• четврток, 26 март 2026

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  9  мај  2025

 

Куманово - Кумановскиот Црвен крст викендов организира хуманитарен настан за помош на кумановец и семејство од ранлива категорија, информираа денеска од организацијата и ги повикаа кумановци да учествуваат на настаните.

Активностите се спроведуваат во рамки на програмата Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности.

-Хуманитарниот настан под мотото „Со шепите кон сигурен чекор“ е дел од проектот „Сигурен чекор“ кој има за цел едукација за безбедноста во сообраќај, а воедно и помош на лице засегнато од сообраќајна незгода. На 11 мај, недела со почеток во 12 часот на градскиот кеј ќе се одржи дружба со кучиња која ќе има натпреварувачки карактер. Ги повикуваме сите заинтересирани кои имаат миленици да бидат дел од настанот, повика денеска Никол Ѓорѓевска од Црвен крст Куманово.

Пријавите ќе се пополнуваат на самото место. Собраните средства од котизацијата за учество ќе се донираат на лице со пречки при комуникација и животна социјализација како последица од сообраќајна незгода.

Актвностите продолжуваат во средa на 14 мај во просториите на Занаетчиски дом со почеток од 19:30 часот koga ќе се одржи хуманитарен настан во склоп на проектот „Ритамот на срцето“ кој има за цел помош на семејство од ранлива категорија.

-Цената на билетот изнесува 100 денари, а собраните парични средства ќе бидат искористени за купување на бела техника на социјално загрозено семејство од Куманово. Доколку сте љубители на уметноста на настанот ќе имате можност да слушнете поезија и проза на повеќе јазици, испеани песни од младите таленти како и уметничка изложба, изјави Ѓорѓевска.Активностите и проекти се дел од националната програма ЦКА-ПХВ односно Црвен крст во акција-Промоција на хумани вредности на која се работи секоја година и во која се вклучени млади од средни и основни училишта. Програмата претставува алатка за регрутација на нови волонтери кои поминуваат основна обука за изработка на проекти и работат два месеци. Годинава има пет проекти кои се наменети за подобрување на квалитетот на животот на маргинализираните групи. 

Куманово - Центарот за интеркултурен дијалог (ЦИД) од Куманово денеска ги покани младите кумановци да присуствуваат на традиционалната трка по повод Денот на Европа „Born 2 Run“ – Градење на заедницата преку спорт. Трката ќе се одржи утре (10 мај 2025) со почеток во 12 часот, на Градскиот плоштад „Нова Југославија“ во Куманово.

Настанот „Born 2 Run“ веќе е препознатлив и ценет меѓу младите во Куманово и пошироко, и оваа година ќе се одржи по седми пат, а главна цел е да ги собере младите од Куманово и државата на едно место каде што ќе имаат можност да спортуваат, да се дружат и да креираат нови позитивни искуства.

-Досега се пријавени 200 млади, има можност за регистрација на самото место до 12.30, по ќе следува трката кој има ревијален карактер. Пораката е да трчаме за младоста, за поврзувањето за европски вредности, заедништво, изјави Нами Исаки, извршен директор на ЦИД.

Регистрацијата ќе почне во 11 часот, воведните обраќања на претставници на општината и на СВР Куманово се во 12: 45, почетокот на трката е закажан за 13:00, доделувањето на наградите во 14:30 часот.

За време на трката ќе бидат блокирани одредени улици во Куманово - „Гоце Делчев“, булеварот „Трета македонска ударна бригада“, улица „Железничка“, булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Доне Божинов“. 

Штип – Апелациониот суд во Штип одлучи дека е неоснована жалбата на Фадил Зејнелов против пресудата со која беше осуден на казна доживотен затвор за убиството на штипјанката Емилија Пешова. 

-По одржана јавна седница на ден 24.04.2025 година, Апелациониот суд Штип донесе пресуда со која ја одби како неоснована жалбата поднесена од обвинетиот Фадил Зејнелов од Штип против пресудата на Основниот суд Штип од 12.02.2025 година по однос на изречената санкција, со која пресуда обвинетиот е огласен за виновен за кривично дело „Убиство“ од чл.123 ст.2 од КЗ - извршено при вршење на семејно насилство над сега покојната Емилија Пешова од Штип, и за кое е осуден на казна доживотен затвор, соопштија од Апелациониот суд.

Согласно оваа одлука на Апелациониот суд Штип, пресудата на Основниот суд Штип е правосилна и извршна, а сторителот на кривичното дело веќе се наоѓа на издржување на казната доживотен затвор. 

Зејнелов свирепо ја уби Пешева на 1 ноември лани во близина на нејзиниот дом во напуштен објект на ЈП „Исар“. 

Струмица - Во Струмица денеска се одржа 53 Државен тракторски натпревар за учениците од земјоделско-ветеринарната струка, чиј домаќин беше СОУУД „Димитар Влахов. Најдобра во дисциплината вешто возење трактор е Стоја Ѓеоргиева, ученичка од четврта година од „Димитар Влахов“ од Струмица.

Натпреварот го отвори градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој истакна дека на земјоделството, како важна гранка и стратешки интерес и на општината и државата, му се потребни млади образовани луѓе подготвени за изучување и користење на современи техники и технологии за квалитетно производство барано на домашниот и странските пазари.

- Убаво е кога на едно место се собрани толку млади луѓе коишто со помош на нивните професори-ментори преку натпревар ќе ги презентираат стекнатото знаење и вештини, ќе покажат и докажат колку знаат и зошто ја заслужуваат нашата поддршка. А учениците се моја и гордост на општина Струмица, тие го заслужуваат најдоброто од нас и секогаш ќе го имаат, рече Костадинов во поздравното обраќање.

Директорката на „Димитар Влахов“, Јасмина Цамбулева подвлече дека со оваа манифестација се негува инвотативноста и трудот на учениците, но и на младите земјоделци.

-Овој натпревар е повеќе од демонстрација на возење трактор. Тој е симбол на поврзаноста меѓу образованието и практиката, меѓу училиштето и земјоделството, сектор кој е од особено значење за нашиот регион, рече Цамбулева.

Игор Николов, претседател на „Тера фитон анимал“, здружението кое го организира натпреварот, смета дека перспективата на државата е во земјоделството, односно, според него, тоа е најглавна професија за производство на храна.

-Секоја држава тежнее кон тоа да има сопствено производство на храна, кое ќе ги задоволи потребите на населението. Во таа насока е и токму денешниот натпревар преку кој учениците ќе ги покажат своите вештини, да покажат и докажат како се произведува, како се работи, во суштина, во земјоделството. Да применат нови технологии, да разменат искуства меѓу себе и секако да ги поттикнеме да бидат дел од земјоделскиот сектор, изјави Николов.

На 53 Државен тракторски натпревар за учениците од земјоделско-ветеринарната струка учествуваа екипи од десет средни училишта, кои освен во возење трактор, ги покажаа своите вештини и знаења и во други земјоделски активности.

Куманово - Ученици, граѓани, претставници од локалната власт и екипи на „Чистота и Зеленило“ со механизација чистеа на локација кај градскиот базен, спортската сала во рамки на „Генералка викенд“. Куманово учествува по петти пат во акцијата.

Според надлежните, освен оваа официјална акција и самите граѓани од поголемите станбени единици, самоиницијативно чистат пред комплексите.

- Многу не радуваат вакви акции. Особено задоволство е што младите учествуваат, а уште повеќе што самоиницијативно се вклучуваат и граѓани. Самите организираат чистење околу станбените единици ги уредуваат квартовите. Секако тука се и професионалците од „Чистота и Зеленило“ без чија помош не може да се спроведе акцијата, изјави претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Целта на еколошката акција е подигање на јавната свест кај граѓаните за потребата од собирање и рециклирање на отпад. Од „Чистота и Зеленило“ информираа дека на претходните акции им биле поделени садови за смет кои биле вандализирани од поединци.

- Важно е да се подигне свеста кај сите, радува што младите имаа зајакната свет. Остануваат поединци кои вандализираат, но и пораката  е и инспекцијата да казнува. Секогаш сме тука за секоја акција која потекнува од граѓани, здруженија, па дури и поеднци, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Самите општини ги одредуваат локациите за чистење. Волонтерска акција од граѓаните за граѓаните создадена од „Мен енд Маунтен“ поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина и бројни општествено одговорни компании.

Ранковце - Во тек е асфалтирање на повеќе локации, локални патни правци во Општина Ранковце, во рамки на проектите за општините поддржани од Министерството за локална самоуправа од програмата за 2024 година, Биро за регионален развој и Министерство за транспорт, а се инвестираат над 15 милиони денари.

Градоначалникот на Ранковце, Борче Спасовски, денеска изврши увид на градежните работи на терен и информира дека динамиката на градба се одвива забрзано, согласно поволните временски услови.

- Денеска продолжува асфалтирањето на втората делница од локален пат во село Опила, маала Каваклија до Булин гроб, во должина од 1100 метри. Асфалтирање се реализира со финансии обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, потпрограма АА -"Инфраструктурни проекти за општините, 2024 година". Во текот на вчерашниот ден извршено е асфалтирање на првата делница од пат во истото село, Опила, до црквата св.Никола, во должина од 850 метри, а се инвестираат средства обезбедени од Министерството за локална самоуправа преку Биро за регионален развој, изјави Спасовски.

Градоначалникот Спасовски посочи дека периодов е решен деценискиот проблем во Кокинска маала, асфалтиран е дел од патот во должина од околу 400 метри, а во текот на летото ќе бидат асфалтирани уште, дополнителни 450 метри, до централниот дел на ова маало. 

Асфалтирање е извршено и на локален пат во село Ранковце , м.в. Зердин Дуб, втора фаза од проектот, со должина од 440 метри, а проектот е реализиран со финансиска подршка на Министерството за транспорт. 

Штип – Средношколците од штипските средни училишта државната матура ќе ја полагаат во амфитеатрите на Факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, информираше денеска директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска, која имаше средба со директорите на средните училишта.

Таа посочи дека целта е да нема застој во организирањето на државна матура во голем простор, што првпат оваа година ќе се реализира во просториите и амфитеатрите на  УГД Штип.

-Денешната средба е организирана по повод последните подготовки околу организирање на државната матура во голем простор, вели Јовчевска-Михајловска.

Таа посочи одлуката државна матура да се организира во поголем простор е со цел учениците да имаат поголем конфор, но и наставниците да можат да ги набљудуваат средношколците со што би се намалило и препишувањето.

Директорката на Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“-Штип, Јованка Шалева додаде дека просторот меѓу учениците на државна матура треба да биде метар и половина, со што би работеле непречено.

-Денес како гости ги имаме преставниците од Државниот испитен центар. Тие се овде за поуспешна организација на државната матура за оваа година, изјави Шалева.

Пред два месеци директорката на  Државниот испитен центар Јовчевска-Михајловска и  ректорот на  УГД Штип, Дејан Мираковски потпишаа меморандум со што во мај и јуни сите амфитеатри на универзитетот ќе бидат ставени на располагање на учениците за полагање државна матура. УГД Штип располага со голем број амфитетари кои собираат од 80 до 240 ученици, со што треба успешно да се реалзира државната матура.

Куманово - Во Секторот за внатрешни работи Куманово денеска повеќе делегации положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на осумтемината припадници на безбедносните сили кои загинаа во кумановско „Диво Насеље“.

Претставници на МВР, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, началникот на СВР Куманово, Никица Петрушевски, претставници од специјалните единци на МВР, синдикати на полицијата, здруженија на граѓани, општината и политички партии одадоа почит на загинатите од вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015.

Антонио Станковски од Здружението „СИЛА“ во денешната изјава за медиумите порача дека хероите никогаш не смеат да се заборават и повика на масовност при оддавање почит кон жртвите на ваквите настани кои ќе се одбележуваат и по 100 години, особено во Куманово, да им се укаже на новите генерации за дадената жртва, на жртвата која ја дадоа  припадниците на безбедносните и испишаа историја.

- Во иднина вакви работи не смеат да се случуваат, но тоа зависи од многу повисоко ниво. На крај губитник е обичниот народ, луѓето директно врзани со акциите, задачите и не се во конекција со оние кои одлучуваат. Бидејќи оваа акција каде што бев и одговорен на сите тие единици недоволно вклучен во акцијата, мислам дека згрешивме на највисоко ниво за ова вака се случи. Ме револтира бројката на присутни граѓани и во црквата и овде кое требаше да биде преплавено со луѓе, треба да се ставиме во улога на фамилиите кои ги загубиле своите чеда, ние сме живи и здрави. Овие моменти не смеат да се заборават. Денеска администрацијата на општината на градот не обвинувам никого индивидуално и сите институции можеби нè има неколку илјади кои работиме на грбот на оваа држава и сме во државни „јасли“ си земаме плата, добро егзистираме, денеска мислам дека овој помен кој е јубилеен, во иднина на панихидата, на помените каде се одржуваат и секаде посебно во Куманово, треба да биде масовно, изјави Станковски.

Тој посочи дека споменик мора да се направи за загинатите припадници, градот во соработка со државните институции. Станковски најави дека како здружение во соработка со општински власти од повеќе градови работат на поставување споменици, мурали на починатите припадници на безбедносните сили како и за загинатите од конфликтот 2001.

Во Соборниот храм „Свети Никола“ во организација на неколкумина иницијатори од Куманово, денеска се одржи панихида во чест на осумте загинати припадници на безбедносните сили во настаните од „Диво Насеље“. Кумановци порачаа дека со тага и болка се сеќаваат на овој датум.

- Денеска во црквата Свети Никола се одржува панихида во спомен на загинатите бранители кои го дадоа својот живот. Заеднички со нивните соборци ја организираме. Куманово памети што се случуваше, крв падна за Македонија, нема никогаш да ја заборавиме нивната жртва-крвта нивна е наша заклетва, изјави Предраг Петрушевски-Бинго еден од неколкумината организатори на панихидата.

Во „Диво Насеље“ во настаните од 9 и 10 мај 2015 животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Други 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.

Крива Паланка - Околу петстотини луѓе од дваесетина правни субјекти, училишта, јавни институции, здруженија на граѓани и спортски организации од Крива Паланка денеска се приклучија во еколошката акција „Генералка Викенд“.

Се чистеше на околу 37 локации, однапред утврдени од страна на стручните служби од Општината, лоцирани како мали депонии или како локации каде се таргетирани отпадоци или се пријавени од страна на граѓаните.

Комуналниот инспектор во Општината Бранко Велиновски изрази задоволство од реализацијата на акцијата, заблагодарувајќи се за учеството и одѕивот на сите локални институции и правни субјекти, посочувајќи дека Општина Крива Паланка е носител на признанија за најеколошка општина во државата.

„Генералка викенд" се спроведува по петти пат во соработка со „Мен енд маунтн", а вакви акции од денес до недела ќе се реализираат низ целата држава. 

Остани поврзан