
8 февруари 2023
Скопје - Граѓани од населбата Автокоманда денеска повторно излегоа на улица за да изразат незадоволство од новиот начин на снадбување со топлинска енергија. Негодуваат дека не биле навремено известени за промените на договорите, ниту пак им бил даден избор да одлучат дали сакаат да се греат под новите услови.
Жителите на Автокоманда велат дека немаат греење по 22 часот, а неретко парното наместо во 6 часот им се вклучува во 7 часот наутро.
Битола - Книгата „Брливо шилеже“ во издаваштво на Пелагонски културно-научни средби-Новаци, на авторот Божин Андоновски содржи 23 раскази или искази на луѓе, како и сеќавања на самиот автор од кои се откриваат времиња и настани преку кои Андоновски прави конструкција и реконструкција на историјатот на еден регион.
На синоќешниот промотивен настан во Битола, рецензентот, универзитетскиот професор Златко Жоглев истакна дека авторот Божин Андоновски во расказите внесува многу луцидни и креативни коментари поврзани со народната традиција и верувања кои всушност служат како инспирација за повеќе раскази од книгата.
Според информаците од тетовската полиција определен е осум дневен притвор за осомничениот З. Д. (33) од Голема Речица кој ќе биде спроведен во КПУ Затвор Скопје.
Тетово - Денеска и утре Попова Шапка е домаќин на државното првенство во сноуборд на Македонија и „ФИС Сноуборд куп 2023", во организација на Скијачката федерација на Македонија, Меѓународната скијачка федерација (ФИС) и сноуборд клубот XMKD. (ХМКД).
На првенството, покрај домашните претставници учествуваат повеќе од 50 натпреварувачи од повеќе земји од Србија, Бугарија, Грција и Романија.
Дебар – Поради состојбата после катастрофалниот земјотрес што се случи во Турција и во Сирија, по барање на градоначалникот Медат Куртовски, Советот на општина Маврово и Ростуше попладнево одржа вонредна седница.
На седницата, по предлог на Куртовски, донесена е едногласно одлука да се додели финансиска помош во износ од 500.000 денари за настраданите во подрачјата погодени од земјотресот.
Струмица - Струмичкиот театар „Антон Панов“ сите пари собрани од продадените билети за месец февруари ќе ги донира за помош на настраданото население погодено од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.
Ова го соопшти директорката на НУЦК „Антон Панов“, Танкица Стојанова, која упати апел да публиката да дојде во театарот и на тој начин да ја искаже својата хуманост.