• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

6 август 2025 

Охрид – Во рамки на кинеската вечер вљубениците во класичната музика вечерва на „Охридско лето“  ќе можат да уживаат во музицирањето на уметниците  Јуе Гуангхуи и  Ванг Веи на флејта, мецосопранот Аи Ву, во пијано шридружба на маестра Хоу Јуан.

Јуе Гуангхуи започнува да учи пијано на четиригодишна возраст, а на десетгодишна возраст се префрла на изучување на инструментот флејта. Во моментот сè уште е ученичка во Гимназијата за талентирани ученици при програмата на Музичкиот конзерваториум во Шангај во класата на проф. Парк Ми-Хјанг.

Во 2019 година таа поминува одреден период во Франција каде се усовршува со Винсент Лукас, Мишел Морагес и со јапонскиот мајстор Казунори Сео.

Во 2021 година постигнува огромни успеси на меѓународен план, победувајќи на Швајцарскиот меѓународен натпревар за млади музичари, ја понесува втората награда на Унгарскиот натпревар за млади, а победува во нејзината категорија и на Меѓународниот натпревар за млади музичари во Франција.

Веи Ванг дипломира на одделот за флејта на Централниот музички конзерваториум во Пекинг. Во 2000 година се закитува со прва награда на Националниот кинески натпревар за флејтисти и потоа станува член на Кинескиот национален симфониски оркестар. Во 2002 година заминува во Франција каде ги продолжува студиите и во 2005 година победува  на натпреварот „Париз Белан“, а следната година со прва награда се здобива и на Меѓународниот натпревар во Бенидорм, Шпанија.

Како солист Веи Ванг е поканет да настапи во салата на УНЕСКО во Париз, а од 2013 до 2025 година редовно настапува на Мултикултурниот фестивал на УНЕСКО.  Во 2014 година на прославата на 50-годишнината од дипломатските односи помеѓу Кина и Франција е поканет да настапи заедно со францускиот флејтист Максенс Ларио. Настапува на азиската вечер во рамките на Канскиот филмски фестивал, а во периодот од 2016 до 2025 година редовно настапува како солист на Интернационалниот фестивал за харфа заедно со францускиот флејтист Филип Бернол и харфистот Беноа Вери. Во 2019 година е член на жири-комисијата на првиот Меѓународен натпревар за флејтисти. Во 2023 год. тој е вклучен како композитор и солист на прославата на 35-годишнината на проектот „Патот на свилата“ на УНЕСКО, а е и уметнички директор на кинеската програма.

Кочани - Општина Кочани ги повикува сите граѓани активно да се вклучат во анкета која е дел од подготовките за изработка на План за одржлива урбана мобилност, како дел од пошироката иницијатива за подобрување на сообраќајната инфраструктура и унапредување на животната средина.

- Планот за одржлива урбана мобилност, што Општина Кочани ги реализира како дел од проектот „Развивање планови за одржлива урбана мобилност за општините Кочани, Кавадарци, Струга, Струмица и Прилеп“ во рамките на Проектот за поврзување на локални патишта со поддршка на Меѓународна банка за обнова и развој – Светска банка, со договор на Министерство за транспорт на РСМ со заеднички настап на TRT Transporti e Territorio Srl, Milano (Италија како водечки член) и Bogazici Proje Muhendislik A.S (Турција, како член, консултант), се наведува во повикот што Општината го упатува до граѓаните на Кочани. 

Главната цел на иницијативата е насочена кон подобрување на пристапноста, промовирање на одржливи начини на транспорт со опфат на влијанието врз животната средина.

Зрновци - Во насока на  унапредување на патната инфраструктура во општинскиот центар Зрновци,  градоначалникот Борчо Коцев, со избраниот економски оператор, потпиша договорот за реализација на проектот „Изградба и реконструкција на општински улици“, чија  вредност изнесува 7.478.789,14 денари со вклучен ДДВ.

Проектот опфаќа изградба и реконструкција на улиците  „Илинденска“ – крак 3, 4, 5 и 6, „Маршал Тито“ – крак 1, „Тодор Арсов“ – дел за реконструкциј, „Гоце Делчев“ – од раскрсница кај училиштето и нов крак на истата, потоа, реконструкција  на сообраќајниот мост на местото викано „Соколана“, како и реконструкција на улицата „Први Мај“ до местото Марена и плоштадот.

 - Овој проект е дел од нашата визија и програма за континуирано подобрување на урбаната структура и безбедноста на сообраќајот, како и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните, информира градоначалникот Коцев.

Работата на терен ќе започне веднаш откако изведувачот на работите ќе ги прими надлежностите од надзорниот орган.

Крива Паланка - Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ ја спроведува граѓанската иницијатива за изградба на православен крст над Крива Паланка што е планирано да се гради на возвишение во атарот на селото Мартиница.

-Како фондација што има широка општествена дејност ја поддржуваме започнатата иницијатива на група граѓани, кои водени од љубов кон верата, традицијата и заедничката духовност, отпочнаа иницијатива за изградба на православен крст на возвишението над Крива Паланка кај Мартиница, крст што ќе претставува симбол на нашата вера и заедништво.Овој крст ќе биде место за молитва и духовен мир, белег на нашата општина за генерации што доаѓаат. Според планот, осветувањето на крстот ќе се случи на големиот празник Успение на Пресвета Богородица, 28 август, истакна Жаклина Цветковска, извршна директорка на фондацијата.

Таа ги повика сите кои сакаат да бидат дел од ова богоугодно дело можат да помогнат со донации преку сметката на фондацијата „Со срце за Крива Паланка“.

-Иницијативата ќе се реализира исклучиво преку донации, па во тоа име ги повикуваме сите хумани луѓе, верници, наши иселеници, бизнисмени и пријатели на Крива Паланка да се приклучат во овој богоугоден чин на вера и заедништво, додаде Цветковска.

Сите кои сакаат да донираат можат да го сторат тоа на следната жиро сметка: 320100033649786 во ЦКБ Банка или на девизната сметка: 320140033649978. 

Скопје - Корисниците од ул. Таки Хрисик, ул. Тони Богдановски, ул. Борис Трајковски крак 7 и ул. Андреј Богдановски во Општина Кисела Вода денеска од 09:00 до 12:00 ќе останат без електрична енергија, соопшти ЕВН Македонија АД. 

Без струја од 09:00 до 12:30 часот ќе бидат дел од корисниците од ул. Франце Прешерен во Општина Карпош. 

Остани поврзан