12 мај 2025
Куманово - Продолжува реконструкцијата на внатрешноста на Занаетчискиот дом во Куманово во поранешен архив, соопштија денеска надлежните.
-Продолжуваме со реконструкција на поранешните простории на Државен архив – Куманово, во рамки на Занаетчискиот дом, информираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Охрид - Во пресрет на главната летна туристичка сезона Општина Охрид упати јавен повик до сопствениците на пловни објекти (кајчиња) да ги отстранат од крајбрежниот појас на езерото на потегот кај Сараиште во Стариот дел на градот и долж крајбрежјето на туристичката населба Пештани.
Според локалните власти, доколку сопствениците самите не ги отстранат пловните објекти поставени на јавните површини, предвидени за рекреација на туристите, тоа ќе го сторат општинските јавни претпријатија, а трошоците за тоа ќе паднат на товар на сопствениците.
Куманово - Кумановскиот театар со детската претстава „Трнорушка“, денеска учествува на 24-тиот Меѓународен фестивал „Волшебната завеса“, кој се одржува во Трговиште, Бугарија.
- Се надевам дека одлично ќе се презентираме пред тамошната публика, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Прилеп - По повод Меѓународниот ден на сестринството, 12 мај, и неделата на сестринството од 5 до 12 мај, во центарот на Прилеп се одржа симулација на сообраќајна несреќа. Организатори на симулацијата се Унијата на здруженија на медицински сестри, Итната медицинска помош од Прилеп, во соработка со Полицијата и Противпожарната единица.
-Целта на оваа симулација меѓу возачи на мопед и на велосипед е на граѓаните да им ја покажеме подготвеноста на медицинските лица, заедно со службите на Пожарната и Полицијата за брза и ефикасна интервенција при сообраќајни несреќи и животозагрозувачки ситуации. Колку сме побрзи и поефикасни, поголема е можноста да се спасат животите, рече Андреј Ристески, лекар во службата за Итна медицинска помош во Прилеп.
Куманово - Заврши седмиот по ред „Графити Фест“ во Куманово, исцртани се осумнаесет графити и четири мурали, информираа денеска од здружението „Форма“. Годинава, учествуваа осумнаесет ученици од различни држави од Европа, Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Германија, Италија, Хрватска кои цртаа кај гимназијата „Гоце Делчев“.
- Исцртаните мурали и графити даваат нова слика во градот. Мислам дека успешно помина и сметам дека сме еден чекор повисоко во однос на целокупната организација и реализација. Сега мислам дека училиштето и општината треба ја да средат непосредната околина, со нови клупи и целосно осветлување на исцртаните дела, изјави Младен Трендевски од здружението „Форма“.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна и микробиолошки исправна за пиење, соопшти денеска ЈП „Водовод и канализација" – Скопје.
Според неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, од 5 до 9 мај 2025 година земени се 186 примероци за физичко-хемиска и 186 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 42 мерни места во Градот Скопје. Анализите се спроведени во Секторот за санитарна контрола.
Скопје - Општина Центар-Скопје објавува Јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постојни кровни конструкции и лифтови во колективни станбени згради на нејзина територија, согласно Програмата за комунални дејности за 2025 година (Потпрограма ГДО).
„Ги повикувам сите станбени заедници во Општина Центар кои имаат потреба од санација на покриви или поправка на лифтови да аплицираат и да ги искористат средствата што ги нудиме. Ова е можност да се подобрат условите за живеење, безбедноста и енергетската ефикасност во вашите згради,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Финансиската поддршка изнесува 30% од вредноста на проектот, но не повеќе од 150.000 денари за кровови и 300.000 денари за лифтови, додека 70% од трошоците ги обезбедуваат сопствениците. Повикот се спроведува по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција - Скопје од петти мај до 11 мај 2025 година со помош на специјалните возила „пајак“ отстраниле 104 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од ЈП ПОЦ и Општина Центар информираат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар.
Скопје - Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, како дел од меѓународна програма за поголема присутност на жените во филмската индустрија, објави повик за учество во проектот „Кадар-на“.
Според организаторите, учесничките ќе имаат можност да следат пет онлајн работилници со експертки од филмскиот свет, конференции во Нови Сад и во Битола, три мастер-класови, менторска програма и претставување.
-ИФФК „Браќа Манаки“ како дел од проектот „Кадар-на“ ја поддржува иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор. Проектот „Кадар-на“ е поддржан од Британскиот совет како дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за да се оствари поголемо социо економсковлијание. Постоењето на родовата нерамноправност е утврдено на сите нивоа во аудиовизуелната индустрија, а оваа програма е наменета за нови и млади уметници, филмски работнички кои сакаат да ги усовршат своите знаења и вештини со поддршка од истакнати експерти од филмскиот свет, преку онлајн работилници и интензивна менторска програма, соопштија од ИФФК „Браќа Манаки“.
Новаци - Министерството за животна средина и просторно планирање денеска во Општина Новаци ќе одржи јавна расправа за Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот експлоатација на јаглен од наоѓалиштето во Живојно со површинска технологија кое е во функција на РЕК Битола.
Јавната расправа се организира по доставување на студијата, на барање на инвеститорот АД „ Електрани на Северна Македонија“, со цел да се оцени влијанието врз животната средина.