МИА Општински пул
- МИА Општински пул
8 мај 2025
Битола - Го решаваме проблемот со недостигот од човечки ресурси во болниците, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, посакувајќи успех на 34 специјализанти, кои денеска во Битола полагаа тест за вработување во Клиничка болница-Битола и општите болници во Прилеп, Охрид и Кичево.
Според Клековски, со денешната активност на долг рок се очекува покривање на специјалност кои недостигаат во здравствените установи во југозападниот регион на државата.
-Денешната активност е почеток и придонес за решавање на недостигот од човечки ресурси во болниците во овој дел од земјата и се надеваме дека ќе продолжиме со следната група специјализанти. Знаеме дека најголем дел од болниците во овој регион функционираат со намален број на лекари и ова е првиот чекор за решавање на проблемот. На долг рок очекуваме покривање на дел од специјалности кои ги нема затоа што во моментов нема доволно специјалисти. Со новите ресурси ќе се зголеми бројот во оддели каде што состојбата е критична во однос на потребни специјалисти за задржување на дејноста, истакна Клековски.
На прес конференција во Битола, проф. д-р Игор Николов, советник за здравство во Владата потврди дека вработувањето на млади специјализанти во здравствениот систем е државен императив.
-Вработување на приватните специјализанти е приоритет за нас. Со овие вработувања ние ги задржуваме младите лекари во земјава, но и во системот бидејќи нашата намера е да бидат задржани во јавното здравство и да работат во системот. На младите лекари, на младите здравствени работници е иднината на целиот здравствени систем. Без здрави млади здравствени работници, особено специјализанти кои што сакаат да се едуцираат и сами се финансираат, не можеме да градиме сериозен и планиран здравствен систем, истакна Николов.
Тестирањето на приватни специјализанти се одвиваше на Техничкиот факултет во Битола
Неготино - Со низа активности, традиционално и оваа година, денеска беа одбележани Неделата на Црвениот крст на РСМ како и Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, во просториите на Црвен крст на Република Северна Македонија, Општинска организација Неготино.
- ОО Црвен крст Неготино со цел подигнување на свеста за значењето на основните принципи, мисијата и визијата на организацијата, организираше значаен настан на кој воедно им беше изразена благодарност на волонтерите, партнерите и поддржувачите за нивната несебична поддршка. Волонтерите од клубот на пензионери „Анри Динан“, како и нашите долгогодишни соработници- ученици од ООУ Гоце Делчев- Неготино, го збогатија овој настан и на свој начин ја прикажаа хуманоста, како една од највисоките вредности на човекот и нејзиното значење, рече секретарот на неготинскиот Црвен крст, Тошко Настов.
Тој истакна дека оваа недела, под мотото „На страната на хуманоста“, преку разни акции и донации се придонесува да се направат значајни промени во животот на луѓето на кои им е тоа потребно, но се прават и промени што се значајни и за задницата.
- Голема благодарност до сите учесници на настанот и посакуваме уште долги години заедно да ја прославуваме хуманоста и човечноста, рече тој меѓу другото.
Кочани – И покрај неповолната хидролошка состојба ќе обезбедиме вода за наводнување на полињата во кочанскиот и овчеполскиот регион, користејќи ги капацитетите на хидросистемот „Брегалница“, најави извршниот директор на АД „Водостопанство“, Филип Филиповски на денешната прес-конференција во Општина Чешиново-Облешево.
-Вода ќе има за сите земјоделци, тоа е јасна порака од раководството на АД „Водостопанство“. Нормално е во услови на низок водостој во браната Калиманци да правиме планови за рестрикција и тоа е нешто нормално, се случувало и во минатото. Водата што сега ја имаме имаме, некаде околу 80 милиони кубни метри во акумулацијата, мора да ја штедиме. И земјоделците и вработените во Водостопанство мора да се вклучат во рационално користење за наводнување. Формиравме оперативен тим и секојдневно луѓе од Дирекцијата од Скопје ќе бидат присутни наши овде за секоја хидраулична целина, ќе имаме телефонски броеви за пријавување можни несакани дејства и насочувања на водните ресурси што би биле залудно потрошени, истакна Филиповски.
Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи постои поволен период, што според Филиповски треба да помогне во полнењето со вода на акумулацијата Калиманци. Нагласи дека состојбата во АД „Водостопанство“ е лоша и ќе се прават напори за надминување на проблемите.
-Колегите кои работат десетици десетици години наназад во АД Водостопанство прават сѐ за изготвување решение како да се пушти вода во сите полиња. Вработените имаат пет неисплатени плати, сите возила се хаварисани, нема ниту едно возило во подрачната единица и ниту еден багер. Веќе обезбедивме санација на сите возила и линеарно зголемување на платите на сите вработени, а оние кои ќе се ситакнат во работењето ќе бидат и надградени. Исчистивме 70 отсто од каналите што не е мала работа во услови на целосно хаварисан систем во Водостопанство. Владата ни обезбеди пет плати за вработените во водостопанство, а се обидуваме финансиски да се стабилизираме, рече Филиповски.
Во обраќањето кон земјоделците, тој нагласи дека само вработените во „Водостопанство“ смеат да ги насочуваат и да управуваат со водните ресурси, а секое друго недозвено дејство ќе биде законски санкционирано. Како што потенцира Филиповски, дополнителен проблем за овогодишната наводнителна сезона е што минатата година непотребно биле испуштени околу 20 милиони кубни метри вода од браната Калиманци.
Кочани – Родителите на трагично починатите деца во несреќата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, испратија писмена изјава до јавноста во која изразуваат длабока болка, но и заедничко и недвосмислено барање за целосна правна разрешница и одговорност од сите инволвирани лица и институции.
- Оваа трагедија ја карактеризираме како масовно убиство и тешко загрозување на човековите животи и безбедноста, и бараме надлежните институции да постапат професионално, непристрасно и во согласност со важечките закони и меѓународни конвенции. Целосно се оградуваме од каква било политичка манипулација и не дозволуваме овој трагичен настан да се користи за собирање политички поени од кој било субјект, без разлика дали е од власта или од опозицијата. Бараме веднаш да се спроведе независна и темелна истрага за сите околности поврзани со настанот, со цел да се утврди дали биле испочитувани сите законски норми и регулативи за работењето на објектот. Сакаме да знаеме дали дискотеката поседувала валидна документација за работа, дали биле извршени сите потребни контроли од страна на надлежните инспекциски служби, и дали се постапувало согласно законот во делот на урбанистичките, градежните, санитарните, безбедносните и противпожарните стандарди. Потребно е да се утврди дали нечија немарност, злоупотреба или незаконско дејствување довело до оваа трагедија, се истакнува во изјавата.
Родителите потенцираат дека се подготвени да соработуваат со еминентни домашни и странски адвокати кои ќе обезбедат правна поддршка во сите фази на процесот, вклучително и евентуално поднесување предмет пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
-Не бараме ништо повеќе од правда, но таа правда мора да биде неселективна и праведна. Не смееме да дозволиме животите на нашите деца да останат без значење во очите на државата. Одговорност мора да има – како за организаторите и управувачите на објектот, така и за институциите кои дозволиле или не спречиле оваа катастрофа. Животот на нашите деца беше изгубен, но не смее да биде заборавен. Апелираме до Обвинителството и Полицијата да постапуваат без одлагање, професионално и транспарентно, и да ја известат јавноста за секој чекор во процесот. Ако овие институции не постапат соодветно, ќе ги искористиме сите расположливи домашни и меѓународни правни механизми, вклучувајќи поднесување на предмет до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, додаваат родителите.
Во изјавата родителите упатуваат апел дека прашањето за функционирање на институциите и безбедноста на граѓаните не е индивидуален, туку општествен проблем. Тие не бараат посебен третман или политички привилегии, туку државата да си ја заврши својата работа чесно и по закон.
За в сабота, 10 мај е најавен нов протестен „Марш за ангелите“ во Кочани што че почне во 16 часот и 5 минути, симболизирајќи ја задоцнетата институционална реакција.
Тетово - Нема да има место во Владата за политички партии кои досега биле дел од коалицијата Вреди, но се ободуваат да соработуваат со ДУИ, порача денеска од Тетово, Биљал Касами, одговорајќи на прашања од новинарите за средбата на претставници на коалицијата „Вреди“ со премиерот Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека овој нивен став е ист од почетокот на функционирањето на Владата и е во насока на справување со корупцијата на претходната извршна власт.
- Соработка со ДУИ и Али Ахмети и останување во Влада и во Вреди не може, а тоа го го дадовме јасно како порака и до премиерот и се договоривме, се согласивме дека во оваа фаза кога оваа Влада работи во делот на справување со корупцијата на претходните влади и на елементи од оваа Влада не можеме да прифатиме да има членови во Владата кои соработуваат со вакви елементи. Сигурно дека во следните денови ќе има и конкретни чекори во овој правец, рече Касами.
Според Касами, има членови на Алијанса за Албанците кои не се согласуваат со ставовите на претседателот Арбен Таравари.
- За нас Алијансата на Албанците (АА) е важен фактор на партијата Вреди и затоа работиме и се молиме Алијанса да остане во Вреди, но сигурно без елементи, чинители за кои имаат докази и веќе јавно нели прифаќаат дека соработувале со ДУИ и со Али Ахмети. Веќе има многу гласови во рамките на Алијанса кои не се согласуваат со нивниот претседател, кој јавно кажува дека во одредени општини се подготвени да соработуваат и со ДУИ, изјави Касами.
Тој рече дека многу луѓе од АА се изјасниле дека ќе работат во насока на борбата против корупција и затоа се надева деја ќе бидат дел од партијата Вреди и Владата.
Тетово - Општина Тетово организираше Отворен ден во соработка со средните училишта со цел да се претстават насоките и профилите за кои учениците би се пријавиле да се запишат за наредната учебна 2025/2026 година. Градоначалникот Биљал Касами информираше дека нова насока има во средното економско училиште „8 Септември“.
Како што рече Касами, има зголемување на бројот на места за упис на ученици во средните училишта во Тетово, вкупно 2167 - од кои 1800 за настава на албански јазик, 337 на македонски јазик и 30 места за турски наставен јазик.
-Во средното економско училиште има нова наставна програма - дигитален маркетинг која е добра можност за да бидеме во тек со барањата на пазарот на трудот. Ги замолуваме сите ученици добро да ги анализираат наставните програми и да се запишат таму каде што ќе биде подобро за нивната иднина, а не затоа што некој им кажува во кои училишта да се запишат, истакна градоначалникот Касами.
На Отворениот ден учествуваа пет средни општински училишта, едно државно регионално училиште и едно приватно училиште.
- Ова е добра можност за сите овие училишта да ги промовираат своите наставни програми пред учениците. Но, истовремено е добра можност да се направи на промоција на тие насоки кои не се многу познати за учениците, а се добри и барани на пазарот на трудот, затоа училиштата се обидуваат да ги промовираат тие насоки. Исто така, ова е добра можност за да направиме добро планирање на распределба на учениците по средните училишта, за да не доаѓаме до ситуација во некои од училиштата да има пренатрупаност на ученици, а во некои други да има недостиг од ученици, рече тетовскиот градоначалник.
Тој најави дека од следниот месец ќе почне реконструкција на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, објектите кои се до реката, со донација од 800 000 евра, со што целосно ќе бидат реконструирани двата училишни објекта.
Старо Нагоричане - Само една пријава за смок во бунар во викендичка во општина Старо Нагоричане добила специјализирана компанија во Куманово за оваа дејност, соопштија денеска од компанијата. Оттаму велат дека граѓаните не треба да стравуваат затоа што во Македонија има само три опасни видови змии кои живеат на надморска височина од над 1.000 до 1.500 метри и минимални се шансите човек да има средба со змија. Годинава, поради врнежливото време, намален е бројот на повици.
-Лани имавме неколку интервенции. Но, многу почесто во другите градови, отколку во Куманово кои се јавуваат во компанијата „Плант Медика“. Имавме една змија која беше скриена во багажник од автомобил кој бил на поправка во Велес и една во стан која се скрила во панел за електрична енергија. Реагиравме и навреме ја отстранивме во природа. Во ниту еден случај не смее да се убие смок, не смееме да го нарушиме ланецот на исхрана во кој овие влекачи се важни, изјави Владимир Димковски, сопственик на единствената специјализирана фирма за оваа дејност во Куманово.
Најчесто извор на привлекување е храната, затоа е важна и дератизацијата која го контролира бројот на глувци, бидејќи влекачите се храната со глувците и жаби. Димковски вели дека во еден случај во Куманово морале да срушат и гипскартон во кој бил скриен смокот, за кој рече дека бил убав примерок долг два метри.
-Годишно имаме од пет до десет единки на кои интервенираме по повик тие се залутани или збунети. Мора да признаеме дека ние со урбанизацијата навлегуваме во нивна територија, вели Димковски.
Најчесто пријави стигнуваат од пооддалечените средини, викендички, приградски населби.
Опремата со која располага е професионална, користи чизми и ракавици како и специјални фаталки за безбедно фаќање на змиите. Тој има скоро триесетгодишно искуство, надополнето со едукација во САД и има сертификат за работата од Ветеринарниот факултет. Телефонскиот број на неговата фирма е регистриран и во Центарот за управување со кризи, што значи дека и државните служби упатуваат граѓани кон компанијата.
Скопје - Општина Кисела Вода распишa два јавни повика со кои се предвидува финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови, како и за поставување нови лифтови во колективни станбени згради на нејзината територија.Првиот јавен повик се однесува на санација и поправка на постоечки лифтови. Преку оваа програма, ќе се обезбеди финансиска помош за делумен финансиски надомест на трошоците што ги направиле заедниците на сопственици и управителите на згради при санацијата на лифтовите. Поддршката ќе изнесува до 30% од вкупната вредност на санацијата, но не повеќе од 200.000 денари по влез, а вкупниот буџет за оваа мерка изнесува 600.000 денари. Средствата се предвидени преку Програмата на секторот за Месна самоуправа во буџетот на Општината.
Вториот повик се однесува на финансиска поддршка за поставување нови лифтови во колективни станбени згради. За таа намена, за 2025 година се предвидени 2.000.000 денари, а поддршката ќе изнесува до 50% од вкупната вредност на проектот, но не повеќе од 500.000 денари по влез.
За двата повика, право на учество имаат сите влезови поединечно кои имаат регистрирана заедница на сопственици или избрано правно лице – управител, согласно Законот за домување. Апликантите треба да достават целосна документација, вклучувајќи барање, имотен лист, одлука за учество со сопствени средства (потпишана од најмалку 50% плус еден сопственик), договор со изведувач и надзор, како и други релевантни документи. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, сè до исцрпување на предвидените средства.
-Денеска распишавме два јавни повика со една единствена цел: да им го олесниме секојдневието на нашите сограѓани. Првиот е наменет за поставување лифтови во постари згради кои никогаш не ги имале, а вториот – за санација на лифтови кои поради старост или неодржување, се веќе небезбедни или често во дефект. Се работи за мерки кои значат директна грижа за населението. Се среќаваме со мајки што секојдневно го носат бебето и количката по неколку ката, со пензионери што ретко излегуваат затоа што немаат како да се симнат, со лица со попреченост кои живеат во изолација поради нефункционални лифтови. Тоа е реалноста што сакаме да ја менуваме. Преземаме конкретни мерки, решаваме системски, вложуваме таму каде што другите со децении не ни погледнале. Ги повикувам сите станарски заедници и управители да се пријават на овие повици и заедно да направиме зградите да бидат безбедни и достапни за сите-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Струмица - Општина Струмица постави шест сензорски монитори за мерење на загадувањето на воздухот на исто толку локации во градот. Мониторите се поставени во рамки на проектот „Мерење и анализа на загадувачи во воздухот на микро локации во Општина Струмица“.
Според градоначалникот Костадин Костадинов, ова е прв ваков сеопфатен проект во државата кој користи најнова технологија и знаење за имплементирање на хиперлокален мониторинг-хиперлокална мрежа од сензорски монитори која овозможува брзо и ефикасно, во било кој временски период, откривање на жаришта и извори на загадување.
-Ние сме и прва општина на Балканот и пошироко која започнува со ваков иновативен проект. Нашата Струмица гради мрежа каква што имаат изградено повеќе од 90 светски метрополи како Лондон, Париз, Хелсинки, Барселона, Милано, Лос Ангелес, Сан Франциско, Сиднеј, Ванкувер и многу други. Овој проект општина Струмица го реализира во соработка со Конзорциум на компании и универзитети од Македонија, САД и Велика Британија, предводени од проф. д-р Сашо Манасов, од Скопје, рече Костадинов.
Струмичкиот градоначалник додаде дека со тоа секој граѓанин на Струмица и пошироко ќе може да следи концентрации за РМ2.5 честички од сензорски монитори поставени на 6 локации во општина Струмица: училишта, детски градинки, индустриски дел, приградски населби. Исто така, оваа апликација ќе биде имплементирана и во Инспекциските служби на Општина Струмица, каде деноноќно ќе се следи загадувањето на воздухот и ќе можат брзо да реагираат за да ги санкционираат несовесните загадувачи.
-Ваквиот проект ќе открие и ќе даде одговор на многу прашања и дилеми со загадувањето во општина Струмица, како на пример, од каде доаѓа загадувањето со сулфур диоксид, какво загадување има во летниот период, какви се концентрации на приземен озон кој е многу штетен за здравјето на најмладите и како температурата и влажноста влијаат врз квалитетот на воздухот, посочи Костадинов.
Според д-р Сашо Манасов, професор по компјутерски технологии и вештачка интелегенција, кој го имплентира овој научен проект, се почнало во 2014 година кога се креирало софтверско и хардверско решение за решавање на проблемот со загадувањето во урбани средини. Нивните проекти се имплементирани во повеќе од 50 држави и повеќе од 90 метрополи во светот.
-Науката е јасна дека загадувањето на воздухот не е рамномерно распределено. Постојат жаришта на загадување на микро локации, каде концентрациите во тие жаришта се неколку пати повисоки од она што го покажуваат државните референтни станици, На пример во Струмица има една државна станица, којашто не може да ги открива жариштата на локации на целата територија на Општина Струмица, туку само во нејзината околина, смета професорот Манасов.
Градоначалникот Костадинов најави дека мрежата постојано ќе се проширува и надоградува со нови локации и со проширување до сите населени места во општина Струмица.
Инаку, денеска се одржа и јавна презентација и беше означен почетокот на функционирањето на локалната мрежа за мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух во Општина Струмица.
Скопје - Општина Ѓорче Петров објавува јавен оглас за доделување финансиски средства за поддршка на проекти од областа на културата и невладиниот сектор за 2025 година, согласно Програмата за култура на општината.
Право на учество имаат:
Здруженија од областа на културата;
Автори, уметници, правни и физички лица со седиште или живеалиште во Ѓорче Петров;
Лица кои патуваат или настапуваат во странство со официјална покана или друг релевантен доказ;
Организации и поединци надвор од општината, доколку активноста се реализира на територијата на Ѓорче Петров.
Пријавувањето се врши со доставување на потребната документација, која вклучува пополнета апликација, биографија или историјат, програма и акциски план за 2025 година, финансиски план, документи од Централниот регистар (не постари од 6 месеци), потврда за активна жиро сметка, како и детална програма за реализација на проектот.
Апликантите кои претходно добиле финансиски средства од Општина Ѓорче Петров во 2024 година се должни да приложат и финансиски извештај за нивната реализација.
Поддржаните проекти треба да придонесат кон афирмација на македонското културно творештво и промоција на Општина Ѓорче Петров.
Сите информации и документи потребни за аплицирање се достапни на следниот линк:
Општина Ѓорче Петров ги охрабрува сите заинтересирани да се вклучат и да придонесат кон збогатување на културната сцена во нашата општина.
Куманово - Пронајден е дваесет и четиригодишниот кумановец по неколку часа откако неговото семејство пријави во полицијата дека е исчезнат, потврди денеска полицијата. Семејството преку социјалните мрежи апелираше до граѓаните да помогнат да се најде нивниот син.
- Вчера во 15.10 часот во СВР Куманово, Љ.Љ.(57) од Куманово пријавила дека од домот се оддалечил нејзиниот син Ф.Љ.(24) од Куманово. По преземени мерки и активности, околу 21.00 часот лицето било пронајдено во село Романовце, кумановско и било пренесено во здравствена установа, соопшти МВР.
Берово - Општина Берово и годинава се вклучува во активноста Генералка Викенд 2025. Во акцијата ќе се чисти на повеќе локации во Берово, а целта е да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се носи до најблиската Пакомак или локална станица за отпад.
- Општина Берово, Мен енд Маунтен, ЗЕЛС, Пивара Скопје, Нула отпад и Пакомак, преку заедничко партнерство и годинава организираат голема еколошка акција, ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД во Берово, петок, 9-ти мај 2025 година. Во акцијата ќе се вклучат и волонтери на Црвен крст на Македонија.
Големата еколошка акција ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, е поддржана од општествено одговорни компании: LIFE Sparkasse, EVN - Македонија, Мак Стил, Бучим, Saubermacher БИ Милк и Костал, информираат од Општина Берово.
За секои 10 килограми собран отпад, како што додаваат оттаму, Министерството за земјоделство заедно со Национални шуми ќе посади по едно дрво во рамките на нивните годишни програми за пошумување.
- Излези и ти, вклучи се во големата акција и собери го отпадот од твојата директна околина и допринеси за поздрава и позелена иднина за сите. Колку повеќе отпад ќе собереме, толку повеќе дрвја ќе бидат засадени. Во акцијата ќе се вклучат и училишта и институциите на локално ниво.
Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, институции и општествено одговорни компании, да се вклучат во големата акција и да допринесат за почисто наше Берово, додадоа од Општината.
Акцијата за чистење ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2025, е една од активностите кои се спроведуваат, за да се придонесе во подигнување на јавната свест, за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно влијаење за зачувување на животната средина.
Од Општината исто така информираа дека, нивниот официјален партнер НУЛА ОТПАД ја иницира и акцијата „Eлектро Генералка 25“!
Истата ќе се реализира почнувајќи од 9-ти до 13 мај 2025 година, а во рамки на остата на локација во близина на Дом за стари лица „Иван Влашки“ – Берово ќе биде поставен контејнер за собирање на електричен и електронски отпад кој граѓаните ќе може да го остават во контејнерот, каде што ќе биде бесплатно превземен.
Целта на таквата акција како што подвлекоа од Општината е правилно третирање на електронскиот отпад кој потоа ќе се рециклира.
Куманово - Краткометражниот филм „Антигона“ на режисерите Ибер Деари и Мирсад Абази ќе се прикаже на Шефилд Докфест, водечкиот фестивал за документарен филм во Велика Британија, информираше денеска кумановскиот режисер Деари. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
Продукцијата и монтажа ја водеше Авди Тачи. Директор на фотографија е Фејми Даути, со Фисник Халили како втор камерман. Сценографијата е дело на Ардиан Кадриу, а за звукот се погрижи Дарко Спасовски – Паки.
Краткометражниот филм во времетраење од дваесет минути ја прикажува решителноста на Антигона, возач на автобус во рурална заедница во земјава. Таа ја продолжува работата на својот татко, возејќи автобус по селските патишта во заедница во која доминираат мажи и ја прифаќа улогата возач, поврзувајќи ги луѓето, ненамерно предизвикувајќи револуција во начинот на кој овие мажи ги гледаат жените и како овие жени се гледаат себеси.
- Задоволство е што сме избрани за учество на реномираниот фестивал на документарни филмов, кој ќе се одржи од 18 до 23 јуни, годинава. Филмот се прикажува во категорија лични приказни, изјави кумановскиот режисер Деари.
Неодамна, кумановскит режисер Деари ја освои престижната награда „Franco Cassano“ за најдобар филм во селекцијата Meridiana на овогодишниот Bif&st Bari International Film&TV Festival 2025“ во Италија, за филмот „Сите го викаат Реџо“, финансиран од Агенцијата за филм.
Кумановецот дипломирал за режија на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, каде што во 2016-та магистрирал. Тој работи како асистент режисер во Националната установа-Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во албанска драма и режисер е на детски претстави на албански во Куманово и Скопје. Освен филмот „Сите го викаат Реџо“, Дехари ги режира и краткометражните филмови „Farmers Blues“, „A Long Way Home“, „My City Screams“ и „Toka“.
Кумановецот досега ги добил наградите за уметник на годината „Милигоната е Арт“ (2016), за најдобар краткометражен филм во Охрид и на Киненова Скопје за филмовите „Фармеср Блуес“, и за најдобри краткометражни филмови „Farmers Blues“ на, Beach Film Fest, Охрид и „A Long Way Home“, Киненова Скопје, како и за најдобар филм и најдобра режија – „My City „Nine Eleven Festival“, Приштина и за зајдобар филм „Toka“ на Тетово Филм Фест и на International New York Film Festival.
Скопје - ЈП Водовод и Kанализација-Скопје информира дека денеска поради уличен дефект на ул. „Коперникова“ бр,13,15 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на улиците „Коперникова“, „Жарко Зрењанин“ и дел од ул.„Малешевска“.
Прекинот со водоснабдување е почнат од 13:00 часот и ќе трае до завршување на дефектот.