досега, како што посочија, се пријавени повеќе излагачи од земјава и Европа. Заинтересираните можат да се пријават на социјалната мрежа на Кинолошкото друштво кинолог Куманово.
Тетово - Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ го организира третото традиционално искачување на највисокиот врв на Шара – Титов Врв, акција која е наменета само за жени-учеснички, со цел да се даде поддршка на жените кои се соочуваат со рак на дојка. Искачувањето ќе биде на 4 октомври (сабота), а почетна точка е паркингот на Попова Шапка на 1700 метри надморска височина.
-Дојдете заедно да врземе розева панделка во знак на поддршка за сите жени кои се соочуваат и храбро се борат против ракот на дојката. Со оваа акција даваме поддршка на жените кои се на било кој начин најдени пред предизвикот да се совлада оваа болест, поттикнуваме создавање здрави навики и физичка активност, го негуваме менталното здравје и силата што ја носи престојот во природата, испраќаме порака дека не сме сами во борбата – заедно сме посилни, се вели во повикот од НП „Шар Планина“.
По поаѓањето од големиот паркинг на Попова Шапка, предвидено е движење кон планинскиот објект „Конак“ и потоа по летната „Вакавска“ патека искачување до највисокиот врв на Шар Планина - Титов Врв на 2747 мнв. Враќањето ќе биде по истата патека која има вкупна должина од 21 километар. За оваа планинарска активност задолжително е пријавување на заинтересираните учеснички кај Сибел Јакуповиќ (070 220 246).
Штип - Џиновската пастрмајлија оваа година ќе биде рекордно голема. Николче Малинов кој традиционално ја пригoтвува џиновската пастрамајлија вели дека за првпат ќе се употреби 17 килограми свинско месо, најмногу до сега споредбено со годините наназад. Посочува дека ќе биде направена по стар штипски рецепт и со сечење на истата на шеталиштето „Ванчо Прќе“ ќе се означи стартот на овогодинешното издание на манифестацијата штипска „Пастрмалијада“.
-За оваа година подготвивме околу 17 килограми свинско свежо месо, значи рекорд. Лани беше околу 15 до 16 килограми, оваа година се 17 килограми месо. Ќе има околу 25 до 30 килограми тесто и два до три литри зејтин, изјави Малинов.
Дополнително подготвени се и машините и работната рака, со цел џиновската пастрамајлија освен рекордно најголема досега да биде и највкусна.
-Ние бидејќи имаме доволно опрема, ќе ни бидат потребни околу два часа, со печењето околу два ипол часа. Ќе имаме четири до пет луѓе, кои се опремени со знаење да помогнат, толку луѓе ќе ни бидат потребни за да ја однесеме пастрмајлијата до бината, рече Малинов. Манифестацијата „Пастрмалијада“ почнува од на шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде е предвидена целодневна музичка програма и настап на локални музичари од Штип. Дополнително на десет поставен штандови ќе се продава од штипскиот специјалитет пастрмајлија – кој ќе биде достапен за посетителите, по цена од 220 денари.