• понеделник, 02 февруари 2026
МИА Општински пул

2 февруари 2026 

Струмица - Градежната инспекција при Општина Струмица спроведе акција за отстранување на бесправно изградени објекти  во непосредна близина на ДСУ-РЦСОО „Никола Карев“, соопштија од локалната самоуправа.

Се додава дека парцелата е во сопственост на државата и притоа со решителна и транспарентна постапка биле отстранети сите објекти изградени спротивно на законските прописи.

Од Општината наведуваат дека оваа акција е јасна порака дека јавниот интерес и владеењето на правото се приоритет. 

Кочани - Во манастирот „Источен Петок Балаклија“ во местото викано Добра Вода кај кочанската населба Оризари во тек се подготовките за бетонирање на втората плоча од манастирската кујна. 

Активностите се дел од континуираните напори за доизградба и уредување на манастирскиот комплекс кој се наоѓа во близината на кочанската населба Оризари.

До сега, реализацијата на планираните зафати се одвива постепено и согласно утврдената динамика, информираат од црковниот одбор.

Битола - Утрово во 02:00 часот на улицата Партизанска во Битола, полициски службеници од СВР Битола ја лишија од слобода М.Р.(18) од Битола затоа што кај неа е пронајдена прашкаста материја. 

Од СВР Битола информираат дека со наредба на Основен суд Битола, извршен е и претрес во нејзиниот дом, при што е пронајдена и одземена марихуана. 

Службеници на СВР Битола спроведоа акција и на улицата .„Илинденска" во Битола и го лишија од слобода О.Н.(40) од Битола. При претрес во неговиот дом, истиот извршен со наредба на Основен суд Битола, пронајдени и одземени се грутчеста и прашкаста материја, метални предмети со остатоци од прашкаста и растителна материја, дигитални ваги и други предмети со остатоци од дрога. 

Кавадарци - „Голи оток“ и „Брушанско маало“ се двете населби што денеска остануваат без вода за пиење поради дефект, информираа доцна синоќа од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци.

- Поради дефект на главна линија за дел од висока зона на градот, без вода за пиење ќе останат населба „Брушанско маало“ и населба „Голи оток“, соопштија од претпријатието.

Од претпријатието посочија дека прекинот во водоснабдувањето за двете населби ќе трае додека да се отстрани дефектот и се нормализира снабдувањето со вода за пиење.

Скопје - Од денеска до 23 септември 2026 година ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во општина Центар.

Како што информира ГД „Гранит“ АД Скопје, посебниот режим на сообраќај се воведува поради градежни активности кои се однесуваат на изградба на улици и комунална инфраструктура на улицата „Тодор Александров“ бр.11 и бр.12 во Општина Центар. 

- Согласно издадено Одобрение за времена измена на режим на сообраќај од Град Скопје со број 15-12450/4 од 13 јануари 2026 година, Ве известуваме дека на ден 2 февруари 2026 година ГД „Гранит“ АД Скопје ќе започне со градежни активности кои се однесуваат на изградба на улици и комунална инфраструктура на улици: Тодор Александров бр.11 и Тодор Александров бр.12, Општина Центар во Скопје, се наведува во соопштението од ГД „Гранит“ АД Скопје.

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажува најновиот неделен извештај на ЈП „Водовод и канализација. 

Секторот за санитарна контрола во периодот од 26 до 30 јануари 2026 година зел 185 примероци за физичко-хемиска и 185 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 41 мерни места во градот Скопје.

Според добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење. 

Охрид - Три трофеи, девет златни и осум сребрени медали освоија охридските „генијалци“ на неодамна одржаниот 16 по ред Меѓународен Бреинобреин-абакус натпревар.

Тоа е одличен резултат, дотолку повеќе што 20-те учесници од Центарот за развивање животни вештини при Црвениот крст се натпреваруваат во мошне силна конкуренција од 23.912 учесници од 79 земји од светот.

Од охридскиот Црвен крст посочуваат дека и овој пат интернационално мерливите резултати покажале и потврдиле дека охридските бреинобреин генијалци се меѓу најдобрите во светот.

Битола - Јавното претпријатие „Стрежево“, кое стопанисува со истоимената акумулација крај Битола, денеска почна со издавање дозволи за рекреативен риболов. 

Од ЈП „Стрежево“ информираат дека риболовците може да обезбедат годишни, месечни и еднодневни дозволи за рекреативен риболов.

Висината на надоместокот за дозволите за риболов на акумулацијата се движи од 200 денари за еднодневен риболов, до 1.500 денари за годишна дозвола, која може да се користи 365 дена. За членовите на здружението за спортски риболов „Стрежево“ годишната дозвола чини 1.000 денари. Рекреативните риболовци може да обезбедат и месечни и тридневни дозволи за рекреативен риболов на акумулацијата „Стрежево“.

Скопје - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео од булеварот Македонија, чија изградба почна вчера и се очекува првата фаза да биде реализирана во рок од 90 дена.

- Градот Скопје со визија и посветена работа ги испишува нивите страници на една убава, достоинствена и горда историја - пишува во објавата на „Фејсбук“.

Ѓорѓиевски најави дека следната недела треба да биде распишана и тендерската постапка за втората фаза, а очекува целата сообраќајница, која е околу два километра, да биде завршена до крајот на неговиот мандат. 

Скопје - Без електрична енергија денеска од 09 до 11 часот ќе бидат жителите од булеварот „Јане Сандански“ бр. 30 во општина Аеродром, соопшти ЕВН Македонија. 

Во истиот период електрична енергија ќе нема и на улицата „Индира Ганди“ во општина Шуто Оризари. 

Остани поврзан