• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

12 јуни 2025 

Скопје - Без вода денеска се улиците „Сотир Томовски“, „Гаврил Константиновиќ“, „Благоја Мучето“ и „Ернест Телман“, информираат од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Како што појаснуваат, корисниците од овие улици се без вода за пиење поради изведувње водоводен приклучок на улицата „Сотир Томовски“ во населба Лисиче.

Скопје - Поради дефект на огрлица Ф-80мм на ул. „Вангел Наумов“ 5 во населба Кисела Вода, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од прва зона Припор.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од  09:45 часот до санирање на дефектот.

Куманово - Во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ верчер во 20 часот ќе биде отворена традиционалната ликовна изложба „Самоуки 2025“, информираа денеска од установата. На изложбата ќе бидат претставени околу 40-тина дела во форма на слики, цртежи и скулптури изработени од 17 автори.

-Целта и идејата на оваа изложба е претставување на кумановските неакадемски уметници пред пошироката јавност, но, и развивање на афинитети кон визуелните уметности, едукација и презентација на запоставеното творештво коешто претставува локално богатство и заслужува да биде споделено со ликовната публика, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметноста.

Куманово - Кумановската уметница Марина Цветановска Мартиновска на покана на „Галерија 73“ изложи дела од нејзината последна изложба „Празни недостатоци“, информираше денеска уметницата.

Изложбата беше отворена од 3 до 9 јуни, а се реализираше на покана на галеријата. Уметницата се претстави со современа ликовна изложба што ги надминува традиционалните формални и тематски граници на уметничкиот израз. Изложбата опфати просторна инсталација-скулптура, ѕидни и аголни инсталации, релјефи-објекти, и картонски форми со огледални фолии, текстилни ленти и силиконски или алуминиумски конец.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа се сретна со жителите на Дебар Маало во рамки на караванот „Се гледаме во маало“. Средбата се одржа на спомен-клупата на Горан Стефановски, каде што дебармаалци имаа можност директно да разговараат со градоначалникот, да дадат предлози и да се информираат за тековните и планирани општински активности.

„Дебар Маало е боемската душа на Центар. Ни е важно да го зачуваме тој идентитет, но и да создадеме услови за нормален и квалитетен живот“, рече Герасимовски, најавувајќи засилена комунална и градежна инспекција со цел да се подобри редот и мирот во населбата.

Скопје - Од 9:00 часот утрово без вода ќе бидат корисниците од улицата „Осло“ во општина Карпош.

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“, причина за прекинот е изведување водоводен приклучок од ф - 100 мм на улицата „Осло“ бр. 15б. Вода нема да има до завршување на зафатот.

Скопје - Во Изложбениот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) вечер во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Три приказни“ – во чест на австрискиот уметник Бернхард Холеман (1935–2020).

Изложбата е организирана од Асоцијацијата за култура ИКОН, во соработка со МАНУ, и ќе прикаже дела кои Холеман ги создавал во Македонија, групирани во три тематски циклуси: „Богомолки“ – инспирирано од симболиката на инсектот богомолка, „Во слава на виното“ – омаж на виното како културен и духовен симбол и „Свети Наум како ликовен сон“ – инспирација од манастирскиот простор на Охрид.

Скопје - Танцов перформанс „Нестабилни другари“ од српскиот кореограф Игор Коруга ќе се одржи вечер од 20.30 часот во Младинскиот кулутрен центар. Перформансот е дел од Фестивалот за квир-феминистичка култура, уметност и теорија – Викенд на гордоста Скопје 2025, годинава куриран под тематот Југоквир.

Како што соопштуваат од Коалиција Маргини, перформансот претставува критичко преиспитување на влијанието на капитализмот, патријархатот и другите репресивни системи врз личниот и телесниот простор – род, сексуалност, желба, емоции – преку јазикот на современиот танц. Инспириран од квир марксизмот, Коруга ја претвора сцената во динамичен простор за истражување на идентитетот, ранливоста и отпорот како средства за политичка визија.

Скопје - Во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово денеска ќе биде  отворена изложбата „Мајка Тереза – светица од Скопје, светица на светот“, која нуди ретроспективен приказ на животот и делото на една од најзначајните хуманистки на 20 век. Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 23 јуни 2025.

Преку колажи со фотографии и текст, поставката ги доловува значајните моменти од животот на Мајка Тереза – од нејзиното детство во старо Скопје, преку транзицијата од Гонџа во сестра Тереза, па сè до позначајните награди и признанија, нејзините посети на Скопје, нејзината смрт, беатификација и канонизација. Посебен акцент е ставен на поемата „Проштевање“, која Мајка Тереза ја напишала на патувањето од Ирска до Индија.

Скопје - Колективна монографија „Македонска поетика и стилистика“, прва национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, ќе биде промовирана денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Монографијата е резултат на долгогодишната научна посветеност на македонски истражувачи и е објавена во соработка со Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац.

Автори на монографијата, која е под редакција на проф. д-р Бранко Тошовиќ и проф. д-р Славчо Ковилоски, се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Трајче Стамески и ас. м-р Иван Антоновски, како и научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац. 

Остани поврзан