• петок, 26 јули 2024
МИА Општински пул

1 март 2024 

Куманово - Почна реконструкција на улицата „Егејска Македонија“ во Куманово, соопштија денеска надлежните. Ова е последна реконструкција на улица од планот за одржување на улиците од претходна година што беа префрлени во тековната.

 Финални подготовки за асфалтирање на ул. „Егејска Македонија“. Претходно беа асфалтирани тротоарите и ставени се нови рабници, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Претходно, на оваа улица беше заменета водоводната мрежа за што општината одвои околу 850.000 евра, а беше поставена и гасоводна мрежа. Граѓаните реагираа и бараа побрза санација на улицата поради прекопите и отежнатото движење на пешаците.

Скопје - Во рамки на кампањата „Редуцирај. Селектирај. Рециклирај“, и Меморандумот за соработка кој Општина Центар го потпиша со Центарот за одржлив развој „Алка“, денеска се одржа креативна работилница во детската градинка „13 Ноември“ во Oпштина Центар, чија цел беше покренување на свеста на најмладите за значењето на применувањето на добрите практики за зачувување и заштита на животната средина.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, денеска во градинката 13 Ноември го истакна значењето на раното воспоставување на еколошката свест, потенцирајќи ја одговорноста што ја имаме кон идните генерации за создавање на зелена и одржлива иднина.

Скопје - Во подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Илинден, за подобрување на квалитетот на часовите по физичко и здраствено образование деновиве се набавени  50 м2 мека подлога за заштита на учениците, наречена татами, збогатена е и  училишната кујна со професионални елементи, (шпорет, фрижидер и масичка)игна новата опрема за потребите на учениците, Во делот за одржување на квалитетот на образовниот процес набавени се и 3 смарт табли, информираат од Општина Илинден.

Градоначалникот Александар Георгиевски при денешната посета на ова училиште   информира  дека во ова училиште од почетокот на годината досега  се направени инвестиции, со цел да се подобрат условите за учениците и спроведување на квалитетен воспитно- образовен процес.

Скопје - Со садење на над 2000 садници, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со вработените од Град Скопје и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ Скопје, денес го одбележаа денот на градското јавно претпријатие кое континуирано работи на уредување на градското зеленило. Акцијата за садење денес се одвива по средишните и странични зелени коридори по булеварот Партизански одреди на потегот од мостот Обединети нации до Центар. 

Истовремено, Град Скопје продолжува со големата еко акција со реализација на бројни активности на садење дрвја и садници на повеќе локации низ Скопје, а продолжуваат и акциите планирани за пошумување на парк шумата Водно и парк шумата Гази Баба. 

Куманово - Заврши реконструкцијата на реонот три во домот за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово, соопштија денеска надлежните. Реконструирани се вкупно дванаесет соби и одделението за архива. Реконструкцијата почна лани во септември, целосно е завршена со набавка на мебел во февруари, годинава соопштија денеска надлежните.

- За реконструкцијата на собите вложени се 3, 2 милиони денари. Поставени се нова водоводна, канализациска, електрична мрежа, заменети се плочките, врати и внатре во самите соби на терасите, средени се целосно тоалетите. Лани, заврши и набавката за мебел за собите кон ни беше доставен во 2024-та. Собите веќе ги користат корисниците на нашите услуги. За мебелот одвоени се 1,5 милиони денари изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.

Кочани - По повеќе од четири децении основното училиште „Раде Кратовче“ од Кочани ќе добие нов покрив, за што обезбеди грант во висина од 70 илјади евра преку Амбасадата на Јапонија.

Договорот за користење на финансиската поддршка беше потпишан во Скопје, а наскоро ќе почне постапката за избор на изведувач на градежните работи.

Делчево - Општина Делчево беше домаќин на тим од евалуатори за спроведените проекти од „Програмата за зачувување на природата во Македонија“. На состанокот, градоначалникот Горан Трајковски го потенцираше значењето на реализираните проекти кои се во насока на зачувување на животната средина и промоција на туризмот.

-Општина Делчево имплементираше и беше дел од поголем број проектите кои ги спроведе Програмата во регионот. Дел од проектите кои беа имплементирани во рамки на Програмата се: „Oдржливо управување со природните ресурси во микро регионот Пијанец-Малеш“, замена на дел од уличното јавно осветлување со ЛЕД- диодни светилки и осветлување на терените во ОУ „Ванчо Прке“, Обуки за вработените за туризам и животна средина, „Натура 2000“, Изработка на просторен план, Заштита на три подрчја во Општина Делчево, истакна Трајковски.

Тетово - Општина Тетово од денеска ја почнува кампањата за подигнување на еколошката свест и одговорност кон животната средина. Претставници на одделението за образование при Секторот за јавна дејност, како и Општинскиот инспекторат – Одделение за комунални дејности и животна средина изработија летоци кои на граѓаните ги поделија учениците од основните училишта.

На денешниот прв дел ученици од паралелките на албански наставен јазик во основно училиште „Братство-Миѓени“ од училиштето, заминаа во центарот на градот каде почнаа да делат летоци со информативна содржина и наменета за подигнување на еколошката свест.

Струга - Во Општата болница во Струга вчера била нападната медицинска сестра, сопшти денеска СВР Охрид.

Портпаролот Стефан Димоски информира А.Н. од струшкото село Велешта физички ја нападнал вработената Р.Н.(23) од истото село.

- Вчера во 17 часот и 50 минути во ОВР Струга е пријавено дека во објект во состав на Општата болница во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта физички ја нападнал вработената Р.Н.(23) од Велешта. Против напаѓачот, ќе биде поднесена соодветна пријава, изјави Димоски.

ОВР Струга, додаде Димоски, поднело кривична пријава против триесет и осум годишен стружанец поради спречување службено лице во вршење на службено дејствие.

Скопје - Во текот на утрешниот ден ќе се санира кружниот тек во Дебар Маало на улица „Орце Николов“, поради тоа од 8:00 до 15:00 часот ќе има времен режим на сообраќајот.

Како што информира Општина Центар, сообраќајот ќе се одвива од улица „Коле Неделковски“ до улица „Ленинова“ во една насока.

Општина Центар апелира сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и да се прилагодат на времениот сообраќај во текот на утрешниот ден.

Струмица - Почна изградбата на новиот ученички дом во дворот на Средното училиште „Димитар Влахов“ во Струмица, каде ќе биде обезбедено сместување за 98 ученици кои учат во ова училиште и доѓаат надвор од градот.

Според градоначалникот, Костадин Костадинов, кој денеска изврши увид во градежните работи, изградбата на ученичкиот дом е исполнување на уште едно предизборно ветување дадено од него.

-Заради непредвидени работи, појава на подземна инсталација и подземни води, работите почнаа подоцна и денеска се поставуваат темелите. Очекуваме оваа фаза од изградбата да заврши до крајот на јули годинава и потоа ќе одиме со распишување на јавна набавка за втората фаза. Првата фаза чини 25 милиони денари, а за реализација на целиот проект ќе бидат потребни 100 милиони денари, средства кои се обезбедени од Општината како и динамиката на нивното трошење, рече Костадинов во изјавата пред медиумите.

Куманово - Општина Старо Нагоричане почна со  санација на патот за село Бајловце, соопштија денеска надлежните од општината.

- Периодов го санираме патот и ги поправаме оштетувањата за да се обезбеди непречено движење на жителите и поврзување од едно до друго населено место. За санација на патот одвоени се 2, 5 милиони денари од општинскиот буџет, изјави заменик градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Дебар - Во единственото средно училишта во Дебар, гимназија „28 ноември“, во учебната 2023/2024 година образованието го завршуваат 128 ученици, што е за 20 помалку споредено со минатата учебна година.

Гледано одделно по наставен јазик, 36 се на македонски и 92 на албански наставен јазик и сите се пријавиле за полагање државна матура.

-Во нашата образовна институција за полагање матура пријавени се 137 ученици. Од нив 39 со настава на македонски јазик, при што тројца се вонредни ученици, кои ќе полагаат училишна матура. На албански наставен јазик, се пријавени 98 од кои 6 ученици се вонредни и тие ќе полагаат училишна матура. Тоа значи дека сите 128 ученици кои редовно следеле настава се пријавени за државна матура, рече за МИА, директорот Рамадан Имери.

Велес - Ретроспективната изложба „50 години творештво“ на Ангел Димовски - Чауш синоќа беше отворена во Ликовниот салон во Велес, во организација на Народниот музеј Велес.

Публиката до 15 март ќе може да погледне 20 негови дела - скулптури изработени во бронза и алуминиуми, како и творби слики - објекти, каде скулптурата и сликарството се испреплетуваат.

Оваа изложба на почетокот на февруари беше отворена во Националната галерија, објект Чифте амам во Скопје. Во Ликовниот салон во Велес поради помалиот простор е претставен само дел од неа.

Дебар - Македонскиот весникот „Илинден“, што е гласило на истоименото друштво во Албанија, денеска одбележува 13 години од објавувањето на првиот број.

- На први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден“- Тирана. Во овој изминат период, весникот побуди голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и главен и одговорен уредник на весникот.

 

Остани поврзан