МИА Општински пул
- МИА Општински пул

10 април 2025
Куманово - Земени се мостри за испитување од реката Кумановка во близина на месноста Проевце, резултатите се очекуваат да пристигнат утре и да ја покажат причината за евентуалното загадување на реката, соопштија денеска од секторот за инспекциски надзор од општината.
Граѓаните веќе извесен период алармираат дека во водата истекува непозната материја во црвеникава боја од див испуст. Реагираа и од партијата Левица сè уште нема институционална реакција за труењето на реката и нагласуваат дека извесен период канализациска и хемиски загадена вода се излева во реката преку див испуст, а институциите задолжени за заштита на животната средина сè уште не покажуваат никакво дејствување.
- За Левица е скандалозно што Државниот инспекторат за животна средина, како и инспекторатот за водостопанство, досега не излегоа ниту со информација, ниту со најавени мерки – и покрај тоа што јавноста со слики и снимки алармираше за загадувањето. Наместо итна интервенција и отстранување на изворот на загадувањето, добиваме само административна тишина. Иако постојат ангажирани инспектори и служби со конкретни надлежности, очигледно е дека тие или не се појавиле на терен, или намерно замижале пред проблемот. Ваквото непостапување отвора сериозни сомнежи за институционална немарност, па дури и за соучесништво со загадувачите. Наместо да бидат сервис на граѓаните и чувари на природните ресурси, инспекторатите стануваат симбол на институционален распад и партизација, велат од Левица.
Тие побараа да се утврди одговорност, да се поведат дисциплински и кривични постапки.
Штип - Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип заедно со Стопанската комора организира Отворен и кариерен ден на УГД на 15 април во 11 часот во зградата на ректоратот. Во соопштението од УГД- Штип се наведува дека отворениот ден за средношколците е со цел да ги истражат можностите за нивните идни студии, како и да ги запознаат академиите и факултетите на коишто ќе студираат.
-Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе ви ги претстави условите за високо образование, со кое ќе можете да ги реализирате вашите животни цели, преку 12 факултети и три академии и над 70 студиски програми, преку кои добивате меѓународно призната диплома, бесплатна современа литература, висока и модерна дигитализација, најразвиена Еразмус + програма во државата и уникатно членство во голема европска универзитетска алијанса на девет универзитети ACE2EU, со заеднички студиски програми и бројни придобивки за студентите, се вели во соопштението од УГД-Штип.
Во рамките на ден на кариера студентите кои веќе студираат на УГД-Штип ќе можат да се поврзат со со најдобрите и најуспешните работодавци.
-Без разлика дали барате работа, стажирање, пракса или само сакате да дознаете повеќе за различните индустрии и да изградите познанства, овој настан е совршено место за вас, се наведува во соопштението од УГД-Штип
Денот на кариера на студентите е поддржан и спонзорирано од ЕАМ, Kolid Foods, МИК Свети Николе, ПЗУ Болница Плодност, рудник Саса и Јофатекс. Компании-учеснички се: Микросам ДОО Прилеп, ЗДВИЛ ЛИОН ДОО Св. Николе, Road Legends, Amphenol Technology, Поликлиника Мартини, Draxlmaier, Superior Global Service, NLB Тутунска Банка, Taskforce, Аптеки Бела Фарм, Career transition support North Macedonia, Ирибов МК Виница, ADIENT Seating, EVN, Бучим, ДООЕЛ Радовиш, Про Транс Диспеч, Фондација Прогресив Академија, Макпрогрес ДОО Виница, Халк Банка Скопје, Диаверум, Сава Осигурување ДОО Скопје, Декра Арбеит Скопје, Комерцијална Банка АД Скопје, Confindustria, Имако Вино, Про Кредит Банка, WVP, PharmaS, Стопанска Банка АД Скопје, Уни Банка, Штедилница „ФУЛМ“, ФС Штампа Хил, Ламинати Ком Прилеп, кои ги претставуваат областите како здравство, трговија, осигурување, финансии, производство и повеќе.
Битола - Јавната установа Национален парк „Пелистер“-Битола со поддршка на експерти од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, почна со изработка на Студија за развој на летен и зимски туризам на Пелистер.
Проектот е поддржан од Општина Битола за што е донесена одлука од Совет на Општина Битола, а во рамки на програмата за туризам, истакна градоначалникот Тони Коњановски.
-Еко туризмот е симбиоза на тоа што го имаме во природата, но и потребата за развој на заедницата, и во таа смисла потенцијалите што ги имаме се огромни, но за жал недоволно искористени. Студијата нуди и овозмува да се согледаат потенцијалите на терен, да се сублимираат европски искуства, а потоа да се изработи сеопфатна студија. Нам ни е потребен развој на туризмот со еко-пристап, развој на заедницата и локален економски развој преку потенцијалите на туризмот и конечно да го добиеме тоа што за регионот го нуди Пелистер, изјави градоначалникот Коњановски.
Со новата Студија почнува процес на ново брендирање на Националниот парк Пелистер, изработка на нова веб страница со целосно воспостаен систем на планински патеки и други содржини, посочи директорот на ЈУ НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски.
-Студијата за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер ја изработува група професори од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид кои предвид ќе ги имаат предлозите на сите засегнати страни. Ние сакаме да се развива мониторингот, заштита и конзервација на видовите во НП Пелистер, носечки ќе биде делот за развој на еко-туризмот како брзоповратна инвестиција, потоа маркација на терен, историски локалитети, дефинирање на природни видиковци, планински патеки и џи-пи-ес маркација на патеките по кои ќе се движат планинари и рекреативци. Во рамки на студијата ќе работиме и на инсталирање на систем на метеоролошки станици за следење на локалната метеоролошка прогноза која е исклучително потребна за лица што ќе се движат низ планината, нагласи Тошевски.
Експертската група ја предови професорот Сашо Коруновски од ФТУ-Охрид, кој на денешната јавна дискусија во Битола предочи дека Студијата подразбира утврдување на вредности кои потоа ќе може да се продаваат на туристите, односно да се користи планината, а не да се искористи. Ние, рече професорот Коруновски, треба да ја чуваме планината за идните генерации и затоа во студијата клучен елемент ќе бидат сите препораки во функција на успешен туризам врамен во општите трендови затоа што за тоа во Битола има голем потенцијал.
Тетово - Подружницата на Здружение на судии на РСМ при Основен суд Тетово денеска излезе со соопштение во кое, детално ја објаснува досегашната судска постапка поврзана со загинувањето на Младата Теодора Ристовска, почнувајќи од првото судење, одликата на Апелација и Врховниот суд па сè до последното судење во кое е изречена казна затвор во траење од две години за обвинетиот Енвер Пајазити. Според нив, судија Ељведин Ферати, кој ја донесе пресудата во повтореното судење, а и судијката Верка Костовска која го судеше првото судење, а која во меѓувреме замина во пензија, постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми.
- „Судијата при одмерување на казната за обвинетиот ги имал во предвид како отежнувачките така и олеснувачките околностите, и тоа: начинот на кој е сторено кривичното дело, кривичната одговорност на обвинетиот, неговиот однос во судницата, околностите поврзани за видот, карактерот, тежината и сериозноста на кривичното дело, условите на патот, околноста дека покојната коловозот го поминувала на обележан пешачки премин, штетните последици кои настанале како резултат на инкримираното дејствие, околноста дека законските застапници на покојната се приклучиле кон кривичен прогон и истакнале имотно правно барање, околноста дека обвинетиот признал вина, изразил жалење за настанот, дека порано обвинетиот не бил осудуван и не се води постапка за друго кривично дело.
Ценејќи ги сите околности, судијата, во повторената постапка, обвинетиот го осудил со максималната дозволена казна затвор, имајќи ја во предвид забраната за менување на полошо (Reformatio in peius) како начело предвидено во ЗКП, во ситуација кога по барање на обвинетиот Врховниот суд ги укинал пресудите и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно одлучување и поради оваа забрана новата пресудата не смее да се измени на штета на обвинетиот ниту во однос на правната квалификација на делото, ниту во однос на кривичната санкција.
Од погоре изнесеното јасно може да се утврди дека судиите на Основниот суд Тетово постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми и поради тоа АПЕЛИРАМЕ до сите чинители во општеството, да се воздржат од неоправдани коментари, и да не се користи ова пресуда за неосновани напади на судиите, стигматизирање и јавен линч на судиите кои постапувале во конкретниот предмет, заради постигнување на други цели, бидејќи на тој начин се нарушува угледот на судиите, се задира во независноста на судството и се повредува функсионирањето на владеењето на правото како основна демократска придобивка“, се вели во соопштението доставено од Судиите и Подружницата на здружение на судии на Основен суд Тетово.
Штип - Општина Штип објави продажба на десет градежни парцели за изградба на куќи во населбата Три Чешми. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова на денешната прес-конференција изјави дека на системот градежно земјиште веќе е објавена продажбата на новите десет парцели за индивидуални куќи, со почетна цена од едно евро или 61 денар за метар квадратен.
-Овие парцели се со површина од 350 до 400 метри квадратни и нивната катност е приземје, два ката и поткровје. Рокот за пријавување на сите заинтересирани е до 28 април и оние коишто имаат намера да се пријават имаат обврска да извадат банкарска гаранција во износ од 31.000 денари, изјави Шорова-Ангелова.
Електронската аукција ќе се одржи на 30 април, по што оние кои ќе понудат највисоки цени ќе склучат договор со Општина Штип, а со договорот ќе бидат обврзани во рок од девет месеци да извадат одобрение за градба и во рок од десет години да завршат со градбата на објектот.
Инаку, во овој дел на населбата Три Чешми претходно се продадоа десет парцели за изградбата на индивидуални куќи. Шорова Ангелова вели дека до крајот на годината се надеваат дека ќе објават и продажба на уште најмалку дваесет за индивидуални куќи, а во оваа населба Општина Штип подотвува и објава и за изградба на парцели за лесна индустрија, кои се наоѓаат на регионалниот пат кон штипските села Врсаково и Судиќ, од десната страна на бензинската пумпа.
Струга - На следните рочишта закажани за јуни се очекува завршница во судските процеси против струшкиот градоначалник Рамис Мерко за незаконско поставување директори на повеќе училишта во општината.
На барање на судечкиот судија Јордан Јованов, поради непојавување на претходните рочишта, денеска во судницата со полициска асистенција беа донесени сведоците за незаконски поставените директори на училиштата во Радолишта, Подгорци и Лабуништа.
- Сведоците се обезбедени со полициска асистенција. Остануваат уште двајца сведоци во наредното рочиште и тоа би било. На наредните рочишта во јуни ќе биде сослушана и одбраната на обвинетите, којашто секогаш доаѓа на крај. Веќе сме дојдени до тој стадиум од постапката кога ќе ја слушнеме и одбраната, изјави судијата Јованов.
За предметот за училиштето „Зини Хани“ во Велешта, каде покрај Мерко за незаконски поставен директор се товари и директорката Егзона Шеј, за фалсификување дипломи, рочиштето беше одложено поради не појавување на сведокот Урим Каба, поради здравствени причини.
- Овде беше кажано дека сведокот поради здравствени причини е спречен да се јави на расправата. Судот доби потврда дека навистина е така, овојпат не се работи за некаков изговор. Во меѓувреме се обезбедени сите механизми за на наредната расправа да го обезбедиме неговото присуство, информира судијата Јованов.
Тој посочи дека листата на докази е исцрпена и по сослушувањето на тој сведок, на следната расправа ќе бидат сослушани и обвинетите и предметот ќе биде завршен.
Адвокатот на обвинетата Егзона Шеј, Димитрија Цобоски, посочи дека за да се гони некој за фалсификување исправа, треба да се покрене постапка против тие што ја фалсификувале.
- За овој предмет е специфично што се гони некој за фалсификување за облик од кривично дело употреба на фалсификувана испрва, без да се утврди и да се даде доказ дека станува збор за фалсификувана исправа и без да се покрене било која постапка против тие што ја фалсификувале испрвата. Затоа очигледно е дека тука нешто не е во ред, а ние тоа ќе го докажеме во текот на доказната постапка и сослушување на обвинетата, рече Цобоски.
Во Основниот суд во Струга против градоначалникот Мерко се водат судски процеси и за набавката на автомобил „Ауди А6“ и за незаконско поставување плоча - спомен обележје на влезот од општинската зграда. Тој е и на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД), поради вмешаност во корупција, а против него има поднесено повеќе обвиненија за несовесно работење во службата.
Скопје - Здружението „АРНО“ денеска го отвори првиот Центар за поправки во Скопје - „Ништо ново“, лоциран во општина Кисела Вода. Ова е прв ваков простор во градот, каде граѓаните ќе можат самите да прават поправки, да учат нови вештини, да се разменуваат со предмети што не им се потребни, да изнајмат алат и да дадат поддршка на зеленото социјално претприемништво. Центарот е иницијатива на „АРНО“, финансиран преку ЕУ - проектот „ЕИЦЕЕ“, во соработка со Општина Кисела Вода, која дава поддршка преку обезбеден простор и режиски трошоци, информираат попладнево од здружението.
Настанот го отворила Ирина Јаневска, претседателка на „АРНО“, која ја раскажала инспиративната приказна зад концептот.
- Сѐ почна пред осум години, кога за првпат го видовме „Риперај“ во Ријека. Веднаш знаевме дека и Скопје заслужува вакво место. По години упорност, со средства од ЕУ и многу предизвици - конечно сме тука. „Ништо ново“ не е само име, туку филозофија: да не фрламе, да поправаме, да придонесеме кон помалку отпад, зошто токму превенцијата на отпад е клучна во циркуларната економија. Рециклирањето е скапо и неисплатливо. А конзумеризмот мораме да го освестиме. Центарот го посветувам на татко ми - инженер кој од три расипани тостери правеше еден што работи. Од него научив дека поправките не се само вештина - тоа е начин на живеење, што на Македонците, балканците не им е нов, се наведува во писмената изјава на Јаневска.
Санда Ракочевиќ, регионалната координаторка на „ЕИЦЕЕ“ - проектот (АДП Ѕид) ја пренела регионалната перспектива.
- Овој центар е дел од пошироко движење што се случува во Западен Балкан. Ние сме прегорди што во рамки на овој проект се отворија места за иновација, таканаречени „makerspaces“ во Подгорица, Ниш, Сараево, Печ - и со ова Скопје станува дел од мрежата што го поттикнува циркуларниот економски модел. Во Подгорица се прават лампи од стари винил плочи, прототипи на соларни панели од рециклирани елементи, со помош на 3Д печатачи, ЦНЦ машини. Во Скопје ќе имате можност да поправате, појаснила таа.
Антоно Даниловски од „АРНО“ ги презентирал содржините на Центарот.
- Во „Ништо ново“, граѓаните ќе можат да острaт ножеви, поправат тротинети, сменат кабли, зашијат облека, исчистат тастатура, наполнат батерии - самостојно, користејќи ја опремата што ја обезбедивме. Центарот има лемилици, шивачки машини, алати - и секако, ќе има организирани работилници, како онаа со дизајнерката Ирина Тошева за која пријавувањето е веќе во тек, додал тој.
Ирина Јаневска упатила апел за поддршка.
- Центарот е бесплатен за користење за граѓаните на Кисела Вода и за останатите граѓани кои пак доколку сакаат и се во можност, можат да оставаат донации, тие секако ќе се наменети за ситни набавки. Искрено, бараме поддршка од компании и донатори за неговата одржливост. Ќе имаме библиотека на предмети - на пример, машини за чистење со вода под висок притисок, вертикална пегла на пареа, бормашини и други алати и предмети што ќе може да се изнајмат по симболична цена. Планираме и точење на средства без амбалажа - течен сапун, детергнет и слично, затоа што веруваме во живот со помалку пластика. Имаме и мини, концептуална, продавничка со зелени производи од социјални претпријатија - ова е само почеток, изјавила таа.
„Ништо ново“ е центар од граѓанска организација - за граѓаните.
- Простор за учење, поправки, разменотеки и солидарност. Приказна што штотуку почнува, со визија да се шири и расте, за поодржливо и позелено Скопје, се додава во соопштението на „АРНО“.
Куманово - Изградбата на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ во Куманово не ја спроведува јавното претпријатие „Водовод“, туку приватна компанија, соопштија денеска надлежните од јавното претпријатие, по низата реакции на кумановци дека градежните активности често доведуваат до престанок на водоснабдување во тој дел од градот. Кумановци реагираа дека самите градежни активности го попречуваат и сообраќајот на оваа фреквентна улица во Куманово.
- Градежните активности се во тек. Наши екипи постојано се таму и секојдневно сме присутни на терен за работите да одат што побрзо и поефикасно и да нема проблеми во поголем обем. Но, немаме никаква улога во изградбата на атмосферската канализација. На јавно наддавање избрана е приватна фирма, која има сопствен надзор кој ги надгледува работите. Наши екипи учествуваат единствено во санација на дефектите коишто произлегуваат од теренската работа на изведувачот. При ископот се случуваат одредени дефекти, ние како претпријатие, а често и самиот изведувач ги санира, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.
Изградбата на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ е еден од проектите кои Куманово ги доби од Владата за инфраструктурното уредување. На улицата беше неопходна изградба на атмосферска канализација бидејќи поради конфигурацијата на теренот при пообилни дождови се слеваше вода. Активностите на терен ги спроведува градежна компанија од Скопје која понудила најниска понуда на објавениот тендер меѓу четири компании. За реконструкцијата одвоени се речиси 18 милиони денари.
Улицата е градена во доцните шеесетти и почетокот на седумдесеттите години од минатиот век. Првпат се гради атмосферска канализација во должина од 886 метри. Покрај атмосферска канализација ќе бидат поставени 32 сливници и 34 шахти.