• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

10 јуни 2025 

Скопје - Општина Илинден континуирано работи на урбанизирање и модернизирање на сите населени места. За таа цел во завршна фаза е урбаното уредување на просторот околу туристичкиот локалитет „Бучинско езеро“ во населеното место Бучинци. Овој проект е уште едно исполнето ветување на градоначалникот Александар Георгиевски, кој беше предвиден во предизборната програма, како и во Стратешкиот план на Општина Илинден за периодот 2022-2026 година.

Станува збор за простор каде граѓаните на општина Илинден ќе можат да уживаат и да го поминуваат слободното време. Се работи на поплочување со нови бекатон плочки, а во тек е изградба на нова платформа и пешачка патека во должина од 60 метри. Исто така, пристап до местото е обезбеден со тампониран пат во должина од 100 метри, а во тек е и изградба на платформа за ловење риба. Поставено е ново улично осветлување и нови канделабри, планирано е поставување на клупи за одмор и корпи за отпадоци. Просторот ќе биде партерно уреден и за дополнително уживање на граѓаните ќе биде изграден нов летниковец.

Кочани - Мерка притвор во траење од 30 дена му одреди Основниот суд – Кочани на Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

Основното јавно обвинителство – Кочани ја прошири истрагата за Нацев, чија агенција ја обезбедувала дискотеката „Пулс“ кога се случи трагичниот пожар и за него побара ефективен притвор. Тој беше осомничен дека сторил „тешки дела против општата сигурност“ и дека раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани. Притоа, агенцијата „Рубикон“ немала склучено договор за обезбедување во дискотеката во Кочани.

Скопје - Во раните утрински часови утре на подрачјето на градот Скопје ќе се реализира авионска дезинсекција против ларви од комарци.  Секторот за комунални работи на Град Скопје ги известува пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

-Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, таа ќе се изврши првиот нареден ден кога временските услови ќе бидат поволни, во истите термини, информира Град Скопје.

Скопје - В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со стручни екипи од Општината денеска изврши увид во реконструкцијата на улиците „Димитар Македонски“ и „Лавчанска корија“, а наскоро ќе почне обновување и на улиците „Ернест Телман“ и крак од „Арх. Сотир Томовски“ во населбата Лисиче.

Како што информираат од Општина Аеродром, вкупната должина на улиците изнесува 1.200 метри, односно 7.250 м2 асфалт и нови тротоари во површина од 3.250 м2. Вредноста на проектот, кој е поддржан од Владата, изнесува 39 милиони денари.

Скопје - Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје денеска ќе одржи презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники.

Како што соопштија од Град Скопје, во рамки на проектот ќе биде промовирана и  новата генерација пожарникари. 

Скопје - Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат жители од неколку населени места. 

Без струја во период од 9:00 до 10:00 часот, без струја ќе останат корисниците од ул. 20 во Село Бразда, Општина Чучер Сандево. Од 9:00 до 12:00 часот, без струја ќе останат корисниците од ул.10 и дел од ул.134 во Сопиште, од 9.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул.Иван Цанкар, во Карпош, од 11.30 до 15.30 часот, дел од корисниците на ул.101 во село Волково, и од 12.00 до 15.00 часот, корисниците околу ресторан Теферич и дел од ул.Мариовска во Кисела Вода. 

Скопје - Од денеска до 12 јуни ќе се одржи Фестивалот за класичен балет и модерен танц во Македонскиот народен театар, во организација на Детскиот културен центар – Карпош. Според директорката д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, овој фестивал е единствен од ваков тип кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во балетската уметност и современиот танц. 

- Наградата за животно дело оваа година постхумно ќе биде доделена на Ѓорѓи Македонски, основоположникот на балетската уметност во нашата држава. Од оваа година организацискиот одбор на фестивалот едногласно одлучи наградата да биде именувана „Ѓорѓи Македонски“ и истата ќе и биде доделена на Рисима Рисимкин за авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво, се посочува во соопштението од Детскиот културен центар - Карпош.

Остани поврзан