• вторник, 23 јули 2024
МИА Општински пул

11 јуни 2024

Штип - Пуштени во функција се сите чешми кои се наоѓаат на јавна површина на територија на Општина Штип.

Директорот на ЈП „Исар“ Кирил Зајков денеска рече дека на  високи температури треба и може да се користат од страна на граѓаните, но не и да се уништуваат. Тој упати апел до граѓаните да не ги уништуваат чешмите, да ги користат рационално.

Скопје - Општина Ѓорче Петров објавува јавен повик за вклучување во програмата општинско-корисна работа. Се повикуваат сите евидентирани невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во програмата општинско - корисна работа, проект „Обезбедување помош и поддршка при самостојно живеење  на стари лица и лица со попречености“ за вклучување/работно ангажирање со скратено работно време од 9 (девет) месеци, информираат од Општината.

Оттаму појаснуваат дека евидентираните невработени лица кои немаат сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини/ компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера, согласно услугата која треба да се испорачува, ќе бидат вклучени во програмата при што 3 месеци ќе добијат задолжителна обука и 6 месеци работно ангажирање.

Дебар - Во изминатите неколку дена во Општата болница со прширена дејност во Дебар, антивиперин, серум против змиски отров, добиле две лица странски државјани, со што се спасени нивните животи.

-Во едниот случај станува збор за лице од соседните албански населени места, во чии амбуланти во моментот немало серум, а додадено на тоа поради фактот што нашата болница е поблиску од регионалната во Пешкопеја, потребната помош се дава побрзо и навреме. Доколку во период од 3 до 4 часа не се добие ваков серум настапува смрт, рече за МИА, директорот Јетлумт Пашоли.

Радовиш - Со изложба на уметнички дела на ликовниот уметник Томе Даневски, синоќа во Радовиш беше отворена деветтата Меѓународната радовишка ликовна колонија, а добредојде на уметниците им посака градоначалникот Ацо Ристов, информираа од Општината.

Поздравно обраќање имал и претседателот на Друштвото на ликовни уметници од Радовиш, Душан Коцев.

Скопје - Звуци на виолините на млади исклучителни таленти од светот ќе го исполнат воздухот на 10-тото издание на престижниот „Виолин Фест“, кој на 12 јуни ќе одржи во Камерната сала на Македонската филхармонија. Позади овој настан цели десет години стои познатиот македонски виолинист Владимир Костов - концерт мајстор во Филхармонија и редовен професор по виолина на ФМУ.

Костов најавува дека овој настан ветува дека ќе биде прослава на музичката извонредност на новите таленти и уметничката соработка со повеќе земји од светот. 

-Да се дојде до 10-тото издание е извонредно достигнување. Овој фестивал започна како сон да создаде платформа за младите виолинисти да ја споделат својата страст и да ја инспирираат публиката. Со текот на годините, растеше над моите очекувања, благодарение на неверојатната поддршка од уметниците, учесниците и љубителите на музиката. Оваа година, имаме за цел да го почитуваме нашето патување и да ја поставиме сцената за следната деценија на музички сјај,најави Костов.

Велес - Стрип центарот на Македонија вчера во ООУ „Васил Главинов“ во Велес организира втора изложба која е дел од циклусот циклус од пет изложби, како дел од грантот „All we are saying is GIVE INCLUSION A CHANCE!“ .Овој грант е дел од вториот  отворен повик за предлози за Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на програмата „Градиме нови мостови“ на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.,информира денеска Томе Трајков од СЦМ-Велес.

Тој потенцира дека со овој проект и даваат шанса на инклузијата. Информира дека на изложбата се претставиле   најдобрите дела од наградниот стрип конкурс на иста тема. Доделени се и дипломи за награди, сертификати за учество на учениците, нивните ментори и училиштата од Велес: ООУ „  Васил Главинов“ ООУ „Блаже Конески“ и ООУ„Свети Кирил и Методиј“. Традиционално, промовиран е и пригодниот  каталог каде се објавени стриповите, со претставување и на самите автори, нивните училишта и ментори.

Скопје - Модули за мировно образование во средното образование се содржани во  публикација на седум јазици која беше промовирана денеска во организација на Детската амбасада „Меѓаши“.

Модулите се резултат на повеќегодишна соработка со граѓански организации и со Министерството за образование и наука, а целта на нивното креирање е градење мир, ненасилство и унапредување на процесот на учење за мир. Очекуван резултат е дека соодветната употреба на овој практичен материјал во училиштата ќе доведе до подобрување на училишната клима, намалување на врсничкото насилство и конструктивно справување со него.

Скопје - Ќе видиме што ќе одлучи министерот, изјави државниот советник во Министерството за образование и наука Сафет Незири прашан дали МОН ќе одговори позитивно на иницијативата на родителите кои поради топлото време бараат учебната година за основците да заврши порано од 17 јуни или децата да имаат скратени часови во наредните неколку дена.

На новинарско прашање дали Министерството треба да прифати ваква иницијатива, првиот човек  на Детската амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац одговори доколку нема согласност од МОН, а родителите инсистираат, тогаш треба компромисно решение во кое приоритет ќе биде најдобриот интерес на децата – тие да не губат часови, но и да го совладаат материјалот. 

Според Змијанац, одлуката е, главно, кај менаџментот на училиштата кој, како што рече, треба да изнајде креативни решенија за одвивање на наставата и дека таа може да се одвива и на отворено. 

Скопје - Општина Зелениково денес направи огромен исчекор и даде огромен влог во доменот на културата! Родното место на Св. цар Јустинијан Први, археолошкиот локалитет Градиште, во с.Таор-Tauresium за некој месец од денес ќе биде уредено со соодветна инфраструктура, туристичка сигнализација, партерно уредување и улично осветлување. 

Тауресиум како место од големо културно-историско значење за Македонија за прв пат е предмет на уредување и тоа по инцијатива на градоначалникот Коста Маневски, т.е. локалната власт. На само 22км од центарот на Скопје ова место е се уште недоволно познато за пошироката јавност. Таор е рај за љубителите не само на археологијата, историјата и културата туку и за љубителите на алтернатнивниот туризам. 

Скопје - Општина Центар остро ги демантира наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички Центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината. За тоа постојат законски акти и одлуки. Со одлука на Совет и Договорот, склучен  меѓу Град Скопје и Општина Центар, на 5.8.2019 година,  градските власти ја преземаат обврската за проектирање, изградба, користење, заштита и одржување на следниве улици на подрачејто на Општина Центар:  Белградска, Востаничка, Св. Кирил и Методиј, Димитрие Чуповски, Лазар Личеновски, Македонија, Митрополит Теодосиј Гологанов, кеј Димитар Влахов, Пролет, Васил Ѓоргов и Самоилова.   

Во договорот децидно стои:,,Општина Центар се обврзува да не презема активности кои би ги попречиле или нарушиле проектирањето, изградбата, користењето, заштитата и одржувањето на наведените сообраќајници во Општината.

Скопје - Од денес, ООУ „Невена Георгиева - Дуња“ е првото основно училиште на Балканот, целосно опремено со пречистувачи на воздух. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Генералниот директор и основач на ЕКОТИП, Илија Андреевски, денес го посетија овој училишен објект. Таму, во секоја училница е поставен по еден пречистувач од реномираниот германскиот бренд Mann+Hummel, дизајниран да обезбеди 100-процентна заштита од вируси, бактерии, полен и други микроорганизми.

Се работи за вредна донација од општествено одговорната компанија ЕКОТИП, со која Општина Кисела Вода склучи стратешко партнерство и започна заедничка кампања за имплементирање на најсовремени иновативни еколошки решенија. Едновремено, донацијата опфаќа и дополнителни пречистувачи за воздух за надворешна употреба кои се поставени во парковите, каде има најголем фреквенција на луѓе.

Скопје - Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски денеска го посети семејството Богдановски во Јурумлери, чиј дом изгоре целосно во пожар на 4 јуни 2024 година во 4:00 часот наутро.

Пожарот, како што информира Општина Гази Баба, за миг ја пеплосал скоро целата куќа во која живеат Зоран со неговата ќерка, зет и внучиња кои биле во домот за време на пожарот и за среќа успеале да излезат неповредени.

Куманово - По четврти пат во Пелинце, во близина на меморијалниот центар АСНОМ, викендов, ќе се одржи четвртиот по ред фестивал „Пикник у Пелинце“. Годинава, соопштија организаторите, има изведувачи од четири држави од Данска, Украина, Србија, Црна Гора и околу 30-тина изведувачи од државава.

- Публиката ќе ужива во техно-музиката, афро техно, инди денс … буквално има изведувачи за сечиј вкус. За прв пат фестивалот е дводневен. Во сабота (15 јуни 2024) почнуваме од пладне до пет во утринските часови. Има два стејџа, рајзинг (rising stage) и меин стејџ (main stage). Неделата ја почнуваме од 12 до 01 по полноќ, изјави Давид Крстевски, еден од организаторите на „Пикник у Пелинце“.

 

 

Остани поврзан