• четврток, 26 март 2026

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  27  мај  2025

 

 

Штип - Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“  4 јуни  ќе одржи гала концерт во Штип, со почеток во 19:30 часот, во Центарот за култура „Ацо Шопов“ Штип.

Преку писмено соопштение од Центарот за култура „Ацо Шопов“ информираат дека публиката ќе има уникатна можност да ужива во извонредна програма која ги слави македонската народна традиција, фолклор и музичко наследство. Со карактеристичната енергија, прецизна изведба и богат сценски израз, „Танец“ ќе ја претстави разноликоста на македонските народни игри и песни кои се дел од нашето културно богатство.

-Овој концерт е дел од програмата за културни настани што го збогатуваат културниот живот на градот Штип, а истовремено претставува и ретка можност за блиска средба со уметноста која со децении наназад го претставува македонскиот идентитет во светот, се вели во соопштението од Центар за култура „Ацо Шопов“-Штип.

Влезниците се достапни на билетарницата на Центарот за култура “Ацо Шопов“ по цена од 300 денари.

Кочани – Здружението за рурален развој „Јавор“ од Зрновци ја реализираше првата практична обука за пчелари од повеќе градови од државата за начинот за производство на таканаречено трутово млеко, како дополнителен корисен продукт во пчеларството.

Предавањето и обуката се во рамки на проектот „Паметен соларен пчеларник“, а беа претставени главните карактеристики што ги има трутовото млеко и неговите предности во подобрувањето на имунитетот и целокупната здравствена состојба на луѓето кои го користат во исхраната.

Интересот за обуката во Зрновци беше голем, а предавач беше Пламен Христов, пчеларски експерт и доцент на Институтот за сточарство од Костинброд, во софиската област во Бугарија. Тој нагласи дека иако трутовото млеко не е нов и непознат пчелен продукт, сè уште малце се користи и неопходна е поголема едукација и на пчеларите, кои треба да го произведат, и на населението кое треба да биде подобро информирано за лекувачките и други својства што тоа ги има.

-Масовна консумација на трутово млеко нема ниту во Бугарија, а уште помалку во Македонија. Сакаме да издадеме една кратка, но содржајна брошура, како советник за пчеларите, при што ќе користиме информации од руско говорно подрачје, каде трутовото млеко одамна се произведува и користи. Целта е да ја претставиме корисноста од овој пчелен продукт, но не само неговите лекувачки својства, туку и како прехранбен производ, како деликатес и додаток во исхраната. За разлика од матичниот млеч, трутовото млеко е многу поевтин продукт, а има околу 50 отсто од неговите корисни состојки, односно некои микроелементи, како цинк и селен или витамини, што за современиот човек се дефицитарни и тој нема лесен пристап до нив. Свесни сме дека претстои долг пат додека широката популација го прифати како производ, меѓутоа од некаде треба да се почне, истакна Христов.

При практичната обука на присутните пчелари им беше претставен начинот на производство на трутово млеко. Од пчелните рамки, т.н. градежници во кои претходно не е поставена жица и восок за да се стимулира добивањето трутови ларви, беа исечени парчиња и ставени во едноставна преса со цедалка. Кратко време по пресувањето се цеди трутовото млеко што веднаш е подготвено за користење, а присутните пчелари имаа можност да го пробаат.

Проектот „Паметен соларен пчеларник“ е подржан од Европската Унија и Владата на Црна Гора преку регионалниот проект „EICEE-Екосистем за екоиновации и циркуларна економија на Западен Балкан“ и ќе трае до средината на декември оваа година. 

Куманово - Во кумановскиот центар за култура „Трајко Прокопиев“ вечерва со почеток во 20 часот, започнува второто издание на стендап фестивалот „Четвртак у 9“, информираа денеска од Здружението Арт-Манија. 

- Фестивалот го слави современиот стендап како форма на уметност и комуникација, обединувајќи ги најдобрите македонски комичари заедно со реномирани артисти од регионот. Претходното фестивалско издание јасно покажа дека Куманово е град кој го сака и разбира хуморот, со публика која со својата бројност и енергија даде силен импулс дека оваа култура тука има иднина, соопштија од здружението.

Фестивалот се одржува на 27 и 31 мај, 2 и 7 јуни, во Куманово, со амбиција градот да се позиционира како новото јадро на балканската комедија.

- Вечерва е најновото шоу на Мирослав Петковиќ – „Женеее“, а потоа следуваат Бојан Кирковски, Антонио Ташковски, Душан Петровски со „Нежни мажи“ – тројца нови гласови кои со иронија и самоподбив зборуваат за машкото во денешницата. На 31 мај, сцената ја преземаат Мишо Димитријевски Шипе „ Од шупљо у празно“, Надица Петрова – Надето, „Нада, Натчето и нешто плус“ и  Браќа Шуковиќ „Земи си прачка“, со чиста енергија и непредвидливи премини од апсурд до стварност. На 2 јуни, Чедомир Митевски го отвора прашањето што значи да си дебел глумец во Македонија, а потоа Тино и Атанас доаѓаат со ново изненадување. И за крај, на 7 јуни, Марко Трајковиќ и Марјан Георгиевски носат финале какво што заслужува еден ваков фестивал – гласно, вистинито и без маски, се наведува во објавата на здружението.

Претходното фестивалско издание, посочуваат организаторите, јасно покажа дека Куманово е град кој го сака и разбира хуморот, со публика која со својата бројност и енергија даде силен импулс дека оваа култура тука има иднина. Со насловот „Четвртак у 9“, фестивалот симболично го враќа времето резервирано за смеа, заедништво и добра забава, мисијата е фестивалот да прерасне во традиција, а Куманово да се позиционира како национален и регионален центар на стендап сцената.

Велес - Во СВР Велес вчера било  пријавено дека околу 09.34 часот на железничкиот премин  на Регионален пат Велес - Извор, во близина на поранешна фабрика „Порцеланка“ кај Велес, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки управуван од 23 годишниот  Ѓ.О. од Чашка и патнички воз сопственост на Македонски железници, управуван од 39 годишниот К.З.од Скопје.

Во несреќата нема повредени лица, информира утрово Билјана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.

По овластување на јавен обвинител, увид извршила  увидна екипа од СВР Велес.

Инаку патниот сообраќај за време на вршење на увидот се одвивал наизменично во двата правци, а железничкиот сообраќај бил во прекин во периодот од 09.34 до 10.45 часот. 

Скопје - Од 08:00 часот денеска без вода ќе останат корисниците од викенд населбата Моране, информираат од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.

Прекинот со водоснабдување е поради уличен дефект Ф-100мм во викенд населба Моране над црквата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Моране.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато се до санирање на дефектот. 

Скопје - Поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска од 6 до 9 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од ул. „Борка Талевски“ во Општина Центар, од 9 до 15 часот,  од селата  Горно Оризари и Голиево, вклучувајќи го и каменоломот на АД Гранит во село Бразда, во Општина Чучер Сандево, а од 10 до 13 часот, корисниците од дел од село Страхојадица во Општина Зелениково.

Како што најави Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, од 09.30 часот ќе нема вода на ул. „Црвена вода“ бр. 24 во Општина Центар, каде ќе се изведува водоводен приклучок на водоводна мрежа.Прекинот ќе трае до завршување на најавените активности.

Остани поврзан