• петок, 22 ноември 2024
МИА Општински пул

30 септември 2024 

Скопје - Општина Кисела Вода денеска распиша јавниот повик за аплицирање на социјално ранливите семејства кои имаат дете во продолжен престој во основните училишта или градинките на подрачје на општината и користат топол оброк за време на престојот, информираат од општината. Во јавниот повик се дефинирани критериумите за аплицирање.

Согласно Правилникот за субвенционирање на месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во училиштата, Општина Кисела Вода ќе субвенционира средства во висина од 50 отсто, но не повеќе од 80 проценти од предвидената сума за периодот додека трае учебната година. Ослободувањето од партиципација за децата кои ги исполнуваат критериумите и посетуваат јавна детска градинка ќе биде целосно.

Продолжуваме со мерките за создавање еднакви можности за сите деца, без разлика на нивниот социјален и финансиски статус. Од денеска отворивме јавен повик преку кој ќе ги субвенционираме месечните сметки за дневниот оброк во продолжениот престој во општинските основни училишта, како и средства за субвенции за целодневниот престој на децата од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Скопје - Со цел да се продолжи со редовно чистење и одржување на каналската мрежа на територијата на Општина Илинден и во 2024 година, од страна на Општина Илинден е донесен Акционен план за чистење и одржување на каналската мрежа на територијата на општина Илинден за 2024 година со дефинирани вкупно 22 900 метри (главна, секундарна и терцијална каналска мрежа) во согласност Годишната програма за чистење на каналска мрежа на АД Водостопанство ,,Скопско Поле’’ – Скопје и во согласност со потребите на граѓаните и правните субјетки на Општина Илинден. 

-Од страна на АД Водостопанство на РМ Поддружница „Скопско Поле’’- Скопје во текот на изминатиов период е извршено чистење на сисавец на секундарен канал Топлик во Илинден во должина од 1000 метри, канал Млака на потегот од од пречистителната станица Илинден, кон Главен канал во должина од 800метри, потоа каналот позади Дом на култура кон Главен канал во Мралино во должина од 1500 метри. Исто така исчистен е канал покрај ул.4 кон Главен канал  во должина од 600 метри  и терцијални канали покрај ул.1 и ул.2 во должина од 400 метри во населено место Мралино, информираат од Општината. 

Охрид - Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Обвинителен акт против две лица за кривично дело – Бесправно градење согласно член 244-а став 1 од Кривичниот законик.

Според соопштението од Обвинителството, осомничените на возраст од 49 и 48 години, како соизвршители, на 27 јули оваа година започнале да градат објект на нивно земјиште, без одобрение за градба издадено од надлежен орган. На постоечкиот објект во центарот на Охрид изградиле доградби од северната страна, во сутеренот, приземјето и на катот, проширувајќи ги со армирани бетонски плочи и столбови, по што продолжиле да го надградуваат објектот со две армирано бетонски плочи со кои ја зголемиле неговата катност.

Против првиот обвинет во овој предмет се води судска постапка за уште едно бесправно градење во центарот на Охрид. 

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка на улица „Ѓоре Ѓорески“ бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 12:00 часот до завршување со санација на дефектот.

Од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје информираат дека поради дефект дефект на улична цевка од ф -100мм на улица „Пехчевска“ бб без вода денеска ќе останат и корисниците на дел од населба Маџари, на улицата „Валандовска“, „Пехчевска“, и „Разлошка“. Прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 12:00 часот до завршување на интервенцијата.

Куманово - Лекарите од Детска клиника ја следат состојбата на новороденчето чија мајка почина во петокот (27 септември) при породување во кумановската општа болница, соопштија денеска од Клиниката за детски болести. Оттаму велат дека не можат да прогнозираат каква ќе биде состојбата со новороденчето.

- Новороденото е на респираторна машина. Продолжува третманот, рано е дадеме некаква прогноза за последиците. Сè уште е во тешка општа состојба и е на респиратор, изјави директорот на болницата, Реџеп Мемеди

Триесет и едногодишна родилка од Куманово почина во петокот при породување во кумановската општа болница. Новороденчето со екипа од кумановската болница беше префрлено на Ургентен центар на Детската клиника. Јавното обвинителство ги чека резултатите од обдукцискиот наод, истрагата ќе треба да ги покаже причините за смртта на младата кумановка.

Делчево - Во населбата „Шумски Расадник“ во Делчево во тек е изградба на краци од улицата „Орце Николов“, соопшти денес градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски. Целта на активностите како што посочи е да се одговори на барањето и потребите на жителите од оваа населба.

Се решава проблемот со патната инфраструктура во одел од оваа населба.

Во моментов се изведуваат земјени работи на теренот по што ќе следува асфалтирање на краците кои се со вкупна должина од околу 270 метри и пешачки патеки во должина од околу 70 метри, истакна Трајковски.

Инвестицијата за изградба на овој проект е на Општина Делчево, а изведувач на работите е Атеа фемили ДООЕЛ Зелениково.

Скопје - Општина Аеродром и Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром успешно ја спроведоа акцијата за бесплатно собирање кабаст отпад, при што од точно 41 локација, собрани се околу 70 тони отпад.

-Акцијата почна кон крајот на јули и наиде на голем интерес кај аеродромци. Големи контејнери во текот на август и септември беа поставувани на различни локации низ целата општина според точно одреден распоред. Жителите навремено беа информирани кога и каде да го остават својот стар мебел и друга дотраена покуќнина, кои потоа беа собирани со механизација на Општина Аеродром, соопштија денеска од Општината.

Акцијата, како што се наведува во соопштението, беше спроведена со цел да им се излезе во пресрет на жителите бесплатно да го отстранат стариот мебел од своите домови. - Со тоа придонесовме да се заштити животната средина од несовесно фрлање отпад, како и од создавањето лоша слика за Аеродром, велат од Општината.

Охрид – Охридскиот Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј потпиша Меморандум за соработка со Словачкиот музеј од Ухерске Храдиште, Република Чешка.

Целта на договорот е да се воспостави рамка за соработка во областа на заштитата на културното наследство, образованието и професионална размена.

Како што се посочува во соопштението од Заводот и Музеј од Охрид, потпишаниот договор ќе придонесе за развој на професионалните активности и размена на искуства и знаења помеѓу двете институции.

Двете страни се обврзуваат да соработуваат при организирање проекти, изложби, едукативни активности и други иницијативи кои придонесуваат за зачувување и промоција на културното наследство. Потоа заедничко учество во програмата „Еразмус+“ што вклучува мобилност на кадри со фокус врз стекнување нови вештини и размена на најдобри практики на полето на музеологијата на професионалните работни места со т.н. „job-shadowing“.

Штип - Штип доби три современи еко соларни смарт автобуски постојки. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски на денешната прес-конференција изјави дека успешно е реализиран проект во соработка со УСАИД и здружението ЛАГ „Плачковица“, преку кој се овозможи поставување на еко-соларни смарт постојки на неколку локации во нашиот град.

-Овие постојки ќе се напојуваат со помош на вградени фотоволтаични панели и ќе бидат во функција на граѓаните кои го користат јавниот превоз, пред се како засолниште од временските неприлики, а покрај тоа ќе содржат информации за возните редови, усб полначи за смарт уреди, како и компресор за воздух за велосипеди, изјави Стефановски.

Постојките се со современ дизајн и на атрактивни позиции и ќе бидат одлична можност да се закупат како рекламна површина за брендирање, за компании кои сакаат да ги рекламираат своите производи. Проектот е вреден околу 1,5 милиони денари. 

Скопје - АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина денеска ги започнаа активностите на терен за монтирање на новите цевки на топловодот под мостот Беласица, информираат од АД ЕСМ.

Оттаму посочуваат дека поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци со цел комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на претстојната грејна сезона.

Новите раководства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и на АД ЕСМ се соочија со предизвикот, да преземат ургентни мерки за надминување на пречките што предизвикаа застој во поставување на цевководот, кој се јави како последица на исклучителната неспособност или незаинтересираност на претходните менаџерски тимови на двете компании, изјави Петар Милетиќ, новиот директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, кој присуствуваше на почетокот на активностите на терен.

Куманово - Координативните тимови составени од претставници на локални и централни власти ќе ги едуцираат граѓаните да не палат смет, да не создаваат „диви“ депонии, најави кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Тој во изјавата за медиумите посочи дека со години се преземаат различни мерки, едукативни и репресивни за несовесното однесување на поединци во однос на заштита не непосредната животна околина. Летниот период речиси секојдневно кумановските пожарникари интервенираа на запалени стрништа, „диви“ депонии на речиси исти места во градот и села.
- Употребивме многу мерки, првенствено со едукација се обидовме да делуваме преку инспекциските служби, за жал има несовесни граѓани кои собираат големи количини на смет го носат на таа локација и ги исфрлаат во речното корито или ги опожаруваат. Редовно се чистат тие депонии, но тоа се краткорочни мерки. Во соработка со инспекциските служби се обидуваме и МВР првично да влеземе да разговараме со тие граѓани да им објасниме дека тоа им штети на сите, а првично на нив, бидејќи тие непосредно го димат тој воздух, а потоа ќе одиме со репресивни мерки и казнена политика која важечките прописи е скромна, а кога наидувате или се соочувате со граѓани од ниски социјални категории, многупати истите казни за нив не важат, изјави Димитриевски.

Според последните заклучоци од одржаниот состанок на локалниот совет на преценија во однос на справувањето со аерозагадувањето, донесен е заклучок да се реши проблемот со палење на отпадни материи.

Кавадарци - Био компостара е поставена во дворот на средното општинско училиште ,,Киро Спанџов - Брко", органскиот отпад ќе се претвора во органско ѓубриво за потребите на градот. Машината ја произведе фирмата Спектар 21 од Кавадарци под менторство на професор др Димитрија Ангелков од ова училиште и машински инженер Витомир Ѓорѓиев, сопственик на компанијата. 

 - Со  проектот сакаме да ја зголемиме совесноста кај граѓаните да ја полнат со органски отпад. Партнер во проектот ни е јавното комунално претпријатие ,,Комуналец" како фирма што ги има сите лиценци за собирање и третман на отпад. Проектот е од особено значење за хигиената во градот, затоа што 70 проценти од отпадот, е отпад од органски карактер. Проектот позитивно ќе делува на заедницата затоа што дава пример како од отпад може да се направи органско ѓубриво, што дури до пет пати  ја смалува тежината на  поставениот отпад во неа, рече професорот Ангелков во изјава за МИА. 

Тој појасни дека компостирањето е природен начин да се разложи органската материја во богата супстанција наречена ѓубриво.

Остани поврзан