
8 февруари 2023
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје - МВР информира дека вчера, од 08.00 до 12.00 часот, во акциска контрола на територијата на државата, за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи при управување на товарни моторни возила, 98 биле упатени на вонреден технички преглед.
- Од 98 товарни моторни возила упатени на вонреден технички преглед, неисправни биле 31 и тоа: 19 за техничка неисправност на уредот за запирање, три за претовар, 10 за неисправни составни делови и опрема, а двајца возачи управувале со неисправни светлосни уреди. При контролата санкционирани се и 121 останат прекршок, соопштуваат од МВР.
Како што информираа од МВР, тој бил баран по централна потерница по наредба од Основниот кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година и пет месеци за сторено кривично дело „тешка кражба“.
Скопје - Полициски службеници од СВР Куманово, вчера во 11:55 часот, го лишиле од слобода Т.Т.(41) од Куманово.
Како што информираат денеска од МВР, тој се сомничи дека измамил 31-годишен жител од Липково за сума од 400 евра. Имено, откако се договориле дека ќе му изгради куќа, ги зел парите и веќе не се појавил.
Скопје - Полициски службеници од СВР Куманово, вчера во 13:40 часот го лишиле од слобода дваесет и шестгодишниот кумановец Р.Р.
Како што информираат денеска од МВР, тој се сомничи дека на 26 декември минатата година одзел повеќе предмети од приватен имот на улицата „Перо Чичо“ во вредност од околу 280.000 денари.
Скопје - Поради уличен дефект ф-80 милиметри на улица „Илија Димовски Гоче“ број 32а, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населбата Лисиче (бараки).
Од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје информираат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:25 часот, па до завршување со санација на дефектот.
Битола - На иницијатива на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и претседателката на општинскиот Совет, Габриела Илиевска, денеска на вонредна седница, битолските советници, донесоа одлука за доделување финансиска помош од буџетот на општината Битола за настраданите од земјотресот во Република Турција и Сирија.
Одлуката е донесена едногласно со поддршка од сите советници, со што Општина Битола, ќе додели финансиска помош во износ од 500.000 денари.
Куманово - Кумановскиот театар утре и в сабота гостува во театар Штип со две театарски претстави, „Драма изгубена во времето“ и „Секс и лаги“, соопштија денеска надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“. Претставите ќе се играат во 20 часот на сцената на театар Штип, кој годинава одбележува 100 години од основањето.
- По повод 100 години од формирање на Театар Штип чие одбележување се паѓа во 2023 година поканети сме како Театар Куманово да гостуваме во тамошниот Театар. Штипската публика ќе има можност да погледне две театарски претстави во продукција на Театар Куманово и тоа во четврток претставата „Драма изгубена во времето“ на режисерот Владлен Александров каде играат актерите: Кети Дончевска Илиќ, Горан Илиќ и Александра Пешевска, драматизација на Симона Тоскиќ, а костимите се на Кети Стефковска додека во сабота на повторно барање на штипската публика ќе се одигра претставата „Секс и лаги“ на режисерката Драгана Таневска каде играат актерите: Александра Михајловска, Марко Трајковиќ, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ, Никица Јанковски и Анастасија Величковиќ. Сценографијата на двете претстави е на сценографот Крсто Богојевски, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Струмица - Брачната двојка, ликовните уметници Александар и Ана Филеви од Струмица со продажба на свои слики донираа 60 илјади денари за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.
- Понудата ја објавив на мојот фејсбук профил и напишав дека тој што ќе ја купи сликата сумата ќе треба да ја уплати на сметката на Фондот за солидарност на Црвен крст на Македонија: 300000001327266 Комерцијална Банка, со назнака: помош за населението во Турција и Сирија, а сликата ќе може да си ја подигне од моето атеље, изјави Филев.
Дебар - Во монашка посета на Бигорскиот манастир престојуваат членови на Обителта на Свети Никодим Светогорец.
- Голем Божји благослов и радост за нашата Света Обител ни донесе престојот на дел од братството на манастирот Свети Никодим Агиорит заедно со нивниот свет старец и игумен, Високопреподобниот архимандрит г. Хризостом II. Чесните отци и браќа монаси го исполнија нашиот манастир со монашка радост преку заедничката во Христа љубов и со нивното прекрасно пеење го збогатија празнувањето на споменот на великиот јерарх, Светиот Григориј Богослов, изјави за МИА отец Кирил.
Тетово - Движењето Антикоцкање од Тетово смета дека предлогот на Владата за оддалечување на објектите за игри на среќа 500 метри од училишта не е сјајно решение, но се надеваат дека тоа ќе придонесе, како што велат, спортските обложувалници и казина да не бидат во градовите. Тие досега бараа со километри да бидат оддалечени објектите за игри на среќа од населените места.
- Не е сјаен законот како што ние баравме. Ние сме барале три километри да бидат оддалелечни, како Движење Антикоцкање. Ние мислиме дека од овој закон ќе ги расчисти сите овие спортски обложувалници и казина од нашите градови. За Тетово и за некои градови е голем успех, ќе се расчиститат сите овие валкани игри. Тие не се игри на среќа, тие се игри на несреќа, но државата и цел свет ги вика игри на среќа и мислам дека овие помали градови што се пренатрупани со игри на среќа ќе се расчистат. Сите овие пратеници што го гласаат овој закон, крајно време беше да размислат за овој народ и оваа наша држава, изјави Јуши Емурлаи од Движењето Антикоцкање.