• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

 3 ноември 2025 

Штип – Општина Штип годинава ќе додели 18 признанија „Осми Ноември“, кое е и највисокото признание за еден поединец, институција и здружение на граѓанин, кои во текот на годината имаат придонесено за развој и промоција на Штип. На денешната прва седница на Советот на Општина Штип, советниците едногласно ја донесува одлуката за доделување на највисокото признание за Штип на Денот на ослободувањето на градот, 8 Ноември. Кирил Панајотов вработен во Општина Штип рече дека до Комисијата за доделување на Осмоноемвриското признание пристигнати се 18 пријави.

-Прва на листата е Клиничката болница за професионалниот ангажман и брзата реакција во прифаќањето на повредените од дискотеката „Пулс“ од Кочани, потоа Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ), Астибо биг бенд, Извидничкиот одред „Еквинокс“, Градски камерен хор, постхумно за Ферус Мустафов, Игор Киров, Димо Узунов, Марија Минчева Андонов, Петре Мијалков, Пане Кукушев, Раде Рогожаров, Жикица Иванов, Душица Бреслиска, Благој Џоџев, Марио Ванчовски, Даниел Христов и групата млади –  Андреј Гичев, Максим Троицки и Виктор Спасов, рече Панајотов.

Кавадарци - На момче му била нанесена тешка телесна повреда при тепачка во кавадаречко, по што едно лице било лишено од слобода, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

- Вчера во 17:45 часот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишија од слобода Р.А., на возраст од 40 години од село Марена, кавадаречко. Според пријавеното, кај место викано „Краиште“, кавадаречко, настанала физичка пресметка помеѓу А.А, на возраст од 21 година, А.А.. на 19-годишна возраст и еден малолетник, од една страна и Р.А. и 38-годишната Ш.А., од друга страна, сите од село Марена. Притоа, Р.А. со дрвен предмет го нападнал 21-годишниот А.А. и му нанел тешка телесна повреда, констатирана во Општа болница - Кавадарци. Предметот е пронајден и одземен, а Р.А. е задржан во полициска станица. Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, појаснија од СВР - Велес.

Претходно, во 16:40 часот во ОВР - Неготино, пријавено било дека 52-годишниот С.Ј. од село Криволак, неготинско, физички ја нападнал 18-годишната Ш.О. од Прилеп.

Штип – Весна Кожинкова е старо-новиот претседател на Советот на Општина Штип. На денешната конститутивна седница на Советот на Општина Штип со 19 гласа „за“ и четворица советници кои гласаа воздржано беше избрана Весна Кожинкова за претседател на Советот на Општина Штип.

Кожинкова во своето обраќање пред советниците во Советот на Општина Штип истакна дека е огромна честа и задоволството вторпат да биде прва меѓу еднаквите во штипскиот Совет.

-Оваа доверба којашто ми се укажува не е само признание на нашата досегашна работа во изминатиот период, туку е уште поголема обврска да продолжиме заедно во иднина уште попосветено, поодговорно и уште потранспарентно. Изминатите четири години како претседател на Советот, сите заедно покажавме дека Советот може да биде институција, во којашто се почитуваат различностите, партиски пред се, во која со искрен дијалог, искрена почит едни кон други можеме да донесуваме одлуки за добробит на граѓаните, вели Кожинкова.

Охрид – Со примопредавање на уверенијата за мандати на градоначалникот и на советниците денеска во Охрид беше формиран новиот состав на локалната самоуправа.

Градоначалникот Кирил Пецаков кому граѓаните на одржаните Локални избори му го доделија вториот мандат во ова прилика изјави дека започнува реализацијата на десетте нови капитални проекти, како и финализирањето на четирите преостанати од првиот мандат.

- Станува збор за сериозна промена на она како ние го перципираме Охрид, првично за охриѓани, а и сите оние кои доаѓаат да уживаат во убавините на Охрид.  Пред нас следува инвестициски период кој верувам дека ќе заврши успешно, односно за многу работи за кои охриѓани разговарале, побарувале и биле насушна потреба ќе се остварат, ќе се завршат. Охрид не само што ќе изгледа поинаку, туку ќе има и многу подобри услови за живот на сите кои се тука во самиот град, но и на туристите, рече Пецаков.

Демир Капија - По два градоначалнички мандата Лазар Петров ноќеска ја честиташе победата на Наталија Димитриева за градоначалник на Општина Демир Капија.  

- Почитувани сограѓани, жители на Демир Капија.  Благодарам за досегашната поддршка. Ми беше чест што имав можност да ја водам нашата општина во изминатите осум години. Упатувам огромна благодарност до сите мои соработници и целиот мој тим кој беше покрај мене во изминатите години. Заедно постигнавме многу. На мојата противкандидатка Наталија Димитриева ѝ ја честитам победата и се надевам дека ќе работи во интерес на граѓаните на Демир Капија, која е наша светост и мора да продолжи да напредува и да се развива, напиша Петров на Фејсбук.

Велес  – Во акција за доброволно дарување на крв, организирана од Мото клубот „Носачи на крстот“, вчера во просториите на Театарот во Велес беа собрани 200 крвни единици, што претставува нов рекорд за оваа традиционална хуманитарна иницијатива. Акцијата, насловена „9-ти Ноември“, се одржува по повод ослободувањето на Велес и оваа година се реализира по осумнаесетти пат. 

Меѓу учесниците, седуммина крводарители за првпат даруваа крв и се приклучија на друштвото на хуманите граѓани.

Орце Николов, секретар на Општинската организација на Црвен крст Велес, изрази големо задоволство од билансот на акцијата и упати благодарност до велешките моторџии, како и до сите граѓани кои се вклучија и придонесоа да се спаси нечиј живот.

Акцијата ја спроведоа лекарите специјалисти д-р Горан Андонов и д-р Ефтим Димитриовски од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје, заедно со своите медицински тимови.

Минатата година, на иста ваква акција за 9-ти Ноември, беа собрани 180 крвни единици, додека на пролетната акција годинава, која исто така ја организира МК „Носачи на крстот“, беа собрани 183 единици крв.

Кавадарци - Во тек е поставување на покривна конструкција на сенаменскиот објект во село Дреново, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- Интензивно се работи на повеќенаменскиот објект во село Дреново на површина од 530 м2, од кои само за спорт, рекреација и културни манифестации се предвидени 360 м2, додека останатиот дел ќе биде наменет за соблекувални, тоалети и една деловна просторија за потребите на Месната заедница Дреново. Инвестицијата во висина од 30 милиони денари е на Општина Кавадарци, соопштија од кабинетот на Јанчев.

Скопје - Градоначалникот Дарко Костовски денеска изврши увид во градежните активности за изградба на нова детска градинка во Бутел 2.

-Градежните активности напредуваат со одлична динамика. Стариот објект кој беше изграден во далечната 1964 години е срушен и на негово место локалната самоуправа гради нова детска градинка на површина од 1800 м2. Новиот објект ќе има 3 влеза, 7 занимални со 7 спални соби, 2 занимални со заеднички спални соби и една просторија за јасли, информираат од Општина Бутел.

Покрај тоа, во новата градинка ќе има и посебна просторија за изолација и медицинска сестра како и млечна кујна. Новиот објект ќе ги исполнува сите услови за згрижување на 200 деца.

Остани поврзан