МИА Општински пул
- 22 јануари 2026
22 јануари 2026
Струга - Општина Струга ги поканува сите хотелиери, туристички оператори и работници од туристичкиот сектор да бидат дел од штандот на oпштината на Меѓународниот саем за туризам – EMITT Istanbul 2026, кој ќе се одржи од 5 до 7 февруари 2026 година.
Саемот, како што наведува општинската прес-служба, претставува исклучителна можност за промоција на туристичкиот потенцијал на Струга на меѓународниот пазар, нудејќи простор за нови соработки и проширување на професионалните контакти.
- Учeството на EMITT Istanbul 2026 е посебна можност за директна промоција на вашите услуги и капацитети пред меѓународна публика. Истовремено, вашето присуство на штандот на Општина Струга ќе придонесе за зголемување на видливоста на нашиот град како уникатна туристичка дестинација, позиционирајќи ја Струга на мапата на меѓународниот туризам, соопшти Општина Струга.
Заинтересираните, посочоваат, може да учествуваат со директно присуство или со промотивни материјали.
Рокот за доставување на промотивни материјали е до 30 јануари годинава во Одделението за туризам при Општина Струга.
Кавадарци - Опожарени се две хали од магацински простор на конфекција во Кавадарци, потврдија од Противпожарната служба за МИА, откако утрово избувна пожар. Од Територијалната противпожарна единица појаснија дека изгорел покривот на двете хали, но за среќа, реагирале навремено.
- Добро е што нема поголеми штети и што огнот не се прошири на соседните хали. Дејствувавме со три противпожарни возила и девет пожарникари, соопштија од ТППЕ Кавадарци.
Пожарот е под контрола, но пожарникарите остануваат на терен за будно да ја следат состојбата.
Неготино - Во Неготино е приведено лице барано по потерница за издржување затворска казна, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
- Вчера во 12 часот во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино го приведоа Џ.Н.(33) од Велес. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен суд Велес за издржување казна затвор во траење од една година за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик. Лицето е спроведено во Казнено - поправна установа Затвор Идризово за издржување на казната, соопштија од СВР Велес.
Струмица - Општина Струмица ги известува сите физички и правни лица кои имаат поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект на подрачјето на Општина Струмица, а за кое во предметната постапка не е донесено решение поради некомплетна документација, да го дополнат своето барање за легализација со потребните докази најдоцна до 3 март годинава, соопштија денеска од локалната самоуправа.
-Сите засегнати лица навремено да се обратат во просториите на Општина Струмица, Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште, на ул. „Ленинова“ бр. 15, со цел да се информираат за статусот на своето барање и да ја достават потребната дополнителна документација во наведениот рок, се наведува во соопштението.
Од Општината напоменуваат дека важноста на Законот за постапување со бесправно изградени објекти истекува заклучно со 3 март 2026 година.
Струмица - Зимските служби при ЈПКД „Комуналец“ со механизација и фрлање на сол низ коловозите уште од раните вечерни часови се потрудија да не дојде до застој на сообраќајот низ општината, соопштија од претпријатието.
- Сообраќајот се одвива нормално по влажни коловози со мали наноси на кашаст снег. Секако препорачуваме внимателно возење и прилагодување на брзината спрема условите по улиците, се наведува во информацијата на струмичкото комунално претпријатие.
Оттаму додаваат дека Службата 24 часа е присутна на терен и е во може да интервенира онаму каде што е потребно.
Инаку, снегот во струмичко поинтезивно паѓаше вчера во попладневните и вечерните часови, а снежната покривка достигна околу 10 сантиметри.
Тетово - Во тетовско Теарце денеска беа одбележани 25 години од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски (29) во 2001 година во тамошната полициска станица која врз која во 2001 година беше извршен терористички напад.
Одборот на бранители на Македонија организираше комеморативен собир за настанот од 22 јануари 2001 кој се смета и почеток на оружениот конфликт во текот на годината. При нападот тешко ранет беше полицаецот Давор Евросимовски, а со полесни повреди добија Борче Ѓуровски и Јахи Лика.
-Ова место, длабоко е врежано во нашата лична и колективна свест. Затоа сме денес тука, да се поклониме на местото на настанот пред оваа спомен плоча, која предупредува и не потсетува на тоа. Момир Стојановски е првиот непребол меѓу останатите бранители во 2001-та година.Тие што го познаваа Момир Стојановски секогаш со гордост се сеќаваат на него како храбар, чесен граѓанин, другар и колега. Тој и сличните на него не ставија на тест да се запрашаме дали е доволно тоа што ние го правиме за нашата држава ако едно толку младо и способно момче ја пролеа и последната капка крв за Македонија. Едно е сигурно - Момир Стојановски стори се за татковината, а ние ќе сториме се тој и сите херои да не бидат оставени на заборавот, истакна Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.
Куманово - Организацијата за солидарен фонд за посмртна помош и членарина на Здружението на пензионарите на седница донесе одлука за висината на задршката и исплатата на посмртната помош за пензионерите за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година. Со оваа одлука, висината на исплатата за семејствата на починатите пензионери изнесува 40 000 денари, што претставува зголемување во однос на претходниот период, соопштија денеска надлежните од кумановското здружение на пензионери. Како што изјави Снежана Андова, претседател на Одборот на регистрираната организација за солидарен фонд за посмртна помош и членарина, станува збор за средства кои не потекнуваат од државниот буџет, туку се обезбедуваат исклучиво од личните придонеси на пензионерите.
-Ние одлучуваме за тие средства, бидејќи тие се лични средства на пензионерите. Тоа не се буџетски пари, ниту средства на товар на државата, туку на товар на секој пензионер, изјави Андова.
Делчево - Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска ги награди најуспешните средношколци од градот, доделувајќи им по 10 000 денари за постигнати резултати на државни натпревари.
Паричната награда ја добија учениците Лука Стоименовски и Ива Цонева од СОУ „М.М. Брицо“, кои освоија второ место на државните натпревари по италијански јазик и по географија.
На средбата со наградените ученици и директорката на училиштето, Марина Синадиновски, градоначалникот Гоцевски разговараше за состојбите и предизвиците во средното образование, како и за можностите за дополнителна поддршка и унапредување на резултатите на учениците.
- Исклучително го ценам секој успех на нашите ученици. Делчево има талентирани млади луѓе кои заслужуваат да бидат препознаени, наградени и мотивирани да продолжат со успесите, изјави Гоцевски.
Куманово - Пред претставници на ресорното Министерство за образование и наука, во присуство на директори и наставници од средните стручни училишта, како и претставници на локалните компании, денеска во Куманово се одржа настан на социјален дијалог посветен на усогласување на образовните профили со потребите на локалната економија. Настанот се организира петта година по ред и претставува клучна алка во процесот на креирање на уписната политика за учебната 2026/2027 година.
Раководителот на секторот за овразование од општина Куманово, кажа дека е забележан рекорден одзив од локалниот бизнис-сектор.
-Оваа година имаме рекорден број од 83 компании од локално ниво кои го пополнија прашалникот за нивните кадровски потреби. Како сектор изработивме детална анализа, истакна Јовановиќ.
Струга - Под мотото „20 години - Заедничко патување кон нови хоризонти“ струшкото музичко училиште, подрачно на Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ почна со одбележување на јубилејот 20 години од основањето.
Јубилејот, според раководителот на дисперзираните паралелки во Струга, Димитри Кумбароским е повеќе од бројка, тој е повод за ретроспектива, уважување на сегашноста и поглед кон иднината што ја градат.
- Идејата за основање на училиштето произлезе од визијата и посветеноста на група професионални музички дејци од Струга, меѓу кои особено значајна улога имаше професорот на Државниот универзитет во Тетово, Сељами Колоња. Таа идеја беше реализирана во соработка со тогашнитте министер за образование и наука, Азис Положани, градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко со Советот на општината и директор на училиштето, Ивица Зориќ, кои ги поставија темелите на една препознатлива образовна и културна приказна што и денес инспирира, вели Кумбароски.
Скопје - „Носталгија за корзо“, изградба на дом за стари лица, пензионерски спортски игри 2026, најави денеска градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски преку соопштение до јавноста.
Како што информираа од локалната самоуправа, тој денеска присуствувал во просториите на Здружението на пензионери на општина Центар, по повод одбележување 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачиле благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.