МИА Општински пул
- МИА Општински пул
28 мај 2025
Битола - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, ко-претседавач на заедничкиот консултативен комитет на комитетот на региони ЕУ - Македонија учествува во работата на комитетот што се наоѓа во седиштето на Европскиот комитет на региони „Жак Делор” во Брисел.
На консултативниот состанок, тема се искуствата со членките на комитетот во повеќе области на локалната политика и развојот на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, информира Коњановски.
Во Брисел се одржа и тематска дебата за справување со загадувањето и предизвиците за заштита на животната средина на која учествуваа освен Коњановски учествуваа Јован Тозиевски, градоначалник на Општина Ресен, Ѓорѓе Божинов градоначалник на Општина Ново Село и Жарко Ристески, градоначалник на Општина Македонски Брод.
Во просториите на македонската амбасада во Брисел заедно со амбасадорот Зулфи Исмаили, шеф на мисијата на Македонија во ЕУ, на пригоден начин е одбележана 80 годишнината од кодифицирањето на Македонскиот литературен јазик, информираа од Општина Битола.
Прилеп - На почеток сме, но имаме успешни чекори во давањето социјални и здравствени услуги на загрозените семјества и поединци во локалната зедница. Посебно на спојувањето на социјалните и здравствените услуги за загрозените семејства и поединци, а за тоа се битни институционална соработка и соработка со другите земји и користењето искуства. Ова беше констатирано на денешната меѓународна конференција во Прилеп за „Социјалните и здравствените услуги во заедницата“ што ја организираше Центарот за развој и едукација од Прилеп, а присуствуваа претставници од Австрија, од Албанија, Србија, Хрватска.
-Меѓународна конференција „Социјални и здравствени услуги во заедницата“ е со цел да отвориме дијалог, да размениме идеи и искуства и да најдеме можни решенија како да го подобриме пристапот до социјалната и здравствена заштита и да ги направиме овие услуги подостапни за сите категории граѓани кои се во социјален ризик. Следејќи ги добрите практики во земјите од Европската Унија, гледаме како тие модели може да се имплементираат во наш, национален, но и во локален контекст. И не случајно, по развојот и испораката на услугата Нега во домот за нашите жители на територијата на Кривогаштани, Прилеп и Долнени, е веќе достапна услугата медицинска сестра во заедницата, дополнително е обезбедена поддршка со бесплатна физиотерапија во домот, бесплатен психолог, бесплатен социјален работник во домот, изјави Марина Тошеска од Центарот за развој и едукација од Прилеп.
Кавадарци - Средношколките од Кавадарци од денеска имаат пристап до бесплатни менструални влошки во училиштата, менструалната правда започнува во Кавадарци, ова е историски ден, информираа денеска од Комисијата за еднакви можности при оваа Општина, на светскиот ден на менструалното здравје.
- Горди сме да објавиме дека иницијативата на Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци стана реалност. Поставени се четири диспанзери за менструални влошки во СОУ „Добри Даскалов“ , ЗШУЦ „Ѓорче Петров“ ,СОУ „Ќиро Спанџов-Брко“. Кавадарци е градот каде што секоја девојка е важна. Во Општина Кавадарци веруваме дека менструалното здравје е право, а не привилегија, истакна Марија Камчева, координатор за еднакви можности во Општината.
Таа изрази благодарност до Винарија Тиквеш за донацијата на финансиските средства во рамки на Фестивалот на младо вино.
- Овој важен чекор не би бил возможен без поддршката од Бела фарм аптеки, здружение за менструална правда и UN women Скопје. Ова е само почеток, подвлече Камчева.
Новаци - Бизнисмени од општината Тире која е составен дел на турскиот град Измир ќе инвестираат во индустриската зона Новаци која на располагање нуди можност за градба на 15 фабрики од лесната индустрија.
Градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски ги информира турските бизнисмени и градоначалникот на Тире, Ајати Окуроглу дека индустриската зона е оформена и во моментов се работи на сообраќајниците на зоната.
-Со претставниците на индустриските зони во Тире имаме воспоставена соработка која е со цел да ја промовираме новата индустриска зона која во овие три години со наше залагање е во напредна фаза од изградбата. Нашата цел е да привлечеме што поголем број потенцијални инвеститори од Република Турција кои припаѓаат на лесната незагадувачка индустрија за што е фокусирана индустриската зона во Новаци. Во овие три години се вложивме во изградбата на индустриската зона, никулците се видливи, работиме на главните сообраќајници. Новата индустриска зонакоја е на површина од 20 хектари и таа ќе ја развие економијата и квалитетот на животот на населението во Општина Новаци, а со тоа директно ќе придонесуваме за развој на Пелагонискиот регион. Во зоната може да се изградат 15 фабрики, а половина од парцелите се продадени на домашни и странски инвеститори, најголем дел од Турција, односно од Сакарија, Газиантеп, а ќе има и од Измир, истакна градоначалникот Стевановски.
Тетово - Студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа претставија изложба на фотографии на кои визуелно е претставено загадувањето на воздухот, што е дел од проект заедно со Универзитетот во Бирмингем во Обединето Кралство за градење на капацитети за истражувањата во областа на животната средина.
Користен е мобилен уред за мониторинг на воздух кој има оптички бројач на честички и потоа зачестеноста на ПМ честичките е визуeлизирана на фотографиите од местата каде е мерен загадениот воздух.
- Ова е оптички бројач на честички кој вшмукува воздух. Потоа ласер мери колку честички има во тој воздух и потоа ви дава отчитување. Значи, сличен е на регулаторниот уред за дневен мониторинг што го имате во Тетово, но помал, поевтин, покомпактен, помобилна верзија, истакна Руперт Авис, професор од Универзитетот во Бирмингем.
Проректорот за истражување на УЈИЕ, Беса Арифи, посочи дека оваа метода покажала дека загаден воздух има и во затворени простории.
Дебар – Древниот Бигорски манастир, по третпат, вчера беше домаќин на еден несекојдневен културно-уметнички настан-уникатната детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, што ова познато светилиште го преобрази во тивка, вдaхновена уметничка сцена.
- Под синиот покров на мајското небо, светилиштето на Свети Јован Крстител, по благослов на нашиот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, ги отвори широко вратите за новата генерација млади уметници, дојдени од различни делови на светот, за да го претворат манастирскиот двор во жив мозаик на боја, младешка радост и културно единство, рече за МИА, сестра Ефимија.
Оваа уметничка манифестација е организирана од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски.
Неготино - Неготинец пријавил во полиција измама од тетовец за работа во странство, информираа денеска од Сектор за внатрешни работи Велес.
- Вчера во 12.45 часот, во ОВР Неготино, 39-годишен маж од овој град, пријавил дека бил измамен од машко лице од Тетово. Според пријавеното, тој во август 2024 година, на социјална мрежа забележал оглас за работа во странство, започнал телефонска комуникација со лице од Тетово и на банкарска сметка уплатил 12.000 денари. На седми април 2025 година, мајката на пријавителот му платила уште 300 евра на лицето од Тетово, по што пријавителот не можел повеќе да стапи во контакт со него и сфатил дека е измамен, соопштија од СВР Велес.
Оттаму додадоа дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Скопје - Во сабота, на 31 мај, со почеток во раните утрински часови со делумен прекин на водоснабдувањето ќе бидат населените места Визбегово, бул.„Босна и Херцеговина“, Чаир, Топанско Поле, Автокоманда, висока зона Железара и Бутел 1, поради поврзување на главниот магистрален водовод.
ЈП Водовод и Канализација - Скопје денеска соопшти дека работните актовности се очекува да заврши за помалку од 15 часа, во кои најмногу часови се одвојува за празнење и полнење на магистрален цевковод.
- Во сабота (31 мај) со отпочнување во 00:00 часот, планирани се активности за изведба на главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, за која цел е изготвен план со кој се предвидува прецизна постапка со цел брзо и ефикасно завршување на ваквиот потфат. Главна цел на овој Оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот на водата, како и намлување на загубите на вода, се наведува во соопштението.
Скопје - Со пригодна свеченост, денеска беше одбележан 60-годишниот јубилеј на ЈУДГ „Росица“ од општина Ѓорче Петров.
На настанот присуствуваа воспитувачи, родители, поранешни и сегашни вработени, како и голем број деца кои го исполнија Центарот за култура во Ѓорче Петров со насмевки, песни и игри.
По повод јубилејот, свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, кој ја истакна важноста на оваа институција за заедницата.
-Градинката „Росица“ не е само простор за чување и воспитување деца – таа е втор дом, место каде што се создаваат првите пријателства, се учи за вредностите и се формираат идните генерации. Денес славиме 60 години љубов, труд и посветеност од луѓе кои вложиле се за децата. Ѓорче Петров ќе продолжи со целосна поддршка на ваквите институции, затоа што децата се нашата најголема инспирација и иднина – рече Стојкоски.
Скопје - Во СОСУ ИЛИНДЕН продолжува инвестирањето во нова и напредна опрема од електротехничка струка за да се создаде иновативна и стимулативна средина за учење и стекнување на трајни и одржливи знаења и вештини.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, го посети средното училиште, пришто заедно со пратеничката Драгана Бојковска и директорот на училиштето Зоран Арсовски направија увид во новите инвестиции спроведени во изминатиот период во ова училиште. Како што истакна градоначалникот Георгиевски во денешното дигитално време, технологијата игра клучна улога во начинот на кој се одвива образованието. Набавката и поставувањето на комплексен индустриски роботски систем во училиштето е нешто што ќе го подобри образовниот процес по сите предмети кои се поврзани со автоматиката и роботиката, а со тоа ќе овозможи и нови можности за развој на самите ученици.
Индустрискиот роботски систем со роботската рака е напреден уред кој може да извршува различни задачи со голема прецизност. Таа ќе биде користена за демонстрации на механизмите на движење кај најкомплексните роботи и за демонстрација на интегрирање на роботи во автоматизацијата на процесите. Преку практични примери и вежби, учениците ќе имаат можност да научат како функционираат роботите, како се програмираат и како тие можат да се применат во индустријата. Ова ќе биде особено корисно за учениците кои се заинтересирани за наука, технологија, инженерство и математика (STEM).