4 февруари 2026
Кавадарци - Кавадарчанец бил лишен од слобода, а неговото возило му било одземено, затоа што немал положен возачки испит за управување на возило од Б категорија.
- Синоќа во 19 часот, на улица „Методија Џунов Џикот“ во градот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишија од слобода С.Ф., на возраст од 43 години. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген“ со кавадаречки регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Тој бил приведен во полициска станица, а возилото било привремено одземено.
Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, како што додадоа од СВР - Велес, против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик.
Битола - Експерти од Словенија и Франција на работилница во Битола организирана од локалната самоуправа денеска презентираа стручни мислења за изградба на туристичка гондола на Пелистер.
Планината Баба со врвот Пелистер се исклучителна атрактивна локација за изградба на гонодола чиј капацитет за превоз на туристи може да достигне до илјада лица во еден час, предочи словенечкиот ексоерт Франц Фурлан.
-За Пелистер најпрактична е кабинска жичарница со капацитет од илјада лица на час и со брзина од 7 метри на час бидејќи со таква динамика е најстабилна и при силен ветер. Во секоја кабина може да се сместат максимум 10 лица и тоа е доволно за конфорен превоз и набљудување на убавините на Пелистер кој на еден дел од пределите нуди амфитеатарски поглед на планината која според проектот би имала и повеќе скијачки патеки, посочи Фурлан.
На денешната работилница во Советот на Општина Битола, експертите во предложениот матер план посочија три стартни локации на гондолата, односно поаѓање од селата Трново, Цапари и Нижополе.
Кочани - По повод 154-годишнината од раѓањето на македонскиот национален херој, организатор и водач на македонското револуционерно движење – Гоце Делчев, општинска и училишна делегација, положија цвеќе на бистата на Гоце Делчев во дворот на Подрачното училиште во Горни Подлог.
Годишнината од раѓањето на најголемиот македонски револуционер беше одбележана со стихови и со историски осврт во сеќавање на неговото дело.
Ликот на Делчев беше мотив на ликовни дела на ученици од училиштето во Подлог, а беа интерпретирани и познати стихови посветени на македонскиот великан.
Гостивар – Градоначалникот на Гостивар Ваљбон Лимани денеска се сретна со скијачот Виктор Петков, кој ќе настапи на Зимската олимпијада, при што лично му посака успех на претстојните натпревари и достоинствено претставување на државата и родниот град.
- Неговиот успех е гордост не само за Гостивар, туку и за целата држава. Особено е важно што настапот на Виктор Петков на Зимските олимписки игри Милано-Кортина е воедно и големо достигнување во неговата спортска кариера, рече Лимани.
Во разговорот пред заминување на македонските спортисти на ЗОИ, Лимани најави потрајна соработка со спортистите и финансиска поддршка. Градоначалникот Лимани ја потенцира институционална поддршка за младите спортисти и како што истакна, ваквите успеси ја детерминираат инспирацијата на новите генерации да ги остваруваат спортските соништа.
Виктор Петков е член на ски клубот „Сноу спорт клуб“ и во спортската кариера има постигнато значајни резултати. Досега, тој учествувал на пет Светски првенства во скијање, на значајни меѓународни купови и првенства. Негова специјалност се техничките дисциплини во скијање.
- Се надевам на добар резултат и настап и на оваа зимска олимпијада. Честа е голема да се биде дел од државна репрезентација, а со тоа и одговорноста, рече Петков пред неговиот прв настап на олимписки игри.
Дебар - Во општина Маврово и Ростуше минатата година исплатен е еднократен паричен надоместок за 21 новороденче, што е за 3 помалку од претходната година.
-Во текот на минатата година, доделивме 21 ваучер, односно еднократен паричен надоместок, наспроти 24 во 2024 година. Надоместокот е во износ од 9 илјади денари. Во првиот месец од годинава, до денес, сè уште немаме новороденче, изјави за МИА, Букурија Беќири, раководител на одделението за човечки ресурси во општината.
Бебешки бонус општината доделува врз основа на едногласно донесената одлука на Советот на општината, во 2018 година, во рамки на Програмата за здравствена, социјална и детска заштита и до сега ова право е исплатено за 240 бебиња.
- Ваучери за новороденчиња ќе доделуваме и годинава, што е деветта година по ред. Да потсетам на она што е веќе познато. Ова право се доделува само за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на општината Маврово и Ростуше, но не и на семејствата кои потекнуваат од овој крај а живеат и работат во странство или во друга општина во државава, додава Беќири.
Општината неколку години по ред доделува и еднократна помош за сите првачиња во износ по 6 илјади денари, како и по 10 илјади денари за секој редовен но и вонреден студент, доколку е невработен. Овие права ги оствариле 27 првачиња и 19 студенти.
Гостивар – Организаторите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ ги објавија конкурсот и пропозициите за учество на годинешното 12. по ред фестиваслко издание. Заинтересираните автори треба да се пријават до крајот на март.
На новото издание на поетската манифестација која се одржува во Гостивар може да учествуваат сите поети од Македонија и балканските земји во две возрасни категории, до 18 години и над 18 години на слободна тема.
– Секој учесник конкурира со по три досега необјавени песни, не подолги од 32 реда, на својот мајчин јазик. За учесниците на кои македонскиот не им е мајчин јазик задолжително треба да достават препев на македонски или на англиски јазик. Песните треба да се достават во WORD документ, наведуваат од одборот за организација на фестивалот.
Покрај личните податоци, секој учесник задолжително треба да достави и адреса и место на живеење, возраст и телефонски број за контакт. Творбите се испраќаат на електронската пошта на фестивалот: literaturniiskri@yahoo.com.
Струмица - Денеска во Струмица беше одбележана 154 годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Пред неговиот споменик, на истоимениот плоштад, се одржа пригодна свеченост на која за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Петар Јанков.
Тој истакна дека Струмица како град на историја, традиција и слободен дух, со особена чест се поклонува пред неговото дело.
-Нашата Струмица била сведок на чекорите на револуционерите, на нивната жртва и на нивната непоколеблива верба во подобро утре. Затоа, споменот на Гоце Делчев е жив дел од нашиот идентитет. Нашата обврска денес не е само да се сеќаваме, туку да продолжиме по патот којшто тој го трасираше, да градиме општество на еднаквост, на можности, на напредок и на соживот. Да им оставиме на младите генерации држава во која ќе можат да сонуваат, да создаваат и да живеат достоинствено. Нека ни бидат пример неговата решителност, неговата жртва и безгранична љубов кон Македонија, рече градоначалникот Јанков.
Пред споменикот на Делчев ученици од ООУ „Гоце Делчев“ од село Вељуса изведоа рецитал, а претставници на Општината,политички партии, институции, здруженија и граѓани положија цвеќе.