• среда, 25 март 2026
МИА Општински пул

9 октомври 2025

Битола - Во Битола денеска и утре се одржува традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“ на која освен од земјава се претставуваат и 75 пчелари од соседна Србија.

За т.н. саем на пчеларите традиционална е поддршката на локалната самоуправа, посочи градоначалникот на Битола Тони Коњановски кој го отвори настанот во овој град.

-Размената на искуства и поддршката на науката е значајни за развојот на пчеларството. Големо е значењето на пчеларството и здравата храна и ова македонско злато токму нашата земја може да го понуди секому, и посебно како битолски бренд. Ако немаме најсовреме компјутер, тогаш имаме мед со најголем светски квалитет и затоа како локална самоуправа продолжуваме со поддршка, истакна Коњановски.

Деновите на македонското пчеларство се одржуваат по 28 пат во Битола. 

Кочани - Започна изведбата на водоводната мрежа на улицата „563“ во Кочани. Водоводниот крак што се гради е со должина од 430 метри и се наоѓа во зоната на Лесна индустрија.

За изградба на водоводот на улицата „563“, преку Програмата за инвестирање во животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање,  одобри 3 милиони денари, а Општина Кочани учествува со 773.301 денар.

Изведувач на работите е „Калина“ од Оризари.

Со решавањето на водоводната, канализациската и патната инфраструктура во овој дел на Кочани, Општина Кочани ги подобрува условите за изградба на нови стопански капацитети во зоната Лесна индустрија, велат од локалната самоуправа.

Куманово - Внука успеала да ја спаси баба си од измама за наводно сообраќајна несреќа на член на семејство, соопшти денеска СВР Куманово. Вчера во 17:15 часот во полицијата, 35 – годишна жена од Куманово пријавила дека едно лице се обидело да ја измами нејзината баба од кумановско село.

- Според пријавеното, лицето ѝ се јавило на телефон и ѝ кажало дека наводно член од нејзиното семејство бил во критична состојба по случена сообраќајна несреќа во Германија, но откако се посомневала ја прекинал врската, соопшти полицијата.

Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги. 

Штип – Раната детекција на канцерот на дојка е од голема важност - колку порано се открие, толку се поголемите шансите за целосно заздравување, порача радиологот Габриела Димова во Клиничка болница-Штип, која денеска пред студентите од штипскиот Факултет за медицински науки говореше на оваа тема по повод Меѓународниот месец на борба против рак на дојка.

Димова на денешниот еднодневен семинар на тема „Розов октомври“ со слоганот „Телото зборува, умот страда. Ајде да слушaме“ во организација на СОМА (Студентски организирана медицинска асоцијација) вели дека возрасната граница се повеќе се намалува и како што вели за жал се помлади жени и девојки заболуваат од канцер на дојка. Посочува ако порано просечната граница била од 45 до 50 година, сега е од 25 година.

-Сега се поместуваат овие граници, после 20 година жените треба да почнат да си ги прават редовните ехо прегледи, после 40 година да почнат со прегледи на мамографија. Но, кај девојки кои имаат позитивна фамилијарна анамнеза, тоа значи девојки кои во семејството имаат болна мајка, тетка, сестра овие прегледи треба да ги започнат во дваесетата година со ехо прегледи, а по 35 година и мамографија, вели Димова.

Прилеп - По 16-ти пат, традиционално, во чест на празникот 11 Октомври во центарот на Прилеп се одржува Фестивалот на медот. Од денеска па до 11 октомври медарите од Прилепскиот регион ги презентираат пред граѓаните медот и повеќето пчелини производи како најздрав вид на храна за што треба да се зголемат навиките за конзумирање.

-Целта е даги доближиме до конзументите медот и пчелните производи, да им укажеме на граѓаните, потрошувачите за хранливите вредности на медот, како,во кои дози да се конзумира за да се искористат сите предности на овој вреден производ, вели Дејан Бошкоски, претседател на пчеларското здружение „Братство“ од Прилеп.

Во Прилепскиот регион се околу 150 пчелари, а во здружението се 70-тина членови. Годинава се оценува како просечна за производство на медот. Влијаат многу климатските промени како и намалувањето на сточарството. Државата за да го поттикне производството треба да го зголеми субвенционирањето.

-Годината е просечна за приносите на мед. Имавме есенски, односно зимски загуби. Ако треба да оценуваме, оценката е 3 или 4. Бројот на пчелари се намалува, дури се преполовува. На тоа влијаат иселувањето, елементарните непогоди, намалувањето на сточарството, а и пожарите го земаат својот данок. Помошта од државата е мала, само 600 денари субвенции. Бараме да се зголемат субвенциите, зашто и тоа е еден од главните фактори за намалувањето на пчеларството како гранка, објаснува Бошкоски.

Неготино - Младата Кристина Тодорова од Неготино доби награда за млад земјоделец за иновативни производи, меѓу кои и тестенини со печурки без глутен и погодни за дијабетичари, информираа денеска од тимот на регионалниот еколошки центар „Ековита" од Неготино, чиј долгогодишен член е таа како дипломиран инженер агроном. 

- Ова е уште една од низата на награди за Тодорова, што и беше врачена на Агро саемот во Струмица. Еколошкиот центар работи повеќе од 20 години, а во голем дел од нашите проектни активности таа е проектен координатор, подвлекоа од „Ековита". 

Тодорова изрази благодарност за наградата како млад и надежен земјоделец, укажаната доверба и препознавањето на нејзините напори за зачувување на здрава животна средина како предуслов за здрав живот. 

- Ова е уште еден поттик за мене, да продолжам напред со моите и нашите активности за одржливо земјоделство и производство на иновативни производи, во склоп на циркуларната економија. Оваа награда не е само моја, таа е заслуга и на мојот тим, моите поддржувачи и младите кои се дел од нашиот еко центар, истакна Тодорова, која има 27 години.

Кочани - Носителот на листата со кандидати за советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Александар Андов денеска на прес-конференција пред зградата на Општина Кочани најави дигитализација на општинската администрација како основно средство за подобри услуги за граѓаните и ставање крај на сомнежите за корупција.

- Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Општина Кочани ќе значи и изградба на транспарентна, ефикасна и дигитална општина, во која секој граѓанин ќе има еднаков пристап до услугите без посредници, без влијанија и без скриени договори. Преку дигитализација на администрагивните процеси, ја намалуваме можноста за човечки фактор во одлучувањето, ги скратуваме процедурите и обезбедуваме целосна евиденција и контрола на секоја постапка, порача Андов.

Според него, корупцијата се храни со сомнежи, недоверба и зависност. Тој смета дека со дигитализацијата најлесно се доаѓа до  транспарентност, отчетност и доверба.

- Ова не е само технички процес, туку вредносна промена во начинот на работење на општината. Нашата визија е јасна - општина која им служи на граѓаните, а не обратно. Со дигитализацијата, чекор по чекор, градиме систем каде што секојграѓанин ќе има фер можност и еднаков третман, нагласи Александар Андов, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за претстојните Локални избори во Кочани.

Остани поврзан