• четврток, 26 март 2026

МИА Општински пул

МИА Општински пул

9 јули 2025

Струга - Во Основниот суд во Струга денеска беше одложено судското рочиште против струшкиот градоначалник Рамис Мерко за несовесно работење во службата во училиштето во Велешта и против Егзона Шеи, која во два последователни мандати ја извршувала функцијата в.д. директор, според обвинението, се товари за фалсификување исправа.

Причина за одлагањето, според судечкиот судија Јодан Јованов е поради боледување на одбраната на Мерко.

Главната расправа за овој судски процес почна во јули минатата година, но се одолговлекува.

- Најпрво беше примено барање за одлагање од сведокот, единствениот кој остана да го сослушаме со образложение дека од здравствени причини морал да се јави на преглед во струшка Болница. Веднаш штом го примив барањето за одлагање изреагирав побарав да стапам во контакт со сведокот, му кажав за можноста за поместување на терминот со приоритет да заврши и да биде слободен за судењето. Откако се среди тоа примив ново барање за одлагање, овој пат од бранителот на обвинетиот, во кое известува дека отворил седумдневно боледување, информира Јованов

Прилеп - Епидемијата на труење со храна на 38 работници во прилепска фабрика што не заврши фатално, се случила на крајот на мај, а Центарот за јавно здравје дознал од анонимна дојава по шест дена што оневозможило да се пронајде изворот на масовното труење. Со сигурност само се утврдило дека причинител била бактеријата салмонела. Во Прилеп во јуни имало и пет единечни труења кај граѓани.

Епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ од прилепскиот Центар за јавно здравје го објаснува случајот на труење на работниците од третата смена во прилепската фабрика во два часот изутрината на 28 мај кога при оброкот се затруле 38 од 75-те работници. Кај дел однив имало потешки симптоми со висока температура, гадење, повраќање, кај другите болки во стомакот, нагон за повраќање. Но сите се излекувани. Се затруле од храната која доставувачот ја донел во тетата смена.

Штип - Високите дневни температури деновиве ја  зголемија потрошувачка на вода во Штип, покажуваат анализите на Филтер станицата во Штип.

Раководителката на Филтер станица при ЈП „Исар“-Штип, Тања Глигорова вели дека најголема потрошувачка има во вечерните часови кога се наводнуваат и бавчите. Филтер станицата, како што додава, располага со доволно вода за да се покријат потребите на граѓаните на екстремно високи температури овој период од годината.

-Со зголемување на температурите бележиме и зголемување на потрошувачката на вода. Во овој период минималната потрошувачка на вода е во утринските часови и изнесува некаде околу 110 литри во секунда, просечната потрошувачка е околу 180 литри во секунда, додека пак максималната потрошувачка на вода ја бележиме во попладневните часови и таа достигнува до 250 литри во секунда, изјави Глигорова.

Крива Паланка – Во населбата Лозанови и село Градец, Крива Паланка, претпладнево избувнаа три шумски пожари кои поради силниот ветер се шират и приближуваат кон домовите на граѓаните.

- Сите екипи на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка се на терен, повикана е помош и од општина Ранковце, каде има активен пожар во село Милутинци, а на терен се и екипи од Јавно претпријатие Македонски шуми и голем број месно население. Една од најновите дојави е дека неколку куќи во селото Градец се изгорени, информира командирот на ТППЕ Крива Паланка, Иле Коцевски.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски, од терен кај пожарите упати апел до сите граѓани што се во можност, до месното население, да помогнат во гаснењето.

Берово – Во центарот на Берово наскоро ќе започне изградбата на нова мултифункционална сала во склоп на Домот на културата „Димитар Беровски“, соопштија од Општина Берово.  

Проектот, вреден 115.354.817 денари (приближно 1,9 милиони евра), е дел од вториот повик на Владата на Република Северна Македонија за поддршка на инфраструктурни проекти од областа на културата за 2025 година. 

-Од вкупната вредност, одобрени се 90.414.225 денари, при што за 2025 година се предвидени 19.680.365 денари.  Со проектот се предвидува изградба на модерен, енергетски ефикасен објект, на местото на постоечката и дотраена кино сала. Новиот простор ќе располага со современа аудио-визуелна и сценска опрема, прилагоден за организирање на концерти, театарски претстави, конференции, филмски проекции и други културни настани, информираа од локалната самоуправа.

Изградбата на салата, според нив, претставува значаен чекор за културниот и урбан развој на Берово и поширокиот Малешевски регион. 

-Проектот има за цел создавање динамичен и мултифункционален простор кој ќе биде центар за собирање, учење и размена на идеи, со фокус на културата, образованието и семинарскиот туризам, велат од Општина Берово. 

Македонска Каменица - Македонска Каменица на 11 и 12 јули ќе биде домаќин на Првиот меѓународен фолклорен фестивал „Каменица пее и игра“. Фестивалот ќе се одржи на Градскиот плоштад, а го организира Културно-уметничкото друштво „Вера Јоциќ“. 

-Настанот има за цел да ја промовира македонската традиционална култура преку настапи на фолклорни ансамбли од земјата и странство. Во рамки на дводневната програма, предвидени се парадно дефиле низ градските улици, настапи со изворни песни и ора, изложба на традиционални носии, како и културна размена меѓу учесниците, информираа организаторите.

Од Општина Македонска Каменица информираат дека фестивалот претставува уште една потврда за заложбата на локалната заедница за негување и промоција на македонското културно наследство. 

Остани поврзан