• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

15 јули 2025 

Охрид - Шеесеттина македонисти и слависти од 17 држави ќе бидат дел од 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Кирил и Методиј“ што од денеска до 28 август ќе се одржува во Охрид.

Семинаристи од универзитетските центри од Албанија, Англија, Бугарија, Италија, Полска, Народна Република Кина, Романија, Канада, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република се во Охрид за да ги продлабочат своите познавања и проучувања за македонскиот јазик, литература и култура. Меѓу нив и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и нови посветеници на македонистиката коишто искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека луѓе од целиот свет се собрани тука во Охрид за да зборуваат македонски...

- Со македонистиката, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се согласуваат или стануваат дел од нас многу филолози, лингвисти, македонисти...Во 21 век науката мора да се темели врз докази. Затоа го кренав Абеседарот и постојано велам, ако сто години има од Абецедарот печатен во Атина пред сто години, кој го побара и кој го доби тоа во Грција – Лигата на народите. Отворете го Абеседарот и прочитајте внатре – јасно е, рече таа.

Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, рече дека македонскиот јазик е еден од 230 кодифицирани јазици на лингивистичката мапа на светот.

Охрид - По прекин од шест години Охридското Езеро денеска повторно е порибено со подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка, одгледан во мрестилиштето на Хидробиолошкиот завод во Охрид.

Станува збор за здрав подмладок со тежина од некаде 3,5 грама од единка, собран зимата по пат на вештачко измилзување на пастрмката и огледан во капацитетите за мрест на Заводот.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој присуствуваше на пуштањето на подмладокот во езерото, истакна дека станува збор за активност што се спроведува според договорите и програмата од 2024 година, што предвидуваа порибување на езерото со 400 илјади парчиња подмладок одледан во Хидробиолошкиот завод и 200 илјади единки обезбеден од мрестилиштата на Институтот за сточарство.

Кавадарци - Лишени од слобода биле три лица од Непал и едно од Индија, во Кавадарци, откако по судска наредба, им бил извршен претрес од страна на полициски службеници за недозволена трговија со дрога,  информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.  

- Вчера во 09:40 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци, ги лишиле од слобода П.С.М.(40),  Ш.Д.Т.(43) и Б.К.Д.(35), тројцата од Непал и Р.К.Р.(32) од Индија, кои престојувале во Кавадарци. По издадена судска наредба, полициски службеници за недозволена трговија со дрога при ОВР Кавадарци, извршиле претрес во домот каде престојувале, при што биле пронајдени и одземени една саксија со стебла НН растение,  НН зелена растителна материја и НН бела прашкаста материја, појаснија од СВР Велес.

Кочани - Во сеќавање на својот починат член, планинар и другар, Стамен Каровски, Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани организира  Меморијален планинарски марш, кој станува  традиционален затоа што ова ќе биде негово трето „издание“.

Кочанските планинари, во чест на Каровски, на 24 август, недела, ќе го искачуват највисокиот врв на Пониква, врвот „Панаѓур“, кој се наоѓа на надморска височина од 1669 метри на Осоговските Планини.

Активноста започнува од паркиралиштето  на туристичкиот локалитет Пониква. Движењето на планинарите ќе се одвива по маркирана планинарска патека, која 80 отсто од должината поминува низ букова шума. Последните 500 метри до врвот, движењето е по пасиштен терен.

Скопје - Скопјани рационално и внимателно да ја користат водата за пиење, апелира Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје. 

- Врз основа на податоците на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, чие дневно производство достигнува и над 350 000 метри кубни вода, апелираме до граѓаните на Град Скопје рационално да ја користат и употребуваат водата за пиење, односно да се избегнува полевање поголеми површини, разладување на дворни површини, улици и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, стои во соопштението. 

Ваквата енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, како што наведуваат, предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем, а како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.

Струга - Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе расправа за депонијата во Струга, откако домашните судови се прогласија за ненадлежни по поднесената тужба од физичко лице кое живее во непосредна близина на депонијата и Македонското здружение на млади правници, соопшти адвокатската канцеларија Стојкоски и Ќатоски.

Тоа, како што појаснуваат во објавата, значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонијата која се наоѓа на 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и два километри од Охридското Езеро.

- Во постапката бараме утврдување на повреда на правата на пристап до суд, на приватен и семеен живот и ефективен правен лек, посочуваат од Адвокатската канцеларија.

Депонијата, нагласуваат, загадува со над 40.000 тони отпад годишно, без никаква контрола врз видот на отпадот.

Битола - Секретарот на Општина Битола Борче Димитровски и директорката на СОЕУ „Јане Сандански“ Билјана Јанкуловска денеска извршија увид во реализираните проекти со финансиски средства издвоени од буџетот на локалната самоуправа.

Како што информира Општина Битола, се работи за реконструкција на училници во подрумскиот простор, опремување на училниците со школски клупи и столчиња, мебел за кабинети и опремување на Центарот за професионален развој и обука.

Вкупната вредност на реализираните средства е во износ од 1 722 600 денари.

Скопје - ОВР Демир Хисар до ОЈО Битола денеска поднела кривична пријава против М.Ј. (57) од Демир Хисар за сторено кривично дело „одземање или уништување службен печат или спис“ по член 390 од КЗ.

-Пријавената во периодот од 06.08.2025 до 13.08.2025 година противправно ги криела службените печати, сопственост на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Демир Хисар, со што направила службените печати да бидат неупотребливи и со нив да не може да раководи новоименуваната директорка Ј.Д. (43), назначена за в.д. директор на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар со одлука од страна на општина Демир Хисар од 05.08.2025, информираат од Минитертвото за внатрешни работи. 

Остани поврзан