• четврток, 13 февруари 2025
МИА Општински пул

16 јануари 2025

Дебар – По повод големот христијански празник Богојавление, со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, светиот крст ќе биде положен во водите на река Радика, за што може да се пријават сите заинтересирани.

Во денешната објава на манастирот, се замолуваат сите заинтересирани, кои сакаат да земат учество во овој чинот да се пријават кај надлежниот архимандрит, отец Доситеј на следниот телефонски број +389 70 342 970.

-По објавата само денеска пријавени се над 100 верници, од повеќе градови на нашата држава. Можност имаат да се пријавуваат и следните денови. Очекуваме да има повеќе од двојно. На свечениот чин на полагање на светиот крст во водите на Радика, по традиција, ќе присуствуваат претставници на општина Маврово и Ростуше, како и жители од долнореканските села, рече за МИА архимандрит Доситеј.

Според отецот, многу е важно учесниците во чинот на полагањето на крстот во водата претходно да учествуваат и на Божествената Литургија со примање на Светата причест.

Гостивар - Земјоделци од 14 горнополошки села денеска протестираа пред седиштето на АД „Водостопанство на РСМ“ во Гостивар, заради градежните интервенции на каналот за наводнување, со што, како што велат, се намалува количината на вода за наводнување.

Од АД „Водостопанство“ во Гостивар, одговорноста ја префрлија на локалната самоуправа која во септември, делот на каналот кој минува низ населбата „шеста зона“ го преуредува во улица, а протокот на вода го насочува низ цевковод.

Живко Јовановски, земјоделец од селото Теново, во име на собраните земјоделци ја појасни состојбата и проблемите со кои се соочуваат земјоделците кои обработуваат околу 3.600 хектари земјиште. Тој смета дека со покривањето на каналот драстично се намалува капацитетот на проток на вода од 4,1 м3 во секунда на еден кубен метар. Јовановски тврди целиот зафат е изведен без да се почитуваат законите и дека по пријавите, овластен градежен инспектор на општина Гостивар на 17.10. 2024 година донел и решение за стопирање на градбата.

Штип – Деветгодишното дете кое почина на Клиниката за детски болести во Скопје, во штипската Клиничка болница било донесено на 14 јануари, информираат денеска преку пишано соопштение од Клиничка болница-Штип.

- Детето  е донесено на Одделот за детски болести во ЈЗУ Клиничка болница -Штип на 14 јануари во 18 часот во тешка општа состојба со засегната свест. Веднаш се реализирани биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба со медицинска придружба во 19 часот истиот ден детето е транспортирано до УК ДБ-Скопје, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.

Инаку, според информациите од Клиничка болница-Штип, деветгодишното дете кое почина на Клиниката за детски болести во Скопје е од Општина Свети Николе.

Струга - Со тешки телесни повреди се здобил пешак при удар од патничко возило ноќеска во близина на трговската зона кај Струга, соопшти СВР Охрид.

Портпаролот Стефан Димоски појасни дека во 1 часот и 50 минути во полициската станица Струга било пријавено дека на магистралниот пат Ќафасан - Подмоље, патничко возило „ауди“ со струшки регистарски ознаки, управувано од О.Н.(32) од селото Драслајца, струшко, удрило во пешакот Б.Т.(36) од Охрид.

- Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Специјалната болница „Свети Еразмо“ во Охрид, изјави Димоски.

Увидна екипа на ОВР Струга извршила увид на местото на незгодата. 

Велес - Во СВР Велес вчера 77 годишниот велешанец Д.Т. пријавил дека од домот се оддалечила неговата сопруга 71 годишната В.Т,  лице со здравствени проблеми.

Како  што информирa денеска портпаролката на СВР Велес, Билјана Ѓаковска, полицијата презема мерки за пронаоѓање на лицето.

Штип - Во Општина Штип пријавени се 22 случаи на групни пријави за заболени од грип или заболувања слични на грип, се вели во денешната писмена информација од Центарот за јавно здравје-Штип. Во информацијата се наведува дека  во однос на возраста, 17 лица се на возраст од 15-64 години, четири заболени лица се пријавени во возрасната група над 65 години и едно лице кај деца на возраст од 5-14 години, додека не се регистирани  заболени лица во возрасната група од 0-4 години.

- Заклучно со втората недела од 2025 година, во општина Штип пријавени се вкупно 40 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, се вели во соопштението од Центарот за јавно здравје-Штип.

Посочуваат и дека се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој сè уште е под неделната граница за сезонска активност.

-Согласно овие податоци, во Општина Штип има низок интензитет на вирусот на грип со регистрирана спорадична активност, информираат од Центарот за јавно здравје-Штип.

Скопје - Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски продолжуваат да вложуваат во образованието и безбедноста на учениците, имајќи ја во предвид важноста на воспитанието како столб на секое општество. Во оваа насока, денес во просториите на ООУ „Мирче Ацев", се одржа обука на тема „Превенирање на насилното однесување меѓу учениците во основните училишта".

Обуката беше реализирана во соработка со Институтот за европски образовни, социо-културни и економски политики „Европа за тебе" од Скопје и на неа учествуваа сите наставници од училиштето.

Насилството меѓу учениците е сериозен проблем којшто општеството го носи со себе веќе во последнава деценија, а особено воспитните и образовните институции се на првата линија на одбрана. Како најголеми носители на воспитните вредности, наставниците играат клучна улога во спречувањето на насилството и создавањето на безбедна учебна средина.

Обуката на наставниците беше наменета за стекнување нови знаења и вештини за ефективно справување со насилството и насилното однесување. Професорите и стручни лица, проф. д-р Ана Фрицханд и проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, им понудија на учесниците нови методи за превенција и стратегии кои ќе ги применуваат во секојдневната работа.

Остани поврзан