• среда, 07 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  30 јули 2024

 

 

Кочани - Шумскиот пожар кај селото Главовица на Осоговските Планини сè уште е активен, а на терен во изминатите три дена се пожарникарите од Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои интервенираат во локализирањето и гасењето.

Покрај тешко пристапниот и стрмен терен, голем проблем претставува и ветерот што помага во брзото ширење на пламенот. Поради тоа, и покрај напорите на противпожарните екипи, пожарот не може да се стави под контрола.

-Ситуацијата е алармантна, огнот неконтролирано се шири, поради ветерот нон-стоп го менува правецот, а ние се движиме по линијата на пожарот во обид да ја изолираме. Денеска немаме поддршка од воздух, хеликоптерите се ангажирани на друго место. Мобилни се нашите екипи, а имаме помош и од колегите од Виница, како и доброволци од Делчево и Пехчево. Очекуваме да дојдат и пожарникари со едно возило од Макеоднска Каменица. Има многу долови во кои се спушта огнот, не е пристапен теренот и движењето на пожарот тешко може да се котролира, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Огнените јазици веќе уништија околу 100 хектари нискостеблеста и дабова шума, а приоритет на противпожарните екипи е да го спречат ширењето на пожарот кон повисоките падини на Осоговијата.

Покрај пожарот кај Главовица, пожарникарите добиле известување и за нов пожар во атарот на селото Рајчани, кај месноста Свиланово, како и во близина на селото Зеленград, кај локалитетот Раткова Скала. 

Охрид – Музичката програма на „Охридско лето“ за вечерва на понудата го има концертот на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со уметниците Симеон Гошев на виолина и Енис Аљи на виолончело.

Камерниот оркестар на МММ постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина. Оркестарот има остварено повеќе од сто концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар покрај делата од светската класика свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.

Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните  години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.

Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

Вечерашниот концерт ќе се одржи под диригентската управа на Иван Еминовиќ.

Роден во Скопје, Еминовиќ музика започнал да учи на шест годишна возраст, на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар. Во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композиција, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал бројни концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во јули 2018 година диригира со Сараевската филхармонија по повод отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Националната опера и балет меѓу кои: „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Кавалерија Рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ од Моцарт, како и многу други концерти.

За концертот е резервирана котедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. 

Охрид – Ликот на Коста Солев Рацин, неговите рефлексии во сите нас, автентичната негова емоција, е обидот што пред публиката на „Охридско лето“ ќе се потруди да ја долови актерската екипа на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес на вечерашната премиера на претставата „Рацин“.

- Рацин е веќе дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК-та на секој од нас. Многу се радуваме што создавајќи го тој современ јазик во една театарска лабоараторија успеавме да ја пронајдеме неговата емоција со нови изразни средства...Логички беше претставата за Рацин да ја создадеме токму во Велес, мислам дека тоа е вистинското место каде се уште улиците ги паметат неговите чекори, неговите воздишки по Раца...Тоа е градот каде просто беше неизбежно да се случи „Рацин“, местото каде случувањата ни ја враќаат вербата и љубовта во оваа наша професија, рече режисерот на театарската претстава, Дејан Пројковски на денешната прес-конференција свикана по повод вечерашната премиера.

Драматургот на поставката, директорот на Велешкиот театар Сашо Димоски, го оцени како исклучително возбудлив обидот да се сврти ракавицата, рациновиот збор, стих и неговото историско значење преку театарски израз да фрли нова светлина врз она што е повеќе или помалку познато за него.

- Драматургијата за претставата е кроена според прозата и поезијата на Рацин од една страна, и според метатекстуалните записи што постојат во самиот опус на Рацин. За мене беше најголемиот предизвик беше да се транспонира поезијата во драма, бидејќи поетскиот дискурс сам пос ебен подразбира нешто сосема друго, тој не е наменет за сценска изведба... Истиот да се претвори во жива реплика, во говорна реч беше предизвикот... рече меѓу другото Димоски, кој најави дека вечерашната претстава открива и ќе понуди работи за Рацин што досега не се познати кај аудиториумот.

Актерот Васил Зафирчев од своја страна посочи дека Рацин не само што е најзначајните симболи преку кој многу други луѓе се идентификуваат со градот Велес, туку и духовна перјаница и една од највисоките национални вредности што ги има овој народ и држава...Од друга страна, како што рече, Рацин има и неверојатно универзална вредност оттаму што преку неговата социјална и љубовна поезија тој допира до многу нации, до многу народи надека во светот бидејќи третира теми актуелни до ден денеска...

Тој посочи дека претставата дава многу јасна слика и за Рацин, но и за времето во кое живее, кога луѓето лесно преминуваат од една на друга страна, како од пријатели, симпатизери поддржувачи стануваат негови непријатели.

- Она што ние во овој проект се обидовме е да направиме своеврсна демитологизација на Рацин, бидејќи неговиот лик е обвиткан со многу мистерии, со многу неразјаснети апсекти, од неговиот личен живот до неговото творештво, начинот на кој неговиот збор добива некаков јавен пласман... Се обидовме да го третираме Рацин како човек од крв и месо кој има своја земја, затоа што многу од случките врзани за животот и делото на Рацин, повеќето од нив производ на неговиот еродитен карактер, на неговата судбина, на луѓето и времето во кое живее, рече тој

Бројната актерска екипа уште ја сочинуваат Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски и Илина Чонкова.

Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.

Скопје - Градежните активности за обнова на патната инфраструктура во општина Кисела Вода се во полн ек. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска информирал за реконструкција на повеќе улици во Припор, Црниче и Пржино и дека ветувањето дадено во неговата предизборна програма дека до крајот на мандатот во општината нема да има неасфалтирана улица, е цел која ќе биде остварена и порано од ветениот рок.

- Реконструирани повеќе улици во Припор, Црниче и Пржино! Она што со моето доаѓање на градоначалничката функција го ветив пред мојот народ, а тоа е дека до крајот на мандатот нема да има неасфалтирани улици во Кисела Вода, се остварува според утврдениот план. Се работи за реконструкција на улици од 14.000m2 површина, кои со децении биле заборавени од минатите локални власти. Реконструкцијата на целата патна инфраструктура во Кисела Вода беше голем предизвик, се вели во соопштението од Општина Кисела Вода. 

На половина од мојот мандат, потенцирал градоначалникот,  со гордост можам да кажам дека направивме повеќе од предвиденото, си поставивме цел и докажавме дека со многу труд, посветеност и желба за работа се стигнува до целта.

- Целта е населбите во општината да бидат модерни и да ги нудат сите потребни услови за живеење. Продолжуваме понатаму, напред со поддршката на мојот народ и со посилна мотивација за да напраиме уште сериозни промени. Кисела Вода заслужува, истакнал градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска одржал средба со амбасадорот на Казахстан во Северна Македонија,Сатибалди Буршаков, на која разговарале за потенцијалните можности за соработка.

Како новоформирана, Амбасадата на Казахстан, како што соопштија од Општина Центар,  ќе ги отвори можностите за поблиското запознавање со начинот на функционирање на двете земји и на градските општини што ќе придонесе да се истражат начините за заедничка соработка.

- Зацврстувањето на дипломатските односи со Казахстан значи подобрување на соработка на државно ниво, но и можности за реализација на заеднички проекти и на локално ниво, истакнал Герасимовски на средбата.

Градоначалникот и амбасадорот разговарале и за можностите за збратимување на Општина Центар со општини од казахстанските градови. Ваквата соработка, потенцирале соговорниците, ќе ги зближи двете земји и ќе придонесе за подобра промоција и запознавање на граѓаните со културата и традицијата што тие ги негуваат. Покрај тоа, Герасимовски и Буршаков, разговарале и за потенцијалите за економска соработка.

Герасимовски и Буршаков по завршување на средбата размениле и протоколарни подароци за добредојде. 

Дојран - Голем пожар избувна во Стар Дојран кај депонијата, во месноста Карач и според информациите оттаму се зафатени три куќи. Се евакуираат жителите, а повредени нема.

Веста ја потврдија градоначалникот на Дојран, Анго Ангов и директорот на Центарот
за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Според Ангов, се работи за голем пожар кој гори веќе неколку часови и во неговото
гаснење покрај месното население учествуваат пожарникари од Дојран, Валандово,
Гевгелија и Струмица.

- Апелираме за помош од Дирекцијата за заштита за и спасување, бидејќи досега не
успеваме да се справиме со огнената стихија која под налетите на силниот ветрот се шири
многу бргу. Пожарот најверојатно е подметнат, бидејќи на местото каде што гори
пронајдевме канти од моторно масло, изјави за МИА градоначалникот Анго Ангов.

Покрај овој пожар, на територијата на Општина Дојран избувна уште еден кај селото
Николиќ, кој се префрлил на грчката страна од Дојранското Езеро.

Кавадарци - Се бетонира патот од ХЕЦ „Тиквеш" до населбата Голеш на Тиквешкото Езеро. Инвестицијата е на Општина Кавадарци, а изведувач на работите е фирмата „Павер трејд“.

- Се работи на бетонирање на локалниот пат од браната ХЕЦ ,,Тиквеш" до населбата Голеш, на површина од 1040 квадратни метри. Станува збор за инвестиција на Општина Кавадарци, како дел од програмата за комунална изградба. Изведувач на работите е фирмата Павер трејд, соопшти градоначалникот Митко Јанчев на „Фејсбук“. 

Во населбата Голеш има околу 200 викендички, а крај целото Тиквешко Езеро, како втора по големина вештачка акумулација во државата, околу две до три илјади викенд куќички. 

Велес - Природните чешми во Велес се епидемиолошки несигурни, со непостојан квалитет, со висок процент на бактериолошка и физичко- хемиска неисправност, покажале последните анализи на вода од страна на екипи на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес.

На секоја природна чешма  екипа на  оваа јавна здравствена установа постави табли со натпис „Водата НЕ СЕ ПИЕ“ , информира за  МИА, ,д-р Снежана Петрова, специјалист по здравствена хигиена и екологија од оваа јавна здравствена  установа.

-Ваква беше состојбата со овие чешми и во изминатите години, а се повторува и оваа лето, но сепак дел од граѓаните секојдневно посебно во топлите летни месеци секојдневно од нив полнат и пијат вода за себе и своите семејства. Ние ставивме предупредување со табли на природните чешми бидејќи нас како јавна здравствена установа се грижиме за здравјето на граѓаните, а на нив е да одлучат дали ќе не послушаат и со тоа ќе си го заштитат сцоето и здравјето на своите семејства, потенцира д-р Петрова.

Таа информира дека како и во изминатите години и годинава бактериолошки неисправни води се и поголем дел од  селските чешми и бунари во поширокиот велешки регион на општините Велес, Градско и Чашка.

-Во овие  неисправни мостри на вода од селските чешми и бунари како и во изминатите години и при последните наши анализи на вода пронајдени се ешерихија коли, колиформни бактерии, што се индикатори на фекално загадување. Тоа се патогени бактерии или тој што се навикнал да ја пие водата, можеби и нема никакви симптоми, но некој што прв пат ќе се напие, сноси ризик  од  појава на  цревни симптоми, проливи. Воедно  преку оваа неисправна вода од селските чешми и бунари тие што пијат вода постои можност да се пренесат и други загадувачки материи- вируси, заразен хепатит, дизентерија, предупредува д-р Петрова.

Воедно информира дека и според последните од нив направени анализи  на мостри од вода неисправни се и оние селските водоводи во велешкиот поширок регион на општините Велес, Градско и Чашка , а каде водата  постојано не се хлорира. Се препорачува да се  воспостави редовна континуирана дезинфекција по пат на хлорирање на селските водоводи и да се отстапат на стопанисување на стручна овластена стопанска организација, порачува д-р Петрова

Додава дека сепак има и мал дел на селски  водоводи во велешкиот поширок регион, а каде водата редовно се хлорира и истите се исправна за пиење. Потенцира дека сепак најиспрвана се селските водоводи кои се приклучени на градскиот водовод преку ЈКП „Дервен“ од Велес. 

Скопје - Општина Илинден интензивно работи на подобрување на патната инфраструктура. Асфалт доби новата улица н„6“ во локалната економска зона Ограѓе, во населба Илинден. Улицата е во должина од 120 метри и широчина 5,5 метри, а по целата должина на улицата од двете страни изградена е и пешачка патека во широчина од 2,5 метри.

Градоначалникот Александар Георгиевски направи увид во текот на асфалтирањето и истакна дека оваа улица претставува сервисна улица со која се поврзува новото подрачно основно училиште „Гоце Делчев“ во н.Илинден како и Домот за стари лица кој е во интензивна градба. Исто така  улица е од големо значење за функционалноста на стопанските субјекти кои се наоѓаат во овој дел на населба Илинден.

 Дополнително градоначалникот Георгиевски истакна дека е особено задоволен што овој проект се реализира во соработка со компанијата АДОРА ИНЖЕНЕРИНГ Скопје, која како општествено одговорна компанија учествува во реализација во градежните работи на терен. 

Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи да реализира проекти за подобрување на локалната патна инфраструктура како еден од главните приоритети за локален економски развој на Општината.   

Остани поврзан