• петок, 26 април 2024
МИА Општински пул

1 јуни 2023

Кочани - Центарот за развој на Источниот плански регион денеска во Кочани организираше информативен ден со обука за аплицирање со проектни концепти во рамки на третата INTERREG VI-A IPA програма за прекугранична соработка со Република Бугарија.

На претставувањето, на кое присуствуваа претставници од јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот од регионот, беше нагласено дека се работи за прв повик за поднесување предлог проектни идеи со специфична цел „Развој на атрактивен туристички производ за сите сезони“, а што ќе се реализираат во периодот до 2027 година.

Делчево - Во рамки на Отворениот ден на училиштето, денеска на деветтоодделенците од Делчево им беа претставени образовните профили кои ги нуди Средното општинско училиште „Методи Митевски - Брицо" за упис во прва година во учебната 2023/2024 година. 

Како што информираше професор Лидија Таушанска, идните средношколци на настанот се запознаа со просторните капацитети на училиштето,  опремата и ресурсите со кои располага.

-На овој Отворен ден, ние професорите накратко ќе ги презентираме нашите струки односно гимназиско образование кое е составено од природно-математичка струка, општествено-хуманистичко подрачје и јазична струка, сите со две комбинации А и Б, а тука се и двете стручни насоки, текстилно-кожарската струка и хемиско-прехранбената струка. Секој од професорите си има своја задача со која им го претставуваме нашето училиште преку кратки презентации, а исто така можат да видат во какви услови се учи, нашите просторно можности, рече Таушанска.

Охрид  - Вкупно 25 деца од второ и трето одделение од четири основни училишта во Охрид изминатите две недели го усовршуваа читањето и раскажувањето во рамки на проектот „Читаме и раскажуваме гласно“ што го реализира библиотеката „Григор Прличев“ со поддршка на Министерството за култура.

Таков проект, според Бети Лазеска Симоноска, библиотекар во охридската Библиотека, првпат се одржува во оваа установа. Смета дека изминатите две недели постигнале голем напредок кај дечињата изразувајќи надеж дека такви проекти ќе продолжат и во иднина што ќе придонесе во надминување на тешкотиите со читањето и усното изразување и ќе го збогати речникот на учениците.

Крива Паланка - Деветтоодделенците од Крива Паланка и Ранковце имаа можност да се запознаат со достапните образовни насоки од гимназиско и стручно образование во Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка на Отворениот ден што Гимназијата го реализираше во холот на училиштето, со интерактивна презентација за присутните.

-Професорите и учениците ги презентираа струките за упис во прва година за претстојната учебна 2023/2024 година. Во гимназиско образование се достапни: општествено-хуманистичко, природно-математичко и јазично-уметничко подрачје, додека во стручно образование достапни се пет дуални паралелки во соработка со локалните компании и можност за стипендии од 3500 денари месечно, изјави директорката Елена Ѓоргиевска.

Штип - Производителите на житни култури во штипско-карбинскиот регион годинава очекуваат побогат род на пченица, за разлика од лани. Гоце Сарафимов, потпретседател на Асоцијација на земјоделци и индивидуален земјоделец вели дека земјоделците годинава очекуваат да соберат од еден хектар околу четири тони пченица, а лани просекот беше два тони. Забележува дека временските прилики во моментов им одат во прилог за подобри приноси.

-Но, за  цената ќе видеме каква ќе биде ситуацијата. Во моментов цената на пченицата  е малку падната. Ние очекуваме ако продолжи вака да помогне министерството за земјоделство околу цената, исто така некои од земјоделците и сточарите сакаат да биде забранет извозот на пченица, а пак производителите на пченица пак сакаат обратно да има извоз на пченица, вели Сарафимов.

Гевгелија - По повод стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов и 80-годишнината од раѓањето на поетот Илија Карајанов, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија распиша награден конкурс за книжевни творби инспирирани од нивните стихови.

Творбите може да бидат есеи, проза, поезија или драмски текстови, а како автори може да се јават сите граѓани кои творат на македонски јазик, без возрасни ограничувања.

Гостивар - Со доделување на благодарници на донаторите, денеска во функција беше ставена реконструираната капела во Гостиварската општа болница.

Првиот човек на болницата Илбер Адеми ја нагласи неопходноста од ваквата единица, во најголемата здравствена установа во Гостиварско, за која рече дека е уредена и ги задоволува високите стандарди.

- И во најтешките моменти, кога губиме некој близок, важно е да се искаже почит кон починатиот. Досегашните услови во таканаречената капела не беа ни одблизу достоинствени. Со помош на наши пријатели и донатори, уреден е простор кој покрај чување на телата ќе се користи и за обдукции, рече директорот на општата болница Илбер Адеми.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во придружба на градежен инспектор, припадници на МВР и градежна механизација утринава интервенираа на градилиштето на улицата „9 Мај“ и почнаа со затрупување на градежната јама и враќање на локацијата во првобитна состојба, каде инвеститорот „Бинјапи инжинеринг“, како што се наведува, гради надвор од издаденото одобрение за градење.

Како што соопшти Општина Центар, градежната инспекција неколку пати го затвораше градилиштето. Во март годинава одговорните се санкционирани од страна на општината со казни со вкупна вредност од 12.500 евра и тоа со 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето, 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност.

Охрид - Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина - 5 Jуни, Општина Охрид традиционално и годинава ќе го реализира проектот „Цветни балкони – цветен Охрид “.

Акцијата, како што соопшти општинската прес-служба, ќе се реализира на 5 и 6 јуни, кога е предвидено да бидат поделени 400 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите од улиците „АСНОМ“, „Јане Сандански“, „Никола Карев“, „Сирма Војвода“, „Карпош Војвода“, „Галичица“, „Ванчо Питошески“, „8 Септември“, „Мирче Ацев“ и „Лазо Трпоски“.

Скопје - Триесетина истакнати полски и македонски филолози истражувачи денеска и утре ќе учествуваат на 11. Македонско-полска конференција која ќе се одржи на Шлезискиот универзитет во Катовице. Се чествуваат триесет и пет години непрекината работа на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец.

Како што соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје  (МСМЈЛК при УКИМ), на конференцијата ќе учествуваат речиси сите знаменити полски македонисти кои изминативе години се вложуваат во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во Полска.

Скопје  - Во организација на Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени (МАЦЕКС) денеска се одржува конференција Firestarter ’23, интернационална конференција за искуство на клиенти и вработени 

Како што соопштија од МАЦЕКС, на конференција, што претставува нова платформа за размена на искуства и знаења со регионален карактер и има за цел да ги адресира двете најважни сили на секој бизнис задоволни клиенти и вработени, учествуваат менаџерски тимови од најголемите македонски компании.  

Остани поврзан