• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

5 август 2025

Скопје - СВР Струмица - ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија против Т.К.(65) од село Стојаково, општина Богданци.

Како што информира МВР, вчера врз основа на судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија извршиле претрес во домот и дворното место на Т.К. во село Стојаково.  Притоа биле пронајдени 56 стебла марихуана со висина до 2,80 метри, марихуана, семки од канабис, дробилка со остатоци од марихуана и другои предмети со остатоци од марихуана.

Битола - Младиот уметник од Битола, Константин Солак вечер на „БитФест“ ќе ја промовира првата самостојна изложба „Декларација на вредност“.

Станува збор за изложба на слики, цртежи и фотографии, кои до 15 август ќе бидат изложени во културниот центар „Магаза“.

Константин Солак (19) е првенец на генерацијата во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје. Учествувал на бројни конкурси и е добитник на награди за авторски фотографии, слики и кратки филмови.

Куманово - Вчерашниот дожд и ветер во кумановско оштетија неколку бандери, предизвикаа искрење на жици, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.

Граѓаните, како што информираат од РЦУК Куманово, пријавиле дека во Горно Којнаре се спуштила бандера врз стрниште, во селата Доброшане, Режановце, Умин дол имало силни искри и пукање на жици од бандера. Граѓаните забележале и пукање на жици на „Пионерска“, на „Браќа Миладиновци“ на „Никола Михајлов“ се запалил орман, на „Доне Божинов“ пак паднала бандера. За сите оштетувања информирана била ЕВН.

Скопје - Без вода денеска од 9:10 часот се дел од жителите од улиците „Иван Манолев“ и „Алпи“ во општина Бутел. 

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект ф-100 милиметри на улица „Иван Манолев“ без број. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

Струга - Повеќе од 500 лица и околу 120  спортски и луксузни возила, ноќеска затекнала полицијата на паркинг во Струга по претходна пријава за науршен јавен ред и мир предизвикани од бучава. Одземени биле пет луксузни возила и издадени осум прекршочни платни налози, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, во периодот од 00 часот и 30 минути до 2 часот, полициски службеници презеле повеќе мерки по Законот за безбедност на патниот сообраќај, постапувајќи по претходна пријава дека на паркинг во Струга бил нарушен јавниот ред и мир од повеќе лица со бучава од возила. 

Демир Хисар - Општина Демир Хисар е водечка општина според интензитетот на даночна транспарентност за 2024-2025 година.

Од секторот за односи со јавност на Општина Демир Хисар посочија дека според истражување на Центарот за економски анализи од Скопје и објавениот извештај за Фискална транспарентност кај општините-буџетска и даночна транспарентност, Општина Демир Хисар е водечка општина според интензитетот на даночна транспарентност за 2024-2025 година.

Прилеп - Додека трае откупот на домашната реколта тутун, нема да се увезува тутун од странство. Ова е една од клучните измени во Законот за тутун кои поминаа во Собранието и веќе од 29 јули, со објавување во Службен весник, се на сила.

Сојузот на земјоделските здруженија е задоволен од законските измени и смета дека вака се штити домашното проиводство.

- Со ова, прво, го заштитуваме нашето, домашно производство на тутун. Значи, од 16 ноември па до 28 февруари наредната година, додека трае откупот, да не може да се купи, да се увезе ниту еден килограм тутун. Тоа ни беше најбитно и голема помош имавме од Министерството и министерот за земјоделство, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство прецизираат дека уште од февруари се донесе решението дека се неопходни законските измени за да се подобри прометот, откупот на тутун и да се поддржи оддржливото производство.

Прилеп - Поради големата суша, за 30 до 40 проценти ќе биде намален родот на тутунот од очекувањата. Иако годинава е зголемен бројот на договорите и површините под тутун, нема да се достигнат очекуваните 26 000 тони, туку најмногу што може да се очекува е род од 18 000 до 19 000 тони, констатираат од Сојузот на земјоделските здруженија.

-Од почетокот на реколтата бевме пријатно изненадени со зголемениот број површини и договори за тутун. Очекувањата беа дека реколтата ќе „тежи“ околу 26 000 тони. За жал сушата го зема данокот. Речиси три месеци нема дожд, па поради сушата приносите за 30 до 40 провценти ќе бидат намалени. Иако квалитетна, сега очекувањата се дека реколтата ќе биде околу 18 000, максимум до 19 000 тони, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот.

Долненскиот регион е најголем производител на тутун во земјава. Лани приносите беа рекордни, околу 9 000 тони. Но сушата барем за една третина, и повеќе, ќе ги намали.

Штип - Чешмите ова лето не останаа суви во домовите на домаќинствата во високите зони на градот Штип. По дваесет години пред станбените згради или ударните сообраќајници во населбите Пребег, Железничка, Балканска, Три Чешми, Баби, Сењак ги нема цистерните за вода за пиење на штипското комуналното претпријатие „Исар“, од кои граѓаните се снабдуваа со техничка вода, бидејќи дефектите на стариот водоводен систем ги оставаа  по два, а ланскиот рекорд  беше пет дена без вода за пиење.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов во изјава за МИА вели дека годинава проблем нема, бидејќи речиси четири години континуирано се инвестира во главната, но и во секундарната водоводна линија. Сепак, според Јорданов, не се завршени сите активности и сите зафати на водоводната мрежа.

Велес - Голем пожар избувна синоќа во Велес, а бел чад во текот на ноќта се издигнуваше над новиот дел од градот. Како што информираа од ТППЕ Велес околу полноќ за МИА, по 22 часот бил пријавен пожар во Фабриката за здрава храна „Аронија“ во индустриската зона на Велес во новиот дел на градот, која е дел од компанијата „Мирана“ за маргарин и други прехранбени производи.

Во гаснењето веднаш се вклучиле повеќе пожарникари со три противпожарни возила, а на помош во дотур со вода им била ставена на располагање и цистерна со вода на ЈКП „Дервен“.

Информацијата за пожарот во фабриката ја потврди и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Скопје - Неколку скопски општини претпладнево ќе останат без електрична енергија, информира РЦУК - Скопје.

Струја нема да имаат од 08:00 до 14:00 часот корисниците од дел од с. Долно Соње (Општина Сопиште), од 08:00 до 15:00 часот корисниците од објектите во околината на Ресторан - Братски Мерак, Општина Кисела Вода, од 08:15 до 12:00 часот корисниците од дел од с. Крушопек (Општина Сарај) и од 09:00 до 12:30 часот, дел од корисниците од селата Кучково и Никиштани (Општина Ѓорче Петров).

Охрид - Драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува денеска со театарската претстава „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ во изведба на Црногорскиот народен театар од Подгорица, поставка во адаптација и режија на Радмила Војводиќ.
Режисерката Војводиќ вели дека претставите се потпираат на непостојаноста на трагите, на еден вид материјално исчезнување, а оние кои се занимаваат со театарот  ја сакаат минливоста и неповторливоста на тој чин…

„Се навраќам на тоа барајќи одговор на прашањето зошто напишав еден вид пролог и епилог, т.е. дали беше потребно да се привлече вниманието кон надворешното оцрнување и неуметничкото во сеќавањето на поранешната изведба на „Принцезата Ксенија од Црна Гора“ – за поранешниот општествен контекст, и за овој сегашен, од кој се враќаме на истата тема, играјќи го истото дело?!

Кочани - Во ресторанот „Амор“ во Кочани денеска ќе биде официјализиран почетокот на проектот Y-REACH – Реинтеграција на младите преку меѓудисциплинарни пристапи, што ќе се реализира преку програмата Еразмус +.

Партнери во проектот се: Општина Св. Ана од Гвадалуп – Франција и невладината организација Men A Lespwa – Асоцијација за  помош на реформската црква во Гвадалуп – Франција; Општина Пазарџик од Бугарија и НВО Фонд за превенција на криминалот ИГА од Бугарија, како и Општина Кочани и Здружението на Роми „Авена“ од Македонија. 

 

 

Остани поврзан