МИА Општински пул
- МИА Општински пул

17 февруари 2025
Кочани – Жителите на општина Чешиново-Облешево во рамки на денешната завршна сесија од Форумот во заедницата, дадоа поддршка на проектот за изградба и уредување детски забавен парк и обезбедување опрема за негово снабдување со вода.
За реализација на проектот е обезбедн грант од 40 илјади американски долари е во рамки на програмата Зајакнување на општинските совети, финансирана од владата на Швајцарија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Министерството за локална самоуправа.
-На форумската сесија се гласаше се четирите проекти од инфраструктурата што беа предложени на претходните средби, а едногласна поддршка, со максимален број гласови на присутните граѓани, доби предлогот за уредување на детскиот парк во Облешево. Другите три предлога се однесуваа на поставување автобуски постојки во наслените места во општината, реконструкција на патниот правец Облешево – Спанчево и уредување детско игралиште во градинката во Чешиново имаа скоро изедначен број гласови, но не се квалификуваа за да се релизираат со овој проект и како потреби на менсотио население ќе бидат доставени до општинската администрација која во иднина треба да најде можности за нивно решавање, истакна Јорданчо Костадинов, комодератор на форумските сесии.
Покрај швајцарската финансиска поддршка, во реализацијата на проектот со кофинансирање во висина од 20 отсто ќе учествува и Општина Чешиново-Облешево. Рокот за комплетирање на градежните активности е до септември годинава, по што ќе се одржи завршна форумска сесија на која ќе биде разгледан извештај за реализираниот проект.
Струмица - Во Струмица успешно е реализиран петтиот и последен форум за млади лидери во рамки на проектот „Зен 2.0 Караван“, соопштија организаторите, Здружението „Икуалити“.
На форумот учествувале 11 лица на возраст од 16 до 24 години: 36 отсто на возраст од 15 до 17 години, 63 отсто на возраст од 18 до 24 години.
-Младите на Форумот, кој се одржа на 14 февруари, во просториите на Здружението „Новус“ во Струмица, aктивно учестваа во три менторски обуки. Обуките се однесуваа на три теми, обуката за јавен настап и креативно изразување, со цел унапредување на индивидуалните комуникациски вештини, обуката за индивидуално и групно застапување, со цел претставување пред различни институции и тела во рамки на правниот поредок во земјата, но и на меѓународно ниво и третата обука посветена на техники и методи за одржување на стабилен имунитет на физичко и психичко ниво, се наведува во соопштението.
Додаваат дека по успешните форуми во Општина Аеродром, Гостивар, Битола, Куманово и Струмица, „Зен 2.0 Караванот“ продолжува да ги поттикнува младите и преку нивно активно делување и иницирање промени да ги поврзе со локалните власти и надлежните институции за одбраниот проблем, со цел постигнување промена која е иницирана и остварена благодарение на нивните заложби.
Куманово - Еден потврден случај на шуга, а тројца ученици се сомнителни и се во изолација во основното училиштето „Кирил и Методиј“ во кумановското село Романовце, соопштија денеска надлежните од училиштето.
Денеска, на терен беа присутни и екипи од Центарот за јавно здравје кои извршија увид. Семејството на едниот ученик доставило потврда од лекар до училиштето. Во изолација е и сестрата на првоодделенецот. Останатите два случаи се сомнителни, директорот усно бил информиран и двата ученика се во изолација. Училиштето презело повеќе мерки меѓу кои и дезинфекција.
Охрид - Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,16 метри надморска височина или 23 сантиметри под просекот за февруари, шест сантиметри над дозволениот минумум.
Неповолните временски услови со малку врнежи дополнително придонесуваат за нискиот водостој. На почетокот на декември минатата година нивото на водата во езерото беше спуштено дури два сантиметри под минимално дозволената кота утврдена на 693,10 метри.
Промените во водостојот на езерото најмногу се манифестираат во крајбрежниот појас, што според експертите е најважниот дел од езерскиот еко-систем.
Дебар - Македонското друштво „Илинден“-Тирана повторно ја актуализира потребата за 24-часовно работење на граничниот премин Требиште - Џепиште, кај Дебар, барајќи од албанската влада итно решавање на ова прашање.
-Бараме од Владата на Република Албанија под итно да го реши долгогодишниот проблем со работното време на граничниот премин Требиште – Џепиште. Тоа значи преминот да работи 24 часа, како што беше договорено од владите на Македонија и Албанија на заедничката владина седница во Поградец на 15 декември 2017 година, како дел од напорите за подобрување на регионалната поврзаност, стои во соопштението на друштвото.
Сепак, и покрај оваа одлука, се додава, граничниот премин и денес функционира, како премин од локален карактер, што подразбира со ограничено работно време што претставува сериозен проблем за жителите на Голо Брдо, особено во зимскиот период, кога ниските температури, снегот и неповолните временски услови дополнително ја ограничуваат нивната комуникација и движење.
- Владите на Македонија и Албанија официјално се согласија дека граничниот премин треба да работи 24 часа. Неспроведувањето на оваа одлука претставува непочитување на билатералните договори. Други гранични премини меѓу Македонија и Албанија функционираат 24 часа, па се прашуваме зошто оваа одлука сè уште не е спроведена и за овој премин и не тера на помислата дека станува збор за дискриминација во однос на другите гранични премини, се посочува во соопштението, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај и Фатри Фетаху координатор на друштвото за оваа област.
Делчево - Во делчевскиот здравствен дом „Гоце Делчев“ со решение повторно е донесена одлука да почне со работа комисија за полагање стручни испити на здравствените работници. Информацијата за МИА ја потврди директорката на установата, Билјана Георгиевска која рече дека комисијата веќе функционира и апелираше до заинтересираните да се пријават навреме.
-По подолг период повторно добивме решение за формирање комисии за полагање стручни испити на здравствени работниции тоа со завршено средно вишо и високо образование. Комисијата веќе започна со работа и ги поканува сите заинтересирани кои можат да се пријават да го сторат тоа што поскоро, информираше Георгиевска.
Здравствениот дом во изминатиот период како што додаде директорката работеше и на воведување нови услуги согласно потребите на пациентите.
Тетово - Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи од Тетово преку соопштение реагира на повикот на Општина Тетово за давање предлози за именување на улици. Општина Тетово објави повик за прибирање предлози за преименување на улици кои веќе имаат определено име и именување на новите улици во периодот од 10 февруари до 10 март.
- Општина Тетово продолжува да го води процесот за преименување на улици во градот и именување на нови улици и во таа насока објави 30 дневен јавен повик за доставување на предлози. Општина Тетово ги игнорира јавните апели на Сојузот на борци, политичките партии и граѓаните, како и ставот на Владата дека е неприфатливо преименување на постоечки имиња на улици во градот Тетово и упорно води постапка и за преименување на улици, се вели во соопштението на Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи.
Тие сметаат дека повикот е само обид на Касами за да покаже демократија.
- Будно го следиме процесот и примаме почетни загрижувачки информации кои говорат дека Општина Тетово само се обидува да глуми демократија и вклученост на граѓаните, а дека во суштина предлогот веќе е на бирото на градоначалникот. Законот забранува водење на постапка за определување на имиња на улици најмалку 6 месеци пред одржување на локални избори, па ваквото брзање, глумење демократија, игнорирање на апели и поминување на претходно зацртани предлози е само во служба на предизборието и креирањето на меѓунационална криза и треба веднаш да престане, велат од Сојузот.